Конформирај се!

Студентот е ваков, студентот е онаков. Страв, пасивност, аполитичност, тешки времиња.. бла бла бла, дремка од досадни муабети. И уште илјада причини зошто не денес, зошто не овде. Ако не ти текнува, смисли некоја, снајди се. Сигурно имаш некој изговор. Прашај го Јан Палах, какви беа неговите времиња, кога се самозапали. Прашај ги сите тие убиени студенти, кои го кренаа гласот кога беше кревок, зарипнат и растреперен гласот на општеството. Кога молчеше пред неправдите. Кога достоинството му се прпелкаше во калта, правот и пепелта на згаснатиот оган. Тогаш студентите како феникс се издигнаа од пепелта, пред неправдите и над стравот. Стоеја пред тенкови, беа на барикадите! Беа стрелани од фашистичките копилиња, но не се предаваа! Ја изневеривме нивната борба. Но, не е ни најмалку битно, дали ги изневеривме нив. Тие се зад нас, во своето време. Се изневеривме самите. И тоа е процес кој трае. Сеуште се изневеруваме. Го свиткавме грбот, го стишивме гласот и потклекнавме на пропагандата на пасивност и послушност.
Ама, денес се други времиња бе. Прво да се наспиеме, после револуција. Социјална револуција. Не класна, туку револуција на социјалните мрежи. Твитер хаштази, тролање, фејсбук.. Нема од каде да се информираме, ептен сме за греота. Заглавени во лавиринтите на ЕКТС и шалтерите на бирократијата. Таксена марка овде, таксена марка онде, уверенија, потврди, провизии.. Поприсутни во банките, отколку на факултетите. А на факултет, сиво и шаблонизирано. Застарена традиционална литература или модернизирана под шарената чизма на капитализмот и потребите на пазарот. Асоцијалност и изолација и наметната послушност пред стегите на авторитетот и канцерогената хиерархија. Следиме некој распоред, со физичко присуство на предавања и вежби и учиме сè што не ни е потребно. Сè освен тоа како да изградиме личност и здрав карактер, како да научиме да бидеме солидарни, како да ја развиеме критичната свест, како да излеземе од матриците и шаблоните, едноставно сè освен тоа зошто и како треба да се бориме. Не нè учат да се бориме, туку нè учат како да се прилагодуваме. Го учиме трулиот и моронски, безвременски концепт „успешниот е успешен затоа што се прилагодува на различни услови“ и ние успешно се прилагододуваме, а не сме „успешни“ – потфрламе. Системот е крајно перверзен и мазохистички, добар за малкумина, ужасен за најголем дел, но добро – така сме научени, еби му матер. Универзитетите се фабрики, а ние сме нивни производи - изработени според шемите и калапите на државата и пазарот на трудот. Мирни, кротки - бројки и електронски индекси.
Е ајде де да кукаме. Ајде уште малку да се жалиме, колку ни е тешко. Или ајде на студентска на СПУКМ, има гратис влезници. Место „студентизирај се!“, кај нас важи „моронизирај се!“. Ајде уште малку да се самосожалуваме или да залиеме со пијачка и некоја журка. Да се изгубиме во времето и просторот, да клекнеме пред пороците и да дозволиме да ни го амортизираат гневот. Ајде да конзумираме лесни информации и евтин хумор. Зошто да се замараме? Млади сме, еднаш се живее. И онака еден ден ќе умреме. А и зошто јас? Па, има други. Ќе чекам некоја млада идеалистичка будала. Сигурно од некаде ќе се појави некој Јан Палах. Ќе се самозапали или слично, па ќе го сликам за на инстаграм. Некој друг ќе се појави на барикадите и ќе се спротистави, место мене. Има будали денес. Зошто јас да се замарам? Јас ќе си гледам за себе. Кариера, ведра иднина и како и да оди тоа понатаму, според општо-прифатениот профил на успешен млад човек. Ќе живеам како останатите, конформистички. Што е можно повеќе безгрижно. И онака секој вид на отпор е или партиски или идеалистички зелен. Теории на заговори, некој трет е вмешан, што и да правам – тоа е, нема како поинаку. Да де, масонски заговори. Ден Браун режира од зад завесите, подготвува нова книга, „best seller“. Залудно е да се борам, некој тоа ќе го искористи.. И пак, бла бла бла, дремка муабети. Приспивно досадни. Ајде студенту, смисли уште некој изговор, зошто не ти, зошто не овде и зошто не сега. Ајде, конформирај се!

НЕ за институционална борба, ДА за протести и блокади!

