Истражување за бесплатно образование

Колкав дел од буџетот на УКИМ се полни од џебот на студентите?

Огромен! Точната сума изнесува 493 500 718 денари. Тоа е исклучително голема сума на пари која студентите ја плаќаат беспредметно.

Дали бесплатното образование би нанело голема штета на државниот буџет?

Не, бидејќи тие 493 500 718 денари се само 0.3% од буџетот на Република Македонија, кој изнесува 160 500 000 000 денари. Голем дел од тој буџет се троши за најразлични проекти, воени активности, како и секакви необртни инвестиции. Како паралела, Скопје 2014 вреди помеѓу 6 150 000 000 и 30 750 000 000 денари од годишниот буџет, во зависност од изворот кој ја соопштува вредноста. Тоа претставува 2.5 до 12.5 пати повеќе од годишниот буџет од она што е потребно за бесплатно образование. Бидејќи тој проект е од времетраење од 5 години, следува дека од овој износ би се задоволиле од 15, до 60 години бесплатно образование.

А зошто бесплатно образование воопшто?

Високото образование не е достапно за сите социјални слоеви и се создава елитистички систем во кој само оние кои имаат пари имаат пристап до високото образование. Знаењето стана роба и неговата цена се одредува исто како и цената на која било друга роба на пазарот во однос на понудата и побарувачката. Студентите не само што на пазарот купуваат образование кое е доста неквалитетно, туку се образуваат исклучиво за потребите на пазарот на трудот – што е цел на моменталните неолиберални реформи. Факултетите повеќе не се научно–образовни установи, туку фирми за богатење на поединци. Сметаме дека знаењето кое денес го поседуваме настанало како резултат на работата и искуството на претходните генерации и дека треба да биде користено за напредок на целото општество, а не за богатење на владеачката елита. На пример: Доколку успееме некако да скрпиме пари за додипломски студии и дипломираме (при што често родителите мораат да го жртвуваат и лебот), за да се доквалификуваме треба да платиме огромни суми. Денес сите добро ја знаеме вредноста на нашите дипломи, а и се’ појасно ни станува дека право да се искачуваат нагоре имаат само оние кои имаат пари и така се затвора тој елитистички круг.

Дали бесплатно образование е возможно?

Македонија може да има бесплатно образование! Македонија имаше бесплатна државна квота до 2001 година, а ако е точно она во кое што власта сака да не убедува, дека економијата се подобрува секоја година, тогаш бесплатното образование секако може да се оствари ако тоа можело да се оствари и пред 10 години. Доколку пак не е точно дека економијата се подобрува, тогаш власта треба да подразмисли од што крати и дали поради нејзината неспособност ние треба да го изгубиме нашето вродено право да учиме и да се самонадоградуваме поради финансиски пречки. Исто, не смееме да заборавиме дека во 2012, во трката за Ректорската позиција, професорката Менковска ветуваше бесплатно образование, што покажува дека не е невозможно бесплатно образование.

Е, кај го има тоа?

Во 19 земји во Европа, а 29 во светот, тука вклучувајќи и многу звучни имиња како Норвешка, Аргентина, Данска, Финска, Франција, Чешка, Естонија, Ирска, Шри Ланка, Словенија и други.

А, што да се прави?

Да се делува. Постојат методи на делување, како што се протестот, бојкотот, блокадата, со кои низ човековата историја се имаат постигнато многу поволни работи. Студентите имаат моќ. Тоа што системот успеа да не убеди дека треба само да одиме на факултет и да учиме, а дека сè друго само по себе ќе се среди, не значи дека тоа е вистината! Доста живееме во филмот „Не можеме ништо да направиме, џабе е“, доста ја проектираме својата моќ и одговорност во надворешни сили кои постојат надвор и независно од нас, време е да ги преземеме работите во свои раце. Сè додека сме дел од ова општество, сè додека се нарекуваме себе си студенти, имаме одговорност за она што ни се случува. Оние што седат пасивно и молчат, на тој начин го одобруваат системот кој работи против нас.

Студентите обединети, никогаш нема да бидат поразени!

Писмо за поддршка на студентите од Софија во борбата против поскапувањето на школарините


Независното студентско движење „Слободен Индекс“ кое делува во рамките на државниот Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, ја испраќа својата безрезервна поддршка до бугарските студенти кои се борат против високите школарини на факултетите и ги охрабрува да излезат во што поголем број за да се изборат за достапно и слободно образование за сите.
 
„Слободен Индекс“ е движење кое се бори против комерцијализацијата на универзитетите, против болоњскиот процес и против хиерархиските парламентарни студентски структури и како дел од мрежата на сродни студентски движења "Балкан студент", се залагаме за солидарност помеѓу сите студентски движења и иницијативи за слободно и достапно образование.

Земјите од Балканот се соочуваат со слични услови на угнетеност преку агресивните неолиберални реформи во сите општествени слоеви, а особено во образовниот, па затоа сметаме дека е неопходно сите балкански студенти да се обединат, солидарно да делуваат и меѓусебно да се поддржуваат.

