Реакција по повод скандалозната цензура во Универзитетското радиоСтудент FM 92.9


ПРЕДМЕТ: Соопштение до средствата за јавно информирање

ПОВОД: Скандалозна цензура во Универзитетското радио Студент FM 92,9

(Гласот на студентите повторно замолчен!!!)

Независното студентско движење „Слободен индекс“, кое е дел од мрежата на Интернационалното студентско движење, најостро реагира на новите непосакувани и правно недозволиви појави во Студентското радио на државниот Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје.

Имено, Програмскиот уредник м-р Димитар Апасиев (кој, патем речено, е најдобриот дипломиран студент во историјата на Правниот факултет со просек 10.00), добива отказ и е суспендиран од понатамошното вршење на оваа функција само поради тоа што во неговата вечерна концептуална емисија за контракултура „Circus Maximus“, меѓудругото, изразил и став против комерцијализацијата на јавното високо образование и критички се осврнал на Болоњската декларација и новиот Европски кредит-трансфер систем на студирање.

Ние, студентите обединети околу каузата на нашето движење, најсериозно протестираме против овој непрофесионален, арогантен, варварски и противуставен обид за замолчување на овој млад интелектуалец и активист од страна на Главниот и одговорен уредник на радиото како и од Ректорот на УКИМ – насочен директно кон подривање на слободоумната студентска мисла и правото на јавно изразување.

По тој повод, а неможејќи да дозволиме интелигенцијата да остане подјармена од беспринципиелното незнаење и дрското лукавство, го повикуваме Главниот уредник Даниела Блажевска, како чин на морална одговорност, да си поднесе неотповиклива оставка, а во спротивно Ректорот на УКИМ – проф. д-р Велимир Стојковски и Сенатот на Универзитетот да ја разрешат од функцијата заради неетичко и непрофесионално водење на Радиото, како и да ги искористат своите ингеренции за враќање на Апасиев во редот на уредувачкиот колегиум.

Доколку ова не биде сторено во најбрз можен рок – ќе ги искористиме сите правни и вонправни методи на правична, радикална и бескомпромисна студентска борба за исправање на оваа еклатантна неправда - недозволива за една здрава академска заедница, која наместо полтрони и послушници треба да стимулира критичка свест кај младите луѓе!

За нашите следни чекори по повод овој скандалозен случај ќе бидете благовремено известени.

Со почит,

Независно студентско движењеСлободен индекс



По ова соопштение, следеше реакција од страна на главната и одговорна уредничка на Студент FM:



РЕАКЦИЈА НА СООПШТЕНИЕТО НА СЛОБОДЕН ИНДЕКС ОД 15.10.2010

Почитувани,

Водена од начелото на новинарската етика и правото на јавноста да ја знае вистината, а како реакција на соопштението на Независното студентско движење Слободен индекс, би сакала да ве информирам дека она што е изнесено во соопштението како причина зошто Димитар Апасиев не е повеќе ангажиран во Универзитетското радио Студент ФМ 92,9, е груба невистина.

Причините поради кои тој веќе не е ангажиран во Универзитетското радио Студент ФМ 92,9 се следниве:



  • Неизвршување на обврските како новинар и уредник;

  • Одбивање да се придржува до новинарската етика;

  • Не ги познава и не ги почитува принципите на работа на радиото како медиум;

  • Универзитетското радио би требало да биде медиум каде што студентите по новинарство треба да ги научат и практикуваат принципите на објективното новинарство, а уредникот треба да се погрижи студентите по новинарство да го почитуваат тоа во нивната работа во Универзитетското радио;

  • Ако не можете да продуцирате емисија која ги почитува новинарските стандарди, тогаш не можете да бидете уредник кој ќе ги учи студентите по новинарство како треба да работат и да ги почитувааат новинарските стандарди.

За дополнителни информации, вратите на Универзитетско радио Студент ФМ 92,9 се отворени.
Контакт: <телефон>
Скопје, 15.10.2010

Главен и одговорен уредник;
Даниела Блажевска


А на оваа реакција следи наша контрареакција:



Почитувана уредничке Блажевска,

Почувствувавме потреба да испратиме одговор на Вашата реакција со цел да не останеме недоизјаснети. Состојбата во „Студент FM“ нам ни е добро позната од повеќе извори и многу од активностите во Радиото упатуваат на фактот дека тамошните вработени и студенти, кои буквално се експлоатирани - затоа што не добиваат никаков хонорар за сработеното - се подложени на остра цензура од страна на нивниот претпоставен, односно токму Вие. Вмешаноста на одредени „виши инстанци“ во работата на студентското радио во случајов не е наш предмет на интерес, зашто единствено може да се сведе на хипотетички заклучоци. Па оттаму јасната врска помеѓу вработените и цензурирањето се сведува на личноста која ја носи најодговорната функција, но воедно и моќта на елиминација на оние „неподобните и некоректните“, а тоа е Главниот и одговорен уредник.

Сосема е разбирливо Вашето тврдење во самоодбрана дека причините наведени во соопштението до печатот се груба невистина, но исто така е и неаргументирано и неподдржано со никакви докази. Димитар Апасиев е личност кого го познаваме и чија работа ја следиме, а неколкумина од нас се и негови поранешни студенти. Тој млад интелектуалец е познат како прогресивен човек кој ужива голема почит помеѓу студентите, учејќи ги на слободоумно размислување и критичко делување, без да го доведат нивното право на слободно размислување (и изразување!) пред компромис. Имено, во однос на Вашите паушални обвинувања кои ги давате „истресени од ракав“ имаме да го изјавиме следново:




  • Ако за „извршување на обврските како новинар и уредник“ се смета понизното коленичење пред и стравопочитта кон квази-авторитетот на Главниот уредник, тогаш да – тој е виновен за неизвршување на своите обврски.