Реформистите и НВО се залагаат за институционална борба. Петиции, претставки, бирократија, шалтери.. А и премногу дебатираат и полемизираат околу очигледното. 
Студентот е беден, обесправен и нема што да се дискутира околу фактите, а тоа е факт. Нема да бидеме дефетисти и да се предадеме на условите, ниту пак ќе се конформираме. Но нема ни да ја институционализираме борбата! Нема да се влечкаме по шалтери и да се префрламе од еден службеник до друг, низ лавиринтите на бирократијата. 
Во практиката - во најголем дел од случаите (грубо над 90%) овие методи потфрлаат, редовно. Не само што потфрлаат, туку се и автодеструктивни - го пасивизираат студентот и наместо директна борба, нудат посредна „борба“, која што им одговара на надлежните, бидејки воопшто не ги тангира - мирно спијат. Петициите завршуваат во фиока, буквално. И ова не го претпоставуваме, туку го знаеме. Ни се случувало. Ваквите методи, ја полираат површината (последицата), додека суштината (причината) - не е гибната. Проблемот се решава коренски и само коренски, поинаку - се пролонгира и повторно ќе се јави. Во денешен контекст, за да се привлече внимание и да се стави акцент на проблемот - потребно е да се удри по капиталот (парите) и угледот на надлежните, било тоа да се факултет, универзитет или министерство за образование. А како? Протести, блокади - окупирање на јавниот простор.. Директна акција. Самоорганизирање, без да се чека нечие одобрување, за да излеземе и да се бориме во свое име и да се солидаризираме со проблемите на нашите колеги и колешки. Нема потреба да ги чекаме од студентскиот парламент, ниту од управата на универзитетите, ниту од министерството да се сожалат на нас и да реагираат. Не ни требаат. Си требаме ние, да се солидаризираме едни со други и тоа е доволно. Нема да се самосожалуваме, ќе излеземе и ќе се бориме!  




Дури и протестите се меѓу-чекор во студентската борба, зошто ако се остане само на марш - ќе нè остават да се прошетаме, да повикаме а-у и тоа е тоа, никому ништо. Досега, од искуствата во соседните земји и пошироко, единствен ефективен метод е блокадата. Блокадата е радикализирање на борбата - ги користи двата фактори за остварување на целите - го „нарушува“ угледот на авторитетот, а бидејки блокира одреден процес (настава или функција на јавниот простор) - се трошат време и пари. Е тогаш, надлежниот има „желба“ да комуницира и преговара со студентите. Околу комуникацијата (се прават работни групи, за различна цел) - потребна е деперсонализација на борбата, односно ротирање на студентите што контактираат со јавноста, со цел да не се идентификува борбата со личности од најмалку три причини:

1. Една личност (или неколку личности) лесно се корумпира
    
2. Притисокот кога е распределен на еден колектив, наместо на една личност - полесно се носи
  
3. Секој е еднакво одговорен, односно одговара за себе, во свое име делува

При давањето изјави, треба да се внимава, изјавите да се конкретни и прецизни, со цел да се избегне спинување и деформирање (манипулирање) на изјавите. Медиумите не се навикнати на радикална реторика и радикално дејствување, затоа не треба да нè изненади, ако информираат парцијално/делумно (или не информират воопшто или информираат негативно) и ако се обидат да ја дискредитираат борбата заради методите. Гандиевските методи, се можеби добри за во холивудски квази-пацифистички филм, меѓутоа во практика - не само што не функционираат, туку и го фиксираат статус квото на студентот или дополнително ја влошуваат состојбата.

„Системот“ на функционирање е делегатски - преку делегати чија што улога е да пренесат став на студентскиот колектив, кој претходно е договорен по пат на консензус или мнозинство на студентска средба - пленум, по принципот на директна демократија односно еден чоек = еден глас. Делегатот нема право да изнесува свој личен став, не е претставник ниту е овластен да носи одлуки во име на колективот, тој само пренесува став, со цел да се олесни комуникацијата. Работните групи ротираат, заради горенаведените причини, распределба на одговорноста - меѓу останатото. Блокадата треба добро да се организира, односно да се запазат сите аспекти, со цел да функционира.




Во кратки црти, вака би требало да се одвива студентската борба.

Калкулус и друга виша (вишок) математика на Фармацевтскиот факултет


Ви пишувам во врска со еден проблем кој постои веќе неколку години на „Фармацевтскиот факултет“ во Скопје.
Имено, се работи за додавање на предмети за кои сметам дека претставуваат само дополнително мачење за студентите и воедно предмети кои го прават факултетот да биде потежок, т.е. непотребни предмети. 

Ви пишувам поради тоа што после неколку состаноци со студентскиот парламент, студентскиот правобранител ние не успеавме да направиме ништо како студенти, па дури добивме и закани доколку повторно пробаме нешто. 
Накратко да потенцирам, од нашиот факултет не знаат што учиме ние по предметите математика и применета статистика. Бидејќи во средно образование - фармацевти, не постои предмет математика во 3 и 4 година, надлежните знаат дека тоа ќе е проблем за студентите поради тоа што тие неколку пати би го презапишувале предметот и со тоа би се задржале повеќе, а воедно и повеќе би плаќале. 

