ЕМА ГОЛДМАН: ФРАНЦИСКО ФЕРЕР И МОДЕРНАТА ШКОЛА

Искуството се смета за најдобра животна школа. На мажите или жените кои нема да научат некои животно важни лекции во таа школа, се гледа како на вистински глупаци. Сепак е чудно тоа што мирно прифаќаме, како само по себе да се подразбира, дека организираните институции ги повторуваат грешките, не учат од искуството.

Во Барселона  живеел и работел човек по име Francisco Ferrer. Бил учител, познат и обожуван меѓу народот. Надвор од Шпанија само неколкумина образовани знаат за неговото дело. За големиот свет тој учител не постои.

На први септември 1909 година, шпанската влада - по налог на католичката црква - го затворила Francisco Ferrer. На тринаесетти октомври, по наводното судење, го сместиле во затворска ќелија во Montjuich, до страшен ѕид на многу воздишки и го убиле. Одеднаш Ferrer, неугледниот учител, стана универзален лик, отсјај на гневот и бесот на целиот цивилизиран свет кон неодговорните убијци.

Убиството на Francisco Ferrer не е првото злодело што го извршиле шпанската влада и католичката црква. Историјата на тие институции е долга река на оган и крв. Сепак ништо не научија од искуството, ниту сфатија дека секој кревок живот кој црквата или државата го убива прераснува во моќен гигант, кој еден ден ќе го ослободи човековиот род од нивниот опасен стисок.

Francisco Ferrer бил роден во 1859г., во скромно семејство. Биле католици и се надевале дека ќе го израснат својот син во истата вера. Не знаеле дека детето ќе стане гласник на голема вистина, дека неговиот ум ќе одбие да тргне по стариот пат. На рана возраст Ferrer почнал да ја испитува верата на својот татко. Сакал да дознае како тоа бог, кој му говори за добрина и љубов, го нарушува сонот на невино дете со страшни и ужасни маки, страдања, пекол. Со оглед на тоа што бил внимателен и имал жив и испитувачки дух, не му требало многу да ги открие ужасите на тоа црно чудовиште, католичката црква. Тој сакал да престане со тоа.

Francisco Ferrer не бил само човек кој се сомневал, во потрага по вистината, бил и бунтовник.  Духот му се распламнал со праведен гнев кон железниот режим во неговата земја, кога група бунтовници, кои ги водел храбриот патриот генерал Villacampa, под стегите на републиканскиот идеал, силно го нападнала тој режим, и немало пожесток борец од младиот Francisco Ferrer. Се надевам дека републиканскиот идеал никој нема да го помеша со републиканството во Америка. Било какви приговори да имам јас, како анархист, за републиканците на латинските земји, знам дека тие високо ја надминуваат таа корумпирана и реакционарна партија која, во Амеrика, го уништува секој знак на слобода и правда. Човек мора да помисли на Mazzini, Garibaldi, на многу други, за да сфати дека нивните напори биле насочени не само против деспотизмот, туку посебно против католичката црква, која од самиот свој почеток била непријател на секој напредок и слободарство.

Во Америка е сосема спротивно. Републиканците застапуваат утврдени права, империјализам, корупција, уништување на се она што наликува на слобода. Нивниот идеал е слаткоречивиот, ползечки углед на McKinley и суровата Рузвелтова ароганција.

Побуната на шпанските републиканци била задушена. Потребно било нешто повеќе од само храброст да се разбие столетниот период,  да се отсече главата на католичката црква, на таа хидра, и шпанскиот престол. Апсења, прогонувања и казнувања следувале по херојскиот обид на малата група. Оние кои избегале од прогонувачите, морале да побегнат во потрага за сигурност во странски земји. Francisco Ferrer бил меѓу нив. Заминал во Франција.

Колку морала неговата душа да расцвета во новата земја! Франција, колевка на слободата, идејата, акцијата. Париз, секогаш младиот, жестокиот Париз, пулсирајќи живот, по мракот на неговата заостаната земја – колку само морало да го инспирира! Какви поволни прилики, каква блескава шанса за млад идеалист!

