ТРИБИНА на тема „Можноста за бесплатно високо образование“

Во понеделник, 06 Декември, на Педагошкиот Факултет ќе се одржи трибина на која ќе се дискутира можноста за бесплатно јавно високо образование (субвенционирано од државниот буџет), за забрзаната комерцијализација и нејзините последици, како и за студентскиот активизам и мерките кои студентите треба да ги преземат со цел да извојуваат образование достапно за сите.

Денес, високото образование во Македонија ги фаворизира оние кои м...ожат да си дозволат да платат, наспроти оние кои имаат капацитет, но немаат средства. Државата со години покрива многу мал дел од трошоците, па студентите се принудени двојно да плаќаат, бидејќи од буџетот кој самите граѓани го полнат со даноци, се двои малку за образованието.

Студентите од целиот свет, обединети под името „Интернационално студентско движење“ (International Student Movement), апелираат дека образованието не е бизнис и не смее да се вреднува како продукт, роба за продажба, и се залагаат за бесплатно и квалитетно образование.

На оваа тема ќе поразговараат:

- д-р Билјана Ванковска, редовен професор на Институтот за безбедност, одбрана и мир при Филозофскиот факултет
- м-р Димитар Апасиев, магистер по правни науки, поранешен програмски уредник на Студентското радио
- Оливер Стефановски, активист во „Слободен Индекс“

По нивните изложувања, следува дискусија.
Трибината започнува во 11 часот.

Предавална 1 на Педагошки Факултет се наоѓа на втори спрат, над Ликовна Академија.

Интернационален ден на студентите (акции)

Студентите од независното студентско движење „Слободен Индекс“ во среда, 17 Ноември, ќе го одбележат Интернационалниот ден на Студентите, во склоп на Global Wave of Action, во кој независни движења од многу земји се борат за слободно и достапно образование, т.е. против негова комерцијализација.

По тој повод, ве покануваме, како студенти и одговорни граѓани, да се активирате во борбата за подобар образовен систем и да ни се придру...жите во следниве акции за актуелизирање на студентските проблеми и подигнувања на младинската свест:

11:00h - Дворот на УКИМ - комплекс факултети

13:00h - Плоштад Македонија (спроти Дал Мет Фу)

21:00h - Клуб Кастро
(свирка на ХаХаХа, Tribute to Alice in Chains, Heart Stroke, Naked Dudes) фб настан: http://www.facebook.com/event.php?eid=166811366672971

Реакција по повод скандалозната цензура во Универзитетското радиоСтудент FM 92.9


ПРЕДМЕТ: Соопштение до средствата за јавно информирање

ПОВОД: Скандалозна цензура во Универзитетското радио Студент FM 92,9

(Гласот на студентите повторно замолчен!!!)

Независното студентско движење „Слободен индекс“, кое е дел од мрежата на Интернационалното студентско движење, најостро реагира на новите непосакувани и правно недозволиви појави во Студентското радио на државниот Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје.

Имено, Програмскиот уредник м-р Димитар Апасиев (кој, патем речено, е најдобриот дипломиран студент во историјата на Правниот факултет со просек 10.00), добива отказ и е суспендиран од понатамошното вршење на оваа функција само поради тоа што во неговата вечерна концептуална емисија за контракултура „Circus Maximus“, меѓудругото, изразил и став против комерцијализацијата на јавното високо образование и критички се осврнал на Болоњската декларација и новиот Европски кредит-трансфер систем на студирање.

Ние, студентите обединети околу каузата на нашето движење, најсериозно протестираме против овој непрофесионален, арогантен, варварски и противуставен обид за замолчување на овој млад интелектуалец и активист од страна на Главниот и одговорен уредник на радиото како и од Ректорот на УКИМ – насочен директно кон подривање на слободоумната студентска мисла и правото на јавно изразување.

По тој повод, а неможејќи да дозволиме интелигенцијата да остане подјармена од беспринципиелното незнаење и дрското лукавство, го повикуваме Главниот уредник Даниела Блажевска, како чин на морална одговорност, да си поднесе неотповиклива оставка, а во спротивно Ректорот на УКИМ – проф. д-р Велимир Стојковски и Сенатот на Универзитетот да ја разрешат од функцијата заради неетичко и непрофесионално водење на Радиото, како и да ги искористат своите ингеренции за враќање на Апасиев во редот на уредувачкиот колегиум.

Доколку ова не биде сторено во најбрз можен рок – ќе ги искористиме сите правни и вонправни методи на правична, радикална и бескомпромисна студентска борба за исправање на оваа еклатантна неправда - недозволива за една здрава академска заедница, која наместо полтрони и послушници треба да стимулира критичка свест кај младите луѓе!

За нашите следни чекори по повод овој скандалозен случај ќе бидете благовремено известени.

Со почит,

Независно студентско движењеСлободен индекс



По ова соопштение, следеше реакција од страна на главната и одговорна уредничка на Студент FM:



РЕАКЦИЈА НА СООПШТЕНИЕТО НА СЛОБОДЕН ИНДЕКС ОД 15.10.2010

Почитувани,

Водена од начелото на новинарската етика и правото на јавноста да ја знае вистината, а како реакција на соопштението на Независното студентско движење Слободен индекс, би сакала да ве информирам дека она што е изнесено во соопштението како причина зошто Димитар Апасиев не е повеќе ангажиран во Универзитетското радио Студент ФМ 92,9, е груба невистина.

