Илузијата за Европска Унија

Приватизацијата на јавното образование и на јавните добра воопшто, која се јави како тенденција во последнава деценија, е во тесна врска со долгорочните политики на Европската Унија, кои им ги наметнува на нејзините членки и кандидатки, вклучувајќи ја и Македонија.



Без никаков критички пристап, во дневно-политичките разговори и во медиумите агресивно ни се сервира нужната потреба за влез во Унијата како единствена алтернатива. Владите низ целиот Балкан ги тресе грозница од секој негативен европски извештај и ги преземаат сите можни мерки за да се приспособат на европските регулативи. Влез во Унијата – тоа е императив, а не опција. Граѓаните под влијание на масовната пропаганда, колективно го живеат сонот за живот под закрила на ветената ЕУ, која ќе ги реши сите општествени проблеми. Она што ЕУ го бара од нас е божја заповед, а не проблематика за дискусија. Во јавноста не се одвива никаква дебата за последиците од влез во ЕУ и за реалната потреба од неа. Зборот евроскептизицам е туѓ, застрашувачки и непожелен. Евроинтеграциите се задолжителен приоритет на секоја партиска програма. И додека на запад економската криза од 2008 веќе почна да го поткопува авторитетот на институциите на ЕУ, во зафрлените сиромашни балкански земји, ЕУ сеуште се сервира како единствена алтернатива и единствено решение.

Јавното мислење нашироко шпекулира дека со влез во Унијата ќе порасне животниот стандард, ќе се зајакне процесот на демократизација, ќе се намали корупцијата, ќе се зголемат платите и ќе се зацврсти заштитата на човековите права. Но што навистина значи влезот во ЕУ?




  1. ЕУ и неолиберализмот

Неолиберализам е економско-политичка доктрина која заговара потчинување на сите општествени аспекти на пазарот на труд и на логиката на профитот. Резултатите од неолибералните реформи на глобално ниво во последните 30-40 години се зголемување на нееднаквоста во општеството и трупање на богатството во рацете на капиталистичките елити. Неолибералната политика на светско ниво се спроведува, меѓу другото, и преку институции како Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), Светска банка и Светската трговска организација (WTO), додека во Европа оваа доктрина се шири преку институциите на ЕУ и продлабочување на европските интеграции.

Спроведувањето на неолибералните мерки се разликува од земја до земја, зависно од нејзините карактеристики, традиција, историја и слично, како и од тоа колкав е отпорот на граѓаните на нивното воведување. Тоа што на пример во Франција или Шведска сеуште постои бесплатно јавно здравствено осигурување, што е во спротивност со неолибералната теорија според која здравството и сите јавни добра би биле приватизирани и достапни според финансиската моќ на поединецот, не значи дека политиката на ЕУ и на француската или шведската влада не е либерална. Тоа само значи дека во доменот здравство неолибералната политика сè уште не успеала, поради граѓанскиот отпор, да ги сруши постигнувањата на социјалните држави, до кои е дојдено пред неолибералната ера.

Неолибералната политика исто така се спроведува според тоа дали им одговара на интересите на елитата, а не од чиста идеолошка занесеност и теоретска доследност. Затоа не е чудно што со децении се зборуваше дека државата никако не смее да интервенира во економијата, за потоа, по избивањето на светската економска криза од 2008, и во ЕУ и надвор од неа, многу приватни банки да бидат санирани од јавните државни средства, со тоа ставајќи ги трошоците и товарот од кризата на грбот на обичните граѓани. Со оглед на тоа дека државната помош им одговараше на многу банки и корпорации на кои им се закануваше пропаст, неолибералната теорија за немешањето на држвата во економијата брзо беше заборавена. Тука јасно се гледа принципот социјализам за богатите – капитализам за сиромашните, приходите се приватизираат и одат во рацете на привилегирано малцинство, а долговите се социјализираат и ги плаќа целото општество.

Во Европа основниот канал низ кој се туркаат неолибералните реформи се институциите на Европската Унија. Неолибералната политика преку институциите на ЕУ се спроведува на различни начини, понекогаш формално и службено, некогаш неслужбено, но ги опфаќа сите сектори на економијата и на општеството во целина. Освен тоа, не е ограничена само на државите-членки на ЕУ, туку и на државите-кандидатки, во кои неолибералната политика во уште построг облик се наметнува како услов за влез.