Francisco Ferrer не губел време. Како прегладнет човек се вклучил во многу различни либерални движења, запознавал различни видови луѓе, учел, впивал, растел. Додека бил таму, ја видел и Модерната школа на дело, што ќе одигра толку важна и судбоносна улога во неговиот живот.


Модерната школа во Франција е основана многу пред Фереровото доба. Нејзиниот зачетник, иако во тесен круг, бил свежиот дух на Louise Michel. Свесно или несвесно, големата Louise одамна почувствувала дека иднината припаѓа на помладата генерација, дека, ако младите не се ослободат од институциите кои ги разоруваат умот и душата, општественото зло ќе продолжи да постои. Таа мислела, како и Ibsen, дека атмосферата е проткаена со духови, дека возрасните маж и жена мораат да надминат многу празноверија. И само што ќе го прераснат смртоносниот зафат на едно сениште, гледај, веќе се наоѓаат во ропството на деведесет и девет други привиденија. Само некои го достигнуваат врвот на целосната преродба.

Детето пак, нема традиции кои би морало да ги надмине. Неговиот ум не е оптоварен со низи идеи, неговото срце не е ладно кон класните и општествените разлики. Детето за учителот е она што е глината за скулпторот. Дали светот ќе прими уметничко дело или презрена имитација, зависи во голема мера од креативната моќ на учителот.

 Louise Michel најнапред била способна да го наслушне копнежот на детската душа. Не била ли самата како дете по природа, толку слатка и нежна, едноставна и великодушна? Louise-ината душа горела над секоја општествена неправда. Секогаш била во првите редови кога и да се бунеле Парижаните против било каква неправда. И бидејќи била затворана поради својата голема преданост кон угнетените, малата школа на Монмартр речиси исчезнала. Но семето било посеано и родило со плод во многу француски градови.

Најважен потфат на Модерната школа е оној на големиот и секогаш млад Paul Robin. Со неколку пријатели ја отворил големата школа во Cempuis, прекрасно местенце покрај Париз. Paul Robin тежнеел кон повисок идеал, не само кон внесување на модерните замисли во образованието.  Сакал да покаже со вистински факти дека граѓанската концепција за наследување е само изговор за поштедување на општеството од неговите страшни злодела против младината. Тврдењето дека детето мора да пати за гревовите на својот татко, дека мора да продолжи со сиромаштијата и нечистотијата, дека мора да прерасне во пијаница или злосторник, само затоа што родителите не му оставиле ништо друго во наследство, било премногу извртено за добриот дух на Paul Robin. Тој верувал дека освен наследството, без обзир на неговата улога, има и други еднакво големи фактори, ако не и поголеми, кои би можеле и кои ќе го искоренат или намалат таканаречениот прв впечаток.  Соодветното економско и социјално опкружување, здив на слобода и природа, здрава вежба, љубов и сочувство, и над сè, длабоко разбирање на потребите на детето – сето тоа ќе ја уништи суровата, неправедна и зла стигма наметната на невината младина. Paul Robin не ги бирал своите деца, не одел кај т.н. најдобри родители: тој ги земал децата од каде и да ги најдел. Ги земал од улици, од колиби, сиропиталишта и домови за најденчиња, поправни домови, од сите оние сиви и страшни места каде благонаклоното општество ги сокрива своите жртви за да ја смири својата грешна совест.  Ги собрал сите нечисти, валкани, треперливи сирачиња кои ги нашол и ги одвел во Cempuis. Таму биле, по природа, слободни и непопречени, добро нахранети, чисти, сакани и опкружени со разбирање, човечките билки почнале да растат, да се развиваат над очекувањата на нивниот пријател и учител, Paul Robin.

Децата се развиле во мажи и жени сигурни во себе, кои ја сакаат слободата. Што е поголема опасност за институциите кои произведуваат сиромаштија за да ја овековечат? Француската влада го затворила Cempuis бидејќи одделенијата во него биле мешани што во Франција тогаш било забрането. Сепак, Cempuis доволно долго дејствувал така што успеал да им ги покаже на сите напредни педагози своите неверојатни можности и послужил како поттик за модерните методи на образованието, кои полека но неизбежно го поткопуваат моментално постоечкиот систем.
По Cempuis следел голем број други образовни обиди - меѓу нив обидот на Madelaine Vernet, надарена писателка и поетеса, авторка на делото L`Amour Libre (Слободна љубов), и Sébastien Faure, и неговата La Ruche (Улиште), кој го посетив во Париз 1907 година.

