Зошто младите сакаат надвор?

Образованието - причина, владите - последица.

Бидејќи, сè тргнува од образованието. И од формалното и од неформалното - паралелно. Не е доволно само да си стручно образован - насочен. Треба и отворен ум, широка перцепција, надвор дури и од идеолошките матрици. Такво образование ни треба. Такво сакаме, за такво се бориме.За квалитетни, јавно-субвенционирани, автономни универзитети кои ќе разбудат критицизам и ќе го инсипирираат и извлечат најдоброто од нас.

Денес сме фабрички продукти. Индекси. Факултетите се фабрики. А овде сме и сега. Образованието го затекнавме - вакво, какво што е. На дното, во прашина. СПУКМ - никогаш не е одговор. Не е одговор, за секој што смета дека е интелигентен и има совест и чувствува одговорност. СПУКМ постојат за да го амортизираат гневот, да нè пасивизираат и да создадат перцепција - дека има некој што е тука за нас, задолжен за нашите права и слободи и дека треба да се повикуваме на нив, кога и да се почувствуваме слаби, изманипулирани, навредени, обесправени. Не можеме сами? Не знаеме сами? Не ти е доста? Не ти е доволно? За сите пропаднати генерации. За нашата генерација. За генерациите после нас.

Меѓу другото, СПУКМ се корумпирани, партиски привезоци. Ги трошат нашите пари (ДО 20% од ИКСА одат за СПУКМ, а тоа се ДО 123 илјади евра, а според измените кои се донесени, чланарината за СПУКМ е на доброволна основа. ИКСА - НЕ Е на доброволна основа, туку е услов за упис на факултет.), конзумираат моќ - која не им припаѓа, бидејќи ние - не ги изгласавме! Моќта, ни припаѓа НАС, на студентите. Без студентски претставници! Тие шетаат по Европа, градат CV и кариера, а обичниот студент е мизерен. Студентската борба, НЕ СМЕЕ (!) да биде кариеристичка, туку е ОДГОВОРНОСТ на секој студент, според неговата свест, совест и убедувања!

И сега, конечно на втората реченица: „Образованието - причина, владите - последица.“ Со квалитетно образовани студенти (по сите претходно наведени принципи) - ниедна влада, нема да се зафркава со народот, зошто ќе излеземе на улица. За нашето достоинство и нашата иднина! Оти тогаш, нема да нè запрат полициски кордони и барикади. Ова би се третирало како утопистичко и идеалистичко, само ако ТИ не веруваш во себе. А, ако веруваш - тогаш ова не е утопизам и идеализам, туку реална и единствена опција, за да го одбраниме нашето одамна извалкано и унаказено достоинство, да ја одбраниме нашата свест и совест, да ја одбраниме нашата сега унаказена иднина!
Доста е! Студентизирај се!

Образование – привилегија на богатите

Истражувањата покажуваат дека високото образование станува достапно само за децата од високата и средната класа, додека многу малку од децата од работничките, селските, како и ромските семејства продолжуваат на додипломски студии. Во нашето високо школство сè повеќе се донесуваат мерки со кои на посиромашните им е потешко да опстанат на факултет. Иако владата излезе во јавноста со информација дека ќе ги намали партиципациите, заборави да каже какви сè нови давачки ќе добиеме на факултетите. Факултетите бидејќи не добиваат доволно средства од државниот буџет, решија да удрат по грбот на студентите, па така има милион други давачки кои никој не знае за што служат, а без кои не може да се запише семестар. Исто треба да го спомнеме рекетот од страна на државата и банките кои на секоја таксена марка земаат и голема провизија, а често за 50 денари таксена марка, мора да се плати 50 ден. провизија. Да не заборавиме и дека во студентските домови нема доволно места (а и какви се условите во нив), потоа книгите кои се потребни за да се совлада градивото, дополнителната литература, храна, итн.


Тежнеејќи да ја задржат својата општествена моќ, така што освен капиталот, на своите потомци ќе ги пренесат и другите привилегии, елитата тежнее да воспостави контрола и над високото образование. Така што воопшто не треба да нè чуди што децата на директорите и банкарите најчесто многу лесно стануваат директори и банкари. Ретки поединци од работничката класа кои ќе успеат да стигнат до високо образование системот ќе ги научи со презир да гледаат на припадниците на својата некогашна класа и дека веќе не се еднакви со „мрзливите“ од селските и работничките семејства. Исто така често за овие луѓе кои немаат високо образование се вели дека не се доволно амбициозни и дека самите се виновни што не успеале. Притоа воопшто не се зема во обзир дека „неамбициозните“ секојдневно се под стрес дали ќе имаат да платат рата, дали ќе имаат пари за книги, за дом, за храна, мораат истовремено да работат и да студираат и најголем дел од времето да мислат како да ги исплатат трошоците наместо што треба да учат. 

Исто така најнова реформа во образованието е што нема 4 академски години туку 3+2. Односно 3 години плаќаш 200/400 евра и тоа е како да си завршил второ средно т.е. ама баш никакво значење немаат тие 3 години и нормално мора да завршиш плус две за да бидеш магистер. Е сега доаѓаме до главниот дел. Магистерски е 1500 евра од година, значи ти треба да имаш 3000 евра за да завршиш магистерски (на некои факултети може е и пониска цената, но сепак ти требаат доста пари). И ова е еден магичен круг. Децата на богатите ќе имаат магистерски и докторски студии и како поквалификувани ќе имаат добри работни позиции, а сиромашните ќе останат во калта (освен неколку поединци кои потоа се земаат како пример дека, ако сакаш можеш да успееш).

Образованието ни го продаваат како роба и нè лажат дека ако запишеме додипломски студии ќе напредуваме, а всушност реалноста е поинаква. Да, имаат право, 98% од средношколците запишуваат факултет и на тој начин факултетите некако преживуваат, буџетот се полни од таксените марки и другите давачки, банките си прават профит од провизиите, а студентите на крај остануваат со дипломата која не вреди ни за да се избришат со неа. Родителите на сиромашните деца продаваат ниви, земаат кредити, жртвуваат леб за образование и на крај нивното дете со години е под завод за вработување или ако има среќа ќе работи во бутик. Така богатите продолжуваат да бидат на врвот, а сиромашните остануваат во калта.

Затоа треба да ни е јасно дека борбата за бесплатно и на сите достапно образование преставува важно поле од пошироката борба за слободно општество лишено од секој облик на моќ, во кое сите ќе бидат рамноправни.