Студентски став: Алтернатива - избери сè себе !

Дали навистина студентите имаат потреба од лидер?

Овој текст ја пренесува атмосферата од изборите за нов претседател на Студентскиот парламент на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, кои се одржаа на 10 октомври оваа година. СПУКМ информира дека кандидатот Кирил Спироски е избран за нов студентски лидер со освоени околу 4500 гласа.



Она што е чудно за овој настан е тоа што доцнеше цели 11 месеци, без никакво образложение. Уште почудни се видоа правилата на игра за оние што би сакале да се кандидираат. СПУКМ на својата веб-страница објави конкурс според кој кандидатот треба да исполни некој од следните услови:  Кандидатот да добие поддршка од минимум 5 матични парламенти, 1/3 од вкупниот број на пратеници на СПУКМ, или 3000 потписи од студентите на УКИМ. Притоа, даден му е рок од само 8 дена за собирање 3000 потписи, со предуслов времето и местото да го определи претставник од Изборната комисија, што е физички невозможно! Овие правила како намерно да го саботираат секој обид на независен студент да стигне до местото на претседател, по сè изгледа дека ова тело како единствен студентски претставник е отворено само за неговите членови.
 Друг проблем што се јавува, е немањето цензус. Односно, доколку би гласале само тројца, изборите сепак би се сметале за валидни и избраникот би ги застапувал интересите на сите 50 000 студенти активни годинава. Велат, околу 8500 студенти го искористиле своето право на глас. Тоа сочинува само околу 17% од вкупниот број, што е очигледно недоволна излезеност за овие избори да се земат како сериозни воопшто.

Што се случува зад вратите на СПУКМ?

Според  лаички пресметки, СПУКМ добива 7 500 000 денари само од ИКСА која ја уплаќаат задожително сите студенти. Пресметката е базирана на информацијата дека 150 денари од овие средства се наменети за СПУКМ. Ако ја разгледаме програмата објавена на нивниот веб сајт, како нивни цели се спомнуваат: редовно известување за работата и активностите на студентскиот парламент, зголемено учество на студентите во органите на управување, организирање трибини и дебати за постоечките проблеми во високообразовниот процес, воспоставување на културни студентски денови, воспоставување на нова манифестација – Културно студентско лето и ред други фини работи. Но студентите, барем досега, никогаш не добиле шанса да се запознаат со своите легитимни претставници кои би требало да се претстават и да ја понудат својата отвореност за соработка, ниту виделе покана за дебата, ниту се запознале со некакви информатички, културни или спортски активности. Општата политика на СПУКМ, а со тоа и на новите кандидати, е промоција на ЕКТ системот. Но, дали во самиот старт тоа е во корист на студентите? Овој систем досега се покажа како нефункционален за нашите факултети, тргнувајќи од фактот дека тој различно се имплементира насекаде, па се до тоа дека со неговото воведување, знаењето се претвори во роба, а образованието во бизнис. Потрагата по Статутот на СПУКМ каде се наоѓаат сите правила за нивното (не)функционирање се претвори во потрага по тајните списи за Атлантида.


Исти неисполнети ветувања, уцени и закани

Ако направиме споредба со програмата на минатиот претседател, Иван Живковски, би налетале на истите стари, за жал неисполнети ветувања: поголеми студентски стипендии , подобрување на студентскиот стандард и условите во студентските домови, борба за изградба на нови, итн. Како можат студентите да стекнат доверба, кога тие со години се изневерувани од оној кој ги претставува и  ги заштитува нивните права? Како да ги положат своите надежи во нов лидер, кога домовите останаа распаднати, стандардот не се подобри, туку и понатаму нивните џебови останаа празни? Она што ја прави приказната уште потрагична, е што токму студентските домови се мета на вршење разни притисоци од разни партиски активисти. И оваа година имавме прилика од многу студенти да ја слушнеме истата тажна приказна: На денот пред гласањето (кој важеше за ден на предизборен молк), тие биле до 3 пати дневно вознемирувани со скриени повици и добивале закани од типот: „Утре да се појавиш и да гласаш за број тој и тој, инаку ќе го изгубиш своето легло во домот“. Како се случи тоа студентите да заборават дека не се овци на кои им треба овчар, туку свесни суштества, доволно зрели да ги решат своите проблеми заеднички?

Самоорганизирање? 

Ова не е никаква фикс идеја. Важно е студентите да не чекаат некој друг да им ги реши  проблемите, туку самите да се вклучат во решавањето. Наспроти тоа, кога има хиерархија и кога моќта е концентрирана во еден или неколку луѓе на врвот, тие стануваат лесен плен за корупција и манипулација. Станува збор за носење одлуки од малкумина, кои можат штетно да влијаат врз мнозинството, а мнозинството нема право да се побуни. Kај хоризонталната поставеност, ова не е случај, бидејќи ќе треба барем мнозинството така да се корумпира. При директна демократија, СЕКОЈ засегнат има право да искаже свое мислење, да учествува во носење одлуки, да презема одговорност и да не прима наредби. Моќта мора да биде дистрибуирана во секого, а не концентрирана во еден или мал број на луѓе, со цел да не се злоупотреби.

Сите се водат под мотото: „Џабе е, ништо не можеме ние да смениме.“ Но, ако сите така размислуваа, светот денес ќе беше ист како и пред 100 години. Студенту, застани за себе, зашто ти ги носиш темелите на утрешницата!
 
превземено од „Излез“ бр. 8:

No comments:

Post a Comment