Студентски став: Поредокот пред колапс?

Изминатата 2011 година сите ќе ја паметиме по безбројните немири и протести кои го раздрмаа светот. Од рушење на тоталитаристички влади до масовни протести против мерките за надминување на кризата, преку јасен напад врз привилегираниот „еден процент“ на Волстрит, па сè до неодамнешниот масовен отпор спрема новите закони за виртуелен мрак, народот во одамна незамисливи толпи се крена на улиците обвиени во пламен. Економската криза од 2008 година ја разниша неприкосновеноста на империјалистичка Европа и им ја разбистри свеста на обичните луѓе. Сега не само во неразвиените завојувани земји на Истокот, туку и во „стабилната и демократска“ Европа, па дури и во „ветената земја американска“, луѓето повеќе не се задоволуваат со своите пасивни улоги на работници, татковци, мајки и чесни (читај: примерни) граѓани.
Две работи се сигурни: отпорот спрема угнетувачкиот капиталистички поредок кој сè повеќе го зголемува јазот помеѓу оние кои можат да ја поседуваат половина планета и оние кои живеат од долар на ден, наголемо се раѓа; и демократијата, како режим на владеење, не може да ги гарантира слободата и благосостојбата на луѓето, оти се сведува само на бирократски слуга на капиталот.


Во кој момент се прелеа чашата? Тогаш кога владејачките гарнитури ширум светот сложно одлучија да ги „санираат“ штетите од кризата, така што ќе ги надоместат загубите на банките и ќе ги покријат долговите на владите преку кратење од џебот на самите граѓани. Почнаа да се отпуштаат работници, да се намалуваат платите, да се крати од социјалните давачки и да се поскапува образованието, оти сега стана товар за државниот буџет. Ова последното сосем очекувано ги погоди студентите, оти мошне исправно „намирисаа“ дека кратењето од буџетите за јавно образование постепено ќе прераснува во процес за приватизација и комерцијализација на образованието. Тоа, заедно со здравството, се двете најважни јавни добра и права кои граѓаните со децении макотрпно си ги финансираат преку даноци, и не смеат да станат стока на продажба. Во последните неколку години сведочиме за масовни студентски протести низ целиот свет, кои извикуваат: „Образованието не е на продажба“, „Образование за сите“ и „Знаењето не е стока“. Токму така, ЗНАЕЊЕТО НЕ Е СТОКА и не може да биде приватна сопственост. Знаењето, науката, човековиот развој се цивилизациска придобивка која му припаѓа на целиот народ и која капитализмот (или ако сакате да го олицетвориме, тогаш: владејачките гарнитури и економските магнати) не смее да му ја одземе.



Студентите, кои неколку децении, особено по превирањата поврзани со `68-ма, беа само пасивни набљудувачи, полека си ја враќаат старата улога како столб на општеството, најсилен фактор за промени и најголема критичка сила. Масовните медиуми, за кои е познато дека повеќе им се наклонети на корпорациите кои ги поседуваат, отколку на критичките искри кои го напаѓаат поредокот, често одбираат да ги игнорираат протестите и бунтовите на студентите, кои се случуваат во секој агол на планетата. Само во последниов месец масовни протести, некаде еднократни, некаде континуирани, некаде мирни, а некаде и насилни, организираа студентите во Каиро, Онтарио, Квебек, Даблин, Варшава, Њујорк, цела Англија и уште стотици градови низ светот. Сите со варијации во своите барања, но со една заедничка мисла: слободно и бесплатно образование. И во секој од тие градови властите треперат пред ревот на гневните студенти и прават сè за да ги задушат нивните побуни. Во Свазиленд, студентот Максим Дламини и еден негов колега беа уапсени пред две недели поради лажно сомнение за поседување експлозиви во текот на еден студентски бунт против покачувањето на школарините. Во Сенегал студент е убиен од страна на полицијата на студентски протест. И во „демократските“ земји имаат начин да го задушуваат отпорот, најчесто со масовни апсења поради „учество во толпа“ и слични бесмислени обвиненија.

Протестите против покачувањето на школарините, против мерките за пополнување на буџетските дефицити, против класната нееднаквост (ние, мнозинството, кои едвај крпиме крај со крај, мошне добро знаеме дека и денес општеството се уште функционира на принципот: една класа владее со друга), против обидите за цензура на интернет како заштита на приватната сопственост, се сведуваат на една единствена борба: светот се крева против капиталистичкиот поредок, и борбата против тој поредок во крајна линија е борба против нееднаквоста, сиромаштијата, експлоатацијата, хиерархијата, материјалистичките вредности и отуѓувањето на човекот. Тоа е благородна мисла за општествени промени, за промени во фундаменталните вредности, промена на угнетувачкиот поредок. До каде ќе стигне оваа борба и дали повторно ќе биде стишена од страна на владејачите, како што низ историјата често се случувало, останува да видиме.

