Овој текст е преземен од официјалниот блог на иницијативата Отворен куфер. Оригиналот можете да го најдете на следниот линк: http://otvorenkufer.wordpress.com/2014/02/19/flert-koj-vodi-kon-siluvanje/
Еднаш,
позади седум бруталистички бетонски ѕидини и седум лошо пополнети уплатници,
неколку збунети студенти и студентки ги гледаа тажно своите 750
денари за информатички, културни и спортски активности (такозвани ИКСА) како заминуваат
неповратно од џебовите на нивните семејства, додека сеќавањата на последниот
настап на крајно талентираниот Јоце Панов во аулата на филозофскиот факултет сѐ поинтензивно избледуваа, оставајќи го на цедило нивниот културно-забавно-интелектуален апетит.
И така, умерено натажени и изнервирани, интоксирани со премногу
ефтини чаеви во чајџилницата во стара чаршија, решија да се соочат со реалноста
удирајќи си ги силно главите в ѕид со одлуката дека ќе сторат нешто мало,
сосема малечко – ќе направат еден чекор напред кон студентскиот живот каков тие
би сакале да имаме сите. Си дадоа име – Отворен Куфер – претендирајќи да се занимаваат пред
сѐ со посакуваните отворени умови, ослободени духови, гласни гласови и издржани идеи кои слободно ќе се шират и ќе ги спојуваат луѓето. Се прашаа, од
каде би можело да се почне, немајќи никакви врски, партии, важни пријатели,
декански излижани гзови, а и финансии – а, како што споменавме, студирањето со
сите успатни идиотски тракатанци ионака ги чинеше нивните родители повеќе од
потребното.
Па, заклучија дека за почеток, би можеле да прават проекции на
играни и документарни филмови проследени со дискусии во просториите на нивниот
обожуван филозофски факултет. Меѓудругото, така и ќе се збогати културниот дел
од понудената програма на овој толку плоден факултет чии студенти на сите
страни бликаат со висококвалитетни знаења, благодарение на великодушната управа
и невидено стручните професори. Тоа треба да е лесно, зарем не? Еден лаптоп,
пар нискобуџетни звучки, и клуч од слободна просторија. Патем, веќе беа
запознаени со своето законско право како студенти да ги користат просториите на
својот факултет, а и своето право на слободно здружување, па полетни ем
пролетни, се фрлија на изготвување на првите официјални барања за отстапување
на простории и проектори.
Сѐ си беше за мерак. Со текот на времето добиваа нови идеи. Но најдобро беше што проекциите оформија свој континуитет, створија своја публика која ги надмина рамките на филозофскиот факултет. Да, имаше денови кога доаѓаа едвај петмина, а имаше и денови
кога доаѓаа педесетмина – нејсе, тераа понатаму. Дискусиите беа секогаш одлични
– сите присутни се мачеа со себеси учејќи се на конструктивен критицизам,
толеранција и почитување на другите, и прифаќајќи дека никој од нас мали човечулци
во овој голем универзум не е семоќен и сезнаен Бог. Да, тоа е идејата. Овде, во
институција за академско образование, тие студенти, и уште мал милион други
како нив, мораа сами здружено да учат сѐ што им е потребно како идни интелектуалци, освен се разбира набубаните мувлосани дефиниции од 45’та – неизмерна чест
на исклучоци. Беше супер. Темите безгрижно флуктуираа; студентски живот и
студентски медиуми, психолошки експерименти, култни класици, интелигентна
стенд-ап комедија, алтернативен уличен театар, политички состојби во
Иран, светски водни војни и приватизација на водоводи, и така натаму.
*
Во меѓувреме, вработените во Деканатот на филозофскиот факултет
им дофрлаа сомничави погледи и коментари. Како да не веруваа во безопасноста на
таквите активности; па да не имаше сето тоа врска со некакви си таму будења на
свест и поттикнување младина која размислува барем малкуцка повеќе, кој би
сакал такво нешто, скраја да е. Сепак, официјално изјавуваа благонаклонетост и
млака поддршка, иако повремено на проекциите се појавуваа чудни СПУКМ типови
кои не можеа да издржат ни пет минути, па откако ќе се увереа дека ништо
забрањено не се случува во просторијата, се враќаа во она нивно сопче во кое
чмаат по цел ден пушејќи цигари и играјќи покер на фејсбук.