Пред неколку години другарот Faure купи земјиште на кое ја изгради својата La Ruche. Во релативно кратко време успеа да го преобрази некогашното диво, некултивирано земјиште во расцветано место, кое почна да изгледа како добро одржувано домаќинство. Голем квадратен двор, опкружено со три згради и широка патека која води до градината и овоштарникот, дочекувајќи посетители. Градината, одржувана онака како што знае само еден Французин, нуди голема разноликост на вегетацијата.

Мислењето на Sébastien Faure е дека детето во својот развој ќе страда ако биде подложено на  спротивставени влијанија. Дури кога материјалните потреби, куќната хигиена и интелектуалната средина ќе бидат усогласени, детето ќе може да израсне во здраво, слободно суштество.

За својата школа Sébastien Faure рекол:

„Земав дваесет и четири деца од двата пола, повеќето сирачиња, или оние чии родители се премногу сиромашни за да можат да им платат школување. Ги облеков, им пружив дом и ги образував на свој трошок. До својата дваесетта година ќе добијат темелно основно образование. Помеѓу дванаесетата и седумнаесетата година – додека образованието уште им трае – ќе почнат да бидат подучувани за некоја професија, во согласност со нивните поединечни наклоности и способности. Потоа се слободни да ја напуштат La Ruche и да започнат живот во надворешниот свет, но и сигурни дека секогаш можат да се вратат во La Ruche, каде ќе бидат примени со отворени раце и добредојдени, како што родителите ги дочекуваат своите сакани деца. А ако сакаат да работат кај нас, можат под следните услови: една третина од производството ќе ги покрива нивните трошоци за издржување, втората третина оди во општиот фонд наменет за прием на нови деца, а последната  третина е наменета за лични потреби.

Здравјето на децата за кои моментално се грижам е одлично. Чистиот воздух, хранливите оброци, физичката активност на отворено, долгите прошетки, одржувањето на хигиенските правила, интересните методи на подучување и, над се, нашето разбирање и нежна грижа за децата, дадоа неверојатни физички и ментални резултати.

 Би било неправедно да се тврди дека нашите ученици оствариле чудо, но, ако земеме предвид дека припаѓаат на просекот, дека претходно не им се пружила прилика, резултатите се навистина задоволувачки. Најважното што го постигнаа – што ретко се случува со децата во редовните училишта – е тоа што сакаат да учат, да знаат, да бидат информирани. Научија нов работен метод, метод кој го забрзува помнењето и ја поттикнува  имагинацијата. Посебно се обидуваме да ја разбудиме детската заинтересираност за неговата околина, да ја разбере важноста на набљудувањето, истражувањето и размислувањето, така што кога децата ќе созреат, нема да бидат глуви и слепи за работите околу нив. Нашите деца ништо не прифаќаат на слепо, а да не препрашуваат зошто и поради која причина е нешто такво какво што е, ниту се задоволни додека на своите прашања не добијат потполн одговор. Така нивниот ум е ослободен од сомнеж и страв кои произлегуваат од непотполни и невистинити одговори, токму ова последното го изопачува детскиот развој и создава во него недостаток на доверба во самиот себе и оние околу него.

Изненадувачки е колку се искрени, љубезни и срдечни нашите дечиња едни кон други. Согласноста помеѓу нив и возрасните во La Ruche силно ги охрабрува. Би биле во неприлика кога од нас децата би се плашеле или би не ценеле само поради тоа што сме нивни старешини. Правиме се за да ја добиеме нивната доверба и нивната љубов, така оствареното разбирање ќе ја замени должноста, довербата ќе го замени стравот, а љубовта строгоста.