Исто така, само на нашиот факултет, од сите факултети се поништуваат 2 сесии за полагање (со што е прекршено правото на студентот), т.е. предметите се „влечат“ од 1 во 2 семестар.
Имено, математика слушаме во првиот семестар, и доколку ние не го положиме предметот во јануарска испитна сесија, автоматски не смееме да полагаме статистика во 2 семестар, се додека во некоја од наредните испитни сесии не го положиме математика. 

На темата „Математика“ сакам само да додадам дека тоа не е „Математика за фармацевти“ како што на повеќе факултети во Европа се изучува, ние учиме интеграли, графици и останати работи кои не ни се потребни за понатамошното образование.


Додека ние фармацевтите овде се мачиме во непотребни предмети, фармацевтските факултети во Европа со изучување на конкретните предмети стигнуваат далеку пред нас. Ве молам да го разгледате маилот и да пробате да ги задржите инжинерите во оваа држава, со понапредно образование.


Во прилог испраќам листа на предмети кои се изучуваат на фармацевтскиот факултет, табела со условни предмети и предмети што се изучуваат на фармацевтскиот факултет во Сиднеј.

Услови на фармацевтскиот факултет при УКИМ:
1 и 2 семестар;

Предмети на факултетот:
1-6 семестар;

Услови на фармацевтскиот факултет во Сиднеј:

Извор на податоци: 

Анонимен

ФЛЕРТ КОЈ ВОДИ КОН СИЛУВАЊЕ: ДЕКАНАТОТ НА ФЗФ И СКИ „ОТВОРЕН КУФЕР“

Овој текст е преземен од официјалниот блог на иницијативата Отворен куфер. Оригиналот можете да го најдете на следниот линк: http://otvorenkufer.wordpress.com/2014/02/19/flert-koj-vodi-kon-siluvanje/



Еднаш, позади седум бруталистички бетонски ѕидини и седум лошо пополнети уплатници, неколку збунети студенти и студентки ги гледаа тажно своите 750 денари за информатички, културни и спортски активности (такозвани ИКСА) како заминуваат неповратно од џебовите на нивните семејства, додека сеќавањата на последниот настап на крајно талентираниот Јоце Панов во аулата на филозофскиот факултет сѐ поинтензивно избледуваа, оставајќи го на цедило нивниот културно-забавно-интелектуален апетит.
И така, умерено натажени и изнервирани, интоксирани со премногу ефтини чаеви во чајџилницата во стара чаршија, решија да се соочат со реалноста удирајќи си ги силно главите в ѕид со одлуката дека ќе сторат нешто мало, сосема малечко – ќе направат еден чекор напред кон студентскиот живот каков тие би сакале да имаме сите. Си дадоа име – Отворен Куфер – претендирајќи да се занимаваат пред сѐ со посакуваните отворени умови, ослободени духови, гласни гласови и издржани идеи кои слободно ќе се шират и ќе ги спојуваат луѓето. Се прашаа, од каде би можело да се почне, немајќи никакви врски, партии, важни пријатели, декански излижани гзови, а и финансии – а, како што споменавме, студирањето со сите успатни идиотски тракатанци ионака ги чинеше нивните родители повеќе од потребното.

Па, заклучија дека за почеток, би можеле да прават проекции на играни и документарни филмови проследени со дискусии во просториите на нивниот обожуван филозофски факултет. Меѓудругото, така и ќе се збогати културниот дел од понудената програма на овој толку плоден факултет чии студенти на сите страни бликаат со висококвалитетни знаења, благодарение на великодушната управа и невидено стручните професори. Тоа треба да е лесно, зарем не? Еден лаптоп, пар нискобуџетни звучки, и клуч од слободна просторија. Патем, веќе беа запознаени со своето законско право како студенти да ги користат просториите на својот факултет, а и своето право на слободно здружување, па полетни ем пролетни, се фрлија на изготвување на првите официјални барања за отстапување на простории и проектори.

Сѐ си беше за мерак. Со текот на времето добиваа нови идеи. Но најдобро беше што проекциите оформија свој континуитет, створија своја публика која ги надмина рамките на филозофскиот факултет. Да, имаше денови кога доаѓаа едвај петмина, а имаше и денови кога доаѓаа педесетмина – нејсе, тераа понатаму. Дискусиите беа секогаш одлични – сите присутни се мачеа со себеси учејќи се на конструктивен критицизам, толеранција и почитување на другите, и прифаќајќи дека никој од нас мали човечулци во овој голем универзум не е семоќен и сезнаен Бог. Да, тоа е идејата. Овде, во институција за академско образование, тие студенти, и уште мал милион други како нив, мораа сами здружено да учат сѐ што им е потребно како идни интелектуалци, освен се разбира набубаните мувлосани дефиниции од 45’та – неизмерна чест на исклучоци. Беше супер. Темите безгрижно флуктуираа; студентски живот и студентски медиуми, психолошки експерименти, култни класици, интелигентна стенд-ап комедија, алтернативен уличен театар,  политички состојби во Иран, светски водни војни и приватизација на водоводи, и така натаму.