Основни мерки на неолибералната политика се дерегулација, либерализација и приватизација:

Дерегулација означува општо смалување на работните прописи заради постигање на подобра “претприемачка клима” (што е само фин израз за “угодување на капиталистите”), укинување на прописите и ограничувањата, полесен проток на капиталот итн. Дерегулацијата на големо ја олеснува пазарната манипулација што може да доведе до економска криза како моменталнава, а исто така се користи како средство на смалување на работничките права и потпомагање на корпорациите и екомонските елити во остварување профит на сметка на остатокот од општеството. Воведувањето на вакви мерки стои во основите на ЕУ.

Либерализација означува политика на отварање на границите, укинување на царините и на други ограничувања како што се државните монополи во клучни подрачја и сл. Укинувањето на царината и на други заштитни мерки (кои ги нема во рамки на ЕУ), остава поедини земји на милост и немилост во однос на конкуренцијата во другите земји. Тоа е особено непогодно за малите земји, како што е Македонија, за кои не може да се очекува дека на слободниот пазар рамноправно ќе се натпреваруваат со големите и богати земји. Либерализацијата во ЕУ се користи за остварување на владејачките интереси на посилните западни земји, т.е. да бидеме попрецизни – на нивните корпорации, а на штета на послабите земји. Либерализацијата, пак, на некои сектори во кои претходно државата имала монопол (како што се железницата, пошта, телекомуникации, енергетските потенцијали и сл.), овозможува влез на приватниот сектор – а со тоа и приватен профит – а во пракса често значи влошување и поскапување на услугите, како што кај нас е примерот со продажбата на Електростопанство, по што цената на електричната енергија значително расте со секоја нова сезона. ЕУ ја поттикнува таквата либерализација уште од 1990 година во низа свои директиви.

Приватизација означува претворање на државното/јавно сопствеништво во приватно, како средство за богатење на поединци на сметка на целото општество. Така на пример 80% од банките во Источна Европа, како и во Македонија, се во сопственост на странски западноевропски приватни банки кои од овие земја влечат голем профит.

Неолиберализмот во ЕУ се огледува и во честите мерки кои повикуваат на смалување на платите како мерка за штедење и смалување на работничките права, како полесно отпуштање на работниците, вработување на одредено и сл. Овие мерки одат под еуфемизмот флексибилизација на работата. Неолибералната политика се гледа и во комерцијализацијата присутна во сите општествени сектори во Европа, особено во здравството и образованието, каде на пример се воведуваат такси и се поскапува партиципацијата, што ги прави факултетското образование и здравствената заштита сè помалку пристапни на обичните луѓе. Конечната цел на тоа е целосна приватизација на здравството и на образованието, и достапност до овие добра само за они кои можат да си ги дозволат.

Неолиберална е во ЕУ и монетарната политика која ја спроведува Европската централна банка, која пред сè се занимава со спречување на инфлациите, од кои најмногу се плашат оние кои имаат најмногу пари.

 




  1. ЕУ и демократијата

Ќе имаме ли повеќе демократија кога ќе влеземе во ЕУ? Таквото тврдење е далеку од вистината. ЕУ е уште понедемократска од Македонија или од било која друга “демократска” држава. Единственото тело на ЕУ кое граѓаните го бираат на избори е Европскиот Парламент, кој речиси и нема некои важни овластувања. Имено, во Европска Унија сите важни одлуки ги носи Европската Комисија, која се состои од 27 повереници кои не се бирани од граѓаните, ниту се подложни на нивната волја. Во досегашната пракса Европската Комисија носеше одлуки кои се исклучиво во интерес на крупниот капитал, и постепено форсираше сеопшта приватизација на јавниот сектор, што секако доведе до сè помала социјална заштита на граѓаните (на пример, кратење на работничките права и препуштање на работниците на немилост на големите корпорации). Освен тоа, ако влеземе во ЕУ, голем дел на притисокот што се врши одоздола (јавни кампањи, протести, штрајкови и сл.) и барањата на граѓаните ќе мораат да бидат усмерени, наместо кон македонската влада, кон Брисел, при што ќе биде уште потешко да се изврши притисок врз власта отколку што е сега.

