Студентски став: Студентите и општеството

Студент - некогашна движечка сила, денешно растение. Вегетира или е потонат и летаргичен, пасивизиран преку само-наметнатите пропаганди на скептицизам кои се шират од уво на уво низ младите, како овде ништо и никогаш не би се променало, па мораме надвор да го бараме чарето.

 Како стигнавме до овде?


Од секогаш функционирал механизмот на послушност - како правилна, наспроти непослушноста како неправилна и зло. Да ја разграничиме непослушноста. Од една страна, би стоела инфантилната - детска непослушност, кога некој идиот чисто од ќеф е непослушен,  сака да се расправа со или без причина. Од другата страна е сомнежот - во секоја работа, како многу продуктивен, паралелно со одбивноста да бидиме тивки пред глупите и неиздржани одлуки, кои се рефлектираат на нас. Епа, таквото диктирање на послушност како правилна, е ефективен метод кој успева да ги пасивизира луѓето, да се чувствуваат виновно и мизерно секогаш кога ќе помислат на непослушност. И зошто? Дека поголемиот дел од луѓето се плашат од такви судири на мислења - конфронтирање и мислат дека останатите треба да го практикуваат истото. Тоа е одбранбен механизам. Општествениот притисок е моќен и предизвикува таков ефект, да се чувствуваш чудно кога и да мислиш различно од колективот, па се плашиш да ги вклештиш аргументите и да испадни полемизирање во однос на некое прашање. Ваквата состојба е коктел од два клучни сегменти, кои водат до третиот елемент - продуктот. Првиот сегмент е наметнатата послушност, вториот е скептицизмот, а заедно ги носат стравот и пасивизирањето. Како се раѓа скептицизмот? Преку претходни дејства посредни или непосредни чиј резултат бил лош/слаб и не се реализирале. На пример, група студенти превземаат иницијатива за некоја активност и резултатот од таквото дејство  е лош и на крајот, поголемиот дел од нив завршува стишен и пасивизиран, полн скептицизам. Епа, чекај малку. Прво, за слаб резултат постојат причини: недоволна посветеност и труд, погрешен момент - прерано/прекасно, слаб и лош концепт, лоша распределба на одговорности (за колективни процеси), неодговорност и така натака. Пошто, речиси се си има свое зошто. Така да, не можиш да бидиш разочаран, ако не си се ангажирал доволно и правилно. Потрошено време не е исто со реализирано време. Ти џабе се трудиш, ако трудот ти е погрешно насочен = изгубено време.)


И да, свесен сум за светот денес и за условите и состојбите овде и во околината. Да, поголемиот дел од луѓето се полни предрасуди, прости и конзервативни. Таков е менталитетот. Е сега, контрадикторно е да го презираш менталитетот, кога и ти си дел од него, а паралелно ништо да не превземаш да го промениш. Самиот нема да се смени, си одговара ваков, кога и да се погледни во огледало. Преку него лесно се воспоставува контрола, добар механизам на владеење. Го знајш она, сега знам колку не знам? Информацијата е корисна, ама истовремено е и болна, знам. Некогаш и изолира, во однос на мислењето на колективот. Сакат да бидиш неинформиран. Таков си безопасен, несвесен. Ниското ниво на свест е добродојдено за партиските структури - полесно е за контрола и манипулирање. Овде нема колективна свест? Епа ајде да ја изградиме, заедно, полека-полека. И не, нема да се случи преку ноќ, туку ќе оди побавно, многу побавно. Насоката е побитна од брзината, најчесто.

Погоре, ја наведов состојбата на умот на поголемиот дел од студентите и воопшто луѓето и одбранбените механизми кои се користат, а се деструктивни. Пасивноста и молкот - не се решение, туку проблем. Премлади сме, за да бидиме такви. Лично, нејќам да се чувствувам како предвреме остарен и цело време да бидам уплашен.