Никој сеуште во целост не го сфатил богатството на сочувството, љубезноста и великодушноста што се крие во детската душа. Напорот на секој вистински педагог би требал да ја отклучи таа ризница – да се поттикне детскиот порив и од него да се извлечат најдобрите и најблагородни склоности. Нема поголема награда за нечија животна работа отколку да го следи растот на човечките билки, да гледа како нивниот карактер ги отвара своите  ливчиња, и да набљудува како се развиваат во вистински личности. Моите пријатели во La Ruche не бараат поголеми награди и благодарение токму на нив и нивниот напор, повеќе отколку мојот, нашата човечка градина ветува дека ќе роди убави плодови.“

Што се однесува на темите историја и преовладувачки техники на подучување, Sébastien Faure рекол:

„На нашите деца им објаснуваме дека вистинската историја допрва треба да се напише – приказната за оние кои загинаа, непознати, во напорот да му помогнат на човештвото на патот кон големите достигнувања.“

Francisco Ferrer не можел да го избегне тој голем бран на обиди да се оствари Модерната школа. Тој ги воочил нејзините можности, не само на теоретско ниво, туку и на ниво на нејзината практична примена за секојдневни потреби.  Со тоа сфатил дека на Шпанија, повеќе од било која друга земја, и е потребен таков вид на школа, ако некогаш сака да го собори двострукиот јарем, свештеничкиот и војничкиот.

Ако разгледаме дека целиот образовен систем во Шпанија бил во рацете на католичката црква, и ако понатаму, се присетиме на католичката формула, „Доколку се вреже католицизмот во главата на детето до неговата деветта година, тоа веќе нема да прима ни една друга идеја“, ќе ја разбереме големата задача која Ferrer ја имал кога донесе нова светлина за својот народ. Судбината речиси му помогнала во остварувањето на неговиот голем сон.

Госпоѓицата Meunier, ученичка на Franciscо Ferrer, и богата дама, се заинтересирала за проектот на Модерната школа. Кога починала, му оставила вреден имот и дваесет илјади франци годишен приход за школата.

Се вели дека лошите души можат да замислат само лоши идеи. Ако е така, тогаш подлите методи на католичката црква со кои ја оцрнувала Ferrer-овата важност, за да го оправда своето црно злодело, може веднаш да се објасни. Така во американскиот католички печат се проширила лагата дека Ferrer бил во интимни односи со госпоѓицата Meunier со цел да дојде до нејзините пари.

Посебно сметам, дека интимноста, од било кој вид, помеѓу мажот и жената е нивна лична работа, нивен свет. Би сакала да не потрошам ни збор на оваа тема, доколку не стануваше збор за една од многуте кукавички лаги кои се ширеле околу Ferrer.

Секако, оние кои ја познаваат чесноста на католичкото свештенство, ќе ја разберат импликацијата. Дали католичките свештеници некогаш гледале на жената поинаку освен како на сексуална роба? Историските податоци откриени во манастирите ќе ме поддржат во ова. Како тогаш тие би можеле да ја разберат соработката помеѓу мажите и жените освен ако не е на сексуална основа?

Всушност г-цата Meunier ја сметале за претпоставена на Ferrer. Бидејќи го поминала детството и моминските години со скржав татко и покорна мајка, сфатила колкава е вредноста на потребата за љубов и среќа во детскиот живот. И по се, сигурно увидела дека Francisco Ferrer не бил учител создаден во школа, како машина или едноставно некој со диплома, туку дека бил надарен со духот на тој повик.

Опремен со знаење, искуство и потребни средства, пред  се задоен со боженствена страст за својата мисија, нашиот пријател се вратил во Шпанија и таму го започнал своето животно дело. На деветти септември 1901 година е отворена првата Модерна школа. Граѓаните на Барселона ја примиле со занес и ветиле дека ќе ја поддржат.  Во кратко писмо по повод на отварањето на училиштето, Ferrer ја изнел својата програма пред пријателите. Рекол: „Не сум говорник, не сум пропагандист, не сум борец. Учител сум, повеќе од се ги сакам децата. Мислам дека ги разбирам. Сакам својот придонес во борбата за слобода да го остварам така што ќе ги подготвам младите генерации за новото доба. “
Неговите пријатели го предупредиле да биде внимателен во своето спротивставување на католичката црква. Знаеле колку далеку оди таа за да ги острани непријателите. И Ферер го знаел тоа. Но, исто како Бренд, верувал во се или ништо. Не би можел да ја подигне Модерната школа на истата стара лага. Ќе биде искрен, чесен и отворен со децата.