Се разбира, според нас ни Европскиот парламент ни Европската комисија ги немаат основите на вистинска демократија, што важи и за нашата Влада и Собрание, како и за парламентарниот состав воопшто. Единствена вистинска демократија е директната, непосредната, која ја практицираме секојдневно во сопствена организација. Таквата демократија не трпи недопирливи мандати, власт на претставници и одлучување на малцинството во име на мнозинството, туку се одлучува од долу нагоре, а претставниците се сведуваат на административниот апарат кој нема никаква власт или независна волја, туку постои поради практичност, од потреба за организирање поголем број на луѓе од квартот, градот, регионот, националната организација, до, на пример, интернационалната организација.




  1. ЕУ и работничките права

Неизвесна работа е термин кој се користи за да се опише работа која е непостојана, незаштитена, слабо платена, со која не може или едвај може да се одржува домаќинството, и која е често нерегулирана од Законот за работни односи. Најчесто се врзува за поими како што се работа на одредено, привремена работа, повремена работа, студентска работа, работа на имигранти, печалба во странство итн, значи главно за оние ситуации кога работникот е вработен на кратко додека не истече договорот (ако работниот однос е воопшто регулиран со договор  и ако работникот имал среќа да е пријавен), а после тоа мора одново да бара работа.

Неизвесната работа е глобален тренд, веќе присутен во Македонија како последица на различните неолиберални економски прилагодувања кон мерките на ЕУ во текот на преговорите. Политиката на ЕУ заговара неизвесна работа, т.н. флексибилизација на работата, и истото го бара од своите потенцијални пристапнички.

Главните идеи на европската стратегија за вработување може да се најдат во Лисабонската стратегија. Клучните идеи на тој документ се флексибилност и “доживотно учење”, чија поента е приспособување на работникот на пазарот на труд, константни преквалификации, селења и сл. Во ЕУ често се говори за “целосно вработување”, но не се однесува на тоа дека секој работник има обезбедено работно место за до крајот на својот работен век, туку на тоа дека работниците го исполнуваат пазарот на труд со своите квалификации за на работодавците да им е полесно да најдат работна сила.

Флексигурност е службена европска политика на вработување. Самиот поим е кованица од зборовите сигурност и флексибилност, што треба да ја отслика наводната идеја за флексибилни работни места и сигурен премин од едно на друго работно место. Сигурноста би се однесувала на социјални бенефиции за оние кои ќе ја изгубат работата, со што оди и тоа “доживотно учење”, односно преквалифицирање. Номиналната цел на ЕУ не е да го задржи работникот на работа, туку на пазарот на труд, овозможувајќи му лесно да менува професии и да напредува во нив. Но потребно е да се направи разлика меѓу пропагандата и реалноста, бидејќи ЕУ е позната по својата неолиберална пропаганда и социјалдемократски дух. Флексигурноста одлично звучи во теорија, но во пракса се работи за угодување на потребите на работодавците на штета на работниците. Како прво, терминот често се употребува само како замена за другиот термин – флексибилизација, при што се олеснува отпуштање на работниците, но надоместокот за невработеност и помошта при преквалифицирање не се зголемува. Второ, кога се зборува за флексибилност, т.е. за прилагодување во работата, да се прилагодува секогаш мора работникот во корист на работодавецот, а не обратно. Честото менување работни места ги слабее и синдикатите и можноста за колективно преговарање (невработените не се во синдикати), како и самата положба на работникот бидејќи на новото работно место има пониска почетна плата.

Важно е да се напомене дека неизвесната работа не е значајна новина во капиталистичката економија, иако зборовите од типот “флексибилизација”, “доживотно учење” и “мобилност” се од понов датум. Историски гледано, неизвесната работа, како и општата неизвесност на егзистенцијата на работниците и работничките, всушност се составен дел од капиталистичката економија.