Причините поради кои тој веќе не е ангажиран во Универзитетското радио Студент ФМ 92,9 се следниве:



  • Неизвршување на обврските како новинар и уредник;

  • Одбивање да се придржува до новинарската етика;

  • Не ги познава и не ги почитува принципите на работа на радиото како медиум;

  • Универзитетското радио би требало да биде медиум каде што студентите по новинарство треба да ги научат и практикуваат принципите на објективното новинарство, а уредникот треба да се погрижи студентите по новинарство да го почитуваат тоа во нивната работа во Универзитетското радио;

  • Ако не можете да продуцирате емисија која ги почитува новинарските стандарди, тогаш не можете да бидете уредник кој ќе ги учи студентите по новинарство како треба да работат и да ги почитувааат новинарските стандарди.

За дополнителни информации, вратите на Универзитетско радио Студент ФМ 92,9 се отворени.
Контакт: <телефон>
Скопје, 15.10.2010

Главен и одговорен уредник;
Даниела Блажевска


А на оваа реакција следи наша контрареакција:



Почитувана уредничке Блажевска,

Почувствувавме потреба да испратиме одговор на Вашата реакција со цел да не останеме недоизјаснети. Состојбата во „Студент FM“ нам ни е добро позната од повеќе извори и многу од активностите во Радиото упатуваат на фактот дека тамошните вработени и студенти, кои буквално се експлоатирани - затоа што не добиваат никаков хонорар за сработеното - се подложени на остра цензура од страна на нивниот претпоставен, односно токму Вие. Вмешаноста на одредени „виши инстанци“ во работата на студентското радио во случајов не е наш предмет на интерес, зашто единствено може да се сведе на хипотетички заклучоци. Па оттаму јасната врска помеѓу вработените и цензурирањето се сведува на личноста која ја носи најодговорната функција, но воедно и моќта на елиминација на оние „неподобните и некоректните“, а тоа е Главниот и одговорен уредник.

Сосема е разбирливо Вашето тврдење во самоодбрана дека причините наведени во соопштението до печатот се груба невистина, но исто така е и неаргументирано и неподдржано со никакви докази. Димитар Апасиев е личност кого го познаваме и чија работа ја следиме, а неколкумина од нас се и негови поранешни студенти. Тој млад интелектуалец е познат како прогресивен човек кој ужива голема почит помеѓу студентите, учејќи ги на слободоумно размислување и критичко делување, без да го доведат нивното право на слободно размислување (и изразување!) пред компромис. Имено, во однос на Вашите паушални обвинувања кои ги давате „истресени од ракав“ имаме да го изјавиме следново:




  • Ако за „извршување на обврските како новинар и уредник“ се смета понизното коленичење пред и стравопочитта кон квази-авторитетот на Главниот уредник, тогаш да – тој е виновен за неизвршување на своите обврски.

  • Ако под „новинарска етика“ подразбирате поткопување на интелектот на новинарите, забрана на објективниот став, забрана на слободно искажување личен став, пропагирање на „мејнстрим“ државни политики и забрана за критика на институциите и системот - тогаш точно, тој со сигурност не се придржува кон таквата гнила етика.

  • Во поглед на „непознавањето на принципите на работа на радиот како медиум“, кои му ги ставате на товар, се чини поумесно истите овие критики да дојдеа од посоодветна личност а не од Вас - која досега, како новинар во пракса, немате поминато ниту еден работен ден во радио туку во телевизија (што е сосем различен концепт на работа и делување).

  • Дозволете да Ве потсетиме дека улогата на Универзитетското радио како „медиум за пракса на студентите по новинарство“ е само второстепена - неговата првична намена е да претставува гласило на сите студенти (а не само на журналисти), каде тие ќе ја имаат слободата да го искажат својот став во однос на проблематиките во образованиот процес, па дури и кога тоа подразбира да се критикува моменталниот образовен систем кој, за волја на вистината, е далеку од идеален.

Случајот на м-р Апасиев е посочен како екстремен пример на цензурата за која Ве обвинуваме, поради неговата - само привремена - несреќна завршница, но нашиот бунт е реакција на целокупниот концепт на Радиото кое е под Ваша одговорност; концепт кој се разликува од она што ние, студентите, го имавме замислено. Во никој случај немојте да заборавите дека ние не протестиравме за реотворање на Радиото за да добиеме уште еден медиум во кој нашите ставови ќе бидат варварски цензурирани и во кој секоја реченица пуштена во етерот ќе биде под будното око на Уредникот; не протестиравме за радио во кое ќе ни биде диктирано што смее да се каже како „политички коректно“, а што не; и најмалку протестиравме за радио што ќе служи за величање на современиов „европски“ систем на образование.

Ние, пред околу две години, се кревавме на протест за студентско гласило кое ќе биде единственото катче каде студентите – а не Универзитетот – ќе добијат можност јавно да ги искажат своите ставови, било да се критики или пофалби; каде ќе можат да го анализираат јавното образование и да ги поттикнуваат слушателите да се осврнат кон неговите недостатоци и да размислуваат во правец како истите да се решат. Протестиравме - а ако е потребно и повторно ќе го сториме истото - за радио кое и доликува на една демократска држава, а не на тоталитаристички режим! На крај, идејата беше радиото да биде СТУДЕНТСКО, значи на студентите, а не УНИВЕРЗИТЕТСКО, како што го нарековте во Вашата реакција.

