Студентски збор

Калкулус и друга виша (вишок) математика на Фармацевтскиот факултет


Ви пишувам во врска со еден проблем кој постои веќе неколку години на „Фармацевтскиот факултет“ во Скопје.
Имено, се работи за додавање на предмети за кои сметам дека претставуваат само дополнително мачење за студентите и воедно предмети кои го прават факултетот да биде потежок, т.е. непотребни предмети. 
Ви пишувам поради тоа што после неколку состаноци со студентскиот парламент, студентскиот правобранител ние не успеавме да направиме ништо како студенти, па дури добивме и закани доколку повторно пробаме нешто. 
Накратко да потенцирам, од нашиот факултет не знаат што учиме ние по предметите математика и применета статистика. Бидејќи во средно образование - фармацевти, не постои предмет математика во 3 и 4 година, надлежните знаат дека тоа ќе е проблем за студентите поради тоа што тие неколку пати би го презапишувале предметот и со тоа би се задржале повеќе, а воедно и повеќе би плаќале. 

Исто така, само на нашиот факултет, од сите факултети се поништуваат 2 сесии за полагање (со што е прекршено правото на студентот), т.е. предметите се „влечат“ од 1 во 2 семестар.
Имено, математика слушаме во првиот семестар, и доколку ние не го положиме предметот во јануарска испитна сесија, автоматски не смееме да полагаме статистика во 2 семестар, се додека во некоја од наредните испитни сесии не го положиме математика. 

На темата „Математика“ сакам само да додадам дека тоа не е „Математика за фармацевти“ како што на повеќе факултети во Европа се изучува, ние учиме интеграли, графици и останати работи кои не ни се потребни за понатамошното образование.


Додека ние фармацевтите овде се мачиме во непотребни предмети, фармацевтските факултети во Европа со изучување на конкретните предмети стигнуваат далеку пред нас. Ве молам да го разгледате маилот и да пробате да ги задржите инжинерите во оваа држава, со понапредно образование.

Во прилог испраќам листа на предмети кои се изучуваат на фармацевтскиот факултет, табела со условни предмети и предмети што се изучуваат на фармацевтскиот факултет во Сиднеј.

Услови на фармацевтскиот факултет при УКИМ:
1 и 2 семестар;

Предмети на факултетот:
1-6 семестар;

Услови на фармацевтскиот факултет во Сиднеј:

Извор на податоци: 

Анонимен

Студентски маки!

Легендата вели дека некој некогаш за нешто ги прашувал студентите. Денес тоа изгледа како бајка. Студентите на дисфунционалниот Универзитет „Гоце Делчев“ имаат сериозен проблем.

Проблемот се состои во тоа што сè уште трагаат по имагинарни електронски потписи (без кои не можат да заверат семестар) од професорите кои на работа се вратија на 16.01 а испитната сесија ја закажаа од 20.01, а еве денот кога пишувам за овој проблем е 17.01 и сè уште нема соодветни термини.

Од квази инфо центрите на Универзитетот препорачуваат студентите да се тешат со тоа што втората декада од испитната сесија започнува во февруари. Јас не познавам студент кој се запишал на факултет за да се теши, а згора на тоа плаќа енормна сума на пари. 

Самопрогласените лидери на студентските парламенти сè уште се празнично расположени за да одвојат од скапоценото време за решавање на некој сериозен проблем или повторно планираат организирање на некоја крводарителска акција (затоа што се решени сите студентски проблеми па сега ги решаваат и проблемите на другите).

Сè додека од образованието некој страшно профитира и студентите не се разбудат од својот конформизам ќе се јавуваат вакви и слични проблеми.

Анонимен

Електронски упис на семестар – мало морген!


Студентите на УГД беа многу среќни, конечно го дочекаа и она кое не се ни надеваа дека ќе го добијат – електронски упис на семестар од комфорноста на сопствениот дом. Но како и се останато па така и ова: мртво слово на хартија. Да се случеше навистина ќе беше зачудувачко (дури и нереално). Како што милуваме да кажеме: Неветено, (не)остварено! Каде лежи проблемот?