Би можеле да утврдиме дека периодот на горе-долу “извесна” или стабилна работа се врзува главно за периодот на т.н. “социјални држави”, а тој период во целокупниот развој на капитализмот беше краткотраен и претставуваше една епизода надвор од вообичаената логика на капитализмот. Исклучително важно е да се напомене дека “социјалната држава” не е створена поради добра волја на политичарите и похуманите капиталисти, туку е одраз на долгогодишна борба на работничкото движење за многу социјални, економски и политички права, како и одраз на организираната сила на работниците во таа борба. Социјалната држава настана поради заканата која организираното работничко движење, како и надежите на милиони луѓе кои го преживејаа хоророт на Втората светска војна, ја претставуваа за политичкиот и екомонски естаблишмент. Но со појавата на неолиберализмот дојде до слабеење на работничкото движење поради што работничките права одново почнаа да се кршат, а неизвесната работа почна да се воспоставува како норма за вработување.



Што ќе биде со земјоделците во ЕУ?

Земјоделството никаде во светот не функционира успешно без државна поддршка. За тоа мошне добро се свесни развиените западни земји кои одвојуваат големи средства од буџетот за субвенција на својот земјоделски сектор (што е спротивно на неолибералната пракса во други области). Истовремено, од малите земји како што е Македонија, се бара смалување или укинување на таквата поддршка преку притисоци од меѓународните институции како што се ЕУ или Светската трговска организација. Истите тие институции бараат и укинување или смалување на царинската заштита, што овозможува продор на земјоделските производи од богатите земји во сиромашните, мали земји, што секако го уништува домашното земјоделско производство во малите земји.

Во Македонија ситуацијата за домашните земјоделци, освен со смалување на царините, т.е. отварање за надворешниот пазар, додатно е отежната и од тоа што ветените субвенции не им се исплаќаат или доцнат, а на нивната лоша положба влијае и тоа што нивните производи ги откупуваат големи приватни компании настанати преку арамиска приватизација. Единствен интерес на тие приватници е нивниот личен профит и за да дојдат до него нема да се колебаат да ги смалуваат откупните цени на производите до ниво на неодрживост на производството, па ни до потполно уништување на македонското земјоделство; имено, земјоделските производи секогаш може и да се увезуваат, без обѕир што домашните земјоделци поради тоа ќе претрпат страшни последици и што тоа нема никаква логика во земја со такви земјоделски потенцијали, каква што е Македонија.

Лошата состојба на македонското земјоделство и фактот дека увезуваме големи количини храна од странство, иако имаме потенцијали да ја произведеме внатре, се директни последици на политиката која доследно се води во последниве 20 години, а која е усмерена само спрема профитот на домашниот и странскиот крупен капитал, а не во корист на земјоделците и целата земја. Со влезот во ЕУ, таквите негативни процеси само би продолжиле, бидејќи нашето земјоделство ќе биде изложено на милост и немилост на индустриите на големите западноевропски земји, со додатни препреки кои ќе ги создаваат европските прописи, кои на нашите земјоделци би им одредувале што смее, а што не смее да се прави и во колкава мера. Македонските земјоделци ќе бидат буквално проголтани при излезот на европскиот пазар.

Сите ние плаќаме даноци, па исто како што се бориме образованието да биде достапно за сите, без обзир на финансиската состојба, а особено затоа што веќе сме платиле за истото преку даноци, еднакво сметаме и дека храната која ни ја овозможуваат земјоделците треба да биде поддржана од јавни средства.




  1. ЕУ и корупцијата

Ќе ја уништи ли ЕУ корупцијата во Македонија? И тоа често се користи како аргумент.

Како прво, ЕУ е против корупција во Македонија и во другите земји-пристапнички, но не поради својот “цивилизациски досег”, “начелна нетолеранција на корупцијата” и слични глупости, туку поради многу прагматични и приземни причини. На земјите во ЕУ не им одговара корупцијата во Македонија бидејќи тоа значи дека на таков начин ним им се одзема дел од пазарниот колач, отежнувајќи им да влечат профит од Македонија и другите земји. Ако корпорациите во ЕУ не можат да влезат во Македонија поради политички врски на домашните капиталисти, тоа е за нив губиток на потенцијален профит. Или, ако треба да ги потплаќаат локалните власти за секој чекор, тоа се за нив додатни трошкови – на кои се спремни ако не може поинаку, но кои е подобро да ги елиминираат. Значи, прашањето за искоренување на корупцијата за ЕУ е најнапред прашање на сопствена корист.