Обазованието не е бизнис!

Еден Балкан - една борба!

Другарски поздрав
“Слободен Индекс”

Борбата на унгарските студенти

Во контекст на новите измени на Законот за високото образование, кои се само продоложение на оние од 2011 година, а со единствена цел универзитетот и високообразовните институции во Македонија во да се стават во потчинета положба спрема власта, се потсетувам на една студентско-професорска иницијатива која никна во пролетта 2011 година во округот на Правниот, Филозофскиот и Економскиот факултет во Скопје.

Тоа беше иницијатива под називот „Сократовци“, чија цел беше отпочнување дебата за преиспитување на односите меѓу професорите и студентите, преиспитување на последиците од Болоњскиот процес врз квалитетот на образовнието, комерцијализацијата и омасовувањето на студирањето, што води до негово обезвреднување, нарушување на автономијата во работењето и одлучувањето на универизтетските управи со измените на законот за виското образование од 2011 година. Ова беа централните прашања кои оваа студентско-професорска иницијатива ги постави во амфитеатрите на Филзофскиот факултет во Скопје. Почетоците бележеа ентузијазам и бројност. Сепак, заради сплетот околности или фактори што само литературата за колективна акција или општествени движења може да ги објасни, оваа иницијатива не наиде на пошироки симпатии кај студентското тело и полека згасна.
И еве нè, на почетокот на 2013 година, со нови измени, кои уште поагресивно и понепромислено од порано и се закануваат на автономијата на универзитетите. Се прашувам: Што не е во ред со студентите и професорите во нашата земја? Дали молкот е опција во време кога реформите во образованието се прават без промислено и сеопфатно вклучување на студентите и професорите како централни актери во академската заедница? Зошто нема протест, окупација на универзитети, конструктивна дебата, говори што бранат и напаѓаат, а најмногу од сè — аргументираат?

Во меѓувреме, нашите колеги, студенти од Будимпешта, а и насекаде во Унгарија, активно работат на мобилизација на академската заедница спроти ултиматумот кој ѝ беше упатен на Унгарската влада на 07 јануари 2013 година: Доколку Министерот за човечки ресурси и Владата на Унгарија не ги прифатат шестте точки на Студентската мрежа (Hallgatoi Halozat), активно студентско движење со почетоци од 2010 година, студентите и средношколците поддржани од професорите и другите образовни работници, на 11 февруари ќе излезат на масовни демонстрации. Се планира и окупација и блокада на универзитетите во државата. Првиот бран демонстрации се случи во декември 2012 година како реакција на донесувањето закон и политика за кратење на државно финансираните места за студентите кои ќе се запишат на факултетите во 2013 година. Ова беше само последното од низата проблеми со кои професорите и студентите години наназад се соочуваат во Унгарија, а се повразни со финансиски тешкотии за одржување на факултетите, пад на квалитетот на образовните програми, проблеми од инфраструктурен карактер, итн.
Главното барање на унгарските студенти е отпочнување разбирлива и сеопфатна дебата за реформа на високото образование во Унгрија на централно ниво, со вклучување на сите засегнати актери, а не само оние блиски до владеачката елита. Првата точка од барањата е упатена против воведувањето на школарина за студирање во шеснаесет студиски програми во контекст на борбата за овозможување еднаков пристап на студентите од посиромашните семејства во институциите на високото образование, како и задоволување на социјална правда и мобилност. Сепак, целите и методите со кои се служи Студентската мрежа се пошироко поставени: кон промоција на демократски методи за донесување одлуки на универзитетите и при носење на образовните политики, оживување на автономијата во управување на високообразовните институции, транспарентно и креативно справување со предизвиците на финансирање и одржливост.

Иако студентските движења во Унгарија имаат долга историја низ која се провлекуваат многу студентски организации со различна идеолошка и структурна поставеност, она што ја разликува Студентската мрежа е нивната иновативна стратегија за дејствување, организација и начин на одлучување. Студентската мрежа е составена од самоорганизирани ќелии кои се распространети низ средните училишта и факултетите низ Унгарија. Овие ќелии комуницираат меѓусебно преку социјалните мрежи, главно, преку Фејсбук, официјален блог и веб-апликацијата „Лумио“ (Loomio), алатака која помага во донесување на колективни одлуки. Преку овие канали, Студентската мрежа одржува гласање за предлозите подготвени од националните работни групи, кои беа формирани на доброволна база по првите успешни демонстрации во декември 2012 година. Карактеристични за Студентската мрежа се студентските форуми кои се одржуваат на отворено или во амфитетарите на факултетите каде се водат долги и отворени дискусии и се одлучува со гласање.
Унгарските студенти и средношколци, исто така, се соочуваат со ѕидови (влада, министер, деканати, неефикасна и корумпирана официјална студентска организација), но тоа не ги спречува на минус единаесет степени и на дожд, еден до друг, во долги колони да стојат пред институциите на државата и гласно да викаат: „Ние не сме глупави, ние сме иднината!“ На острата контра пропаганда од владините медиуми дека се финансирани од израелски или американски организации иновативно одговараат: меѓу членовите на Студентската мрежа има и симаптизери на владеачката партија. И навистина има! Но тие студенти не се никако спречени слободно да мислат и промислуваат што, навистина, е добро за нив, за нивните браќа и сестри, колеги, другари и професори. Во дејствувањето на унгарските студенти има голема доза здрав патриотизам, интелектуална острина, силен демократски дух, чувство за социјална правда и солидарност.

