Реакција на излагањето на претседателот на СДММ на Пресинг, Алфа ТВ13.02.2012


СООПШТЕНИЕ ДО МЕДИУМИ
РЕАКЦИЈА ПО ПОВОД ИЗЛАГАЊЕТО НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА СДММ
(тв Алфа, 13.02.2012, „Пресинг“)

Дарко Давитковски, претседателот на младината на СДСМ, во своето гостување во емисијата Пресинг на телевизија Алфа на 13.02.2012 г., се дрзна да изјави дека и покрај тоа што со „Слободен Индекс“ формално СДММ не соработува, сепак тие како партија нè поддржувале во нашите активности. Баналноста на една таква изјава е очигледна ако се земе предвид дека „Слободен Индекс“, како независно студентско движење се бори за коренити промени во образованието, а преку тоа и во општеството во целина – цели кои за која било партија во државава се незамисливи, па дури и непожелни за поредокот, оти атакуваат на корумпираноста, хиерархијата и елитизмот на политичките партии како такви.


Имено, ниту СДСМ, ниту нејзината младина, ниту било која политичка партија, не се залагаат за најосновната цел за која „Слободен Индекс“ се бори, а тоа е бесплатно и достапно образование за сите, целосно субвенционирано од државниот буџет, како јавно добро од примарен карактер. Едно вакво смело барање не стои во агендата дури ни на самонаречените левичарски партии во РМ, кои како и целиот формален општествено-политички поредок, му слугуваат единствено на пазарноекономскиот дискурс и на неолибералната тенденција за приватизирање на сите добра, меѓу кои и високото образование. Не само поради целите во кои сме дијаметрално спротивни, туку и во начинот на организирање на политичките партии, на кој ние гледаме со презир – цврста централизираност, јасна хиерархија и кариеристички елитизам – ниту сега, ниту во иднина не сме отворени за било каква соработка ниту со СДСМ ниту со било која друга партија. „Слободен Индекс“ е хоризонтално организирана неформална  група, која одлуките ги носи на директно-демократски начин, што сметаме дека единствен легитимен начин студентите да се изборат за своите права.

Разликите во политиката која ја водиме со СДММ многупати сме ги истакнале на бројните покани за соработка кои сме ги одбиле. Последната се однесуваше на нивната иницијатива за укинување на административната  такса на универзитетите, начелно со цел подобрување на студентскиот стандард. „Слободен Индекс“ смета дека едно симболично намалување на ситен трошок (такса која секоја институција ја бара) нема да го намали ужасно нискиот стандард на студентите, кои се натоварени со многу поголеми трошоци во текот на студиите. Вакви ситни реформистички барања се единствено во прилог на купување политички поени кај гласачкото тело, а на вакво лицемерие сме навикнати со сите политички партии. Ако партијата навистина е загрижена за социјалниот стандард на студентите, тогаш треба да покрене дебата за бескрајните трошоци, почнувајќи од административните (за ИКСА, за штета, за книжен фонд, за осигурување, за презапишување предмет, за потврда за редовен студент итн.), потоа трошоците за домување, за прехрана, за патување, па сè до трошоците за партиципација.



Образование за сите!

Независно студентско движење „Слободен Индекс“

ЗНАЕЊЕТО НЕ Е СТОКА



 Знаењето не е продукт кој може да се продаде. Кога еден му пренесува знаење на друг, знаењето не изчезнува од главата на оној кој го пренел. Луѓето не се осиромашуваат преку пренесување знаење, туку напротив – се збогатуваат, а знаењето само се множи.

 Мојата идеја не е само моја идеја – таа е продукт на сите мои размислувања и на размислувањата на многу луѓе пред мене, кои за неа пишувале и говореле. Мојата идеја е продукт на целото општество. Знаењето е јавно добро, и не може да биде приватна сопственост.


ОБРАЗОВАНИЕТО НЕ Е НА ПРОДАЖБА!




Образованието не е на продажба!

КАКОВ Е ОБРАЗОВНИОТ СИСТЕМ ДЕНЕС?

ОБРАЗОВНИОТ СИСТЕМ е поле за одгледување на идни „прилагодени“ и „соодветни“ граѓани. Тој е алат во служба на одржување на моменталниот политички поредок. Од градинка до факултет човекот се дресира да израсне во послушен, дисциплиниран, апатичен работник и конзумер. Тој е добар граѓанин тогаш кога следи наредби, кога не покажува став спрема општествениот поредок, кога не си дозволува да сонува за промени и кога се согласува со она кое други го одлучуваат во негово име.

 ФАКУЛТЕТОТ, некогаш место за стекнување знаења и потенцијал за критичко мислење, погон за активно вклучување на младите во креирање на општеството, место за калење на најкритичните умови од чија сила трепереа и тоталитарните влади; денес е полигон за производство на апатични луѓе-роботи, машини спремни за лансирање на пазарот на труд и идни „добри граѓани“.

