Инфографик: Бесплатно образование


Лани, Слободен индекс заврши со своето истражување за бесплатно образование кое беше спроведено на цел УКИМ. Оваа година планираме истото истражување да се спроведе на сите државни универзитети низ Македонија. Дополнително, кампањата за бесплатно образование активно ќе продолжи да се води преку најразлични трибини, проекции, анкети, инфодескови, пропагандни материјали и слично. Како дел од таа кампања ви го презентираме следниот инфографик.

Електронски упис на семестар – мало морген!

Студентите на УГД беа многу среќни, конечно го дочекаа и она кое не се ни надеваа дека ќе го добијат – електронски упис на семестар од комфорноста на сопствениот дом. Но како и се останато па така и ова: мртво слово на хартија. Да се случеше навистина ќе беше зачудувачко (дури и нереално). Како што милуваме да кажеме: Неветено, (не)остварено! Каде лежи проблемот?

Па вака, проблемот лежи во следново: Единствено студентите кои располагаат со дебитни/кредитни картички ја завршија оваа операција успешно (епа немаме сите кредитни картички!).
Втора работа е тоа што оние кои уплатија на досега познатиот начин (преку уплатници) мораа повторно да одат до шалтерот на студентски прашања да достават овластување до референтот за да им бидат внесени административните такси и ја знаеме сите „ефикасноста“ при работењето на службениците на студентски прашања (некои студенти одеа по неколку пати за една иста работа за на крај повторно да не им биде успешно завршена – време+пари).
И третиот сегмент од овој проблем е тоа што на некои од студентите на сметката не им легна ниту денар од уплатените пари, што резултираше со „традиционалните“ долги колони пред шалтерот на студентски прашања. Со ова работите само повеќе се искомплицираа и доведоа до проблеми кои се решени до пола (една од работите која најмногу нервира). Чуму електронски упис ако повторно треба да чекаш со часови на шалтер?

Доколку навистина се смета Универзитетот способен да се компјутеризира, нека го направи тоа во целост, а не половично. И за крај џабе што вие успешно ќе го извршите уписот електронски, кога претходно треба минимум 2 пати да отидете до шалтерот на студентски прашања и да се помолите претходно службеникот или службеничката да биде расположен/а за работа. До пола решените проблеми се еднакви на нерешени проблеми.

Анонимен

Факултет за туризам и угостителство

Факултет за туризам и угостителство, Охрид; насока: Безбедност и финансиска контрола.
Првите два семестра на факултет плаќавме за книги од кои добивме само неколку учебници (од десет предмети добивме учебници само за четири), па бевме принудени останатите да ги купуваме повторно сами или некако да се снаоѓаме за материјали.

Во втора година поднесовме петиција до Ректоратот во Битола и тие не ослободија од плаќање за книги при упис на семестар, а бидејќи нашиот факултет веќе ни должеше за минатата година, ги добивме скоро сите книги бесплатно. Но, од почетокот на трета година, иако повторно ослободени од уплатници за книги, приморани сме да им даваме пари на рака на одредени професори за нивните учебници.
И така, се потпишуваме на списоци за плаќање и практично сме вклучени во процесот на вршење мито.

Многу е тешко да се самоорганизираме со останатите студенти, бидејќи тие самите сакаат да платат по осумстотини денари на рака за да немаат проблеми во иднина. Дали сте се справувале со вакви проблеми?

Анонимен

Непотребни формалности и други пропусти

Од студентите постојано се бара беспотребно да потполнуваат документација со информации кои веќе безброј пати ги имаат доставено до студентските служби.

Дополнително, административните таксени марки чинат значително повеќе заради начинот на уплаќање. Би сакал исто така анонимно да ја обвинам неспособната студентска служба на ФЕИТ (каде што сум студент) заради фактот што заради ненавременото доставување на информации, многу од нас, студентите, претрпуваме финансиска и психолошка штета, и тоа (од мое лично искуство): Решението за ослободување од партиципација не ми беше воопшто доставено (направено на 10.09.2012), така што бев принуден да извршам регуларна уплата на потребните средства, сепак, на крајот на вториот семестар се распрашав во службата и го добив истото, со напомена дека ќе можам да го искористам во втора година (сега). Сеуште сум во неизвесност дали ќе биде прифатено.

Друго, поднесов молба за промена на смерот како и многу други мои колеги, и никој од нас недели покасно не доби формално одобрување за извршеното преместување, меѓувремено укажувајќи ни од студентската служба дека треба да почекаме и дека тековната формална заверка на новиот семестар (која траеше неколку дена) ќе можеме да ја извршиме подоцна без проблем. Но, имаше проблем, известување за преместувањето никогаш не стигна, и сите ние очајни, барајќи одговор од студентската служба, дознавме дека молбите се одобрени и дека може да го завериме семестарот, НО со казна од 500 денари заради задоцнувањето. Ова се само мал дел од пропустите на универзитетската бирократија, но доволно е за овој мејл.

Дали е праведно заради неефикасната и инертна студентска служба ние да плаќаме со нашите пари и нерви? Овој примитивен систем опстанува само заради работните места кои ги овозможува. Би сакал да останам анонимен, и посакувам победа во оваа битка.

Бидете силни,
Анонимен