Важно е да се следат ваквите збиднувања низ Европа, особено начините на организација и мобилизација на студентите во нивната борба за редефинирање на соптвениот статус во материјална и симболичка смисла. Кратењето финансии во образованието од една, а притисокот за поквалитетни програми од друга страна е предизвик со кои се соочуваат многу европски образовни системи. Но нема и не смее да има одлуки/политики за иднината на образованието без инклузивна и демократска рефлексија од страна на студентите и професорите!
Верувам и знам, дека и ние во Македонија, наскоро ќе влеземе во жестока, но мудра битка со институциите кои на непромислен начин се занимаваат со судбините на универзитетите, професорите и студентите. Унгарските студенти не се помудри или со повеќе ресурси, и тие чекорат по пат што некој друг го одел. Така и ние, треба да тргнеме по патот на Студентската мрежа — студентското движење во Унгарија — за да ги оствариме нашите права. Совет до креаторите на образовните политики: навремено искористете ја волјата, идеите и искуството на студентите!

Текстот е преземен од Излез

Нов удар врз студентите

Бескрупулозноста на нашиот “најдобар универзитет”(божем било некој престиж во ова опкружување да ја имаш титулата најдобар) уште еднаш го зазема своето место во нашата трула академска средина. Имено, се случија два доволно крупни настани кои само ја потврдија моралната деградација на таканаречениот универзитет, кој со секој изминат ден сè повеќе го губи своето значење. И нормално, како што е редот, од овие најнови авантури најдебелиот крај ќе го извлечат студентите.
Во времиња кога гласно се говори за криза, беспарица, штедења, нашиот ректор се дрзнува да го поднови својот возен парк со Мерцедес А класа по цена од 64.000 евра. И како што се очекува секогаш така и овојпат на сцена настапува евтината елитистичка демагогија дека возилото “е потреба, а не луксуз” и дека ова ќе биде платено од некакви сопствени средства кои ректорат ги добивал од разни услуги. Какви се тие средства кои биле добивани од разни услуги? Доволно е јасно дека немате ни трошка доблест да признаете дека се работи за парите од нашите џебови. Кога овие пари би имале некаква друга намена би можеле значително да го подобрат и олеснат макотрпниот студентски живот во нашите студентски домови, на пример, или да се пренаменат за реновирање на трошните факултетски згради, или за било што друго кое ќе го подобри стандардот на студентите, наместо стандардот на Управата. Дали не сметаат за малоумни кога на медиуми тврдат дека возило за Ректорот во пакет со шофер (за да не се малтретира да вози еден човек од така висока положба ;) ) мора да биде од најдобра класа и со највисока цена?! 
Вториот битен момент се новите измени во законот за високо образование, кои вообичаено фантомски и магично се протуркуваат на мала врата, по скратена постапка, без никакво учество на стручна јавност, без дискусија, полемики, превирања. Најголемиот дел од професорите како и по обичај малодушно одбиваат дури и срамежливо да ги прокоментираат новите измени. Во новите измени според зборовите на министерот имаме “усогласување со препораките на ЕУ, но и со заложбите на Болоњскиот процес”. Повторно на сцена стапуваат апстракциите за усогласување со семоќната ЕУ, иако ретко кога некој размислил дали ова автоматско пресликување на препораки, заложби, европски закони, кореспондира со нашите услови. Наметнувањето на нови драконски казни(кои достигнуваат и до 100.000 евра!) ќе ги примораат факултетите овие средства да го собираат директно од студентите(преку покачувања на партиципации, такси и слично. Но сепак најалармантен момент е корелацијата со агенцијата за странски директни инвестиции заради потребите на пазарот на трудот. Ова значи дека универзитетите сè повеќе и повеќе стануваат бизнис и пазарни робови кои треба да станат успешни послушници и запченици во служба на разни инвеститори. Од ден на ден сè повеќе се негира исконската потреба за вистинско знаење и себе-надоградување, во име на подреденоста на пазарот на трудот. И згора на сето ова, како врв на апсолутизмот министерот ќе може да затвора факултети. 
За крај еден апел до сите студенти дека е време храбро и одлучно да реагираме на целиот овој циркуз. Сите овие работи директно нè засегаат и последиците веќе ги чувствуваме и ќе продолжиме да ги чувствуваме во иднина. И би ги охрабриле најголемиот дел од нашите професори да излезат од доменот на салонски критицизам и конечно да сфатат дека борбата е заедничка и само со здружени сили можеме успешно да ја водиме.

