Конформирај се!

Студентот е ваков, студентот е онаков. Страв, пасивност, аполитичност, тешки времиња.. бла бла бла, дремка од досадни муабети. И уште илјада причини зошто не денес, зошто не овде. Ако не ти текнува, смисли некоја, снајди се. Сигурно имаш некој изговор. Прашај го Јан Палах, какви беа неговите времиња, кога се самозапали. Прашај ги сите тие убиени студенти, кои го кренаа гласот кога беше кревок, зарипнат и растреперен гласот на општеството. Кога молчеше пред неправдите. Кога достоинството му се прпелкаше во калта, правот и пепелта на згаснатиот оган. Тогаш студентите како феникс се издигнаа од пепелта, пред неправдите и над стравот. Стоеја пред тенкови, беа на барикадите! Беа стрелани од фашистичките копилиња, но не се предаваа! Ја изневеривме нивната борба. Но, не е ни најмалку битно, дали ги изневеривме нив. Тие се зад нас, во своето време. Се изневеривме самите. И тоа е процес кој трае. Сеуште се изневеруваме. Го свиткавме грбот, го стишивме гласот и потклекнавме на пропагандата на пасивност и послушност.
Ама, денес се други времиња бе. Прво да се наспиеме, после револуција. Социјална револуција. Не класна, туку револуција на социјалните мрежи. Твитер хаштази, тролање, фејсбук.. Нема од каде да се информираме, ептен сме за греота. Заглавени во лавиринтите на ЕКТС и шалтерите на бирократијата. Таксена марка овде, таксена марка онде, уверенија, потврди, провизии.. Поприсутни во банките, отколку на факултетите. А на факултет, сиво и шаблонизирано. Застарена традиционална литература или модернизирана под шарената чизма на капитализмот и потребите на пазарот. Асоцијалност и изолација и наметната послушност пред стегите на авторитетот и канцерогената хиерархија. Следиме некој распоред, со физичко присуство на предавања и вежби и учиме сè што не ни е потребно. Сè освен тоа како да изградиме личност и здрав карактер, како да научиме да бидеме солидарни, како да ја развиеме критичната свест, како да излеземе од матриците и шаблоните, едноставно сè освен тоа зошто и како треба да се бориме. Не нè учат да се бориме, туку нè учат како да се прилагодуваме. Го учиме трулиот и моронски, безвременски концепт „успешниот е успешен затоа што се прилагодува на различни услови“ и ние успешно се прилагододуваме, а не сме „успешни“ – потфрламе. Системот е крајно перверзен и мазохистички, добар за малкумина, ужасен за најголем дел, но добро – така сме научени, еби му матер. Универзитетите се фабрики, а ние сме нивни производи - изработени според шемите и калапите на државата и пазарот на трудот. Мирни, кротки - бројки и електронски индекси.
Е ајде де да кукаме. Ајде уште малку да се жалиме, колку ни е тешко. Или ајде на студентска на СПУКМ, има гратис влезници. Место „студентизирај се!“, кај нас важи „моронизирај се!“. Ајде уште малку да се самосожалуваме или да залиеме со пијачка и некоја журка. Да се изгубиме во времето и просторот, да клекнеме пред пороците и да дозволиме да ни го амортизираат гневот. Ајде да конзумираме лесни информации и евтин хумор. Зошто да се замараме? Млади сме, еднаш се живее. И онака еден ден ќе умреме. А и зошто јас? Па, има други. Ќе чекам некоја млада идеалистичка будала. Сигурно од некаде ќе се појави некој Јан Палах. Ќе се самозапали или слично, па ќе го сликам за на инстаграм. Некој друг ќе се појави на барикадите и ќе се спротистави, место мене. Има будали денес. Зошто јас да се замарам? Јас ќе си гледам за себе. Кариера, ведра иднина и како и да оди тоа понатаму, според општо-прифатениот профил на успешен млад човек. Ќе живеам како останатите, конформистички. Што е можно повеќе безгрижно. И онака секој вид на отпор е или партиски или идеалистички зелен. Теории на заговори, некој трет е вмешан, што и да правам – тоа е, нема како поинаку. Да де, масонски заговори. Ден Браун режира од зад завесите, подготвува нова книга, „best seller“. Залудно е да се борам, некој тоа ќе го искористи.. И пак, бла бла бла, дремка муабети. Приспивно досадни. Ајде студенту, смисли уште некој изговор, зошто не ти, зошто не овде и зошто не сега. Ајде, конформирај се!

No comments:

Post a Comment