Кај нас, пак, како и обично, луѓето си го туркаат животецот не обѕирнувајќи се на светските превирања. Кај нас, како и обично, властите играат по заповедите на ЕУ, а луѓето се чувствуваат побезбедни затворени во своите домови. Ние колективно излегуваме на улиците само за да ги славиме големите спортски победи, кои ако ништо друго, барем нè оттргнуваат од егзистенцијалните проблеми. И само по некој како мене, ете, од време на време ќе напише по некој горлчив ред (повторно во безбедноста на својот дом) во надеж дека барем кај неколкумина читатели ќе ја предизвика истата горчина и бес, кои најпосле ќе го изведат на улиците. Оти нема друг начин да ги земеме сопствените животи во свои раце и да издејствуваме промени. Ние сме СТУДЕНТИ и наша света должност е да бидеме критички преиспитувачи на општествените текови и први побуненици против тиранијата врз нашите животи.

Трета регионална средба на „БАЛКАН СТУДЕНТ“

Третата средба на независната организација „Балкан студент“ ќе се одржи на 7-8 април 2012 во Сараево, Босна и Херцеговина. На средбата ќе учествуваат студенти и активисти за бесплатно образование од целиот Балкан: Хрватска, Словенија, Косово, Србија, Бугарија, Македонија и други. Активистите од „Слободен Индекс“ по трет пат ќе земат активно учество во оваа група на солидарност, која беше основана со цел

Четири најважни разлики помеѓу парламентарната и директната демократија

Како студенти кои се залагаме против корумпираниот и дисфункционален парламентарен (претставнички) начин на организирање на студентите, сметаме за неопходно да ги запознаеме студентите со разликите меѓу овој начин и неговата алтернатива - организирање по принцип на директна демократија, без хиерархија, лидери и претставници. Сметајќи дека единствен валиден начин студентите да си ги бранат сопствените права е само ако самите застанат зад себе и својот глас, ви пренесуваме краток текст за најважните разлики помеѓу директната и парламентарната демократија, преземен од страницата Мрежа на анархосиндикалистите.
Прво, директната демократија се однесува на создавање идеи колку и на нивно одобрување. Второ, директната демократија е базирана на делегација , а не на претставништво. Трето, директната демократија се однесува на работното место колку што се однесува и на заедницата, па така и на универзитетите. Четврто, директната демократија е секојдневен процес.




  1. 1.     Директната демократија се однесува на создавање идеи колку и на нивно одобрување.

Во парламентарната демократија луѓето никогаш не се прашани за нивните идеи, само за одобрување или неодобрување на идеите кои се веќе подготвени за нив. Директната демократија наспроти парламентарната, е радикално поинаква, таа е базирана на здраворазумската претпоставка дека луѓето самите најдобро знаат за она кое директно ги засега. Непотребни се експерти кои би управувале или би ни покажале како да управуваме со сопствените работни места или заедници – сепак тука го поминуваме најголемиот дел од своето време и прилично сме запознаени со сите детали. Како анархисти уверено аргументираме дека сме способни да ги водиме сопствените заедници и работни места, единствено што ни е потребно е слободниот пристап кон сите информации, материјали и секако, право да работиме на тој начин. Затоа, директната демократија е метод, метод кој ни овозможува рамноправно да управуваме со сопствените заедници и работни места.



  1. 2.     Директната демократија е базирана на делегација, а не на претставништво.

Клучната разлика помеѓу делегирањето и претставувањето е тоа што делегатите се избрани за некоја одлука да ја спроведат во дело, тие немаат право (какво што имаат застапниците во парламентот или синдикалните бирократи) да ја менуваат одлуката на општиот собир (состаноци, пленуми) кој ги поставил на одредена функција. Делегатите, за разлика од застапниците, можат да бидат во секој момент отповикани и заменети, доколку не ја извршуваат функцијата како што им наложил општиот собир. Исто така, покрај поединечни делегати можат секако да се делегираат и цели групи луѓе, кои посебно се занимаваат со одредени прашања, и се должни да поднесуваат извештаи на општиот состанок за да добијат дозвола за понатамошната работа или за престанување на активноста. Групите никако не можат да наметнуваат  заклучоци на општиот состанок, единствено да изнесуваат информации кои ги собрале во склоп на својата делегациска (на пр. истражувачка) работа.



  1. 3.     Директната демократија се однесува на работното место колку што се однесува и на заедницата.