Соопштение по повод IV средба на Мрежата Балкан Студент

Четвртиот состанок на мрежата „Балкан студент“ беше одржан на 2-ри и 3-ти декември 2012, во Скопје, Република Македонија.

„Балкан Студент“ е мрежа на независни студентски групи која се бори за: бесплатно (целосно јавно финансирано) високо образование, преку зголемување на јавните издатоци за образование; за укинување на Болоњскиот процес и негова замена со еманципаторно образование, базирано на прогресивни идеи и критичко мислење; за укинување на претставничките студентски тела и нивна замена со директно-демократско самоорганизирање на студентите; и за остварување на целосна политичка автономија на Универзитетот, без мешање на државата и на пазарот на труд.


Движења – членки на оваа мрежа се: Слободен индекс (Скопје, Македонија), Autonomni Studenti (Ријека, Хрватска), Nezavisna studentska inicijativa Fakulteta muzičke umetnosti (Белград, Србија), Sindikat Obrazovanja ASI (Белград, Србија), N’Solidaritet“ (Приштина, Косово) и „Inicijativa za studentski sindikat“ (Сараево, Босна и Херцеговина). На состанокот, како набљудувачи беа присутни: „Независна студентска организација УГД“ (Штип, Македонија) и „Federation syndicaliste d’etudiants (FSE)“ (Франција).

На овој состанок се дискутираше околу преземените акции во текот помеѓу двата состаноци, се поделија обврски за изработка на потребните документи и резолуции, се дефинираа функциите и обврските на секретаријатот - во кои рамки делува, се покрена иницијатива за поголема ажурираност на блогот со цел подобро промовирање на акциите како на локалните движења, така и на самиот Балкан студент и, на крај, се дискутираше околу градењето на стратегија преку која ќе се промовира идејата за слободно и еманципаторско образование и околу организирањето на заеднички акции.

И покрај константниот обид на нео – либерализмот да го приватизира образованието и да создаде целосна апатија и одбивност кон студентското самоорганизирање, овој состанок ја демонстрираше соработката на студентите од целиот Балкан и претставува инспирација за сите други студенти кои сакаат да се вклучат во студентската борба поради согледувањето на проблемите во образовнието. Но, оваа борба, низ својата практика покажа дека моменталната ситуација не е само проблем на образовниот систем, туку на целокупниот  начин на функционирање на општеството. Затоа, како последица, оваа борба ги обединува сите загрозени и експлоатирани лица и групи во општеството, вклучувајќи ги работниците, земјоделците и невработените и како таква несомнено добива поширок општествен контекст.

Никој нема да ни го даде она што ни припаѓа ако не се избориме сами.

Студенти, самоорганизирајте се!

ТРИБИНА: „Студентското самоорганизирање на Балканот“

Во понеделник, на 03. декември во 12:00 часот на Градежен факултет ќе се одржи трибина на тема „Студентското самоорганизирање на Балканот“.
На гости ни доаѓаат студенти - активисти од Риека, Хрватска ("Autonomni studenti") и Белград, Србија ("Nezavisna studentska inicijativa FMU") да ги споделат нивните искуства со студентската борба за бесплатно образование и слободен универзитет. Во Белград оваа есен четири факултета беа под студентска окупација (блокада) како метод за остварување на барањата на студентите, додека во Риека студентите неколку пати се решија за блокада на факултетите и се мобилизираа на повеќе протести за бесплатно образование,а против комерцијализацијата и приватизацијата на високото образование.



Како се организираат нашите колеги во другите земји од Балканот, кога доаѓа време да си го бараат она што им припаѓа?
Како се справуваат со сè поагресивната комерцијализација на знаењето како продукт и сè поприсутната приватизација на јавните универзитети?
Неолибералните мерки се заедничко нешто за сите земји во Европа, па така и за Балканот, каде овие новини можеби доцнат поради застојот со транзицијата, но се посилно се чувствуваат...
Најпосле, до каде сме ние? Што се случи од последните студентски протести (мај 2010) и каде е критичката студентска маса?

Дојдете да продискутираме и да чуеме како е во другите земји.

Студентски став: Алтернатива - избери сè себе !

Дали навистина студентите имаат потреба од лидер?

Овој текст ја пренесува атмосферата од изборите за нов претседател на Студентскиот парламент на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, кои се одржаа на 10 октомври оваа година. СПУКМ информира дека кандидатот Кирил Спироски е избран за нов студентски лидер со освоени околу 4500 гласа.