Вашата улога како Главен уредник е, доколку се разбира на тоа е способна, да ги научи студентите на објективно новинарство, но тоа подразбира и да ги поттикне да ја истражуваат вистината, секогаш да ја вртат и другата страна на „паричката“ и да не се подвргнуваат на едноумието, а не да ги инструментализира учејќи ги да го кажуваат само она што е „коректно“ да се каже и дрско да ја цензурира нивната мисла.

Врз основа на случајот со м-р Апасиев, но и врз основа на лошата програма која ја следиме на Радиото - која е богата со музика, но сиромашна со едукативни и културни емисии кои ќе го оформат критичкиот дух на академската младина - можеме единствено да дојдеме до заклучок дека Вие, како одговорна во Студент ФМ, непрофесионално си ја вршите работата, водејќи политика на инструментализација на мислата на младите луѓе и, според тоа, неисполнувајќи ги потребите на студентите. Според тоа, „Слободен индекс“, како дел од мрежата на Интернационалното студентско движење - кое е веќе алармирано за настанот - и понатаму останува на ставот дека очекува од Вас, како чин на морална одговорност, да си поднесете неотповиклива оставка и да ја препуштите работата во рацете на некој што ќе ја врши подобро и што ќе спроведува поинаква уредувачка политика во радиото. Доколку тоа не се случи, во најбрз и разумен рок, Ве уверуваме дека ќе бидеме принудени да ги употребиме сите расположиви, институционални и вонинституционални, средства за да ја истераме правдата и да извојуваме еден слободен медиум кој и доликува на интелектуалната студентска младина - и притоа не сме отворени за компромиси, оти слободната критичка мисла не може и не смее да биде компромитирана!!!

Со почит,
Независно студентско движење „Слободен индекс“

Отворено писмо за поддршка на Слободен Индекс од српските студенти


-->> симни го писмото во .pdf формат <<--



Универзитет уметности у Београду

Факултет музичке уметности

Студентски парламент

Отворено писмо подршке студентској иницијативи

Слободен индекс



      Студентски парламент Факултета музичке уметности у Београду пружа пуну подршку студентској иницијативи Слободен индекс из Скопља у борби против решења насталих као продукт самовољнe управe званичних студентских представника СПУКМ-а, који доносе одлуке по принципу индиректне демократије.


      1. Сматрамо да студенти имају право на самостално и независно окупљање мимо званичних студентских организација као што је студентски парламент.


      2. Сваки студент мора имати могућност да својевољно одабере да ли хоће или неће платити чланарину за студентски парламент. Поставља се питање каква је то чланарина када студенти који ту чланарину уплате не постају чланови студентског парламента и још битније, како би неко и могао уопште да постане члан студентског парламента пуким уплаћивањем чланарине када се за студентски парламент организују избори. Сматрамо да је то дискриминација свих студената који, поред плаћања школарине и трошкова свакодневног живота, немају средстава или не желе платити чланарину која нема реалног економског основа. Студент као појединац не представља трошак за студентски парламент, парламент због њега нема расходе, па се самим тим поставља питање за шта је тај новац намењен.


      3. Студенти Скопског универзитета не смеју бити условљавани уписом године ако не плате чланарину, јер било каква чланарина би подразумевала чланство које је добровољно, и као такво не може представљати услов за упис школске године. Све што би представљало услов за упис године морало би бити увршћено у цену школарине. Поставља се и питање да ли је ово већ увршћено у цену школарине, што доводи до сумње да се једна услуга плаћа два пута.



У име студентског парламента Факултета музичке уметности у Београду,


председник студентског парламента,


Бранислав Стеванић


Заедничка изјава


за „Глобален бран на акција за образование“




Ова е превод на заедничката изјава за „Глобалниот бран на акција за образование“ која ја формираа студентски активисти од целиот свет. Слободен Индекс ја поддржува оваа изјава.

----------------------------------------------------------------------------------------------

Во последните десет години студенти, ученици, наставници, родители и работници протестираат против зголемување на комерцијализацијата и приватизирањето на јавното образование и се борат за слободно образование достапно за сите.

Годинава ќе видиме како луѓето ја обединуваат таа борба на меѓународно и глобално ниво во „Глобален бран на акција за образование“.
Многу од нас го користат Меѓународното студентско движење [International Student Movement] како самоуправувачка платформа за поттикнување размена на информации, поврзување како и координирање на протести на меѓународно и глобално ниво. Се залагаме за структури засновани на непосредна, директна демократија и нехиерархиски организации преку колективни дискусии и делување. Секој кој се пронаоѓа во борбата против приватизацијата на јавното образование и за слободно образование достапно за секого може да се придружи и да придонесе во обликувањето на платформата!

Некои од нас веќе се запознаа и поврзаа во текот на следните настани: 10 години од Болоњскиот процес во Louvain la Neuve (Белгија) 25ти-30ти април 2009, G8 University Summit во Торино (Италија) 17ти-19ти мај 2009, Bologna Burns во Виена (Австрија) 11ти-14ти март 2010, Bologna keeps on Burning во Мадрид (Шпанија) 8ми-14ти април 2010 и на Европскиот образовен конгрес во Бохум (Германија) 25ти-30ти мај 2010.

Следните цели нè обединуваат во целиот свет:

Против што се бориме?