Франциско Ферер станал обележан човек. Од самиот прв ден по отварањето на школата, почнале да го следат. Го надгледувале градењето на школата, го надгледувале неговиот мал дом во Мангат. Го следеле секој во чекор, дури и кога одел во Франција или во Англија да се посоветува со своите колеги. Бил обележан човек, и било само прашање на време кога човекот од заседата ќе ја затегне јамката.

Речиси тоа им успеало во 1906, кога Ferrer го вовлекле во обид за атентат на Alfonsо. Ослободувачкиот доказ бил прецврст дури и за црни врани па морале да го пуштат на слобода – иако не засекогаш. Чекале. Ох, тие можат да чекаат, кога ќе одлучат да уловат жртва во стапица.
Тој момент конечно дошол, во тек на антимилитаристичките бунтови во Шпанија во јули 1909. Ако ги прегледа човек сите дупки на револуционарната историја нема да најде позначајни протести против милитаризмот.  Со векови војската го угнетувала шпанскиот народ, и не можеле повеќе да го издржат таквиот јарем. Одбиле да учествуваат во бескорисниот колеж. Не виделе причина да ја поддржат депотската влада во нејзиното задушување и угнетување на малиот народ кој се бори за својата независност, како што тоа го правеле храбрите жители на Риф. Не, тие нема да се борат против нив.

Илјада осумстотини години католичката црква го проповедала евангелието на мирот. Но кога луѓето посакале тоа евангелие да го спроведат во реалноста, таа ја натерала власта да ги присили на оружје. Така шпанската династија ги следела методите на руската династија – ги принудиле луѓето на бојното поле.

Тогаш, и само тогаш, на нивната моќ на издржливост и дошол крај. Тогаш, и само тогаш, шпанските работници се кренале против споите господари, против оние кои како пијавици ја цицале нивната сила, нивната крв. Да, ја нападнале црквата и свештениците, но дури и да имаат свештениците илјада животи, не би можеле да платат за страшните злоупотреби и злодела кои ги извршиле над шпанскиот народ.

Francisco Ferrer бил уапсен на први септември 1909. До први октомври неговите пријатели и другари не знаеле што се случува со него. Тој ден L`Humanité примил писмо од кое можело да се дознае се за фарсата на судењето. А следниот ден неговата придружничка, Soledad Villafranca, го примила следното писмо:
„Нема причина за грижа, знаеш дека по се сум невин. Денес сум посебно полн со надеж и радосен. Ова е прв пат да можам да ти пишам и прв пат од моето апсење можам да се капам во зраците на сонцето, кои великодушно пробиваат низ прозорецот на мојата ќелија. И ти мораш да се радуваш. “

Колку е трогателно дека Ferrer верувал, дури и на четврти октомври дека нема да биде осуден на смрт. Уште потрогателно е тоа што неговите пријатели и другари биле во заблуда верувајќи во тоа  дека непријателот сепак има чувство за правда. Често верувале во моќта на судството, за потоа да доживеат да им ги убиваат браќата пред очи. Не се подготвувале да го ослободат Ferrer, дури не протестирале,  ништо не направиле. „Зошто, па не е возможно да го осудат Ferrer; тој е невин. " Но, со католичката црква се е возможно. Не е ли таа штитоносец во праксата, чии судења на нејзините непријатели се најлошото исмевање  на правдата?

На четврти октомври Ferrer го пратил следното писмо до L`Humanité:

„Затворска ќелија, 4 октомври 1901.
Драги мои пријатели – и покрај апсолутната невиност, обвинителот бара смртна казна, втемелена на полициски обвиненија, кои ме претставуваат како водач на анархистите во светот, кој управува со работничките синдикати во Франција и ме обвинуваат за завери и бунтови насекаде, тврдат дека моите патувања во Лондон и Париз се за таа цел.