Она што е чудно за овој настан е тоа што доцнеше цели 11 месеци, без никакво образложение. Уште почудни се видоа правилата на игра за оние што би сакале да се кандидираат. СПУКМ на својата веб-страница објави конкурс според кој кандидатот треба да исполни некој од следните услови:  Кандидатот да добие поддршка од минимум 5 матични парламенти, 1/3 од вкупниот број на пратеници на СПУКМ, или 3000 потписи од студентите на УКИМ. Притоа, даден му е рок од само 8 дена за собирање 3000 потписи, со предуслов времето и местото да го определи претставник од Изборната комисија, што е физички невозможно! Овие правила како намерно да го саботираат секој обид на независен студент да стигне до местото на претседател, по сè изгледа дека ова тело како единствен студентски претставник е отворено само за неговите членови.
 Друг проблем што се јавува, е немањето цензус. Односно, доколку би гласале само тројца, изборите сепак би се сметале за валидни и избраникот би ги застапувал интересите на сите 50 000 студенти активни годинава. Велат, околу 8500 студенти го искористиле своето право на глас. Тоа сочинува само околу 17% од вкупниот број, што е очигледно недоволна излезеност за овие избори да се земат како сериозни воопшто.

Што се случува зад вратите на СПУКМ?

Според  лаички пресметки, СПУКМ добива 7 500 000 денари само од ИКСА која ја уплаќаат задожително сите студенти. Пресметката е базирана на информацијата дека 150 денари од овие средства се наменети за СПУКМ. Ако ја разгледаме програмата објавена на нивниот веб сајт, како нивни цели се спомнуваат: редовно известување за работата и активностите на студентскиот парламент, зголемено учество на студентите во органите на управување, организирање трибини и дебати за постоечките проблеми во високообразовниот процес, воспоставување на културни студентски денови, воспоставување на нова манифестација – Културно студентско лето и ред други фини работи. Но студентите, барем досега, никогаш не добиле шанса да се запознаат со своите легитимни претставници кои би требало да се претстават и да ја понудат својата отвореност за соработка, ниту виделе покана за дебата, ниту се запознале со некакви информатички, културни или спортски активности. Општата политика на СПУКМ, а со тоа и на новите кандидати, е промоција на ЕКТ системот. Но, дали во самиот старт тоа е во корист на студентите? Овој систем досега се покажа како нефункционален за нашите факултети, тргнувајќи од фактот дека тој различно се имплементира насекаде, па се до тоа дека со неговото воведување, знаењето се претвори во роба, а образованието во бизнис. Потрагата по Статутот на СПУКМ каде се наоѓаат сите правила за нивното (не)функционирање се претвори во потрага по тајните списи за Атлантида.


Исти неисполнети ветувања, уцени и закани

Ако направиме споредба со програмата на минатиот претседател, Иван Живковски, би налетале на истите стари, за жал неисполнети ветувања: поголеми студентски стипендии , подобрување на студентскиот стандард и условите во студентските домови, борба за изградба на нови, итн. Како можат студентите да стекнат доверба, кога тие со години се изневерувани од оној кој ги претставува и  ги заштитува нивните права? Како да ги положат своите надежи во нов лидер, кога домовите останаа распаднати, стандардот не се подобри, туку и понатаму нивните џебови останаа празни? Она што ја прави приказната уште потрагична, е што токму студентските домови се мета на вршење разни притисоци од разни партиски активисти. И оваа година имавме прилика од многу студенти да ја слушнеме истата тажна приказна: На денот пред гласањето (кој важеше за ден на предизборен молк), тие биле до 3 пати дневно вознемирувани со скриени повици и добивале закани од типот: „Утре да се појавиш и да гласаш за број тој и тој, инаку ќе го изгубиш своето легло во домот“. Како се случи тоа студентите да заборават дека не се овци на кои им треба овчар, туку свесни суштества, доволно зрели да ги решат своите проблеми заеднички?

Самоорганизирање? 

Ова не е никаква фикс идеја. Важно е студентите да не чекаат некој друг да им ги реши  проблемите, туку самите да се вклучат во решавањето. Наспроти тоа, кога има хиерархија и кога моќта е концентрирана во еден или неколку луѓе на врвот, тие стануваат лесен плен за корупција и манипулација. Станува збор за носење одлуки од малкумина, кои можат штетно да влијаат врз мнозинството, а мнозинството нема право да се побуни. Kај хоризонталната поставеност, ова не е случај, бидејќи ќе треба барем мнозинството така да се корумпира. При директна демократија, СЕКОЈ засегнат има право да искаже свое мислење, да учествува во носење одлуки, да презема одговорност и да не прима наредби. Моќта мора да биде дистрибуирана во секого, а не концентрирана во еден или мал број на луѓе, со цел да не се злоупотреби.

Сите се водат под мотото: „Џабе е, ништо не можеме ние да смениме.“ Но, ако сите така размислуваа, светот денес ќе беше ист како и пред 100 години. Студенту, застани за себе, зашто ти ги носиш темелите на утрешницата!
 