  • Против последиците на моменталниот економски систем врз луѓето и образовните системи:

‒   против школарина [партиципација] и било какви други облици на плаќања кои им оневозможуваат на луѓето пристап и рамноправно учество во образованието
‒   против студентско задолжување
‒   против поставеноста на јавното образование на начин да му служи на пазарот (на трудот)

▪   Целта на таканаречениот Болоњски процес (како и неговите пандани во останатите делови од светот) е имплементација на образовен систем кој првенствено ги обучува луѓето со вештини кои му служат на пазарот на трудот. Со ова се промовира намалување на трошоците за обука на поединци, го намалува времето поминато во учење и создава недоволно квалификувана работна сила.

‒   против претворањето на образованието во бизнис, производ кој се продава (како и сите други аспекти на животот)
‒   против (растечкото) влијание на деловните интереси на основните буџети за образование
‒   против (растечките) намалувања на субвенциите за образование од државните буџети низ целиот свет
‒   против „приватизацијата“ на јавните средства со цел субвенционирање на приватните образовни институции
‒   против комодификација [претворање во стока, производ за продажба] и експлоатацијата на трудот [на студентите како и професорите] во рамките на образовните институции


  • Против дискриминација и исклучување во рамките на било кои образовни институции по основ на:

‒   социоекономската состојба (образовните системи моментално се така поставени да луѓето со помалку пари да не можат да учествуваат рамноправно)
‒   националности
‒   успехот на студентите
‒   политички идеологии или активности
‒   род
‒   сексуална ориентација
‒   вера
‒   етничко потекло
‒   боја на кожата


  • Против давање на предност на истражувања насочени кон комерцијално вреднувани патенти на штета на отворено знаење слободно и достапно за сите!

‒   На јавните образовни институции расте притисокот да се натпреваруваат за приватни фондови за спроведување на (основни) истражувања; истовремено приватните фондови имаат тенденција да се инвестираат во истражувања кои ветуваат профитабилност (што доведува до намалување на финансирањата во подрачјата на истражувања кои можат да бидат важни [и корисни], но не се сметаат за економски исплатливи). Образовните институции и учесниците се оценуваат како „одлични“ врз основа на тоа колку се профитабилни и така често ги задоволуваат критериумите за добивање додатни јавни финансирања.


  • Против давање предност на грантови/донации за профитабилни истражувања за сметка на образовни и основни истражувања


  • Против активности на војската внатре во образовните институции

‒   не за истражувања специфицирани за воени намени
‒   не за регрутација и пропагирање на активности за војската

За што се бориме?


‒   слободно образование достапно за сите како основно човеково право: образованието мора првенствено да служи на интересите на единката да биде рамноправна. Тоа значи да може критички да ги согледува и разбира структурите на моќ и околината која го/ја опкружува; образованието мора не само да овозможи рамноправност на поединците, туку и на општеството во целина
‒   образование како јавно добро кое служи на јавните интереси
‒   академска слобода и избор: слобода да се студира било која образовна дисциплина
  
ПРИСТАП:


    ‒   слободно од монетарните механизми на плаќање од страна на учесниците [студентите] и од било која врста на дискриминација и исклучување и со тоа слободен пристап за секој поединец
    ‒   задоволително финансирање на сите образовни институции, независно од тоа дали се профитабилни или не
     СТРУКТУРА:

    ‒   сите образовни субјекти/институции траба да бидат демократски структуирани (подеднанво учество одоздола како основа за процесите на донесување на одлуки)

    Зошто на локално и глобално ниво?


    Влијанието на моменталниот економски систем доведува до конфликти низ целиот свет. Додека вршиме локален притисок за да влијаеме на нашата поединечна локална/регионална политика и законодавство, мораме секогаш да бидеме свесни за глобалната и структурална природа на нашите проблеми и да ги споделуваме нашите тактики, искуства и теоретско знаење како би учеле едни од други. Краткорочните промени можат да се постигнат на локално ниво, но големите промени ќе се случат само ако се обединиме глобално.

    Образовните системи во целиот свет го прават она за што се наменети во склоп со економските и државни системи: избираат, обучуваат и ствараат незнаење, игноранција и послушност. Ние се обединуваме за поинаков образовен систем и поинаков живот.

    Обединети сме против било какви репресии на властите во целиот свет насочени против луѓето ангажирани во борбата за слободно образование достапно за сите.

    Следните групи и поединци ја поддржуваат горенаведената изјава, се обврзале дека ќе ја шират и дека активно ќе се вклучат во „Глобалниот бран на акција за образование“ како и дека во иднина ќе се насочат кон подобрување на вмреженоста помеѓу образовни [студентски] активистички групи во целиот свет.

    Ако сакате да ја поддржете оваа изјава со тоа што вашето име или името на вашата група да биде наведено во листата подолу, испратете порака на:

    united.for.education[at]gmail.com

    ~ еден свет - една борба ~



    ----------------------------------------------------------------------------------------------


    Групи кои ја прифаќаат и поддржуваат оваа изјава до сега:



    ----------------------------------------------------------------------------------------------


    Индивидуалци кои ја прифаќаат и поддржуваат оваа изјава до сега:


    Презентација на Слободен Индекс

    На 12 спетември со почеток во 18:00 часот во Ла Кања како дел од настанот СРЕДСТВА БЕЗ ЦЕЛ, ЗНАЕЊЕ БЕЗ ЦЕНА, D.I.Y. фестивал ќе зборува и Оливер Стефановски од Слободен индекс на тема Студентски активизам.

    Повеќе информации за програмата на фестивалот можете да најдете ОВДЕ.