Па вака, проблемот лежи во следново: Единствено студентите кои располагаат со дебитни/кредитни картички ја завршија оваа операција успешно (епа немаме сите кредитни картички!).
Втора работа е тоа што оние кои уплатија на досега познатиот начин (преку уплатници) мораа повторно да одат до шалтерот на студентски прашања да достават овластување до референтот за да им бидат внесени административните такси и ја знаеме сите „ефикасноста“ при работењето на службениците на студентски прашања (некои студенти одеа по неколку пати за една иста работа за на крај повторно да не им биде успешно завршена – време+пари).
И третиот сегмент од овој проблем е тоа што на некои од студентите на сметката не им легна ниту денар од уплатените пари, што резултираше со „традиционалните“ долги колони пред шалтерот на студентски прашања. Со ова работите само повеќе се искомплицираа и доведоа до проблеми кои се решени до пола (една од работите која најмногу нервира). Чуму електронски упис ако повторно треба да чекаш со часови на шалтер?

Доколку навистина се смета Универзитетот способен да се компјутеризира, нека го направи тоа во целост, а не половично. И за крај џабе што вие успешно ќе го извршите уписот електронски, кога претходно треба минимум 2 пати да отидете до шалтерот на студентски прашања и да се помолите претходно службеникот или службеничката да биде расположен/а за работа. До пола решените проблеми се еднакви на нерешени проблеми.

Анонимен

Непотребни формалности и други пропусти


Од студентите постојано се бара беспотребно да потполнуваат документација со информации кои веќе безброј пати ги имаат доставено до студентските служби.

Дополнително, административните таксени марки чинат значително повеќе заради начинот на уплаќање. Би сакал исто така анонимно да ја обвинам неспособната студентска служба на ФЕИТ (каде што сум студент) заради фактот што заради ненавременото доставување на информации, многу од нас, студентите, претрпуваме финансиска и психолошка штета, и тоа (од мое лично искуство): Решението за ослободување од партиципација не ми беше воопшто доставено (направено на 10.09.2012), така што бев принуден да извршам регуларна уплата на потребните средства, сепак, на крајот на вториот семестар се распрашав во службата и го добив истото, со напомена дека ќе можам да го искористам во втора година (сега). Сеуште сум во неизвесност дали ќе биде прифатено.

Друго, поднесов молба за промена на смерот како и многу други мои колеги, и никој од нас недели покасно не доби формално одобрување за извршеното преместување, меѓувремено укажувајќи ни од студентската служба дека треба да почекаме и дека тековната формална заверка на новиот семестар (која траеше неколку дена) ќе можеме да ја извршиме подоцна без проблем. Но, имаше проблем, известување за преместувањето никогаш не стигна, и сите ние очајни, барајќи одговор од студентската служба, дознавме дека молбите се одобрени и дека може да го завериме семестарот, НО со казна од 500 денари заради задоцнувањето. Ова се само мал дел од пропустите на универзитетската бирократија, но доволно е за овој мејл.

Дали е праведно заради неефикасната и инертна студентска служба ние да плаќаме со нашите пари и нерви? Овој примитивен систем опстанува само заради работните места кои ги овозможува. Би сакал да останам анонимен, и посакувам победа во оваа битка.

Бидете силни,
Анонимен


Факултет за туризам и угостителство


Факултет за туризам и угостителство, Охрид; насока: Безбедност и финансиска контрола.
Првите два семестра на факултет плаќавме за книги од кои добивме само неколку учебници (од десет предмети добивме учебници само за четири), па бевме принудени останатите да ги купуваме повторно сами или некако да се снаоѓаме за материјали.

Во втора година поднесовме петиција до Ректоратот во Битола и тие не ослободија од плаќање за книги при упис на семестар, а бидејќи нашиот факултет веќе ни должеше за минатата година, ги добивме скоро сите книги бесплатно. Но, од почетокот на трета година, иако повторно ослободени од уплатници за книги, приморани сме да им даваме пари на рака на одредени професори за нивните учебници.
И така, се потпишуваме на списоци за плаќање и практично сме вклучени во процесот на вршење мито.

Многу е тешко да се самоорганизираме со останатите студенти, бидејќи тие самите сакаат да платат по осумстотини денари на рака за да немаат проблеми во иднина. Дали сте се справувале со вакви проблеми?

Анонимен


No comments:

Post a Comment