превземено од „Излез“ бр. 8:

Документарец за студентскиот дом "Стив Наумов"

"Филм за студентскиот дом "Стив Наумов" - "Дом"

Снимен „тајно" во 2004 , без знаење на управата, овој документарец го прикажува животот на четворица студенти кои живеат во руинираниот „Стив", во услови не многу различни од денешните. Оттогаш минаа скоро 8 години, се смени власта, поскапе живеачката, дојдоа нови генерации студенти, но во скопските студентски домови малку нешта мрднаа од место... "

Линкот: ТУКА

Студентски став: Студентите и општеството

Студент - некогашна движечка сила, денешно растение. Вегетира или е потонат и летаргичен, пасивизиран преку само-наметнатите пропаганди на скептицизам кои се шират од уво на уво низ младите, како овде ништо и никогаш не би се променало, па мораме надвор да го бараме чарето.

 Како стигнавме до овде?


Од секогаш функционирал механизмот на послушност - како правилна, наспроти непослушноста како неправилна и зло. Да ја разграничиме непослушноста. Од една страна, би стоела инфантилната - детска непослушност, кога некој идиот чисто од ќеф е непослушен,  сака да се расправа со или без причина. Од другата страна е сомнежот - во секоја работа, како многу продуктивен, паралелно со одбивноста да бидиме тивки пред глупите и неиздржани одлуки, кои се рефлектираат на нас. Епа, таквото диктирање на послушност како правилна, е ефективен метод кој успева да ги пасивизира луѓето, да се чувствуваат виновно и мизерно секогаш кога ќе помислат на непослушност. И зошто? Дека поголемиот дел од луѓето се плашат од такви судири на мислења - конфронтирање и мислат дека останатите треба да го практикуваат истото. Тоа е одбранбен механизам. Општествениот притисок е моќен и предизвикува таков ефект, да се чувствуваш чудно кога и да мислиш различно од колективот, па се плашиш да ги вклештиш аргументите и да испадни полемизирање во однос на некое прашање. Ваквата состојба е коктел од два клучни сегменти, кои водат до третиот елемент - продуктот. Првиот сегмент е наметнатата послушност, вториот е скептицизмот, а заедно ги носат стравот и пасивизирањето. Како се раѓа скептицизмот? Преку претходни дејства посредни или непосредни чиј резултат бил лош/слаб и не се реализирале. На пример, група студенти превземаат иницијатива за некоја активност и резултатот од таквото дејство  е лош и на крајот, поголемиот дел од нив завршува стишен и пасивизиран, полн скептицизам. Епа, чекај малку. Прво, за слаб резултат постојат причини: недоволна посветеност и труд, погрешен момент - прерано/прекасно, слаб и лош концепт, лоша распределба на одговорности (за колективни процеси), неодговорност и така натака. Пошто, речиси се си има свое зошто. Така да, не можиш да бидиш разочаран, ако не си се ангажирал доволно и правилно. Потрошено време не е исто со реализирано време. Ти џабе се трудиш, ако трудот ти е погрешно насочен = изгубено време.)


И да, свесен сум за светот денес и за условите и состојбите овде и во околината. Да, поголемиот дел од луѓето се полни предрасуди, прости и конзервативни. Таков е менталитетот. Е сега, контрадикторно е да го презираш менталитетот, кога и ти си дел од него, а паралелно ништо да не превземаш да го промениш. Самиот нема да се смени, си одговара ваков, кога и да се погледни во огледало. Преку него лесно се воспоставува контрола, добар механизам на владеење. Го знајш она, сега знам колку не знам? Информацијата е корисна, ама истовремено е и болна, знам. Некогаш и изолира, во однос на мислењето на колективот. Сакат да бидиш неинформиран. Таков си безопасен, несвесен. Ниското ниво на свест е добродојдено за партиските структури - полесно е за контрола и манипулирање. Овде нема колективна свест? Епа ајде да ја изградиме, заедно, полека-полека. И не, нема да се случи преку ноќ, туку ќе оди побавно, многу побавно. Насоката е побитна од брзината, најчесто.

Погоре, ја наведов состојбата на умот на поголемиот дел од студентите и воопшто луѓето и одбранбените механизми кои се користат, а се деструктивни. Пасивноста и молкот - не се решение, туку проблем. Премлади сме, за да бидиме такви. Лично, нејќам да се чувствувам како предвреме остарен и цело време да бидам уплашен.