  • Ако под „новинарска етика“ подразбирате поткопување на интелектот на новинарите, забрана на објективниот став, забрана на слободно искажување личен став, пропагирање на „мејнстрим“ државни политики и забрана за критика на институциите и системот - тогаш точно, тој со сигурност не се придржува кон таквата гнила етика.

  • Во поглед на „непознавањето на принципите на работа на радиот како медиум“, кои му ги ставате на товар, се чини поумесно истите овие критики да дојдеа од посоодветна личност а не од Вас - која досега, како новинар во пракса, немате поминато ниту еден работен ден во радио туку во телевизија (што е сосем различен концепт на работа и делување).

  • Дозволете да Ве потсетиме дека улогата на Универзитетското радио како „медиум за пракса на студентите по новинарство“ е само второстепена - неговата првична намена е да претставува гласило на сите студенти (а не само на журналисти), каде тие ќе ја имаат слободата да го искажат својот став во однос на проблематиките во образованиот процес, па дури и кога тоа подразбира да се критикува моменталниот образовен систем кој, за волја на вистината, е далеку од идеален.

Случајот на м-р Апасиев е посочен како екстремен пример на цензурата за која Ве обвинуваме, поради неговата - само привремена - несреќна завршница, но нашиот бунт е реакција на целокупниот концепт на Радиото кое е под Ваша одговорност; концепт кој се разликува од она што ние, студентите, го имавме замислено. Во никој случај немојте да заборавите дека ние не протестиравме за реотворање на Радиото за да добиеме уште еден медиум во кој нашите ставови ќе бидат варварски цензурирани и во кој секоја реченица пуштена во етерот ќе биде под будното око на Уредникот; не протестиравме за радио во кое ќе ни биде диктирано што смее да се каже како „политички коректно“, а што не; и најмалку протестиравме за радио што ќе служи за величање на современиов „европски“ систем на образование.

Ние, пред околу две години, се кревавме на протест за студентско гласило кое ќе биде единственото катче каде студентите – а не Универзитетот – ќе добијат можност јавно да ги искажат своите ставови, било да се критики или пофалби; каде ќе можат да го анализираат јавното образование и да ги поттикнуваат слушателите да се осврнат кон неговите недостатоци и да размислуваат во правец како истите да се решат. Протестиравме - а ако е потребно и повторно ќе го сториме истото - за радио кое и доликува на една демократска држава, а не на тоталитаристички режим! На крај, идејата беше радиото да биде СТУДЕНТСКО, значи на студентите, а не УНИВЕРЗИТЕТСКО, како што го нарековте во Вашата реакција.

Вашата улога како Главен уредник е, доколку се разбира на тоа е способна, да ги научи студентите на објективно новинарство, но тоа подразбира и да ги поттикне да ја истражуваат вистината, секогаш да ја вртат и другата страна на „паричката“ и да не се подвргнуваат на едноумието, а не да ги инструментализира учејќи ги да го кажуваат само она што е „коректно“ да се каже и дрско да ја цензурира нивната мисла.

Врз основа на случајот со м-р Апасиев, но и врз основа на лошата програма која ја следиме на Радиото - која е богата со музика, но сиромашна со едукативни и културни емисии кои ќе го оформат критичкиот дух на академската младина - можеме единствено да дојдеме до заклучок дека Вие, како одговорна во Студент ФМ, непрофесионално си ја вршите работата, водејќи политика на инструментализација на мислата на младите луѓе и, според тоа, неисполнувајќи ги потребите на студентите. Според тоа, „Слободен индекс“, како дел од мрежата на Интернационалното студентско движење - кое е веќе алармирано за настанот - и понатаму останува на ставот дека очекува од Вас, како чин на морална одговорност, да си поднесете неотповиклива оставка и да ја препуштите работата во рацете на некој што ќе ја врши подобро и што ќе спроведува поинаква уредувачка политика во радиото. Доколку тоа не се случи, во најбрз и разумен рок, Ве уверуваме дека ќе бидеме принудени да ги употребиме сите расположиви, институционални и вонинституционални, средства за да ја истераме правдата и да извојуваме еден слободен медиум кој и доликува на интелектуалната студентска младина - и притоа не сме отворени за компромиси, оти слободната критичка мисла не може и не смее да биде компромитирана!!!

Со почит,
Независно студентско движење „Слободен индекс“

2 comments:

  1. Патем Даниела беше една од одговорните кога се донесе решението за комерцијализација на ораторските вечери и кога наместо слободни говори се читаа веќе однапред дадени, глупави говори. Плус, беше една од најголемите конформисти работејќи во комисијата на ораторските вечери години уназад. Испаѓа дека Даниела еден голем запчаник во системот. Што мислите, зошто ја ставаат за одговорен уредник - затоа што е послушна!

    ReplyDelete
  2. Русе ПоповскиDecember 5, 2011 at 6:56 PM

    Баш ме интересира каква беше разврската на оваа лакрдија.Ако некој знае нека напише.Благодарам однапред

    ReplyDelete