Во парламентарната демократија, работното место е „имуно“ на демократија, надредените (управа, шеф, менаџери) работат без никакви консултации или одговорности кон подредените (работници), што резултира со опасни услови за работа, нездрава атмосфера, отпуштања, никаква плата, лоши услови воопшто. Во директната демократија сите активности на работното место би биле утврдени преку општ состанок (собир, пленум) на сите вработени, истото важи и за заедницата, прашањата кои имаат значење за целата заедница би се разгледувале и заклучувале на општиот состанок на сите жители на зградата или квартот.  Општиот состанок на работници би дискутирал и одлучувал за условите на работа, би доделувал отповикувања на функцијата на координаторите на различни сектори на работното место и општо на работното место, и се разбира би организирал и би одлучувал како работата би требала да изгледа. Општиот состанок на работното место и општиот состанок на заедницата, поради потребите да се воспостави комуникација и соработка со широката заедница и другите работни места, би избрал делегати поради усогласување на пошироко градско, регионално, национално или пак интернационално ниво. На овој начин би се избегнало луѓето да се занимаваат со работи за кои немаат знаење, или пак да се им мешаат на другите во работата и одлучувањето поради својата позиција на (економска и/или политичка) моќ.



  1. 4.     Директната демократија е секојдневен процес

За разлика од „петминутната“ пракса на парламентарната демократија, додека еднаш во четири години ставаме гласачки ливчиња во гласачката кутија, директната демократија е испреплетено и живо секојдневие. Директната демократија има активни и самосвесни учесници, што ја чини секојдневен процес, од заседанијата на општите состаноци (собири, пленуми), работата на отповикувачките и заменливи делегати или цели делегирани работни групи, до усогласување на заедницата и работните места на градско, регионално, национално или интернационално ниво. Директната демократија е органски процес кој овозможува раст и развој на колективното и индивидуалното искуство, непрестајно збогатувајќи го животот на своите учесници со жива политичка пракса, за разлика од парламентарната демократија каде што привилегија има заштитеното малцинство составено од политичари и шефови на локално, регионално, национално или пак интернационално ниво.

Блокаден прирачник

„Блокаден прирачник“, или како се одвиваше студентската блокада на Филозофскиот факултет во Загреб пролетта 2009, не е само корисно четиво за еден специфичен метод на извојување на студентски цели, туку и историја на една студентска борба за изборување за правото на бесплатно образование, во која дружно учествуваа стотици студенти, организирани по принципот на директна демократија, принудувајќи ја управата, но и власта, конечно да ги сослуша нивните барања...

Бедата на студентскиот живот

Замислете дека сте на Универзитетот во Стразбур, на свеченото отварање на академската година, есента 1966-та, во сала сочинета од студенти, професори и уважени гости кои се собрани да го чујат говорот на претседателот де Гол. Забележувате дека на секое седиште се наоѓа еден мал памфлет. Програма? Не, туку нешто со наслов „Бедата на студентскиот живот“. Ја отварате книгата и почнувате да читате: „Општо познато е дека студентот, заедно со попот и полицаецот е најпрезрено суштество во државата Франција...“ Се вртите околу себе и гледате дека и сите останати читаат; реакциите варираат од чудење и смев, до шок и напад на бес. Кој стои зад тоа?

 

Симни го памфлетот (на српски јазик).

Реакција на излагањето на претседателот на СДММ на Пресинг, Алфа ТВ13.02.2012


СООПШТЕНИЕ ДО МЕДИУМИ
РЕАКЦИЈА ПО ПОВОД ИЗЛАГАЊЕТО НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА СДММ
(тв Алфа, 13.02.2012, „Пресинг“)

Дарко Давитковски, претседателот на младината на СДСМ, во своето гостување во емисијата Пресинг на телевизија Алфа на 13.02.2012 г., се дрзна да изјави дека и покрај тоа што со „Слободен Индекс“ формално СДММ не соработува, сепак тие како партија нè поддржувале во нашите активности. Баналноста на една таква изјава е очигледна ако се земе предвид дека „Слободен Индекс“, како независно студентско движење се бори за коренити промени во образованието, а преку тоа и во општеството во целина – цели кои за која било партија во државава се незамисливи, па дури и непожелни за поредокот, оти атакуваат на корумпираноста, хиерархијата и елитизмот на политичките партии како такви.