    БОЛОЊА: за Елитата Корист, Темнина за Студентот

    Има некаква мистика во Болоњскиот процес – се појави од никаде, го потпиша цела Европа, од корен го смени стариот образовен систем, воведе претходно нечуени стандарди и остави мошне драстични последици, не само во образованието, туку и во општеството во целина, и сепак, во сиве овие години, ретко кога покрена било какви прашања.


    Прашања имаше, но само од технички карактер: како да се имплементира, како да се приспособи на системите во другите европски земји, како да одговори на директивите на ЕУ, како да се справиме со целата реформа. Но безмалку цела деценија откако се потпиша таа фамозна Болоњска декларација кај нас, во јавноста не се крена никаква дебата за тоа каква е политиката што се труди да ја наметне, какви промени предвидува да постигне, какви последици ќе почувствува општеството по нејзината имплементација. Се’ до пред некој ден.


    На 12-ти овој месец Министерството за образование заедно со Ректоратот на УКИМ и со некој си Центар за истражување и креирање политики одржаа јавна „дебата“ на тема преиспитување на искуствата од Болоњскиот процес. „Дебатата“ беше одржана во малата сала на Ректоратот, која брои едвај 40 седишта, половина од нив зафатени само од медиумите. На оваа конференциска парада, одржана само колку само да се тргне од дневен ред ова горливо прашање – и тоа во контролирани услови – видовме „стручњаци“ од странство, претставници од Министерство, управата на Универзитетот, ама не и макар еден студент. На конференцијата можеше да се чуе по некоја модерирана критика за тоа како не чинеле тестовите на заокружување и слично, но никој не го покрена најважното прашање: дали можеби овој Болоњски систем треба целосно да се исфрли?

    Што воопшто подразбира тој Болоњски процес? За студентите, Болоњскиот процес е материјализиран во поимот ЕКТС. Поимот ЕКТС за студентите значи: секој ден да одат на предавања; катадневно да се докажуваат преку основношколската практика на кревање два прста за плусче во дневник; дека ќе полагаат на фенси компјутери; дека тестовите на заокружување од истите тие фенси компјутери можат да се купат во секоја фотокопирница (одговорени); дека студентскиот живот ќе го поминат во бркање бодчиња за оценка плус, понекогаш и со ниту еден прочитан ред од учебникот. Поимот ЕКТС за студентите уште и значи: дека додипломските студии се само подготовка за мастер, без кој утре нема да можат да најдат работа; дека тие мастер студии ќе ги чинат нивните семејства дваесетина месечни плати; дека дури и после тие мастер студии ќе излезат од факултет толку слабо обучени што едвај би се снашле АКО најдат работа; дека заедно со нив дипломирале уште барем тродупло повеќе кадри отколку што бара дадената област.


    За универзитетите, Болоњскиот процес значи: дека секоја година ќе ги зголемуваат квотите за да заработат повеќе пари од партиципација; дека проодноста од еден семестар во друг ќе се зголеми, повторно за да заработат повеќе пари од партиципација; дека ќе продаваат ЕКТС правилници по цена од 1500 денари; дека ќе отвораат беспотребни работни места, од типот на ЕКТС координатор. За државата, пак, Болоњскиот процес значи дека секоја година се’ повеќе ќе го кратат буџетот за образование во прилог на „осамостојување“ на Универзитетите; дека краткорочно ќе го решат проблемот со невработеноста преку логиката „повеќе млади со статус на студенти – помала бројка во заводот за невработени“; дека нема да се противат на општите тенденции за приватизација на јавните добра; дека нема да и’ се спротивставуваат на Европската Унија.

    Од Болоња, се разбира, најмногу корист имаат политичките и економските елити. Но што значи Болоњскиот процес за општеството? Овој процес е една од програмите на ЕУ кои постојат за да имплементираат т.н. неолиберална политика. Неолиберализмот како светски тренд  зема замав уште во раните деведесетти, но во последнава деценија неговата примена е најдрастична. Не е случајно што во Македонија високото образование почна да се наплаќа токму во текот на подготовките за потпишување на Болоњската декларација во 2003 година. Во таканаречените „социјални“ западни држави, образованието во најголем дел е финансирано од државниот буџет, како и здравството, комуналните услуги и сите останати добра од јавен интерес. Неолибералната политика, меѓутоа, со години се обидува да ја потисне таквата традиција, со цел приватизација на јавните добра – капитализмот во своето најдобро светло. Светската економска криза се покажа како совршено оправдание за сечење на средствата од буџетот наменети за образование, и со тоа поскапување на студиите. Повеќе од три години низ цела Европа, но и надвор од нејзините граници, студентите протестираат поради тие кратења, и во крајна линија – против Болоња. Оти Болоња за општеството не значи ништо, освен комерцијализација на образованието; знаењето стана продукт, дипломите станаа стока на продажба. Студентите се принудени да купуваат нешто што нивните родители одамна веќе го имаат исплатено – преку даноци. Јавното образование е на пат целосно да се приватизира, и Болоњскиот процес е патот кој ќе го одведе до таму. Квалитетот на образованието во нашава земја е ужасно опаднат, оти критериумот повеќе не е знаењето, туку кој колку има да плати. Факултетите исфрлаат кадри како машини во фабрика, а тие неспособни кадри утре не можат да си го најдат местото на пазарот на трудот. Наставната програма повеќе не се образува според потребите на општеството и на човештвото, туку исклучиво според потребите на пазарот на труд. Студентот стана безгласна буква, незнаен јунак, јунак-незнајко. Студентот сега е воспитуван со менталитетот како полесно да се помине. Студентот е исклучен од општествените случувања, бидејќи целото време му е обземено во обврски околу факултетот. „Предавање – 4 часа. Учење на лекцијата – 6 часа. Подготовка за наредниот час – 2 часа.“ Вака изгледаат повеќето ЕКТС правилници, кои во детали му го имаат испланирано денот на студентот.

