Петар Кропоткин - Апел до младите (2 дел); За науката и идните научници

Доколку не сте го прочитале првиот дел од Апел до младите, тоа можете да го сторите на следниов линк.
Во продолжение е вториот дел од памфлетот:

Но, можеби ќе речеш:"Едноставно, практичниот бизнис нека оди по ѓаволите! Ќе се посветам себеси на чиста наука: ќе бидам астроном, физичар, хемичар. Таквата работа секогаш носи плодови, барем за идните генерации."
Ајде прво да разбереме што бараш од посветувањето на науката. Дали е тоа само задоволството - без сомнение огромно - кое го добиваме од изучувањето на природата и вежбањето на нашите интелектуални способности? Во тој случај те прашувам - како филозофот, кој ја изучува науката за да си го помине животот удобно, се разликува од еден пијаница, кој што бара само моментално задоволство, кое џинот му го овозможува? Филозофот, во секој случај, го одбрал своето уживање помудро, заради тоа што му овозможува задоволство далеку подлабоко и потрајно отколку на оној погоре. Но, тоа е сè! И двајцата имаат иста крајна цел, лична сатисфакција.
Но, не, ти немаш желба да водиш ваков себичен живот. Работејќи на науката ти сакаш да работиш за хуманоста, и тоа е идејата која ќе те води низ твоите истражувања.
Прекрасна илузија! Кој од нас не ја прегрнал за момент кога за прв пат се давал себеси на науката?
Но, сепак, ако навистина размислуваш за хуманоста, ако сакаш да работиш за доброто на човечкиот род со твоите изучувања, тешко прашање ќе се појави пред тебе; заради тоа што, и колку малку критички дух да имаш во себе, мора веднаш да забележиш дека во нашето општество науката е само додаток на луксузот, која служи да го направи животот поудобен за неколкумина, но останува апсолутно недостижна за најголемиот дел од човештвото.
Помина повеќе од еден век откако науката ги огласи, да речеме претпоставките за почетокот на универзумот, но колкумина ги совладале или колкумина го поседуваат вистинскиот научен критички дух? Неколку илјади таму надвор, кои се изгубени меѓу стотици милиони сè уште затворени во предрасуди и празноверија карактеристични за дивјаците, кои, како последица, се секогаш спремни да послужат како марионети за религиските измамници.
Или, ако одиме чекор понапред, ајде да расветлиме што науката направила за да воспостави рационални основи за одржување на физичкото и моралното здравје. Науката ни кажува како треба да живееме за да го зачуваме здравјето на нашите сопствени тела, како да се одржи во добра егзистенцијална состојба масата народ на нашата популација. Но, таа залудно потрошена работа, направена во овие две насоки, не останува ли само мртов збор во нашите книги? Ние знаеме дека е тоа така. А зошто? Заради тоа што науката денес егзистира само заради една рака привилегирани личности, заради тоа што социјалната неправда, која го дели општеството на две класи - робови - надничари и приграбувачи на капиталот, ги создава сите свои учења како услови за рационална егзистенција, но тоа е само горчлива иронија на деветтиот - десеттиот дел на човештвото.
Можам да изнесам уште многу вакви примери, но накратко: само излези од Фаустовото сопче, чии прозорци, затемнети од прашината, едвај ја пропуштаат светлината на рајското светкање на неговите полици полни со книги; погледни наоколу, и на секој чекор ќе пронајдеш свеж доказ како поткрепа на овој став.
Не е повеќе прашање акумулирањето на научните вистини и откритија. Потребно е, пред сé, да ги рашириме тие вистини, веќе докажани од науката, да ги направиме дел од нашиот секојдневен живот, да ги направиме заедничко добро. Мораме да ги подредиме работите така што сите, целото човештво, ќе може да ги разбира и применува; мораме да направиме науката да не биде луксуз, туку основа на секој човечки живот. Тоа е она што правдата го бара.
Ќе одам подалеку: тврдам дека интересите и на самата наука се движат во таа насока. Науката може навистина да прогресира само ако новата вистина би нашла почва веќе подготвена да ја прими. Теоријата за механичката основа на топлината, иако објавена во минатиот век со истите постановки на кои Хирн и Цлаусиус ја формулираа денес, останала осумдесет години закопана во академските записи сè до времето кога знаењето на физиката се раширило доволно за да создаде публика способна да ја прифати. Три генерации требало да поминат пред идеите на
Ерасмус Дарњин, за варијациите на видовите, да бидат примени од неговиот внук и признаени од академските филозофи, и дури тогаш не без притисок од јавноста. Филозофот, како и поетот или уметникот, е секогаш производ на општеството во кое работи и подучува.
Но, ако си заразен со овие идеи, ќе разбереш дека, пред сè, најважно е да се направи радикална промена во ваквата состојба на работите која го осудува филозофот да биде натрупан со научни вистини, додека остатокот од скоро сите човечки суштества останува на ниво на кое биле пред пет, десет века - што би значело, во состојба на робови и машини, неспособни да ги совладаат докажаните вистини. И денот кога ќе се заразиш со широката, длабоката, хуманата и темелната научна вистина, тој ден ќе го изгубиш вкусот за чистата наука. Ќе почнеш да работиш на откривање на средствата за спроведување на оваа трансформација, и ако во твоите истражувања ја вклучиш непристрасноста која те водела низ твоите научни истражувања, тогаш ти неминовно ќе се адаптираш на каузата на Социјализмот; ќе престанеш со софизмот и ќе се најдеш меѓу нас. Уморен од работење заради обезбедување на задоволства за оваа мала група, која веќе има огромен дел од нив, ти ќе ги ставиш твоите информации и пожртвуваноста во служба на угнетените.
И биди сигурен дека, меѓу чувството на исполнета обврска и на постигнато вистинско усогласување меѓу твоите сентименти и твоето дејствување, тогаш ќе пронајдеш такви сили во себе за чие постоење не си ни сонувал. Кога, исто така, еден ден - кој не е многу далеку во секој случај, задржувајќи го присуството на нашите професори - кога еден ден, јас тврдам, промената за која работиш ќе биде постигната, тогаш, заради создадените нови сили од колективната научна работа, и заради големата помош од армиите трудбеници кои ќе дојдат и ќе ги дадат своите сили за неа, науката ќе ја премести нејзината граница понапред, во споредба на што бавниот прогрес денес ќе изгледа како обична вежба.
Тогаш ќе уживаш во науката; тоа задоволство ќе биде задоволство за сите.




Продолжува...
(Доколку сакате да го видите третиот дел, можете да го најдете на следниот линк, а целиот текст на овој линк.)

No comments:

Post a Comment