*

Во меѓувреме, вработените во Деканатот на филозофскиот факултет им дофрлаа сомничави погледи и коментари. Како да не веруваа во безопасноста на таквите активности; па да не имаше сето тоа врска со некакви си таму будења на свест и поттикнување младина која размислува барем малкуцка повеќе, кој би сакал такво нешто, скраја да е. Сепак, официјално изјавуваа благонаклонетост и млака поддршка, иако повремено на проекциите се појавуваа чудни СПУКМ типови кои не можеа да издржат ни пет минути, па откако ќе се увереа дека ништо забрањено не се случува во просторијата, се враќаа во она нивно сопче во кое чмаат по цел ден пушејќи цигари и играјќи покер на фејсбук.

Но, еден убав февруарски ден во оваа година, на официјалното писмено барање за просторија кое групата го упати во архивата, сосема вообичаено, самиот Декан на филозофскиот факултет ги почести и удостои студентките и студентите со писмено известување. Тие, откако едвај се повратија во живот од прекумерната возбуда што ете дочекаа да добијам ем воопшто ем навремен одговор на своите барања, останаа со подзината уста пред напишаните редови.

Имено, Деканот ги извести дека, доколку во иднина би сакале да продолжат со своите редовни активности, т.е. проекции плус дискусии во просториите на филозофскиот факултет, ќе мораат тоа да го сторат преку СПУКМ, а во спротивно факултетот нема да биде во можност да излезе во пресрет на нивните барања. Потем, усно е споделено и дека на факултетот постои ценовник според кој сите организации (и студентски) кои сакаат да го користат просторот, треба чесно да си платат; па од грижа, за неформалната иницијатива Отворен куфер да не мора да плаќа она што е веќе преплатено, нека тропне на вратата на СПУКМ, и сѐ ќе биде бесплатно.


Звучи ок, не?
Но, да ги ѕирнеме овие извадоци од законот за високо образование:

Член 156
„Студентите учествуваат во управувањето со високообразовните установи преку претставниците кои ги избираат во студенскиот парламент на универзитетот, односно на самостојната високообразовна установа, студентскиот интеруниверзитски парламент, во органите на високообразовните установи, преку формите на самоорганизирање или на друг начин според условите утврдени со закон и статутот на високообразовната установа.“

Член 150„Студентот има право да:
- ги користи библиотеката и базите на податоци, просторот, опремата (учебните помагала), софтверот и друга научна и стручна инфраструктура на универзитетот и неговите единици, односно на самостојната високообразовна установа“

Токму затоа, овие студенти, се забезекнаа пред помислата дека некој од факултетската управа смее да си дозволи да ги ПРИСИЛИ да се обратат во СПУКМ за остварување на нивни активности на кои како студенти имаат потполно право, во простории на чие користење како студенти имаат – видовте, потполно право. Еве, да го изоставиме фактот дека мнозинството од конкретно оваа група студенти, како и многу други, не го сметаат СПУКМ за релевантно и валидно студентско тело по ниту еден можен основ, туку сосема напротив – ништо не би ги обрадувало повеќе од укинувањето на таа гадна партиска институција која цица пари а џабе дише, камоли да се труди околу нечии студентски права и стандарди.

*

Просто е – никој не може ним, или на било кои други студенти, да се осмели да им понуди еден, по нивен ќејф, канал за комуницирање со управата на својот матичен факултет кој, на крајот на денот, живее од нивните пари и живци, праќајќи им јасна порака дека нема да толерира било какви видови на слободни студентски здружувања, и нарушувајќи го нивното право на користење на просториите во слободните термини. Оваа постапка на управата покажува само едно: ним не им се допаѓа кога студентите прават нешто по своја иницијатива, макар тоа било „обична“ проекција на филм (а не дај боже протест – една друга легитимна форма на изразување), и таквите иницијативи кои се надвор од студентски тела кои можат да ги контролираат – ќе бидат гушени.

Овој грст студенти ќе одбијат да бидат натерани да го валидираат СПУКМ како канал за остварување свои идеи и активности; ќе одбијат да бидат третирани како група немоќни идиоти со кои бирократијата може да си игра како сака.
И оваа приказна нема да заврши тука – а понатаму можеби ќе им треба и вашата поддршка.
Со почит,
М. Грубор
Студентска културна иницијатива Отворен куфер