Студентски став: БОЛОЊА - за Елитата Корист, Темнина за Студентот

Има некаква мистика во Болоњскиот процес – се појави од никаде, го потпиша цела Европа, од корен го смени стариот образовен систем, воведе претходно нечуени стандарди и остави мошне драстични последици, не само во образованието, туку и во општеството во целина, и сепак, во сиве овие години, ретко кога покрена било какви прашања.


Прашања имаше, но само од технички карактер: како да се имплементира, како да се приспособи на системите во другите европски земји, како да одговори на директивите на ЕУ, како да се справиме со целата реформа. Но безмалку цела деценија откако се потпиша таа фамозна Болоњска декларација кај нас, во јавноста не се крена никаква дебата за тоа каква е политиката што се труди да ја наметне, какви промени предвидува да постигне, какви последици ќе почувствува општеството по нејзината имплементација. Се’ до пред некој ден.

На 12-ти овој месец Министерството за образование заедно со Ректоратот на УКИМ и со некој си Центар за истражување и креирање политики одржаа јавна „дебата“ на тема преиспитување на искуствата од Болоњскиот процес. „Дебатата“ беше одржана во малата сала на Ректоратот, која брои едвај 40 седишта, половина од нив зафатени само од медиумите. На оваа конференциска парада, одржана само колку само да се тргне од дневен ред ова горливо прашање – и тоа во контролирани услови – видовме „стручњаци“ од странство, претставници од Министерство, управата на Универзитетот, ама не и макар еден студент. На конференцијата можеше да се чуе по некоја модерирана критика за тоа како не чинеле тестовите на заокружување и слично, но никој не го покрена најважното прашање: дали можеби овој Болоњски систем треба целосно да се исфрли?

Што воопшто подразбира тој Болоњски процес? За студентите, Болоњскиот процес е материјализиран во поимот ЕКТС. Поимот ЕКТС за студентите значи: секој ден да одат на предавања; катадневно да се докажуваат преку основношколската практика на кревање два прста за плусче во дневник; дека ќе полагаат на фенси компјутери; дека тестовите на заокружување од истите тие фенси компјутери можат да се купат во секоја фотокопирница (одговорени); дека студентскиот живот ќе го поминат во бркање бодчиња за оценка плус, понекогаш и со ниту еден прочитан ред од учебникот. Поимот ЕКТС за студентите уште и значи: дека додипломските студии се само подготовка за мастер, без кој утре нема да можат да најдат работа; дека тие мастер студии ќе ги чинат нивните семејства дваесетина месечни плати; дека дури и после тие мастер студии ќе излезат од факултет толку слабо обучени што едвај би се снашле АКО најдат работа; дека заедно со нив дипломирале уште барем тродупло повеќе кадри отколку што бара дадената област.

за Елитата
  Корист
     Темнина 
  за Студентот

За универзитетите, Болоњскиот процес значи: дека секоја година ќе ги зголемуваат квотите за да заработат повеќе пари од партиципација; дека проодноста од еден семестар во друг ќе се зголеми, повторно за да заработат повеќе пари од партиципација; дека ќе продаваат ЕКТС правилници по цена од 1500 денари; дека ќе отвораат беспотребни работни места, од типот на ЕКТС координатор. За државата, пак, Болоњскиот процес значи дека секоја година се’ повеќе ќе го кратат буџетот за образование во прилог на „осамостојување“ на Универзитетите; дека краткорочно ќе го решат проблемот со невработеноста преку логиката „повеќе млади со статус на студенти – помала бројка во заводот за невработени“; дека нема да се противат на општите тенденции за приватизација на јавните добра; дека нема да и’ се спротивставуваат на Европската Унија.

Од Болоња, се разбира, најмногу корист имаат политичките и економските елити. Но што значи Болоњскиот процес за општеството? Овој процес е една од програмите на ЕУ кои постојат за да имплементираат т.н. неолиберална политика. Неолиберализмот како светски тренд  зема замав уште во раните деведесетти, но во последнава деценија неговата примена е најдрастична. Не е случајно што во Македонија високото образование почна да се наплаќа токму во текот на подготовките за потпишување на Болоњската декларација во 2003 година. Во таканаречените „социјални“ западни држави, образованието во најголем дел е финансирано од државниот буџет, како и здравството, комуналните услуги и сите останати добра од јавен интерес. Неолибералната политика, меѓутоа, со години се обидува да ја потисне таквата традиција, со цел приватизација на јавните добра – капитализмот во своето најдобро светло. Светската економска криза се покажа како совршено оправдание за сечење на средствата од буџетот наменети за образование, и со тоа поскапување на студиите. Повеќе од три години низ цела Европа, но и надвор од нејзините граници, студентите протестираат поради тие кратења, и во крајна линија – против Болоња. Оти Болоња за општеството не значи ништо, освен комерцијализација на образованието; знаењето стана продукт, дипломите станаа стока на продажба.

Студентите се принудени да купуваат нешто што нивните родители одамна веќе го имаат исплатено – преку даноци. Јавното образование е на пат целосно да се приватизира, и Болоњскиот процес е патот кој ќе го одведе до таму. Квалитетот на образованието во нашава земја е ужасно опаднат, оти критериумот повеќе не е знаењето, туку кој колку има да плати. Факултетите исфрлаат кадри како машини во фабрика, а тие неспособни кадри утре не можат да си го најдат местото на пазарот на трудот. Наставната програма повеќе не се образува според потребите на општеството и на човештвото, туку исклучиво според потребите на пазарот на труд. Студентот стана безгласна буква, незнаен јунак, јунак-незнајко. Студентот сега е воспитуван со менталитетот како полесно да се помине. Студентот е исклучен од општествените случувања, бидејќи целото време му е обземено во обврски околу факултетот. „Предавање – 4 часа. Учење на лекцијата – 6 часа. Подготовка за наредниот час – 2 часа.“ Вака изгледаат повеќето ЕКТС правилници, кои во детали му го имаат испланирано денот на студентот.

А го праша ли некој студентот што има на ова да каже? Ние не ја сакаме Болоња. Ние бараме целосно да се отфрли овој систем на студирање. Ние бараме јавно високо образование целосно финансирано од државниот буџет.  Сакаме секој да има еднакви шанси и еднаков пристап до високо образование, а не само оној што има да плати. Се залагаме за квалитетно и еманципирачко образование и нема да дозволиме да ни го приватизираат. Сакаме автономен универзитет кој ќе произведува знаење во прилог на еманципација и напредок на човештвото, а не фабрика за производство на нискоквалификувани кадри. Универзитет во кој државната власт и економските елити нема да смеат да се мешаат. Бараме образование кое е слободно и достапно за сите.

No comments:

Post a Comment