Со такви бесрамни лаги се обидуваат да ме убијат.

Доставувачот само што не заминал и немам повеќе време за пишување. Целиот доказен материјал кој полицијата го предала на истражниот судија не е ништо друго освен куп лаги и подметнат клевети.  Но нема ниеден доказ против мене, бидејќи ништо не сум ни сторил.

    Ferrer."
На тринаесетти октомври 1909 било стивнато Ferrer-овото срце, толку храбро, непоколебливо, толку верно срце. Кутрите будали! Последното смртно отчукување на тоа срце сеуште не отчукало кога тоа почнало стократно да удира во срцата на цивилизираниот свет, додека не се претворило во страшна грмотевица, фрлајќи ја својата клетва на двигателите на црните злосторства. Убијците во црна облека и побожните лица пред судот на правдата!

Дали Francisco Ferrer учествувал во антимилитаристичкиот бунт? Според првото обвинение кое се појавило во католичката листа во Мадрид, а ја потпишале бискупот и сите барселонски архијереи, не  ни бил обвинет за соучество. Според обвинението, Francisco Ferrer бил виновен затоа што организирал безбожни училишта и делел безбожна литература. Но во дваесетиот век човек не може туку така да се запали бидејќи не верува во Бог.  Морало да се најде нешто друго, оттука е обвинението за бунтот.

Во ниеден автентичен извор кој е до сега истражен не може да се најде доказ кој би ги поврзал Ferrer и бунтот. Но, властите не сакале докази, или не ги прифаќале. Имало седумдесет и два сведока, а нивното сведоштво е запишано. Никогаш не биле соочени со Ferrer или тој со нив.

Дали е психолошки можно Ferrer да соучествувал? Не верувам дека е, а еве ги моите причини за тоа. Francisco Ferrer не бил само голем учител, туку несомнено и чудесен организатор. За осум години, помеѓу 1901 и 1909, во Шпанија организирал сто и деведесет школи, освен тоа што ги поттикнал  либералните елементи на својата земја да организира уште три стотини и осум други школи. Со својата сопствена работа во школите, Ferrer ја опремил модерната печатница, организирал преведувачи и дистрибуција на сто и педесет илјади примероци на модерни научни и социолошки дела, а да не говориме за големата количина на рационалистички прирачници.  Таква мајсторија можел да изведе само исклучително методичен и ефикасен организатор.

Од друга страна, апсолутно е докажано дека антимилитаристичкиот бунт воопшто не бил организиран: дека и самиот народ бил изненаден, како и многу други револуционерни бранови во минатото. Граѓаните на Барселона, на пример, го држеле градот под надзор четири дена, и според изјавите на туристи, никогаш во градот не владеел поголем ред и мир. Секако, луѓето биле толку слабо подготвени, па кога дошол часот, не знаеле што да направат. Во тоа биле како Парижаните во текот на Комуната 1871. И тие биле неподготвени. И покрај тоа што гладувале, ги штителе складиштата кои до врв биле полни со залихи. Поставиле стражари да ја надгледуваат Француската банка, во која буржуите ги држеле украдените пари. Работниците на Барселона исто така го надгледувале пленот на своите господари.

Колку е трогателна глупоста на слабите, колку е страшно трагична! А сепак, не му се ли ланците толку длабоко забиени во место, да не може, дури и кога би можел, да ги раскине? Стравопочитта кон власта, законот, приватната сопственост, стократно се засекла во неговата душа – како неподготвен, неочекувано ќе ја прекине?

Може ли на момент да се претпостави дека човек како Ferrer соработувал со таков спонтан, неорганизиран обид? Не би знаел ли дека таквиот обид ќе заврши со пораз, со кобен пораз за народот? Не ли е поверојатно, ако учествувал во него, тој, искусниот претприемач, до крај би го организирал тој обид? Ако ни недостасуваат сите други докази, тој еден фактор би бил доволен да го ослободи Franciscо Ferrer. Но има и други подеднакво уверливи.

