СООПШТЕНИЕ ДО МЕДИУМИ
РЕАКЦИЈА ПО ПОВОД ИЗЛАГАЊЕТО НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА СДММ
(тв Алфа, 13.02.2012, „Пресинг“)
РЕАКЦИЈА ПО ПОВОД ИЗЛАГАЊЕТО НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА СДММ
(тв Алфа, 13.02.2012, „Пресинг“)
Дарко Давитковски, претседателот на младината на СДСМ, во своето гостување во емисијата Пресинг на телевизија Алфа на 13.02.2012 г., се дрзна да изјави дека и покрај тоа што со „Слободен Индекс“ формално СДММ не соработува, сепак тие како партија нè поддржувале во нашите активности. Баналноста на една таква изјава е очигледна ако се земе предвид дека „Слободен Индекс“, како независно студентско движење се бори за коренити промени во образованието, а преку тоа и во општеството во целина – цели кои за која било партија во државава се незамисливи, па дури и непожелни за поредокот, оти атакуваат на корумпираноста, хиерархијата и елитизмот на политичките партии како такви.
Имено, ниту СДСМ, ниту нејзината младина, ниту било која политичка партија, не се залагаат за најосновната цел за која „Слободен Индекс“ се бори, а тоа е бесплатно и достапно образование за сите, целосно субвенционирано од државниот буџет, како јавно добро од примарен карактер. Едно вакво смело барање не стои во агендата дури ни на самонаречените левичарски партии во РМ, кои како и целиот формален општествено-политички поредок, му слугуваат единствено на пазарноекономскиот дискурс и на неолибералната тенденција за приватизирање на сите добра, меѓу кои и високото образование. Не само поради целите во кои сме дијаметрално спротивни, туку и во начинот на организирање на политичките партии, на кој ние гледаме со презир – цврста централизираност, јасна хиерархија и кариеристички елитизам – ниту сега, ниту во иднина не сме отворени за било каква соработка ниту со СДСМ ниту со било која друга партија. „Слободен Индекс“ е хоризонтално организирана неформална група, која одлуките ги носи на директно-демократски начин, што сметаме дека единствен легитимен начин студентите да се изборат за своите права.
Разликите во политиката која ја водиме со СДММ многупати сме ги истакнале на бројните покани за соработка кои сме ги одбиле. Последната се однесуваше на нивната иницијатива за укинување на административната такса на универзитетите, начелно со цел подобрување на студентскиот стандард. „Слободен Индекс“ смета дека едно симболично намалување на ситен трошок (такса која секоја институција ја бара) нема да го намали ужасно нискиот стандард на студентите, кои се натоварени со многу поголеми трошоци во текот на студиите. Вакви ситни реформистички барања се единствено во прилог на купување политички поени кај гласачкото тело, а на вакво лицемерие сме навикнати со сите политички партии. Ако партијата навистина е загрижена за социјалниот стандард на студентите, тогаш треба да покрене дебата за бескрајните трошоци, почнувајќи од административните (за ИКСА, за штета, за книжен фонд, за осигурување, за презапишување предмет, за потврда за редовен студент итн.), потоа трошоците за домување, за прехрана, за патување, па сè до трошоците за партиципација.
Образование за сите!
Независно студентско движење „Слободен Индекс“
No comments:
Post a Comment