Студентски став: Поредокот пред колапс?

Изминатата 2011 година сите ќе ја паметиме по безбројните немири и протести кои го раздрмаа светот. Од рушење на тоталитаристички влади до масовни протести против мерките за надминување на кризата, преку јасен напад врз привилегираниот „еден процент“ на Волстрит, па сè до неодамнешниот масовен отпор спрема новите закони за виртуелен мрак, народот во одамна незамисливи толпи се крена на улиците обвиени во пламен. Економската криза од 2008 година ја разниша неприкосновеноста на империјалистичка Европа и им ја разбистри свеста на обичните луѓе. Сега не само во неразвиените завојувани земји на Истокот, туку и во „стабилната и демократска“ Европа, па дури и во „ветената земја американска“, луѓето повеќе не се задоволуваат со своите пасивни улоги на работници, татковци, мајки и чесни (читај: примерни) граѓани.
Две работи се сигурни: отпорот спрема угнетувачкиот капиталистички поредок кој сè повеќе го зголемува јазот помеѓу оние кои можат да ја поседуваат половина планета и оние кои живеат од долар на ден, наголемо се раѓа; и демократијата, како режим на владеење, не може да ги гарантира слободата и благосостојбата на луѓето, оти се сведува само на бирократски слуга на капиталот.


Во кој момент се прелеа чашата? Тогаш кога владејачките гарнитури ширум светот сложно одлучија да ги „санираат“ штетите од кризата, така што ќе ги надоместат загубите на банките и ќе ги покријат долговите на владите преку кратење од џебот на самите граѓани. Почнаа да се отпуштаат работници, да се намалуваат платите, да се крати од социјалните давачки и да се поскапува образованието, оти сега стана товар за државниот буџет. Ова последното сосем очекувано ги погоди студентите, оти мошне исправно „намирисаа“ дека кратењето од буџетите за јавно образование постепено ќе прераснува во процес за приватизација и комерцијализација на образованието. Тоа, заедно со здравството, се двете најважни јавни добра и права кои граѓаните со децении макотрпно си ги финансираат преку даноци, и не смеат да станат стока на продажба. Во последните неколку години сведочиме за масовни студентски протести низ целиот свет, кои извикуваат: „Образованието не е на продажба“, „Образование за сите“ и „Знаењето не е стока“. Токму така, ЗНАЕЊЕТО НЕ Е СТОКА и не може да биде приватна сопственост. Знаењето, науката, човековиот развој се цивилизациска придобивка која му припаѓа на целиот народ и која капитализмот (или ако сакате да го олицетвориме, тогаш: владејачките гарнитури и економските магнати) не смее да му ја одземе.



Студентите, кои неколку децении, особено по превирањата поврзани со `68-ма, беа само пасивни набљудувачи, полека си ја враќаат старата улога како столб на општеството, најсилен фактор за промени и најголема критичка сила. Масовните медиуми, за кои е познато дека повеќе им се наклонети на корпорациите кои ги поседуваат, отколку на критичките искри кои го напаѓаат поредокот, често одбираат да ги игнорираат протестите и бунтовите на студентите, кои се случуваат во секој агол на планетата. Само во последниов месец масовни протести, некаде еднократни, некаде континуирани, некаде мирни, а некаде и насилни, организираа студентите во Каиро, Онтарио, Квебек, Даблин, Варшава, Њујорк, цела Англија и уште стотици градови низ светот. Сите со варијации во своите барања, но со една заедничка мисла: слободно и бесплатно образование. И во секој од тие градови властите треперат пред ревот на гневните студенти и прават сè за да ги задушат нивните побуни. Во Свазиленд, студентот Максим Дламини и еден негов колега беа уапсени пред две недели поради лажно сомнение за поседување експлозиви во текот на еден студентски бунт против покачувањето на школарините. Во Сенегал студент е убиен од страна на полицијата на студентски протест. И во „демократските“ земји имаат начин да го задушуваат отпорот, најчесто со масовни апсења поради „учество во толпа“ и слични бесмислени обвиненија.

Протестите против покачувањето на школарините, против мерките за пополнување на буџетските дефицити, против класната нееднаквост (ние, мнозинството, кои едвај крпиме крај со крај, мошне добро знаеме дека и денес општеството се уште функционира на принципот: една класа владее со друга), против обидите за цензура на интернет како заштита на приватната сопственост, се сведуваат на една единствена борба: светот се крева против капиталистичкиот поредок, и борбата против тој поредок во крајна линија е борба против нееднаквоста, сиромаштијата, експлоатацијата, хиерархијата, материјалистичките вредности и отуѓувањето на човекот. Тоа е благородна мисла за општествени промени, за промени во фундаменталните вредности, промена на угнетувачкиот поредок. До каде ќе стигне оваа борба и дали повторно ќе биде стишена од страна на владејачите, како што низ историјата често се случувало, останува да видиме.

Кај нас, пак, како и обично, луѓето си го туркаат животецот не обѕирнувајќи се на светските превирања. Кај нас, како и обично, властите играат по заповедите на ЕУ, а луѓето се чувствуваат побезбедни затворени во своите домови. Ние колективно излегуваме на улиците само за да ги славиме големите спортски победи, кои ако ништо друго, барем нè оттргнуваат од егзистенцијалните проблеми. И само по некој како мене, ете, од време на време ќе напише по некој горлчив ред (повторно во безбедноста на својот дом) во надеж дека барем кај неколкумина читатели ќе ја предизвика истата горчина и бес, кои најпосле ќе го изведат на улиците. Оти нема друг начин да ги земеме сопствените животи во свои раце и да издејствуваме промени. Ние сме СТУДЕНТИ и наша света должност е да бидеме критички преиспитувачи на општествените текови и први побуненици против тиранијата врз нашите животи.

No comments:

Post a Comment