    А го праша ли некој студентот што има на ова да каже? Ние не ја сакаме Болоња. Ние бараме целосно да се отфрли овој систем на студирање. Ние бараме јавно високо образование целосно финансирано од државниот буџет.  Сакаме секој да има еднакви шанси и еднаков пристап до високо образование, а не само оној што има да плати. Се залагаме за квалитетно и еманципирачко образование и нема да дозволиме да ни го приватизираат. Сакаме автономен универзитет кој ќе произведува знаење во прилог на еманципација и напредок на човештвото, а не фабрика за производство на нискоквалификувани кадри. Универзитет во кој државната власт и економските елити нема да смеат да се мешаат. Бараме образование кое е слободно и достапно за сите.

    ПРОТЕСТ 20.05.2010

    СТУДЕНТСКИ ПРОТЕСТ


    20.05.2010,
    ЧЕТВРТОК

    14:00
    ЧАСОТ

    ПРЕД
    СПОМЕНИКОТ НА СВ. КИРИЛ И МЕТОДИЈ



    НАШИ КРАЈНИ ЦЕЛИ:

    - ЦЕЛОСНО УКИНУВАЊЕ НА ПАРТИЦИПАЦИЈАТА
    (Студиите да бидат целосно субвенционирани од државниот буџет)

    - НОВ
    СИСТЕМ НА СТУДЕНТСКО ОРГАНИЗИРАЊЕ КОЈ СЕ БАЗИРА НА ДИРЕКТНА ДЕМОКРАТИЈА

    (Без избори, секој студент е претставник на самиот себеси и своите потреби и
    барања, секој ќе има право на глас, мислење и одлучување - тоа е вистински студентски парламент!)

    А ВО МЕЃУВРЕМЕ:

    - УКИНУВАЊЕ НА ПАРТИЦИПАЦИЈАТА ВО ДРЖАВНАТА КВОТА И НАМАЛУВАЊЕ НА ИСТАТА ВО ПРИВАТНАТА

    - БЕСПЛАТНИ СТУДИИ ЗА СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ

    - ЧОВЕЧКИ УСЛОВИ ЗА ЖИВОТ ВО СТУДЕНТСКИТЕ ДОМОВИ

    - ПОПУСТИ ЗА СТУДЕНТИТЕ ЗА ЈАВНИТЕ УСЛУГИ
    (јавен превоз, културен живот, храна итн.)




    СЕКОЈ/А ШТО СЕ ПЛАШИ ДА ИЗЛЕЗЕ И ДА ГО КРЕНЕ СВОЈОТ ГЛАС ОД
    РАЗЛИЧНИ ПРИЧИНИ МОЖЕ ДА ДОЈДЕ СО ПОКРИЕНО ЛИЦЕ.




    ПРОТЕСТИТЕ ОД 1968-ма ГОДИНА

    Почетокот


     



    По Втората Светска Војна, во повеќето земји настапи период на мир и
    просперитет и светот доживеа пораст на наталитетот. Децата родени во овој
    период растеа во поинакви услови од било кога претходно - телевизијата се
    појави во домовите, државното образование стана подостапно, и како резултат на
    тие промени, израсна генерација луѓе посвесни за себеси, со критички дух,
    поголема слобода на изразување и повисок степен на писменост.



    Токму таа млада генерација луѓе во текот на 60-тите години ги подигна
    брановите на социјални движења насекаде низ светот и ги оформи вредностите на
    наредната генерација, академска младина која во 1968 предизвика револуционерни
    бунтови и промени, отпочнати од студентите, помогнати од работичката класа.



    Тоа беше период на граѓански бунтови и движења кои ја кренаа прашината
    околу граѓанските права и кои не се плашеа да се спротивстават на силите на
    полициските држави: движењето за граѓански права во Америка, социјалистичките
    движења во Италија и Франција, 
    левичарските движења во многу европски и северноамерикански држави,
    антивоеното движење во Велика Британија, борбата за Африканската независност,
    феминистичките движења, движењата против Студената војна...



     



     



    Мај `68-ма во Франција



    Во текот на мај 1968 година во Франција се случи најмасовниот генерален
    штрајк што успеа да ја сопре економијата на една така развиена индустриска
    земја. Силите на студентите и на работниците се здружија во масовни бунтови,
    главно револтирани од модерното консумеристичко општество, критикувајќи го
    тоталитаризмот и западниот капитализам. Револтот на илјадниците кои протестираа
    речиси ја сруши владата на тогашниот претседател Шарл де Гол, и иако протестите
    не завршија во полза на протестирачите, сепак имаа огромно социјално влијание.



    Настаните беа иницирани на 22 март, кога мала група од познати поети и
    музичари, како и 150 студенти ја окупираа административната зграда на Парискиот
    Универзитет на Нантер и таму одржаа состанок за решавање на класната
    дискриминација во Француското општество и политичката бирократија која го
    контролираше образовното финансирање. Откако полицијата го опколи
    Универзитетот, студентите беа принудени да ја напуштат зградата, иако нивните
    барања не беа остварени.