Имено, ниту СДСМ, ниту нејзината младина, ниту било која политичка партија, не се залагаат за најосновната цел за која „Слободен Индекс“ се бори, а тоа е бесплатно и достапно образование за сите, целосно субвенционирано од државниот буџет, како јавно добро од примарен карактер. Едно вакво смело барање не стои во агендата дури ни на самонаречените левичарски партии во РМ, кои како и целиот формален општествено-политички поредок, му слугуваат единствено на пазарноекономскиот дискурс и на неолибералната тенденција за приватизирање на сите добра, меѓу кои и високото образование. Не само поради целите во кои сме дијаметрално спротивни, туку и во начинот на организирање на политичките партии, на кој ние гледаме со презир – цврста централизираност, јасна хиерархија и кариеристички елитизам – ниту сега, ниту во иднина не сме отворени за било каква соработка ниту со СДСМ ниту со било која друга партија. „Слободен Индекс“ е хоризонтално организирана неформална  група, која одлуките ги носи на директно-демократски начин, што сметаме дека единствен легитимен начин студентите да се изборат за своите права.

Разликите во политиката која ја водиме со СДММ многупати сме ги истакнале на бројните покани за соработка кои сме ги одбиле. Последната се однесуваше на нивната иницијатива за укинување на административната  такса на универзитетите, начелно со цел подобрување на студентскиот стандард. „Слободен Индекс“ смета дека едно симболично намалување на ситен трошок (такса која секоја институција ја бара) нема да го намали ужасно нискиот стандард на студентите, кои се натоварени со многу поголеми трошоци во текот на студиите. Вакви ситни реформистички барања се единствено во прилог на купување политички поени кај гласачкото тело, а на вакво лицемерие сме навикнати со сите политички партии. Ако партијата навистина е загрижена за социјалниот стандард на студентите, тогаш треба да покрене дебата за бескрајните трошоци, почнувајќи од административните (за ИКСА, за штета, за книжен фонд, за осигурување, за презапишување предмет, за потврда за редовен студент итн.), потоа трошоците за домување, за прехрана, за патување, па сè до трошоците за партиципација.



Образование за сите!

Независно студентско движење „Слободен Индекс“

ЗНАЕЊЕТО НЕ Е СТОКА



 Знаењето не е продукт кој може да се продаде. Кога еден му пренесува знаење на друг, знаењето не изчезнува од главата на оној кој го пренел. Луѓето не се осиромашуваат преку пренесување знаење, туку напротив – се збогатуваат, а знаењето само се множи.

 Мојата идеја не е само моја идеја – таа е продукт на сите мои размислувања и на размислувањата на многу луѓе пред мене, кои за неа пишувале и говореле. Мојата идеја е продукт на целото општество. Знаењето е јавно добро, и не може да биде приватна сопственост.


ОБРАЗОВАНИЕТО НЕ Е НА ПРОДАЖБА!




Образованието не е на продажба!

КАКОВ Е ОБРАЗОВНИОТ СИСТЕМ ДЕНЕС?

ОБРАЗОВНИОТ СИСТЕМ е поле за одгледување на идни „прилагодени“ и „соодветни“ граѓани. Тој е алат во служба на одржување на моменталниот политички поредок. Од градинка до факултет човекот се дресира да израсне во послушен, дисциплиниран, апатичен работник и конзумер. Тој е добар граѓанин тогаш кога следи наредби, кога не покажува став спрема општествениот поредок, кога не си дозволува да сонува за промени и кога се согласува со она кое други го одлучуваат во негово име.

 ФАКУЛТЕТОТ, некогаш место за стекнување знаења и потенцијал за критичко мислење, погон за активно вклучување на младите во креирање на општеството, место за калење на најкритичните умови од чија сила трепереа и тоталитарните влади; денес е полигон за производство на апатични луѓе-роботи, машини спремни за лансирање на пазарот на труд и идни „добри граѓани“.

 БОЛОЊСКИОТ ПРОЦЕС, кој толку го форсираат институциите во Европа, се сведува на броење бодови, пишување домашни и наоѓање решени тестови. ЕКТС го консумира времето на слободниот студент за да не може воопшто да дојде до тоа да го испитува општествениот поредок и исправноста на денешниот образовен систем. Тоа не е случајност; тоа е превентивна мерка.


НЕКОГАШ СО МЛАДИТЕ...

НЕКОГАШ СО МЛАДИТЕ



 НЕМАШЕ ЗАЕБАНЦИЈА!


Некогаш студентите и средношколците не молеа некој „да го чуе нивниот глас“, туку обединето и организирано се бореа за своите права и својата иднина.

 Речиси сите големи општествени промени во дваесетиот век се иницирани од студентски бунтови.

 Некогаш можеше да се каже „светот останува на младите“.

Денес таа реченица не значи ништо.




sloboden.indeks[at]gmail.com   www.slobodenindeks.tk