 БОЛОЊСКИОТ ПРОЦЕС, кој толку го форсираат институциите во Европа, се сведува на броење бодови, пишување домашни и наоѓање решени тестови. ЕКТС го консумира времето на слободниот студент за да не може воопшто да дојде до тоа да го испитува општествениот поредок и исправноста на денешниот образовен систем. Тоа не е случајност; тоа е превентивна мерка.


НЕКОГАШ СО МЛАДИТЕ...

НЕКОГАШ СО МЛАДИТЕ



 НЕМАШЕ ЗАЕБАНЦИЈА!


Некогаш студентите и средношколците не молеа некој „да го чуе нивниот глас“, туку обединето и организирано се бореа за своите права и својата иднина.

 Речиси сите големи општествени промени во дваесетиот век се иницирани од студентски бунтови.

 Некогаш можеше да се каже „светот останува на младите“.

Денес таа реченица не значи ништо.




sloboden.indeks[at]gmail.com   www.slobodenindeks.tk

Изјава од Вториот состанок на БАЛКАН-СТУДЕНТ


За време на 5. и 6. 11. 2011 во Белград, е одржан вториот балкански студентски состанок на кој присуствуваа групите: Слободен Индекс (Скопје, Македонија), Студентски глас (Софија, Бугарија), n’Solidaritet  (Приштина, Косово), Синдикат Образовања АСИ (Белград, Србија), Независна студентска иницијатива Факултета музичке уметности (Белград, Србија) и две нови групи – Јединствена организација за социјализам и демократију (локална група од Сараево, БиХ), И Аутономни студенти (Ријека, Хрватска).

Балкан Студент“ е мрежа на слободарски студентски групи кои се борат за укинување на Болоњскиот процес и негова замена со еманципаторско образование втемелено на прогресивни и рационални идеи, критичко мислење, укинување на преставничките студентски тела (на сите нивоа) и нивна замена со директно-демократско самоорганизирање на студентите, за остварување на бесплатно образование (потполно јавно финасирано високо образование), со зголемување на јавните трошоците за образование, понатаму за остварување на целосна политичка автономија на Универзитетот, без мешање на државата и трудовиот пазар.

На состанокот во Белград, мрежата исто така се солидаризираше со студентските блокади на Филолошки и Филозофски Факултет во Белград, и методите и целите, јасно осудувајќи го насилството од страна на управата на факултетот, осудувајќи го кршењето на автономијата на Универзитетот, со носењето на „полиција во цивилка“, ангажирање на обезбедување и секако осудувајќи ги нападите на неонацистичките групи.

Балкан Студент“ е исто така дел од движењето „International Student Movement“ (Меѓународно студентско движење). Млади луѓе од целиот свет се здружени во борбата против комерцијализацијата на образованието и образование за потребите на трудовиот пазар. Солидарноста и заемната помош сметаме дека треба да станат главни вредности во студентските движења, како на балканско така и на светско ниво наспроти конкуренцијата која ја наметнува Болоњскиот процес и комерцијализацијата на образованието.

Преку споредбено анализирање на високо образовните системи во нашите земји дојдовме до заклучок дека постојат многу заеднички карактеристики. За почеток, во сите балкански земји постои изразена тенденција за зголемување на школарината и административните давачки. Државата од година во година го намалува буџетското давање за образованието со константно намалување на сите стандарди и квалитетот на образованието. Препуштени на пазарот на трудот, помалку бараните факултети живуркаат на ивицата на егзистенција, додека факултетите чии производи се барани на пазарот на трудот и образованието, заработуваат огромни суми на пари и се фаворизирани од страна на државата. За студентите е речиси невозможно да се самоорганизираат затоа што официјалните студентски преставнички тела, кои се во служба за манипулирање и контролирање на студентското незадоволство, држат монопол во студентското организирање. Ова не ја обесхрабрува нашата мрежа баш напротив ние растеме! Мрежата се шири, нови групи се приклучуваат, нашата сила расте.

Следниот состанок ќе се одржи во Сараево, во март 2012, во организација на Јединствене организације за социјализам и демократије из Босне и Херцеговине.


Еден Балкан-Една борба!


  Ноември,2011

Интернационален ден на студентите

На 28 октомври 1939 година студентите од Медицинскиот факултет на Универзитетот во Прага одржаа демонстрации за да ја одбележат годишнината од независноста на Чехословачка. Демонстрациите беа крваво задушени од страна на нацистичките власти, и притоа беше убиен студентот Јан Оплетал. На неговиот погреб присуствуваа илјадници студенти кои овој настан го претворија во анти-нацистички протест. Како последица на протестот, на 17 ноември нацистите ги затворија сите чехословачки универзитети, испратија над 1200 студенти во концентрациони логори, а девет студенти и професори беа стрелани без судење. Две години подоцна во Лондон овој датум почна да се одбележува како Интернационален ден на студентите.