    После месеци на конфликти помеѓу властите и студентите од Парискиот
    Универзитет на Нантер, администрацијата го затвори Универзитетот на 2-ри мај
    1968, а неколку дена подоцна и Универзитетот на Сорбона. На 6-ти мај, Државниот
    Студентски Сојуз (сé уште најголемиот студентски сојуз во Франција), заедно со
    Сојузот на универзитетски професори, повикаа на марш на протест против
    полициската инвазија на Сорбона. Над 20
    .000 студенти, професори и нивни
    поддржувачи маршираа кон Сорбона, каде најпосле маршот зазема насилни димензии,
    кога толпата ја нападна полицијата со камења од калдрмата. Полицијата возврати
    со солзавец и стотици студенти беа уапсени.



    Наредниот ден средношколци и млади работници им се придружија пред
    Триумфалната Капија каде ги поставија следниве барања: да се ослободат
    уапсените студенти; полицијата да го напушти Универзитетот; и властите повторно
    да ги отворат Нантер и Сорбона. На 10 мај, толпата повторно се собра на левиот
    брег на Сена и повторно беше сопрена од полицијата. Конфликтот резултираше со
    стотици уапсени и повредени, а се ширеше и информацијата дека полицијата
    испратила т.н. „агенти-провокатори“ да го разгорат бунтот, палејќи автомобили и
    фрлајќи Молотови коктели.



    Групата на бунтовни студенти брзо ги придоби симпатиите на јавноста и
    набрзо голем дел од левичарските федерации им се приклучија во протестот. На
    13-ти мај над милион луѓе маршираа низ Париз, а полицијата не можеше да ги
    сопре. Премиерот Жорж Помпиду најави ослободување на затворениците и повторно
    отворање на Сорбона.



    Но тоа не ги задоволи студентите, туку само повеќе го разгори нивниот жар.
    Кога Сорбона се отвори, студентите ја окупираа и ја прогласија за „автономен
    народен универзитет“. Движењето беше организирано во над 400 комитети насекаде
    низ Париз.



    Во наредните денови работниците, охрабрени од студентските протести, почнаа
    да ги окупираат фабриките. За неколку дена успеаја да окупираат околу 50 големи
    фабрики, а 200.000 работници беа излезени на штрајк. Таа бројка за помалку од
    една недела порасна на 10 милиони работници, или грубо – две третини од
    Француската работна сила. Тие се залагаа за исполнување на работничките права и
    за повисока плата, а фабриките низ цела Франција не работеа цели две недели.
    400 до 500 илјади луѓе маршираа низ Париз на 30 мај, пеејќи: „Збогум, де Гол!“.



    Во текот на наредниот месец револуционерното чувство полека почна да
    слабее. Работниците се вратија во фабриките, иако многу од нив беа избркани од
    работа. Студентскиот сојуз ги отповика уличните демонстрации. Владата успеа да
    задуши многу левичарски организации, а полицијата повторно ја превзеде Сорбона.
    Де Гол победи на изборите присилно одржани во јуни. Последните студентски
    демонстрации се оддржаа на Денот на Бастиља, кога студенти со левичарски и
    анархистички убедувања одржаа протест на улиците на Париз. Париската полиција и
    безбедносните сили на државата брутално го задушија протестот, што резултираше
    со крвав исход – многу од студентите беа уапсени, а некои и тешко повредени.
    Меѓу повредените имаше и туристи кои дошле за празникот, што резултираше со
    остра критика од страна на соседните влади.



    Настаните од  Мај 68-ма не
    завршија успешно за демонстрантите кои протестираа, но огромните последици се
    почувствуваа во текот на наредните децении, кога конзервативната Франција,
    осврната кон религијата, патриотизмот, почитта кон властите, полека се претопи
    во либерална Франција, наклонета кон еднаквост на половите, сексуална слобода и
    човекови права.



     



    Мартовските настани во Полска



    Кон крајот на 60-тите години од дваесетиот век, комунистичката влада на
    Народна Република Полска иницира бран на антисемитизам како дел од т.н.
    „антиционистичка“ кампања, која служеше со цел да се одвлече јавното внимание
    од актуелната политичка криза и кое резултираше со масивна емиграција на Евреи
    од Полска. За преживеаните полски Евреи од 
    Холокаустот животот назад во нивната родна земја стана неподнослив;
    нивните домови беа одземени, масивно ги губеа работните места и беа подложени
    на омраза, дискриминација, а неретко и физичко насилство.



    Студентското движење во Полска, кое имаше либерална позадина и се залагаше
    за слобода на изразување на интелектуалците и уметниците, ги започна своите
    протести во јануари 1968 година, кога полската влада го забрани изведувањето на
    една претстава од Адам Микиевиц, под обвинение дека содржи антируски и
    антисоцијалистички елементи. Последниот пат кога претставата беше изведена, на
    30 јануари, 300 студенти од Варшавскиот Универзитет и од Државниот Театар беа
    претепани со палки од страна на контра-протестирачи испратени од владата.



