Колкав дел од буџетот на УКИМ се полни од џебот на студентите?
Огромен! Точната сума изнесува 493 500 718 денари. Тоа е исклучително голема сума на пари која студентите ја плаќаат беспредметно.
Дали бесплатното образование би нанело голема штета на државниот буџет?
Не, бидејќи тие 493 500 718 денари се само 0.3% од буџетот на Република Македонија, кој изнесува 160 500 000 000 денари. Голем дел од тој буџет се троши за најразлични проекти, воени активности, како и секакви необртни инвестиции.
Како паралела, Скопје 2014 вреди помеѓу 6 150 000 000 и 30 750 000 000 денари од годишниот буџет, во зависност од изворот кој ја соопштува вредноста. Тоа претставува 2.5 до 12.5 пати повеќе од годишниот буџет од она што е потребно за бесплатно образование. Бидејќи тој проект е од времетраење од 5 години, следува дека од овој износ би се задоволиле од 15, до 60 години бесплатно образование.
А зошто бесплатно образование воопшто?
Високото образование не е достапно за сите социјални слоеви и се создава елитистички систем во кој само оние кои имаат пари имаат пристап до високото образование. Знаењето стана роба и неговата цена се одредува исто како и цената на која било друга роба на пазарот во однос на понудата и побарувачката. Студентите не само што на пазарот купуваат образование кое е доста неквалитетно, туку се образуваат исклучиво за потребите на пазарот на трудот – што е цел на моменталните неолиберални реформи. Факултетите повеќе не се научно–образовни установи, туку фирми за богатење на поединци. Сметаме дека знаењето кое денес го поседуваме настанало како резултат на работата и искуството на претходните генерации и дека треба да биде користено за напредок на целото општество, а не за богатење на владеачката елита.
На пример: Доколку успееме некако да скрпиме пари за додипломски студии и дипломираме (при што често родителите мораат да го жртвуваат и лебот), за да се доквалификуваме треба да платиме огромни суми. Денес сите добро ја знаеме вредноста на нашите дипломи, а и се’ појасно ни станува дека право да се искачуваат нагоре имаат само оние кои имаат пари и така се затвора тој елитистички круг.
Дали бесплатно образование е возможно?
Македонија може да има бесплатно образование! Македонија имаше бесплатна државна квота до 2001 година, а ако е точно она во кое што власта сака да не убедува, дека економијата се подобрува секоја година, тогаш бесплатното образование секако може да се оствари ако тоа можело да се оствари и пред 10 години. Доколку пак не е точно дека економијата се подобрува, тогаш власта треба да подразмисли од што крати и дали поради нејзината неспособност ние треба да го изгубиме нашето вродено право да учиме и да се самонадоградуваме поради финансиски пречки. Исто, не смееме да заборавиме дека во 2012, во трката за Ректорската позиција, професорката Менковска ветуваше бесплатно образование, што покажува дека не е невозможно бесплатно образование.
Е, кај го има тоа?
Во 19 земји во Европа, а 29 во светот, тука вклучувајќи и многу звучни имиња како Норвешка, Аргентина, Данска, Финска, Франција, Чешка, Естонија, Ирска, Шри Ланка, Словенија и други.
А, што да се прави?
Да се делува. Постојат методи на делување, како што се протестот, бојкотот, блокадата, со кои низ човековата историја се имаат постигнато многу поволни работи. Студентите имаат моќ. Тоа што системот успеа да не убеди дека треба само да одиме на факултет и да учиме, а дека сè друго само по себе ќе се среди, не значи дека тоа е вистината!
Доста живееме во филмот „Не можеме ништо да направиме, џабе е“, доста ја проектираме својата моќ и одговорност во надворешни сили кои постојат надвор и независно од нас, време е да ги преземеме работите во свои раце. Сè додека сме дел од ова општество, сè додека се нарекуваме себе си студенти, имаме одговорност за она што ни се случува. Оние што седат пасивно и молчат, на тој начин го одобруваат системот кој работи против нас.
Студентите обединети, никогаш нема да бидат поразени!
No comments:
Post a Comment