Студент - намерно закржлавен мозок за сите прашања потенцијални да му ја нарушат летаргичната состојба или да внесат ризик во неговиот мирен конформистички студентски живот. Чекај малце, како беше она.. а да. На младите светот останува. Епа, со таков став и не е баш така. Ти е страв? Па, треба да си глуп, ако немаш страв - било кога и било каде. Малите количини на страв се добри и корисни и обично се симптом за постоење на мозок, наспроти шуплините во черепот на "бестрашните". Студентот мирно и пасивно ги прифаќа сите одлуки ( а ќе се одразат на него вака или онака) и наместо да го демонтира лошо изградениот образовен систем, тој го помага. Студентите се витален дел на системот, најбитно ткиво и како такво, треба да се се многу поопасни од ова денес. Не мислам на злоупотреба, него зборам за иницијатор и катализатор на промените, во позитивна насока. Млади сме, треба да сме поенергични и поангажирани. Да земаме учество во процесите на носење одлуки. Прво, приоритет би биле студентските прашања, ама во никој случај не би требало да се занемарат и останатите одлуки кои посредно делуваат на студентите (граѓански активизам). А како би се активирале? Со организирање на студентски средби - пленуми и на нив би се дискутирале актуелни проблеми, би се формирало јадрото на делување и конкретна стратегија и концепт за решавање на проблемот. Со трибини на кои би се начнувале различни теми, модели на здраво размислување, продуктивност и сите оние табу-теми кои родителите се срамат да ги начнат дома. Едуцирањето е превентива, во најмала рака. На тој начин би се пополнале пропустите од домашното воспитување, лабилната состојба на младите (несигурноста), вететирачката состојба, скептицизмот и летаргичноста од аспект на делување, па така би се изградило поздраво општество. Паралелно би одела и пропаганда - памфлети, колумни итн. Организирање на протести и блокади на различни нивоа, петиции и слично. Со, а не без причина. Не изигравај бунтовник - ако немаш причина. Ако ја имаш - стани и бори се. А причини - има. Сам - ништо, заедно - скоро се. Така да, има начини, битно е да солидализираме едни со други и да се консолидираме. Студенту - ти имаш најголема моќ во општеството, а не си свесен за неа, ниту пак ја користиш. По мое, наша одговорност и обврска не е само студирањето - учењето. Во тој период најмногу се градиме како луѓе и клучен момент е во градбата на личноста и карактерот. Меѓу другото, наша одговорност и обврска е и земањето учество во многу од процесите во општеството. И не, не мислам дека само во текот на студирањето се важни овие работи. Имавме живот и пред студирањето, ќе имаме и после. Ама, во овај период сме најенергични и ја градиме зрелоста, личноста.

 

На кратко, би ги посочил механизмите на блокирање на студентските движења:



  1.  Дел од студентите се сместени во студентски домови - преку нивната економска состојба и наведена зависност од студентскиот дом (ко луксуз да е во студентски дом да живејш) се манипулира со студентите. Тие се под притисок и закани/уцени. И не ги окривувам, ги разбирам. Ама, ако се обединат - ќе има резултати, сигурно. Имате заеднички проблем? Решавајте го заедно. Поединечните жалби најверојатно ќе бидат игнорирани и без ефект. Плус, кој очекуваш да биди твојот глас, ако не ти? Никој. Дури си тивок и го храниш синдромот: "наведната глава, сабја не сечи" - никогаш и ништо нема да се промени. То е линија на помал отпор и страв од одговорност.

  2. Партиски активизам - студенти полтрони (не сите, има и исклучоци) кои немаат нивен личен/индивидуален став, туку наметнат партиски и во тој стил делуваат. И преку пропаганда, студентскиот мозок оди низ центрифуга - со некои пластични идеи, крајно себични и индивидуалистички. То е амбиција на кратки стази - хранета ситно и купен став ефтино. Добро, колку години имаш? Кога ти го убиле младиот дух, ентузијазмот? Знајш дека мандатот на твојата матична партија не е неограничен, туку напротив? Меѓу другото, алудира и на неспособност, која треба да биди заменета со "стимулаторот" од притисоци на твојата партија. Ја убиваш секоја клетка од младоста со таква зависност.

  3. Квантитетот на студенти по факултетите - колку појќе запишани студенти, толку поголема нивна злоупотреба и манипулирање со нив. Прво, наметнат е тренд дека треба секој да студира, а свесни сме дека не е секој способен за студирање - факт. Можна е продуктивност и на други полиња и нема ништо срамно во нив. Е сега, ќе те потечат со бесплатни реклами - студирај, срамота е да не студираш..дрн, дрн јариња. И, што со сите тие студенти? Нема да бидат дел од статистика на невработени, туку ќе се водат како студенти. Финти. Друго, парадоксално е, пошто од мој агол - квантитетот не е квалитет, ама би требало да создава конкурентност, а таквата конкурентност - знаење или барем, борба за знаење. Добиваме делумно знаење и од тој аспект сме несигурни и го елиминираме просторот за просперитет.
Пола моја генерација се со спакувани куфери и пред да запишат факултет. Очигледно, нешто не штима, а свесни сме - чкрипи. Тогаш, кој очекуваш да се бори за тебе?