На самиот ден на бунтот, 25 јули, Ferrer одржал конференција на своите учители и членови на Лигата за рационално образование. Требале да разгледаат  што ќе работат есента, а особено објавата на големата книга на Éliséea Reclusa, L`Homme et la Terre ( Човекот и земјата) и книгата Големата француска револуција на Петар Кропоткин. Дали е воопшто веројатно, дали е воопшто уверливо дека Ferrer, ако знаел за бунтот и ако учествувал во него, ладнокрвно да ги повика своите пријатели и колеги во Барселона на денот кога би знаел дека нивните животи би биле загрозени? Навистина, само злосторнички, расипан и лицемерен ум можел да му припише така промислено убиство.

Francisco Ferrer сам го зацртал своето животно дело, можел се да изгуби и ништо да не добие, освен пропаст и несреќа, ако го потпомагал бунтот. Не се работи за тоа дека се сомневал во правилноста на човечкиот гнев, но неговото дело, неговата надеж, самата негова природа тежнееле кон друга цел.

Залудни се лудите напори на католичката црква, нејзините лаги, фалсификати, нереди. Таа била обвинета од разбудената човечка свест дека ги повторила уште еднаш валканите злосторства од минатото.

Francisco Ferrer е обвинет бидејќи подучувал деца за идеи кои ја заледуваат крвта – да го мразат Бог, на пример. Страшно! Francisco Ferrer не верувал во постоењето на Бог. Зошто би ги учел децата да мразат нешто што не постои? Не е ли поверојатно да ги извел децата надвор, да им ја покажал убавината на заоѓањето на сонцето, сјајот на ѕвезденото небо, чудото на планините и морињата кое во луѓето буди страв, да им го објасни тоа со својот едноставен, директен начин за законот на раст, развој и меѓусебната поврзаност на се во животот? Правејќи го тоа, би постигнал засекогаш да биде невозможно отровното семе на католичката црква да пушти корен во детскиот ум.

Изјавуваат дека Ferrer ги подготвувал децата фа ги уништат богатите. Приказни за духови на старите. Не е ли поверојатно дека ги подготвувал да се вклучат во помагање на сиромашните? Дека ги подучувал дека понижувањето, деградацијата, ужасот на сиромаштијата, се злосторства а не доблести, дека ги подучувал за достоинството и важноста на сите творечки напори, кои едиствено го одржуваат животот и го градат карактерот. Не е ли најдобар и најделотворен начин да се изнесе на дневна светлина апсолутната бескорисност и неправдата на паразиството?

На крај, но не и помалку важно, Ferrer е осуден дека ја поткопал војската ширејќи антимилитаристички идеи. Навистина? Се чини дека, како Толсто, верувал дека војната е легализиран колеж, дека ги овековечува омразата и ароганцијата, дека ги јаде срцата на нацијата и ги претвора во побеснети манијаци.

Како и да е, еве што самиот Ferrer кажува за своите идеи за модерното образование:

„Би сакал моите читатели да посветат внимание на оваа замисла: сите вредности на подучувањето почиваат на почит кон физичката, интелектуална и морална волја на детето. Баш како што во науката нема докази без факти, така нема вистинско образование освен она кое е лишено од секаков догматизам, кое на самото дете му препушта да го одреди правецот на своите напори, и кое се ограничува на тоа да го поддржува неговиот напор. Нема ништо полесно од менувањето на таа цел, и ништо потешко од нејзиното почитување. Подучувањето е секогаш наметнување, насилство,ограничување; вистински педагог е оној кој најдобро го штити детето од (учителските) сопствените идеи, своите сопствени мушички, оној кој најдобро знае со детската енергија.

Уверени сме дека образованието во иднината ќе биде пред се спонтано, секако, ние сеуште тоа не можеме да го оствариме, но развојот на методите кон пошироко разбирање на животните појави и фактот дека секој чекор кон совршенството значи надминување на ограничувањата – сето тоа сугерира дека имаме право кога се надеваме дека детето ќе го спаси знаењето.