Jan Opletal
Во ноември 1973, студентите од Политехничкиот Факултет во Атина организирале протест против „режимот на полковниците“ кој бил многу моќен во тоа време. Откако се забарикадирале и конструирале радио станица од опремата која ја нашле во лабораториите, почнале да емитуваат низ цела Атина. Нивните емитувања биле про-демократски, против хунтата која во тоа време била на власт, привлекувајќи голем број на нивни сонародници кон нивната борба. Во раните часови на 17ти Ноември воен тенк удрил во блокираниот влез на Политехничкиот Факултет за да ја разбие барикадата на студентите. Според официјалната истрага нема мртви студенти но многумина се повредени, а повредите им оставиле трајни белези.

Во 1989 година група независни студенти заедно со младите од „Социјалистичката Унија“ организирале масовни демонстрации за комеморација на Интернационалниот ден на студенти. Овој настан им дал можност на
студентите да го искажат своето незадоволство од владеењето на комунистичката партија. Иако започнал како мирен комеморативен настан, со доаѓањето на ноќта се претворил во насилен. Многумина меѓу 15.000 учесници на протестот биле брутално тепани од полицијата, “црвените баретки“ и други спроведувачи на законот. Гласината дека загинал другар поради полицска бруталност понатаму предизвикала настани кои тајната полиција не ги предвидела. Кадифената револуција се смета за еден од клучните моменти кои довеле до пад на комунистичкиот режим во Чешка.

Студентите секогаш биле двигатели на промените во општеството. Секогаш кога државата била во криза, студентите го кажувале своето мислење, дури и кога било против вредностите на тогашниот режим и верувања. Што ќе кажеме за денес? Студентите мора да ги искажат своите мислења и ставови и да се вклучат во ковањето на своите судбини! Ако не за нас, за генерациите после нас, да ги научиме што претходните генерации ни оставиле.

Блокиран Филолошкиот факултет во Белград

На адресата на Слободен Индекс стигна следново соопштение од нашите колеги и колешки од Белград:





Соопштение за јавноста  од пленумот на студентите на Филолошкиот Факултет

Блокада на филолошкиот факултет во Белград

Министерството за образование [на р. Србија]  во петокот на 14.10.2011 одби да ги исполни барањата на студентскиот протест, притоа образложувајќи дека ние немаме никаков легитимитет и дека можат да прифатат преговори единствено со Студентската конференција на универзитетите од Србија (СКОНУС), а која беше прва што нѐ доведе до моменталната ситуација.

Оставени без одговор и други методи на борба, студентите на пленумот после протестот кој се одржа во петокот на 14.10.2011 одлучија дека блокадата на факултетот е единствен можен и ефикасен метод на борба кој го преземаме. Филолошкиот факултет од денес е под блокада, цела настава се одлага на неодредено време, и зградата на факултетот се наоѓа под контрола на студентите. Покрај наставата, сите останати активности ќе се одвиваат како и до сега. За време на блокадата ќе се организираат и алтернативни настани и едукативни активности организирани од страна на самите студенти.

Со ова се обидуваме да посочиме на понижувачките тешки и неподносливи услови во кои денес се наоѓа студентската популација, а кои произведуваат драстични последици на самиот живот на студентите, семејствата кои ги издржуваат студентите, па со самите тие и на целото општество. Студирањето станува недостапно за сѐ поголем број на луѓе, финансиски и општествен товар кој студентите сами го носат на својот грб практично станува невозможно да се поднесе. Сметки, стан, храна, книги, школарина се некои од многуте проблеми со кои студентите денес сами се борат бидувајќи приморани да паралелно со студиите бараат вработување кое не им е загарантирано дури ни по завршувањето на студиите. Тргнавме по пат кој има за цел да ја промени оваа ситуација по секоја цена.

Блокадата која ние ја спроведуваме не е напад, туку самата одбрана на образованието. Сето она што денес го правиме може да се види само како најпрогресивно движење во денешното општество, движење кое е самоорганизирано врз демократски принципи и без било какви претставници и студентски организации кои со години го поддржуваат правецот во кој образованието се насочило. Ние денес застануваме во одбрана на автономијата на студентите, во одбрана на демократијата и во одбрана на образованието кое мора да биде достапно за секого. Ова не е ограничена студентска борба, ова е општествена борба и борба за послободно и поправедно општество. Затоа, ние сме подготвени да се поврземе со секоја самоорганизирана општествена борба која ги дели нашите ставови и ги повикуваме сите кои тоа го сакаат и можат да нѝ се придружат во студентската борба и блокадите на факултетите кои се во тек и кои претстојат. Исто така, ги повикуваме сите колешки и колеги во текот на блокадата да го окупираат својот факултет и да ги искористат неговите ресурси и капацитети во активности кои ќе бидат од едукативна, работна и понатамошна организациона природа. Со блокада го отвораме универзитетот, на крајот на краиштата таа за нас претставува фестивал на светлоста и звукот кој може да нѐ врати во живот. Ќе го ослободиме универзитетот и ќе го одржиме слободен!