Но, еден убав февруарски ден во оваа година, на официјалното
писмено барање за просторија кое групата го упати во архивата, сосема
вообичаено, самиот Декан на филозофскиот факултет ги почести и удостои
студентките и студентите со писмено известување. Тие, откако едвај се повратија
во живот од прекумерната возбуда што ете дочекаа да добијам ем воопшто ем
навремен одговор на своите барања, останаа со подзината уста пред напишаните
редови.
Имено, Деканот ги извести дека, доколку во иднина би сакале да
продолжат со своите редовни активности, т.е. проекции плус дискусии во
просториите на филозофскиот факултет, ќе мораат тоа да го сторат преку СПУКМ, а во
спротивно факултетот нема да биде во можност да излезе во пресрет на нивните
барања. Потем, усно е споделено и дека на факултетот постои ценовник според кој сите организации (и
студентски) кои сакаат да го користат просторот, треба чесно да си платат; па
од грижа, за неформалната иницијатива Отворен куфер да не мора да плаќа она што е веќе
преплатено, нека тропне на вратата на СПУКМ, и сѐ ќе биде бесплатно.
Звучи ок, не?
Но, да ги ѕирнеме овие извадоци од законот за високо образование:
Член 156
„Студентите учествуваат во управувањето со високообразовните установи преку претставниците кои ги избираат во студенскиот парламент на универзитетот, односно на самостојната високообразовна установа, студентскиот интеруниверзитски парламент, во органите на високообразовните установи, преку формите на самоорганизирање или на друг начин според условите утврдени со закон и статутот на високообразовната установа.“
Член 150„Студентот има право да:
- ги користи библиотеката и базите на податоци, просторот, опремата (учебните помагала), софтверот и друга научна и стручна инфраструктура на универзитетот и неговите единици, односно на самостојната високообразовна установа“
Токму затоа, овие студенти, се забезекнаа пред помислата дека некој од факултетската управа смее да си дозволи да ги ПРИСИЛИ да се обратат во СПУКМ за остварување на нивни активности на кои како студенти имаат потполно право, во простории на чие користење како студенти имаат – видовте, потполно право. Еве, да го изоставиме фактот дека мнозинството од конкретно оваа група студенти, како и многу други, не го сметаат СПУКМ за релевантно и валидно студентско тело по ниту еден можен основ, туку сосема напротив – ништо не би ги обрадувало повеќе од укинувањето на таа гадна партиска институција која цица пари а џабе дише, камоли да се труди околу нечии студентски права и стандарди.
*
Просто е – никој не може ним, или на било кои други студенти, да се осмели да им понуди еден, по нивен ќејф, канал за комуницирање со управата на својот матичен факултет кој, на крајот на денот, живее од нивните пари и живци, праќајќи им јасна порака дека нема да толерира било какви видови на слободни студентски здружувања, и нарушувајќи го нивното право на користење на просториите во слободните термини. Оваа постапка на управата покажува само едно: ним не им се допаѓа кога студентите прават нешто по своја иницијатива, макар тоа било „обична“ проекција на филм (а не дај боже протест – една друга легитимна форма на изразување), и таквите иницијативи кои се надвор од студентски тела кои можат да ги контролираат – ќе бидат гушени.
Овој грст студенти ќе одбијат да бидат натерани да го валидираат СПУКМ како канал за остварување свои идеи и активности; ќе одбијат да бидат третирани како група немоќни идиоти со кои бирократијата може да си игра како сака.
И оваа приказна нема да заврши тука – а понатаму можеби ќе им треба и вашата поддршка.
Со почит,
М. Грубор
Студентска културна иницијатива Отворен куфер
No comments:
Post a Comment