Писмо за поддршка на студентите од Софија во борбата против поскапувањето на школарините


Независното студентско движење „Слободен Индекс“ кое делува во рамките на државниот Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, ја испраќа својата безрезервна поддршка до бугарските студенти кои се борат против високите школарини на факултетите и ги охрабрува да излезат во што поголем број за да се изборат за достапно и слободно образование за сите.
 
„Слободен Индекс“ е движење кое се бори против комерцијализацијата на универзитетите, против болоњскиот процес и против хиерархиските парламентарни студентски структури и како дел од мрежата на сродни студентски движења "Балкан студент", се залагаме за солидарност помеѓу сите студентски движења и иницијативи за слободно и достапно образование.

Земјите од Балканот се соочуваат со слични услови на угнетеност преку агресивните неолиберални реформи во сите општествени слоеви, а особено во образовниот, па затоа сметаме дека е неопходно сите балкански студенти да се обединат, солидарно да делуваат и меѓусебно да се поддржуваат.

Обазованието не е бизнис!

Еден Балкан - една борба!

Другарски поздрав
“Слободен Индекс”

Борбата на унгарските студенти

Во контекст на новите измени на Законот за високото образование, кои се само продоложение на оние од 2011 година, а со единствена цел универзитетот и високообразовните институции во Македонија во да се стават во потчинета положба спрема власта, се потсетувам на една студентско-професорска иницијатива која никна во пролетта 2011 година во округот на Правниот, Филозофскиот и Економскиот факултет во Скопје.

Тоа беше иницијатива под називот „Сократовци“, чија цел беше отпочнување дебата за преиспитување на односите меѓу професорите и студентите, преиспитување на последиците од Болоњскиот процес врз квалитетот на образовнието, комерцијализацијата и омасовувањето на студирањето, што води до негово обезвреднување, нарушување на автономијата во работењето и одлучувањето на универизтетските управи со измените на законот за виското образование од 2011 година. Ова беа централните прашања кои оваа студентско-професорска иницијатива ги постави во амфитеатрите на Филзофскиот факултет во Скопје. Почетоците бележеа ентузијазам и бројност. Сепак, заради сплетот околности или фактори што само литературата за колективна акција или општествени движења може да ги објасни, оваа иницијатива не наиде на пошироки симпатии кај студентското тело и полека згасна.
И еве нè, на почетокот на 2013 година, со нови измени, кои уште поагресивно и понепромислено од порано и се закануваат на автономијата на универзитетите. Се прашувам: Што не е во ред со студентите и професорите во нашата земја? Дали молкот е опција во време кога реформите во образованието се прават без промислено и сеопфатно вклучување на студентите и професорите како централни актери во академската заедница? Зошто нема протест, окупација на универзитети, конструктивна дебата, говори што бранат и напаѓаат, а најмногу од сè — аргументираат?

Во меѓувреме, нашите колеги, студенти од Будимпешта, а и насекаде во Унгарија, активно работат на мобилизација на академската заедница спроти ултиматумот кој ѝ беше упатен на Унгарската влада на 07 јануари 2013 година: Доколку Министерот за човечки ресурси и Владата на Унгарија не ги прифатат шестте точки на Студентската мрежа (Hallgatoi Halozat), активно студентско движење со почетоци од 2010 година, студентите и средношколците поддржани од професорите и другите образовни работници, на 11 февруари ќе излезат на масовни демонстрации. Се планира и окупација и блокада на универзитетите во државата. Првиот бран демонстрации се случи во декември 2012 година како реакција на донесувањето закон и политика за кратење на државно финансираните места за студентите кои ќе се запишат на факултетите во 2013 година. Ова беше само последното од низата проблеми со кои професорите и студентите години наназад се соочуваат во Унгарија, а се повразни со финансиски тешкотии за одржување на факултетите, пад на квалитетот на образовните програми, проблеми од инфраструктурен карактер, итн.
Главното барање на унгарските студенти е отпочнување разбирлива и сеопфатна дебата за реформа на високото образование во Унгрија на централно ниво, со вклучување на сите засегнати актери, а не само оние блиски до владеачката елита. Првата точка од барањата е упатена против воведувањето на школарина за студирање во шеснаесет студиски програми во контекст на борбата за овозможување еднаков пристап на студентите од посиромашните семејства во институциите на високото образование, како и задоволување на социјална правда и мобилност. Сепак, целите и методите со кои се служи Студентската мрежа се пошироко поставени: кон промоција на демократски методи за донесување одлуки на универзитетите и при носење на образовните политики, оживување на автономијата во управување на високообразовните институции, транспарентно и креативно справување со предизвиците на финансирање и одржливост.

Иако студентските движења во Унгарија имаат долга историја низ која се провлекуваат многу студентски организации со различна идеолошка и структурна поставеност, она што ја разликува Студентската мрежа е нивната иновативна стратегија за дејствување, организација и начин на одлучување. Студентската мрежа е составена од самоорганизирани ќелии кои се распространети низ средните училишта и факултетите низ Унгарија. Овие ќелии комуницираат меѓусебно преку социјалните мрежи, главно, преку Фејсбук, официјален блог и веб-апликацијата „Лумио“ (Loomio), алатака која помага во донесување на колективни одлуки. Преку овие канали, Студентската мрежа одржува гласање за предлозите подготвени од националните работни групи, кои беа формирани на доброволна база по првите успешни демонстрации во декември 2012 година. Карактеристични за Студентската мрежа се студентските форуми кои се одржуваат на отворено или во амфитетарите на факултетите каде се водат долги и отворени дискусии и се одлучува со гласање.
Унгарските студенти и средношколци, исто така, се соочуваат со ѕидови (влада, министер, деканати, неефикасна и корумпирана официјална студентска организација), но тоа не ги спречува на минус единаесет степени и на дожд, еден до друг, во долги колони да стојат пред институциите на државата и гласно да викаат: „Ние не сме глупави, ние сме иднината!“ На острата контра пропаганда од владините медиуми дека се финансирани од израелски или американски организации иновативно одговараат: меѓу членовите на Студентската мрежа има и симаптизери на владеачката партија. И навистина има! Но тие студенти не се никако спречени слободно да мислат и промислуваат што, навистина, е добро за нив, за нивните браќа и сестри, колеги, другари и професори. Во дејствувањето на унгарските студенти има голема доза здрав патриотизам, интелектуална острина, силен демократски дух, чувство за социјална правда и солидарност.

Важно е да се следат ваквите збиднувања низ Европа, особено начините на организација и мобилизација на студентите во нивната борба за редефинирање на соптвениот статус во материјална и симболичка смисла. Кратењето финансии во образованието од една, а притисокот за поквалитетни програми од друга страна е предизвик со кои се соочуваат многу европски образовни системи. Но нема и не смее да има одлуки/политики за иднината на образованието без инклузивна и демократска рефлексија од страна на студентите и професорите!
Верувам и знам, дека и ние во Македонија, наскоро ќе влеземе во жестока, но мудра битка со институциите кои на непромислен начин се занимаваат со судбините на универзитетите, професорите и студентите. Унгарските студенти не се помудри или со повеќе ресурси, и тие чекорат по пат што некој друг го одел. Така и ние, треба да тргнеме по патот на Студентската мрежа — студентското движење во Унгарија — за да ги оствариме нашите права. Совет до креаторите на образовните политики: навремено искористете ја волјата, идеите и искуството на студентите!

Текстот е преземен од Излез