Не се плашиме да кажеме колку сакаме луѓето да бидат способни да се развиваат без прекин, непрестано да бидат способни да ја уништуваат и обновуваат својата околина, и да се обновуваат себе; луѓе, чија интелектуална зависност ќе биде нивна најсилна моќ, кои нема да се врзуваат за ништо, секогаш подготвени да го прифатат она што е најдобро, среќни поради победата на новите идеи, и кои тежнеат да водат повеќекратни животи во еден живот. Општеството се плаши од такви луѓе; поради тоа не смееме да се надеваме дека тоа некогаш ќе посака образование кое ќе ни подари такви луѓе.

Ќе ја следиме работата на научниците кои го подучуваат детето со најголемо внимание и со најголема желба ќе трагаме по средства за примена на нивните искуства во подучувањето кое сакаме да го изградиме, за што повеќе да го ослободиме поединецот. Но, како можеме да ја оствариме нашата цел? Нема ли тоа да го направиме така што директно ќе се вклучиме во поддршката на основање нови училишта, со кои ќе владее колку што е можно повеќе духот на слободатам за кој претчувствуваме дека ќе преовладува во целото образование во иднината?

Експериментот е направен, и за сега, веќе покажа одлични резултати. Можеме да уништиме се што во денешните училишта одговара на организација под принуда, вештачка околина со која децата се одвојуваат од природата и животот, интелектуална и морална стега која им наметнува готови идеи, верувања кои ги расипуваат и уништуваат природните склоности. Без страв дека ќе се залажеме себе, можеме да го вратиме детето во околина која го привлекува, природна околина во која ќе биде во допир со сето она што го сака, и во кое животните поими ќе го заменат бубаторското учење од книга. Ако не направиме повеќе од тоа, веќе во голема мера ќе го подготвиме ослободувањето на детето.

Во вакви услови веќе би можеле слободно и плодотворно да ги примениме научните факти.

Многу добро знам дека така нема да можеме да ги оствариме сите свои надежи, дека често ќе бидеме присилени, поради недостаток на знаење, да примениме несакани методи, но увереноста ќе не поддржува во нашите напори – имено, дури и ако не ја оствариме целта потполно, треба да направиме што повеќе и што подобро во нашата незавршена работа отколку тоа што го успеваат денешните училишта. Ја сакам слободната спонтаност на детето кое ништо не знае, повеќе од светското знаење и интелектуалната деформираност на детето кое е изложено на нашето денешно образование.“

Ако Ferrer навистина го организирал бунтот, ако се борел на барикадите, ако фрлел стотина бомби, не би бил толку опасен за католичката црква и деспотизмот, како со својата спротивставеност на ограничувањата и принудата. Ограничување и принуда – не се ли тие во позадина на сите зла на светот? Ропството, покорувањето, сиромаштијата, целата беда, сите општествени неправди произлегуваат од ограничувањата и принудите. Навистина, Ferrer бил опасен. Поради тоа морал да умре, на 13 октомври 1909, во ров во Montjuich. Но сепак, кој се осудува да рече дека умрел залудно? Имајќи го предвид бурниот пораст на општото огорчување: Италија ги именува улиците по Franciscu Ferrer, Белгија му подигнува споменик, Франција ги повикува своите славни луѓе да продолжат да ја следат трагата на маченикот, Англија прва печати негова биографија, сите земји се соединуваат во желбата да го овековечат големото дело на Francisca Ferrer;дури и во Америка, која е секогаш бавна кога станува збор за прогресивни иде, се раѓа Друштво Francisco Ferrer, со цел да ги печати собраните дела на Ferrer и да организира Модерни школи низ целата земја – со обзир на тој меѓународен револуционерен бран, кој може да рече дека Ferrer умрел залудно?

Таа смрт на Montjuich – колку е чудесна, колку била драматична, колку ја предизвикала човековата дупа. Горд и исправен, со целото свое битие свртен кон светлината, на Francisco Ferrer не му требале лажливите свештеници да му дадат храброст, ниту го кудел чудовиштето за тоа што го оставило на цедило. Свеста дека неговите погубувачи претставуваат доба која умира, а дека тој е претставник на жива вистина, го одржала во последните херојски моменти.

Доба која умира и вистина која живее;

Живата ја погребува мртвата.

Објавено во “Emma Goldman: Anarchism and other esseys” - 1917

No comments:

Post a Comment