Второ, во самиот аргумент дека за решавање на сопствените проблеми нужно ни е потребна ЕУ се отсликува извесен самопрезир кој се јавува во Македонија, при што сè што доаѓа од нашата “балканска кал”, нужно се смета за помалку вредно од она што доаѓа од “развиениот Запад”. Се работи за една авторасистичка идеја дека ние сме (веројатно генетски?) неспособни сами себе да се управуваме, па потребна ни е помош од “цивилизираниот Запад”.

Како трето, да се тврди дека во ЕУ нема корупција значи да се биде потполно несвесен за реалноста. Корупцијата е во многу сфери еднакво присутна и во ЕУ како и кај нас, само што таму се одвива на поинакви начини и со специфични локални посебности. Доволно е да се истакне финансирањето на некои мафијашки претпријатија преку фондовите на ЕУ, што беше неодамна разоткриено, или на пример однесувањето на финската фабрика за оружје “Patria” во Словенија – аферата со поткупување.

И четврто, корупцијата постои во корените на самиот неолиберален состав кој ЕУ го наметнува, а во чии основи се интересите на капиталот на штета на најголем дел од општеството. Дури и кога сè би се спроведувало по закони и кога не би имало незаконска корупција, тоа не значи дека вистинската корупција, корупцијата на самиот систем, нема да биде сеуште присутна.





  1. ЕУ и човечките права

Дали ЕУ е гаранција дека кај нас веќе нема да има дискриминација и војни?

Поради улогата на “меѓународната заедница” во неодамнешните воени конфликти на Балканот, кај нас сеуште се смета дека ЕУ е пример за високи стандарди во заштитата на малцинските права. Реалноста е малку поинаква. Моменталното ниво на малцинските права во Македонија е нешто за кое малцинствата во повеќето земји на ЕУ можат само да сонуваат. Малку земји воопшто ги признаваат националните малцинства, а ниедна земја не му придава национална посебност на најбројното малцинство – имигрантите, кои во некои земји сочинуваат и до 20% од населението. Напротив, големите земји особено отворено спроведуваат политика на асимилација или протерување. Сите релевантни документи на ЕУ (како што се т.н. Копенхашки критериум или Рамковната конвенција за правата на националните малцинства) доследно избегнуваат да ги регулираат правата на малцинствата, особено во поголемите земји. Политичката сцена во ЕУ, наместо кон заедничка иднина без национални судири, сè повеќе се стреми кон јакнење на ксенофобијата – реторика која сè повеќе политички партии ја преземаат. Освен тоа ЕУ, спротивно на службената политика за “мека сила”, на никаков начин не ги поттикнува своите членки на почитување на меѓународните права во надворешната политика, што дојде до израз при нападот на Ирак. Иако ЕУ службено се залага за “етично работење” во светот, сепак не развива никакви механизми за казнување на европските компании и фабрики кои користат робовски и детски труд. Спротивно на идејата на мултинационалната Европа на луѓе “обединети во различностите”, ЕУ има поразителни резултати во почитувањето на човековите права на не-европските малцинства, било во нивните матични земји, било кај имигрантите во самата Унија.




  1. ЕУ фондови

ЕУ не е добротворна организација и не дели пари на сиромашните поради добрина. ЕУ е организација која делува во интерес на капиталот, пред сè на оној од развиеното западно јадро на ЕУ (Германија, Франција, Велика Британија, Холандија). Освен тоа, ЕУ фондовите не се “делење пари” без никакви услови, како што тоа често се претставува во јавноста. Парите од фондовите можат да се трошат само целесообразно, во склад со правилата на и дозвола од ЕУ, и само за активности кои ЕУ проценила дека одат во прилог на заедничкиот пазар, а не на граѓаните на земјата за која фондот е наменет.

Преговарачки јаките и добро организирани држави успеваат добиените пари да ги употребат како надополнување на веќе испланирани активности. Преговарачки слабите и бирократски неорганизираните држави, како што е Македонија, од старт остануваат без голем дел од предвидените пари, бидејќи не успеваат да напишат доволен број проекти, а и делот кој го добиваат го трошат на непотребни активности (бидејќи повеќето проекти всушност служат за спроведување на Европски закони, бидејќи секој проект се суфинансира, бидејќи им одземаат драгоцено време на вработените, и бидејќи најголем дел од парите оди назад во западните земји на ЕУ преку јавни набаки и консултантски договори). Некои истражувања покажуваат дека парите од фондовите на крај ги доведуваат до минуси некои земји, како Грција или Бугарија.

