ПРОТЕСТИТЕ ОД 1968-ма ГОДИНА

Почетокот


 



По Втората Светска Војна, во повеќето земји настапи период на мир и
просперитет и светот доживеа пораст на наталитетот. Децата родени во овој
период растеа во поинакви услови од било кога претходно - телевизијата се
појави во домовите, државното образование стана подостапно, и како резултат на
тие промени, израсна генерација луѓе посвесни за себеси, со критички дух,
поголема слобода на изразување и повисок степен на писменост.



Токму таа млада генерација луѓе во текот на 60-тите години ги подигна
брановите на социјални движења насекаде низ светот и ги оформи вредностите на
наредната генерација, академска младина која во 1968 предизвика револуционерни
бунтови и промени, отпочнати од студентите, помогнати од работичката класа.



Тоа беше период на граѓански бунтови и движења кои ја кренаа прашината
околу граѓанските права и кои не се плашеа да се спротивстават на силите на
полициските држави: движењето за граѓански права во Америка, социјалистичките
движења во Италија и Франција, 
левичарските движења во многу европски и северноамерикански држави,
антивоеното движење во Велика Британија, борбата за Африканската независност,
феминистичките движења, движењата против Студената војна...



 



 



Мај `68-ма во Франција



Во текот на мај 1968 година во Франција се случи најмасовниот генерален
штрајк што успеа да ја сопре економијата на една така развиена индустриска
земја. Силите на студентите и на работниците се здружија во масовни бунтови,
главно револтирани од модерното консумеристичко општество, критикувајќи го
тоталитаризмот и западниот капитализам. Револтот на илјадниците кои протестираа
речиси ја сруши владата на тогашниот претседател Шарл де Гол, и иако протестите
не завршија во полза на протестирачите, сепак имаа огромно социјално влијание.



Настаните беа иницирани на 22 март, кога мала група од познати поети и
музичари, како и 150 студенти ја окупираа административната зграда на Парискиот
Универзитет на Нантер и таму одржаа состанок за решавање на класната
дискриминација во Француското општество и политичката бирократија која го
контролираше образовното финансирање. Откако полицијата го опколи
Универзитетот, студентите беа принудени да ја напуштат зградата, иако нивните
барања не беа остварени.



После месеци на конфликти помеѓу властите и студентите од Парискиот
Универзитет на Нантер, администрацијата го затвори Универзитетот на 2-ри мај
1968, а неколку дена подоцна и Универзитетот на Сорбона. На 6-ти мај, Државниот
Студентски Сојуз (сé уште најголемиот студентски сојуз во Франција), заедно со
Сојузот на универзитетски професори, повикаа на марш на протест против
полициската инвазија на Сорбона. Над 20
.000 студенти, професори и нивни
поддржувачи маршираа кон Сорбона, каде најпосле маршот зазема насилни димензии,
кога толпата ја нападна полицијата со камења од калдрмата. Полицијата возврати
со солзавец и стотици студенти беа уапсени.



Наредниот ден средношколци и млади работници им се придружија пред
Триумфалната Капија каде ги поставија следниве барања: да се ослободат
уапсените студенти; полицијата да го напушти Универзитетот; и властите повторно
да ги отворат Нантер и Сорбона. На 10 мај, толпата повторно се собра на левиот
брег на Сена и повторно беше сопрена од полицијата. Конфликтот резултираше со
стотици уапсени и повредени, а се ширеше и информацијата дека полицијата
испратила т.н. „агенти-провокатори“ да го разгорат бунтот, палејќи автомобили и
фрлајќи Молотови коктели.



Групата на бунтовни студенти брзо ги придоби симпатиите на јавноста и
набрзо голем дел од левичарските федерации им се приклучија во протестот. На
13-ти мај над милион луѓе маршираа низ Париз, а полицијата не можеше да ги
сопре. Премиерот Жорж Помпиду најави ослободување на затворениците и повторно
отворање на Сорбона.



Но тоа не ги задоволи студентите, туку само повеќе го разгори нивниот жар.
Кога Сорбона се отвори, студентите ја окупираа и ја прогласија за „автономен
народен универзитет“. Движењето беше организирано во над 400 комитети насекаде
низ Париз.



Во наредните денови работниците, охрабрени од студентските протести, почнаа
да ги окупираат фабриките. За неколку дена успеаја да окупираат околу 50 големи
фабрики, а 200.000 работници беа излезени на штрајк. Таа бројка за помалку од
една недела порасна на 10 милиони работници, или грубо – две третини од
Француската работна сила. Тие се залагаа за исполнување на работничките права и
за повисока плата, а фабриките низ цела Франција не работеа цели две недели.
400 до 500 илјади луѓе маршираа низ Париз на 30 мај, пеејќи: „Збогум, де Гол!“.



Во текот на наредниот месец револуционерното чувство полека почна да
слабее. Работниците се вратија во фабриките, иако многу од нив беа избркани од
работа. Студентскиот сојуз ги отповика уличните демонстрации. Владата успеа да
задуши многу левичарски организации, а полицијата повторно ја превзеде Сорбона.
Де Гол победи на изборите присилно одржани во јуни. Последните студентски
демонстрации се оддржаа на Денот на Бастиља, кога студенти со левичарски и
анархистички убедувања одржаа протест на улиците на Париз. Париската полиција и
безбедносните сили на државата брутално го задушија протестот, што резултираше
со крвав исход – многу од студентите беа уапсени, а некои и тешко повредени.
Меѓу повредените имаше и туристи кои дошле за празникот, што резултираше со
остра критика од страна на соседните влади.