Студентски став: Бојкот на студентските избори - време е за нова алтернатива

Годинава на 10 Октомври е најавена уште една добро позната циркузијада која ќе се случува на УКИМ. Ќе се избира нов студентски лидер според добропознатиот “изборен” модел. Новата марионетка ќе ја има светата задача како и сите негови претходници: задушување на секој критички процес кој се јавува кај студентите, пасивизирање и аполитизација на големата студентска маса, и секако она последното за него лично најважно, извлекување на добар материјален бенефит.

Веројатно на секој рационален студент му е познат овој таканаречен изборен процес т.е. доволно е јасно кој зошто и како ги поставува овие “независни” бранители на студентските права. Таа тема е веќе доволно дискутирана. Овде ќе се задржиме на нешто многу побитно т.е. на оспорување на концептот на нивниот “студентски парламентаризам” и нудење на некои нови решенија за студентското (само)организирање. Притоа постојат два моменти коишто треба да бидат запазени.

1.Самиот начин на кандидирање за студентски лидер е една огромна фарса т.е. е конципиран на таков начин за само привилегираното малцинство кое е блиско до одредени влијателни кругови да може да стигне до фотелјата. Во јавниот повик на СПУКМ стои дека “може да се кандидираат студенти од Универзитетот “Св. Кирил и Методиј”- Скопје (со минимум завршен IV семестар) кои ќе добијат поддршка од минимум 5 матични парламенти, 1/3 од вкупниот број пратенци на Студентскиот Парламент на УКИМ, или 3000 потписи од студентите на УКИМ.”

Одовде јасно произлегува тесната врска која треба да постои помеѓу кандидатот и студентските раководства (која е изразена во првите два услови за стекнување на кандидатура). Значи човекот кој треба да стане кандидат за лидер е проверен играч, човек од доверба за кој е сигурно дека добро ќе се вклопи во конформизмот на неговата позиција.Третиот услов е така поставен за неговото исполнување да е практично невозможно бидејќи тешко кој обичен студент би ги собрал потребните потписи за да успее да се кандидира. И самиот чин на гласање е изборна карикатура бидејќи се гласа за само еден претставник т.е. студентски лидер на УКИМ, а членовите на парламентот на УКИМ, студентските лидери на локалните парламенти на факултетите и членовите на локалните парламенти се избираат зад затворени врати. Исто така не постои цензус за избор на лидер т.е. според некои податоци на последните студентски избори во 2009 година излегле само околу 18 проценти од студентите.

2. Вториот и побитен момент е моментот на плурализам во студентското организирање. Постојат поединци и организации кои сакаат да го следат “западњачкиот” модел на студентско организирањe, во кој парламентот ќе стане вистински парламент со претставници од повеќе студентски и младински организации. Но дали на тој начин нешто долгорочно ќе се промени со состојбата на студентите? Одговорно тврдам дека тоа нема да се случи. Причините се јасни и видливи. Во таа бирократска структура дури и оние најискрените претставници би се загубиле во лавиринтот на моќта и за брзо време би се воделе од своите тесни и лични интереси. На тој начин плуралистичкиот парламент би станал само тренинг-камп за идните пре-опортунистички настроени кариеристи кои ќе го искористат студентскиот ангажман за лична добивка. Тие за брзо би заборавиле зошто некој ги гласал и на тој начин активноста и демократијата помеѓу студентите се сведува на обично заокружување. На крајот од краиштата на тој начин студентите ќе бидат принудени наместо на една организација да ги плаќаат од свој џеб каприците на повеќе организации.


Студентски протести во Сантијаго, Чиле, 27 септември 2012.

Вистинската алтернатива - СТУДЕНТСКО САМООРГАНИЗИРАЊЕ

Единствената алтернатива на привилегираниот и елитистички парламентаризам претставува студентското самоорганизирање по пат на непосредна (директна) демократија. Тоа значи дека секој засегнат студент има еднакво право да се вклучи во дискусија, да партиципира, да гласа или на било кој начин да учествува во создавањето на одлуките кои него го засегаат. Тоа се остварува преку студентски средби (пленуми) кои се неформални тела т.е. не постојат надвор од факултетот. На тој начин се постигнува деперсонализација на процесот на носење одлуки, односно работата не паѓа во рацете на лидери или претставници и со тоа значително се намалува можноста за нивна манипулација. Покрај тоа студентите стануваат активни и свесни чинители во демократскиот процес на нивниот факултет, а не само пасивни и неми гласачи кои само се изјаснуваат за претходно подготвена идеја или агенда. Со тоа се афирмира критичкото размислување и согледување кај студентите. Секако дека овој модел може во пракса да предизвика одредени потешкотии, особено во неговиот зачеток. Но сепак тоа не се некои несовладливи пречки. Со тек на време овој директнодемократски модел доволно добро би профункционирал како најлегитимен облик на (само)организирање и потполно би го исфрлил од игра гнилиот студентски парламент.



            КАЖИ НЕ НА ПОДАНИШТВОТО КОН ЕЛИТИСТИТЕ
   САМООРГАНИЗИРАЈ СЕ ! ! !