НЕ за институционална борба, ДА за протести и блокади!

Реформистите и НВО се залагаат за институционална борба. Петиции, претставки, бирократија, шалтери.. А и премногу дебатираат и полемизираат околу очигледното. 
Студентот е беден, обесправен и нема што да се дискутира околу фактите, а тоа е факт. Нема да бидеме дефетисти и да се предадеме на условите, ниту пак ќе се конформираме. Но нема ни да ја институционализираме борбата! Нема да се влечкаме по шалтери и да се префрламе од еден службеник до друг, низ лавиринтите на бирократијата. 
Во практиката - во најголем дел од случаите (грубо над 90%) овие методи потфрлаат, редовно. Не само што потфрлаат, туку се и автодеструктивни - го пасивизираат студентот и наместо директна борба, нудат посредна „борба“, која што им одговара на надлежните, бидејки воопшто не ги тангира - мирно спијат. Петициите завршуваат во фиока, буквално. И ова не го претпоставуваме, туку го знаеме. Ни се случувало. Ваквите методи, ја полираат површината (последицата), додека суштината (причината) - не е гибната. Проблемот се решава коренски и само коренски, поинаку - се пролонгира и повторно ќе се јави. Во денешен контекст, за да се привлече внимание и да се стави акцент на проблемот - потребно е да се удри по капиталот (парите) и угледот на надлежните, било тоа да се факултет, универзитет или министерство за образование. А како? Протести, блокади - окупирање на јавниот простор.. Директна акција. Самоорганизирање, без да се чека нечие одобрување, за да излеземе и да се бориме во свое име и да се солидаризираме со проблемите на нашите колеги и колешки. Нема потреба да ги чекаме од студентскиот парламент, ниту од управата на универзитетите, ниту од министерството да се сожалат на нас и да реагираат. Не ни требаат. Си требаме ние, да се солидаризираме едни со други и тоа е доволно. Нема да се самосожалуваме, ќе излеземе и ќе се бориме!  




Дури и протестите се меѓу-чекор во студентската борба, зошто ако се остане само на марш - ќе нè остават да се прошетаме, да повикаме а-у и тоа е тоа, никому ништо. Досега, од искуствата во соседните земји и пошироко, единствен ефективен метод е блокадата. Блокадата е радикализирање на борбата - ги користи двата фактори за остварување на целите - го „нарушува“ угледот на авторитетот, а бидејки блокира одреден процес (настава или функција на јавниот простор) - се трошат време и пари. Е тогаш, надлежниот има „желба“ да комуницира и преговара со студентите. Околу комуникацијата (се прават работни групи, за различна цел) - потребна е деперсонализација на борбата, односно ротирање на студентите што контактираат со јавноста, со цел да не се идентификува борбата со личности од најмалку три причини:

1. Една личност (или неколку личности) лесно се корумпира
    
2. Притисокот кога е распределен на еден колектив, наместо на една личност - полесно се носи
  
3. Секој е еднакво одговорен, односно одговара за себе, во свое име делува

При давањето изјави, треба да се внимава, изјавите да се конкретни и прецизни, со цел да се избегне спинување и деформирање (манипулирање) на изјавите. Медиумите не се навикнати на радикална реторика и радикално дејствување, затоа не треба да нè изненади, ако информираат парцијално/делумно (или не информират воопшто или информираат негативно) и ако се обидат да ја дискредитираат борбата заради методите. Гандиевските методи, се можеби добри за во холивудски квази-пацифистички филм, меѓутоа во практика - не само што не функционираат, туку и го фиксираат статус квото на студентот или дополнително ја влошуваат состојбата.

„Системот“ на функционирање е делегатски - преку делегати чија што улога е да пренесат став на студентскиот колектив, кој претходно е договорен по пат на консензус или мнозинство на студентска средба - пленум, по принципот на директна демократија односно еден чоек = еден глас. Делегатот нема право да изнесува свој личен став, не е претставник ниту е овластен да носи одлуки во име на колективот, тој само пренесува став, со цел да се олесни комуникацијата. Работните групи ротираат, заради горенаведените причини, распределба на одговорноста - меѓу останатото. Блокадата треба добро да се организира, односно да се запазат сите аспекти, со цел да функционира.




Во кратки црти, вака би требало да се одвива студентската борба.

No comments:

Post a Comment