Третата средба на независната организација „Балкан студент“ ќе се одржи на 7-8 април 2012 во Сараево, Босна и Херцеговина. На средбата ќе учествуваат студенти и активисти за бесплатно образование од целиот Балкан: Хрватска, Словенија, Косово, Србија, Бугарија, Македонија и други. Активистите од „Слободен Индекс“ по трет пат ќе земат активно учество во оваа група на солидарност, која беше основана со цел да се обединат независните студентски движења од регионот во борбата против се` поагресивната комерцијализација на образованието како последица на се` поинтензивната неолиберализација на општеството. Она што ги спои сите овие локални групи кои егзистираат во слични услови е заедничката визија за бесплатно образование, за независно студентско организирање и за слободно општество.
Првата балканска средба се одржа токму во Скопје од 8-10 април 2011 година во организација на „Слободен Индекс“. Втората средба се одржа во Белград од 4-6 ноември 2011. На досегашните средби учествуваа: Autonomni studenti - Риека, Sindikat obrazovanja-ASI - Белград, Студентски глас - Софија, N`Solidaritet - Приштина, JOSD - Сараево и други групи и поединечни активисти.
http://balkan-student.site90.net/
За она за кое што се залагаат групите во „Балкан Студент“ и за кое заедно работат на средбите, можете да прочитате подолу во Платформата.
Платформа на независната организација „Балкан Студент“
“Балкан Студент” е мрежа на независни студентски групи од Балканот, која се бори за бесплатно и слободно образование за сите, втемелено на принципите на директна демократија.
Независните групи кои се дел од „Балкан Студент“ се борат за:
- Бесплатно образование за сите. Сметаме дека образованието е јавно добро кое треба да им биде достапно на сите, без разлика на нивната општествено-економска положба, род, сексуална определба, етничка припадност или религиозна определба.
- Автономија на универзитетот. За образовен систем кој води автономна политика, без влијание од пазарот на трудот и без влијание од државните политики.
- Студентско организирање засновано на принципите на директна демократија.
- Еманципаторно образование втемелено на прогресивни идеи т.е. на рационално и критичко мислење.
Нашите цели се:
- Укинување на Болоњскиот процес и негова замена со систем на јавно финансирано образование, кое ќе биде достапно за сите.
- Укинување на партиципацијата и зголемување на јавните издатоци за образованието.
- Укинување на студентските парламенти и на другите претставнички тела и нивна замена со студентско самоорганизирање засновано на принципите на директна демократија.
- Потполна политичка автономија на Универзитетот.
Имајќи на ум дека сме соочени со многу скапо образование, регулирано од страна на државата, подредено на пазарот на трудот и на неолибералните реформи, ние студентите од сите балкански земји сме солидарно обединети да се бориме против:
- Образовен систем кој не` учи на хиерархија и подредување, отфрлање на секакво критичко мислење, трудејќи се притоа да го задуши секој обид за преиспитување на доминантните односи во општеството.
- Образовен систем подреден на агресивната комерцијализација, со која управуваат државното интервенирање и капиталистичките стремежи, формирајќи наставно-образовен програм кој одговара на потребите на пазарот на трудот. На тој начин се создаваат машини за работа, а не луѓе способни за критичко размислување.
- Образовен систем во кој студентското влијание е законски ограничено и се сведува на претставнички тела кои се хиерархиски, привилегирани, корумпирани и државно-контролирани.
Ги повикуваме сите прогресивни групи од било која балканска земја, кои се борат против капиталистичката репресија и неолибералните реформи, за еднаквост и слобода на сите луѓе, и пред се` за бесплатно и слободно образование, да ни се придружат во борбата. Само преку солидарност можеме да создадеме здрав образовен систем, кој треба да биде основа на праведно и слободно општество.
No comments:
Post a Comment