Знаењето не е роба! Сите на блокада!
Пленум на студетките и студентите на Филолошкиот факултет во Белград
17.10.2011



Plenum studenata i studentkinja Filološkog fakulteta
http://plenumfiloloskog.blogspot.com
http://twitter.com/filoloski_fak

Реакција по повод кривичната пријава од страна на полицијата противстудентката С.Б.

Независното студентско движење „Слободен Индекс“ остро ја осудува реакцијата на полицијата во случајот со фалсификување на уплатници од страна на студентката на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ - Битола.

Овој случај на гонење на социјално загрозена студентка е уште еден показател за бескрупулозноста на институциите на системот и нивната негрижа за огромниот процент на граѓани кои живеејќи на прагот на сиромаштијата, не можат да си дозволат пристап ниту до јавните добра, како што е образованието.

Барањата за бесплатно образование не се засноваат врз идеолошки каприци, туку се нужност земајќи ги предвид лошите економски услови во кои се наоѓаат македонските студенти.

Властите, наместо да се занимаваат со вистинскиот криминал што го вршат институциите, вклучувајќи ги и самите универзитети, ги напаѓаат слабите и незаштитените.

„Слободен Индекс“ предупредува дека доколку студентката С. Б. продолжи да биде кривично гонета за случајов, ќе превземеме радикални мерки за нејзина заштита, и воедно ќе се обидеме да стапиме во контакт со неа, за заедно да изнајдеме решение.

Писмо за поддршка на студентските протести во Србија и Кампањата забесплатно образование

Независното студентско движење „Слободен Индекс“ кое делува во рамките на државниот Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, цврсто ја поддржува и охрабрува независната иницијатива за организирање на протести против високата школарина на Белградскиот универзитет и Универзитетот за уметност во Белград.

„Слободен Индекс“ како движење кое веќе три години се бори против школарината, против болоњскиот процес и против хиерархиските парламентарни студентски структури, ја поддржува „Кампањата за бесплатно образование“ и им порачува на сите студенти на државниот универзитет да се обединат во борбата за подобар и поправеден образовен систем.

Имајќи во предвид дека сите земји од Балканот се соочуваат со слични услови на угнетеност преку неолибералните реформи во сите општествени слоеви, а особено во образовниот, сметаме дека е неопходно сите балкански студенти да се обединат, солидарно да делуваат и меѓусебно да се поддржуваат.




Солидарен поздрав,

Независни студентски покрет „Слободен Индекс“

06.10.2011 Скопје

Студентска пролет 2011 - Изрази се!


СТУДЕНТСКА ПРОЛЕТ


ИЗРАЗИ СЕ!







НА УЛИЦА НАМЕСТО ВО СТУДЕНТСКИ КУЛТУРЕН ЦЕНТАР



изложба на фотографии – графики – цртежи – ракотворби – театарска претстава – музика – уметнички перформанси – поетско читање



Имајќи многу што да понудиме, а немајќи каде, организираме акција на неколку локации низ Скопје.

Изложби, претстави, свирки, трибини, поетски читања, уметнички перформанси... Нам ни е потребен простор каде ќе можеме да се изразиме и да ги организираме овие случувања. Додека не го добиеме, ни останува улицата како алтернативно место каде ќе ја изразиме нашата креативност.

Овој настан е самофинансиран од активистите на Слободен Индекс. Секој потенцијален учесник кој може да придонесе на било каков начин (со опрема, со средства или едноставно со учество во организација на настанот) е добредојден.

ВАЖНО: Програмата за настанот е веќе пополнета со изложби на фотографии, графики, цртежи, ракотворби, инсталации, поетско читање, театарска претстава... Сепак, настанот е отворен за секој кој и ненајавено ќе дојде да се изрази со свое дело.

Млади сме, живи, креативни и полни со идеи. Бараме студентски културен центар во рамки на Универзитетот, отворен за сите студенти и млади луѓе!

ИЗРАЗИ СЕ!



ПРОГРАМА:

13.05.2011 ПЕТОК - 12:00-17:00

Градски Парк – Школка

(во координација со Bob Marley Day)



14.05.2011  САБОТА - 12:00-17:00

Плоштад Македонија

Изрази ја својата креативност под отворено небо во недостаток на студентски културен центар.

Поддржи ја независната културна сцена!





Независно студентско движење СЛОБОДЕН ИНДЕКС