    На 8-ми Март група од околу 1500 студенти изведоа марш на протест пред
    Варшавскиот Универзитет и повторно беа претепани со палки. Во следните четири
    дена, протестите се раширија низ десетина други градови во Полска. Општата
    јавност се приклучи на протестите во брутални пресметки помеѓу студентите и
    полицијата. Соочувајќи се со сериозен отпор, Комунистичката партија на Полска
    го етикетира студентскиот бунт како „ционистички“ за да го одвлече вниманието
    на јавноста и за да ја зајакне антисемитската омраза на народот. До крајот на
    април 1968-ма најмалку 2725 луѓе беа уапсени поради учество во студентските
    протести.



     



    Протестите во Југославија



    Во текот на 60-тите години, во Југославија настапи своевидна економска
    криза како резултат на владини реформи. Степенот на невработеност почна нагло
    да расте, фирмите да пропаѓаат, а многу од работниците иако вработени, со
    месеци не земаа плата. Граѓаните од сите сојузни држави масовно пребегнуваа на
    работа во странство, особено низ Европа, за да ја избегнат кризата во
    Југославија.



    Тензиите растеа и малку граѓани беа задоволни. Тоа непосредно доведе до
    немири, како дел од револуционерниот бран кој се ширеше низ цела Европа.



    Бранот на протести започна на 2 јуни 1968, кога на една универзитетска
    приредба на студентите им беше забрането да присуствуваат поради недоволно
    простор, кој им беше преземен од страна на бригадирите кои имаа предност за
    влез во халата. Оние кои останаа надвор почнаа жестоко да протестираат и наскоро
    дојде до физичка пресметка помеѓу студентите и бригадирите. Приредбата беше
    прекината и полицијата толку брутално делуваше, што студентите и бригадирите
    наскоро заедно се свртеа против полициските сили.



    Тој ден жарот се разгоре, а тоа беше доволно за веќе наредниот ден да се
    изорганизираат неколку илјади студенти на марш кон Белград. Началникот на
    белградската полиција издаде строги наредби студенти да не се пуштаат во
    градот, но студентите не се откажуваа, па крајот доби крвави димензии.
    Полицијата ги напаѓаше студентите со огнено оружје, а тие запалија
    противпожарна цистерна. Најмалку четворица студенти загинаа тој ден.



    Истата вечер на Филозофскиот Факултет е одржан итен состанок на сите декани
    и донесена е одлука за општ штрајк на Универзитетот и прекин на наставата.
    Почна да се штампа забранетиот студентски весник „Студент“, секој ден со
    вонредно издание. Седум дена, колку што траеше штрајкот, Универзитетот беше
    опколен со полиција, а студентите влегуваа и излегуваа само со индекс.
    Полицијата на неколку наврати упаѓаше на факултетите и ги апсеше и претепуваше
    студентите и за најмал повод.



    Студентите брзо ја освоија поддршката на уметниците. Секојдневно се
    оддржуваа трибини и средби на кои професорите и студентите дискутираа за
    проблемите во општеството. Демонстрациите добија политичка левичарска
    конотација. Белградскиот универзитет се преименува во „Црвен универзитет –Карл
    Маркс“.Направен е список со студентски барања кои вклучуваа ослободување на
    уапсените студенти, слобода на говорот, смена на шефот на полицијата и
    укинување на реформите кои доведоа до невработеност.



    Во сите новински редакции и телевизии беше воведена цензура – полициските
    сили ги окупираа и нивните простории. Секој издаден весник беше строго
    контролиран, па во весниците можеше да се прочитаат наслови од типот: „група
    криминалци протестираат“; „на студентите не им се учи“ итн.



    На седмиот ден од демонстрациите лидерот на Југославија, Тито, излезе на
    телевизија со долг и збунувачки говор, поттикнувајќи ги студентите да се
    повлечат од протестите и ветувајќи им исполнување на некои нивни (ситни)
    барања. Студентите увидоа дека нема што повеќе да се направи и ги отповикаа
    демонстрациите.



    Демонстрантите скапо го платија повишувањето на својот глас. Поактивните
    студенти во протестите беа избркани од Универзитетот и им беа одземени
    пасошите. Многу од професорите кои го поддржаа протестот ги изгубија своите
    работни места.

    Став во однос на ваучерите

    СТАВ НА СЛОБОДЕН ИНДЕКС ВО ОДНОС НА КОМПЈУТЕРСКИТЕ ВАУЧЕРИ ЗА АПСОЛВЕНТИТЕ

    Слободен Индекс одлучи ваучерите да бидат исфлени од барањата на движењето! Сметаме дека студентите во Р. Македонија се соочуваат со далеку поголеми и посериозни проблеми од недобивањето на ваучер за компјутер во вредност од 250 евра.

    Но имаме предлог. Наместо власта да дава ваучери во вредност од по 250 евра за компјутери и/или компјутерски делови, со тие пари може да ги плати партиципациите на апсолвентите за нивната последна година од студирање. На тој начин многу повеќе ќе добијат студентите. Апсурдно е да бараме ваучери кога се' уште плаќаме за студирање. Или доколку не ви се допаѓа тој предлог тогаш нека ги плати сместувањата во студентските легла, или нека исполни било кое барање од оние што ние како движење ги имаме наведено.

    Нашата совест не ни дозволува да бараме ваучери пред да можеме да бараме значително подобрување на условите за живеење во студентските домови, навременото исплаќање на стипендии и кредити(но и транспарентен и фер начин на доделувањето на истите), греење во факултетските објекти,вистинска автономија на универзитетите, студенски бенефиции(превоз, културни настани и сл.) и секако укинувањето на партиципацијата која беше воведена во 2002 година!