Настаните од  Мај 68-ма не
завршија успешно за демонстрантите кои протестираа, но огромните последици се
почувствуваа во текот на наредните децении, кога конзервативната Франција,
осврната кон религијата, патриотизмот, почитта кон властите, полека се претопи
во либерална Франција, наклонета кон еднаквост на половите, сексуална слобода и
човекови права.



 



Мартовските настани во Полска



Кон крајот на 60-тите години од дваесетиот век, комунистичката влада на
Народна Република Полска иницира бран на антисемитизам како дел од т.н.
„антиционистичка“ кампања, која служеше со цел да се одвлече јавното внимание
од актуелната политичка криза и кое резултираше со масивна емиграција на Евреи
од Полска. За преживеаните полски Евреи од 
Холокаустот животот назад во нивната родна земја стана неподнослив;
нивните домови беа одземени, масивно ги губеа работните места и беа подложени
на омраза, дискриминација, а неретко и физичко насилство.



Студентското движење во Полска, кое имаше либерална позадина и се залагаше
за слобода на изразување на интелектуалците и уметниците, ги започна своите
протести во јануари 1968 година, кога полската влада го забрани изведувањето на
една претстава од Адам Микиевиц, под обвинение дека содржи антируски и
антисоцијалистички елементи. Последниот пат кога претставата беше изведена, на
30 јануари, 300 студенти од Варшавскиот Универзитет и од Државниот Театар беа
претепани со палки од страна на контра-протестирачи испратени од владата.



На 8-ми Март група од околу 1500 студенти изведоа марш на протест пред
Варшавскиот Универзитет и повторно беа претепани со палки. Во следните четири
дена, протестите се раширија низ десетина други градови во Полска. Општата
јавност се приклучи на протестите во брутални пресметки помеѓу студентите и
полицијата. Соочувајќи се со сериозен отпор, Комунистичката партија на Полска
го етикетира студентскиот бунт како „ционистички“ за да го одвлече вниманието
на јавноста и за да ја зајакне антисемитската омраза на народот. До крајот на
април 1968-ма најмалку 2725 луѓе беа уапсени поради учество во студентските
протести.



 



Протестите во Југославија



Во текот на 60-тите години, во Југославија настапи своевидна економска
криза како резултат на владини реформи. Степенот на невработеност почна нагло
да расте, фирмите да пропаѓаат, а многу од работниците иако вработени, со
месеци не земаа плата. Граѓаните од сите сојузни држави масовно пребегнуваа на
работа во странство, особено низ Европа, за да ја избегнат кризата во
Југославија.



Тензиите растеа и малку граѓани беа задоволни. Тоа непосредно доведе до
немири, како дел од револуционерниот бран кој се ширеше низ цела Европа.



Бранот на протести започна на 2 јуни 1968, кога на една универзитетска
приредба на студентите им беше забрането да присуствуваат поради недоволно
простор, кој им беше преземен од страна на бригадирите кои имаа предност за
влез во халата. Оние кои останаа надвор почнаа жестоко да протестираат и наскоро
дојде до физичка пресметка помеѓу студентите и бригадирите. Приредбата беше
прекината и полицијата толку брутално делуваше, што студентите и бригадирите
наскоро заедно се свртеа против полициските сили.



Тој ден жарот се разгоре, а тоа беше доволно за веќе наредниот ден да се
изорганизираат неколку илјади студенти на марш кон Белград. Началникот на
белградската полиција издаде строги наредби студенти да не се пуштаат во
градот, но студентите не се откажуваа, па крајот доби крвави димензии.
Полицијата ги напаѓаше студентите со огнено оружје, а тие запалија
противпожарна цистерна. Најмалку четворица студенти загинаа тој ден.



Истата вечер на Филозофскиот Факултет е одржан итен состанок на сите декани
и донесена е одлука за општ штрајк на Универзитетот и прекин на наставата.
Почна да се штампа забранетиот студентски весник „Студент“, секој ден со
вонредно издание. Седум дена, колку што траеше штрајкот, Универзитетот беше
опколен со полиција, а студентите влегуваа и излегуваа само со индекс.
Полицијата на неколку наврати упаѓаше на факултетите и ги апсеше и претепуваше
студентите и за најмал повод.



Студентите брзо ја освоија поддршката на уметниците. Секојдневно се
оддржуваа трибини и средби на кои професорите и студентите дискутираа за
проблемите во општеството. Демонстрациите добија политичка левичарска
конотација. Белградскиот универзитет се преименува во „Црвен универзитет –Карл
Маркс“.Направен е список со студентски барања кои вклучуваа ослободување на
уапсените студенти, слобода на говорот, смена на шефот на полицијата и
укинување на реформите кои доведоа до невработеност.



Во сите новински редакции и телевизии беше воведена цензура – полициските
сили ги окупираа и нивните простории. Секој издаден весник беше строго
контролиран, па во весниците можеше да се прочитаат наслови од типот: „група
криминалци протестираат“; „на студентите не им се учи“ итн.



На седмиот ден од демонстрациите лидерот на Југославија, Тито, излезе на
телевизија со долг и збунувачки говор, поттикнувајќи ги студентите да се
повлечат од протестите и ветувајќи им исполнување на некои нивни (ситни)
барања. Студентите увидоа дека нема што повеќе да се направи и ги отповикаа
демонстрациите.



Демонстрантите скапо го платија повишувањето на својот глас. Поактивните
студенти во протестите беа избркани од Универзитетот и им беа одземени
пасошите. Многу од професорите кои го поддржаа протестот ги изгубија своите
работни места.