Студент - намерно закржлавен мозок за сите прашања потенцијални да му ја нарушат летаргичната состојба или да внесат ризик во неговиот мирен конформистички студентски живот. Чекај малце, како беше она.. а да. На младите светот останува. Епа, со таков став и не е баш така. Ти е страв? Па, треба да си глуп, ако немаш страв - било кога и било каде. Малите количини на страв се добри и корисни и обично се симптом за постоење на мозок, наспроти шуплините во черепот на "бестрашните". Студентот мирно и пасивно ги прифаќа сите одлуки ( а ќе се одразат на него вака или онака) и наместо да го демонтира лошо изградениот образовен систем, тој го помага. Студентите се витален дел на системот, најбитно ткиво и како такво, треба да се се многу поопасни од ова денес. Не мислам на злоупотреба, него зборам за иницијатор и катализатор на промените, во позитивна насока. Млади сме, треба да сме поенергични и поангажирани. Да земаме учество во процесите на носење одлуки. Прво, приоритет би биле студентските прашања, ама во никој случај не би требало да се занемарат и останатите одлуки кои посредно делуваат на студентите (граѓански активизам). А како би се активирале? Со организирање на студентски средби - пленуми и на нив би се дискутирале актуелни проблеми, би се формирало јадрото на делување и конкретна стратегија и концепт за решавање на проблемот. Со трибини на кои би се начнувале различни теми, модели на здраво размислување, продуктивност и сите оние табу-теми кои родителите се срамат да ги начнат дома. Едуцирањето е превентива, во најмала рака. На тој начин би се пополнале пропустите од домашното воспитување, лабилната состојба на младите (несигурноста), вететирачката состојба, скептицизмот и летаргичноста од аспект на делување, па така би се изградило поздраво општество. Паралелно би одела и пропаганда - памфлети, колумни итн. Организирање на протести и блокади на различни нивоа, петиции и слично. Со, а не без причина. Не изигравај бунтовник - ако немаш причина. Ако ја имаш - стани и бори се. А причини - има. Сам - ништо, заедно - скоро се. Така да, има начини, битно е да солидализираме едни со други и да се консолидираме. Студенту - ти имаш најголема моќ во општеството, а не си свесен за неа, ниту пак ја користиш. По мое, наша одговорност и обврска не е само студирањето - учењето. Во тој период најмногу се градиме како луѓе и клучен момент е во градбата на личноста и карактерот. Меѓу другото, наша одговорност и обврска е и земањето учество во многу од процесите во општеството. И не, не мислам дека само во текот на студирањето се важни овие работи. Имавме живот и пред студирањето, ќе имаме и после. Ама, во овај период сме најенергични и ја градиме зрелоста, личноста.

 

На кратко, би ги посочил механизмите на блокирање на студентските движења:



  1.  Дел од студентите се сместени во студентски домови - преку нивната економска состојба и наведена зависност од студентскиот дом (ко луксуз да е во студентски дом да живејш) се манипулира со студентите. Тие се под притисок и закани/уцени. И не ги окривувам, ги разбирам. Ама, ако се обединат - ќе има резултати, сигурно. Имате заеднички проблем? Решавајте го заедно. Поединечните жалби најверојатно ќе бидат игнорирани и без ефект. Плус, кој очекуваш да биди твојот глас, ако не ти? Никој. Дури си тивок и го храниш синдромот: "наведната глава, сабја не сечи" - никогаш и ништо нема да се промени. То е линија на помал отпор и страв од одговорност.

  2. Партиски активизам - студенти полтрони (не сите, има и исклучоци) кои немаат нивен личен/индивидуален став, туку наметнат партиски и во тој стил делуваат. И преку пропаганда, студентскиот мозок оди низ центрифуга - со некои пластични идеи, крајно себични и индивидуалистички. То е амбиција на кратки стази - хранета ситно и купен став ефтино. Добро, колку години имаш? Кога ти го убиле младиот дух, ентузијазмот? Знајш дека мандатот на твојата матична партија не е неограничен, туку напротив? Меѓу другото, алудира и на неспособност, која треба да биди заменета со "стимулаторот" од притисоци на твојата партија. Ја убиваш секоја клетка од младоста со таква зависност.

  3. Квантитетот на студенти по факултетите - колку појќе запишани студенти, толку поголема нивна злоупотреба и манипулирање со нив. Прво, наметнат е тренд дека треба секој да студира, а свесни сме дека не е секој способен за студирање - факт. Можна е продуктивност и на други полиња и нема ништо срамно во нив. Е сега, ќе те потечат со бесплатни реклами - студирај, срамота е да не студираш..дрн, дрн јариња. И, што со сите тие студенти? Нема да бидат дел од статистика на невработени, туку ќе се водат како студенти. Финти. Друго, парадоксално е, пошто од мој агол - квантитетот не е квалитет, ама би требало да создава конкурентност, а таквата конкурентност - знаење или барем, борба за знаење. Добиваме делумно знаење и од тој аспект сме несигурни и го елиминираме просторот за просперитет.
Пола моја генерација се со спакувани куфери и пред да запишат факултет. Очигледно, нешто не штима, а свесни сме - чкрипи. Тогаш, кој очекуваш да се бори за тебе?

No comments:

Post a Comment