Некои факти за ЕУ фондовите:

-          ЕУ никогаш не дава пари во целост, туку финансира 50-90% од проектот, додека остатокот мора да го набави примателот на парите од фондот (на пример, државата). Ако државата нема пари, како што е случајот со Македонија, и ако се работи за поголеми влогови, парите кои државата сама мора да ги плати често можат да се набават само преку кредити од банки, т.е. запаѓање во долгови. Банките, пак, во случајот со Македонија и цела источноевропска периферија, се главно во сопственост на странски западни банки. Така банките од јадрото на ЕУ профитираат од ЕУ фондовите дури и кога парите од фондовите одат во сиромашните земји. Парите ЕУ не ги дава однапред, туку дури по завршувањето на проектот, што значи дека задолжувањето и каматите мора да бидат уште поголеми.

-          Парите од ЕУ фондовите не се подарени пари. Секоја земја-членка, а во некои случаи и како пристапничка, мора да уплаќа брдо пари во тие фондови од кои потоа се делат средства. Бугарија на пример, како сиромашна земја, секоја година од влезот во ЕУ повеќе средства даде за фондовите отколку што доби.

-          Голем дел од парите доделени на сиромашните земји преку ЕУ фондовите всушност одат за неразвиените области на богатите земји, а и она што начелно се дава на сиромашните, многу брзо се враќа во западноевропските земји, така што на пример се условуваат со тие пари да купуваат производи и услуги од нивните државно протежирани компании. Така тие средства за “помош” на малите земји всушност служат како субвенции за сопствениците во развиените земји на ЕУ.

-          Од ЕУ фондовите теоретски можат да се повлечат многу средства, но намерно е замислено така што во пракса тоа не се случува.

-          ЕУ преку фондовите им диктира на малите земји со што можат да се бават, а со што не, во што и како да вложуваат итн., на тој начин спроведувајќи надзор врз областите кои не се регулирани со ЕУ закони и кои не можат поинаку да бидат контролирани. Таквиот надзор, се разбира, на крај не е во интерес на општеството или на граѓаните во малите земји, туку на екомонските елити од најмоќните држави во европското јадро.




  1. Има ли АЛТЕРНАТИВА на ЕУ?

Често ни се сервира дека единствената алтернатива на ЕУ е затворање во своите национални граници и изолација, а ретките противници на ЕУ се етикетираат како “назадни”, “примитивци” и “луѓе кои не се спремни на промена”. Целата дебата е поставена во дихотомија – или ЕУ или изолација. Таквата дихотомија е лажна и негира цел еден спектар на алтернативи кој може да се изгради. Затоа треба да се излезе од таа дихотомија и упорно да се нагласува дека историјата и општествениот напредок не се некоја надворешна сила или невидлива рака која нè усмерува нас, луѓето. Историјата и општествениот развиток се дело на човекот како општествен актер, иако вистина е дека не се раѓаме слободни, туку секогаш во веќе даден општествен контекст. Но без оглед на тоа, дури и тој општествен контекст е дело на самите луѓе и на човечкото делување. Во тој смисол, алтернативи има онолку до каде што досегнува човечката имагинација.



Целата светска историја е испишана од такви делувања, но посебно во последнава (2011) година може да посведочиме сè поголемо организирање на европските и светски работници, студенти и невработени, како и нивниот сè поголем отпор спрема светските, европските и домашните елити. Примери има многу, често игнорирани од медиумите, примери на студентски протести, примери на работнички штрајкови против мерките за спас од кризата, и најсвежиот, но и највлијателен пример – движењето “Окупирај”, движење кое ги крена обичните луѓе против натрупувањето богатство на елитите, кое од Волстрит се рашири насекаде низ светот, па стигна и до Балканот. Токму во овие немири, кои почнуваат после долго време повторно да ги заплашуваат како локалните влади, така и меѓународниот политичко-економски естаблишмент, лежи клучот на нашите алтернативи. Алтернатива на ЕУ и изолацијата е интернационална солидарност и борба. Интернационалноста е посебно важна денес, кога капитализмот, повеќе од било кога претходно, навистина е глобален систем.

No comments:

Post a Comment