Образование – привилегија на богатите

Истражувањата покажуваат дека високото образование станува достапно само за децата од високата и средната класа, додека многу малку од децата од работничките, селските, како и ромските семејства продолжуваат на додипломски студии. Во нашето високо школство сè повеќе се донесуваат мерки со кои на посиромашните им е потешко да опстанат на факултет. Иако владата излезе во јавноста со информација дека ќе ги намали партиципациите, заборави да каже какви сè нови давачки ќе добиеме на факултетите. Факултетите бидејќи не добиваат доволно средства од државниот буџет, решија да удрат по грбот на студентите, па така има милион други давачки кои никој не знае за што служат, а без кои не може да се запише семестар. Исто треба да го спомнеме рекетот од страна на државата и банките кои на секоја таксена марка земаат и голема провизија, а често за 50 денари таксена марка, мора да се плати 50 ден. провизија. Да не заборавиме и дека во студентските домови нема доволно места (а и какви се условите во нив), потоа книгите кои се потребни за да се совлада градивото, дополнителната литература, храна, итн.


Тежнеејќи да ја задржат својата општествена моќ, така што освен капиталот, на своите потомци ќе ги пренесат и другите привилегии, елитата тежнее да воспостави контрола и над високото образование. Така што воопшто не треба да нè чуди што децата на директорите и банкарите најчесто многу лесно стануваат директори и банкари. Ретки поединци од работничката класа кои ќе успеат да стигнат до високо образование системот ќе ги научи со презир да гледаат на припадниците на својата некогашна класа и дека веќе не се еднакви со „мрзливите“ од селските и работничките семејства. Исто така често за овие луѓе кои немаат високо образование се вели дека не се доволно амбициозни и дека самите се виновни што не успеале. Притоа воопшто не се зема во обзир дека „неамбициозните“ секојдневно се под стрес дали ќе имаат да платат рата, дали ќе имаат пари за книги, за дом, за храна, мораат истовремено да работат и да студираат и најголем дел од времето да мислат како да ги исплатат трошоците наместо што треба да учат. 

Исто така најнова реформа во образованието е што нема 4 академски години туку 3+2. Односно 3 години плаќаш 200/400 евра и тоа е како да си завршил второ средно т.е. ама баш никакво значење немаат тие 3 години и нормално мора да завршиш плус две за да бидеш магистер. Е сега доаѓаме до главниот дел. Магистерски е 1500 евра од година, значи ти треба да имаш 3000 евра за да завршиш магистерски (на некои факултети може е и пониска цената, но сепак ти требаат доста пари). И ова е еден магичен круг. Децата на богатите ќе имаат магистерски и докторски студии и како поквалификувани ќе имаат добри работни позиции, а сиромашните ќе останат во калта (освен неколку поединци кои потоа се земаат како пример дека, ако сакаш можеш да успееш).

Образованието ни го продаваат како роба и нè лажат дека ако запишеме додипломски студии ќе напредуваме, а всушност реалноста е поинаква. Да, имаат право, 98% од средношколците запишуваат факултет и на тој начин факултетите некако преживуваат, буџетот се полни од таксените марки и другите давачки, банките си прават профит од провизиите, а студентите на крај остануваат со дипломата која не вреди ни за да се избришат со неа. Родителите на сиромашните деца продаваат ниви, земаат кредити, жртвуваат леб за образование и на крај нивното дете со години е под завод за вработување или ако има среќа ќе работи во бутик. Така богатите продолжуваат да бидат на врвот, а сиромашните остануваат во калта.

Затоа треба да ни е јасно дека борбата за бесплатно и на сите достапно образование преставува важно поле од пошироката борба за слободно општество лишено од секој облик на моќ, во кое сите ќе бидат рамноправни.

No comments:

Post a Comment