Како студенти кои се залагаме против корумпираниот и дисфункционален парламентарен (претставнички) начин на организирање на студентите, сметаме за неопходно да ги запознаеме студентите со разликите меѓу овој начин и неговата алтернатива - организирање по принцип на директна демократија, без хиерархија, лидери и претставници. Сметајќи дека единствен валиден начин студентите да си ги бранат сопствените права е само ако самите застанат зад себе и својот глас, ви пренесуваме краток текст за најважните разлики помеѓу директната и парламентарната демократија, преземен од страницата Мрежа на анархосиндикалистите.
Прво, директната демократија се однесува на создавање идеи колку и на нивно одобрување. Второ, директната демократија е базирана на делегација , а не на претставништво. Трето, директната демократија се однесува на работното место колку што се однесува и на заедницата, па така и на универзитетите. Четврто, директната демократија е секојдневен процес.
- 1. Директната демократија се однесува на создавање идеи колку и на нивно одобрување.
Во парламентарната демократија луѓето никогаш не се прашани за нивните идеи, само за одобрување или неодобрување на идеите кои се веќе подготвени за нив. Директната демократија наспроти парламентарната, е радикално поинаква, таа е базирана на здраворазумската претпоставка дека луѓето самите најдобро знаат за она кое директно ги засега. Непотребни се експерти кои би управувале или би ни покажале како да управуваме со сопствените работни места или заедници – сепак тука го поминуваме најголемиот дел од своето време и прилично сме запознаени со сите детали. Како анархисти уверено аргументираме дека сме способни да ги водиме сопствените заедници и работни места, единствено што ни е потребно е слободниот пристап кон сите информации, материјали и секако, право да работиме на тој начин. Затоа, директната демократија е метод, метод кој ни овозможува рамноправно да управуваме со сопствените заедници и работни места.
- 2. Директната демократија е базирана на делегација, а не на претставништво.
Клучната разлика помеѓу делегирањето и претставувањето е тоа што делегатите се избрани за некоја одлука да ја спроведат во дело, тие немаат право (какво што имаат застапниците во парламентот или синдикалните бирократи) да ја менуваат одлуката на општиот собир (состаноци, пленуми) кој ги поставил на одредена функција. Делегатите, за разлика од застапниците, можат да бидат во секој момент отповикани и заменети, доколку не ја извршуваат функцијата како што им наложил општиот собир. Исто така, покрај поединечни делегати можат секако да се делегираат и цели групи луѓе, кои посебно се занимаваат со одредени прашања, и се должни да поднесуваат извештаи на општиот состанок за да добијат дозвола за понатамошната работа или за престанување на активноста. Групите никако не можат да наметнуваат заклучоци на општиот состанок, единствено да изнесуваат информации кои ги собрале во склоп на својата делегациска (на пр. истражувачка) работа.
- 3. Директната демократија се однесува на работното место колку што се однесува и на заедницата.
Во парламентарната демократија, работното место е „имуно“ на демократија, надредените (управа, шеф, менаџери) работат без никакви консултации или одговорности кон подредените (работници), што резултира со опасни услови за работа, нездрава атмосфера, отпуштања, никаква плата, лоши услови воопшто. Во директната демократија сите активности на работното место би биле утврдени преку општ состанок (собир, пленум) на сите вработени, истото важи и за заедницата, прашањата кои имаат значење за целата заедница би се разгледувале и заклучувале на општиот состанок на сите жители на зградата или квартот. Општиот состанок на работници би дискутирал и одлучувал за условите на работа, би доделувал отповикувања на функцијата на координаторите на различни сектори на работното место и општо на работното место, и се разбира би организирал и би одлучувал како работата би требала да изгледа. Општиот состанок на работното место и општиот состанок на заедницата, поради потребите да се воспостави комуникација и соработка со широката заедница и другите работни места, би избрал делегати поради усогласување на пошироко градско, регионално, национално или пак интернационално ниво. На овој начин би се избегнало луѓето да се занимаваат со работи за кои немаат знаење, или пак да се им мешаат на другите во работата и одлучувањето поради својата позиција на (економска и/или политичка) моќ.
- 4. Директната демократија е секојдневен процес
За разлика од „петминутната“ пракса на парламентарната демократија, додека еднаш во четири години ставаме гласачки ливчиња во гласачката кутија, директната демократија е испреплетено и живо секојдневие. Директната демократија има активни и самосвесни учесници, што ја чини секојдневен процес, од заседанијата на општите состаноци (собири, пленуми), работата на отповикувачките и заменливи делегати или цели делегирани работни групи, до усогласување на заедницата и работните места на градско, регионално, национално или интернационално ниво. Директната демократија е органски процес кој овозможува раст и развој на колективното и индивидуалното искуство, непрестајно збогатувајќи го животот на своите учесници со жива политичка пракса, за разлика од парламентарната демократија каде што привилегија има заштитеното малцинство составено од политичари и шефови на локално, регионално, национално или пак интернационално ниво.