Третиот состанок на мрежата „Балкан Студент“ беше одржан на 7-ми и 8-ми април во Сараево, Босна и Херцеговина. На состанокот присуствуваа следните групи: Слободен Индекс (Скопје, Македонија), Sindikat Obrazovanja ASI (Белград, Србија), Nezavisna studentska inicijativa Fakulteta muzičke umetnosti (Белград, Србија), Мi smo univerza (Љубљана, Словенија) како потенцијална група-членка и Inicijativa za studentski sindikat (Сараево, БиХ) како домаќин. Групите Autonomni studenti (Риека), N`Solidaritet (Приштина) и Студентски глас (Софија) не беа во можност да дојдат поради финансиски причини, но активно придонесоа кон подготовките за состанокот.
„Балкан Студент“ е мрежа на слободарски студентски групи која се бори за: бесплатно (целосно јавно финансирано високо) образование, преку зголемување на јавните издатоци за образование; за укинување на Болоњскиот процес и негова замена со еманципаторно образование, втемелено на прогресивни идеи и критичко мислење; за укинување на претставничките студентски тела и нивна замена со директнодемократско самоорганизирање на студентите; и за остварување на целосна политичка автономија на Универзитетот, без вмешување на државата и на пазарот на труд.
Мрежата е оформена во април 2011 година и моментално брои седум групи-членки од сите страни на Балканот, со тенденција и понатаму да се шири. Мрежата промовира самоорганизирање како метод на делување, и е организирана на принципите на директна демократија, а постои за да ги обедини сите студенти од сите Балкански земји во борбата за бесплатно образование, со цел да се зацврсти движењето против комерцијализација на образованието, и тоа преку координирани акции, размена на искуства, солидарност и взаемна помош.
На третата средба Мрежата ја издефинира својата структура и ги испланира идните заеднички акции и заедничко делување во рамки на локалните заедници на групите-членки, а во прилог на понатамошната студентска борба против општествените неолиберални реформи, кои заземаат се` поголем замав во Балканските земји. Мрежата „Балкан студент“, како и нејзините автономни групи-членки, стануваат се` посилни и ќе продолжат организирано да се борат против комерцијализацијата на образованието, а за квалитетно и бесплатно образование.
Наредната средба ќе се одржи во Скопје во октомври 2012 година во организација на независното студентско движење „Слободен Индекс“.
Еден Балкан – една борба!
Мрежа „Балкан Студент“
13.04.2012