Sunday, April 29, 2012

Балканот во солидарност за бесплатно образование

Мрежата „БАЛКАН СТУДЕНТ“, чија автономна членка е и Слободен Индекс, на 24 април одржа заедничка акција во четири градови на Балканот: Сараево, Белград, Скопје и Риека.

Активистите на локалните студентски движења на четири различни страни истовремено истакнаа пораки со цел да ја потсетат јавноста на комерцијализацијата на образованието која е заеднички проблем на сите земји на Балканот, како и да ја рашират идејата за бесплатно образование, целосно финансирано од јавниот буџет.


Акцијата помина успешно во сите градови, освен во Белград, каде полицијата ги пречека активистите пред Ректоратот и им се закани со апсење доколку не се разотидат.


Скопје, Независно студентско движење Слободен Индекс

Риека, Autonomni studenti


Белград, Sindikat obrazovanja ASI и Nezavisna inicijativa FMU


Сараево, Inicijativa za studentski sindikat

Saturday, April 14, 2012

Изјава за јавност од III. состанок на мрежата „Балкан Студент“

 

Третиот состанок на мрежата „Балкан Студент“ беше одржан на 7-ми и 8-ми април во Сараево, Босна и Херцеговина. На состанокот присуствуваа следните групи: Слободен Индекс (Скопје, Македонија), Sindikat Obrazovanja ASI (Белград, Србија), Nezavisna studentska inicijativa Fakulteta muzičke umetnosti (Белград, Србија), Мi smo univerza (Љубљана, Словенија) како потенцијална група-членка и Inicijativa za studentski sindikat (Сараево, БиХ) како домаќин. Групите Autonomni studenti (Риека), N`Solidaritet (Приштина) и Студентски глас (Софија) не беа во можност да дојдат поради финансиски причини, но активно придонесоа кон подготовките за состанокот.


„Балкан Студент“ е мрежа на слободарски студентски групи која се бори за: бесплатно (целосно јавно финансирано високо) образование, преку зголемување на јавните издатоци за образование; за укинување на Болоњскиот процес и негова замена со еманципаторно образование, втемелено на прогресивни идеи и критичко мислење; за укинување на претставничките студентски тела и нивна замена со директнодемократско самоорганизирање на студентите; и за остварување на целосна политичка автономија на Универзитетот, без вмешување на државата и на пазарот на труд.

Мрежата е оформена во април 2011 година и моментално брои седум групи-членки од сите страни на Балканот, со тенденција и понатаму да се шири. Мрежата промовира самоорганизирање како метод на делување, и е организирана на принципите на директна демократија, а постои за да ги обедини сите студенти од сите Балкански земји во борбата за бесплатно образование, со цел да се зацврсти движењето против комерцијализација на образованието, и тоа преку координирани акции, размена на искуства, солидарност и взаемна помош.

На третата средба Мрежата ја издефинира својата структура и ги испланира идните заеднички акции и заедничко делување во рамки на локалните заедници на групите-членки, а во прилог на понатамошната студентска борба против општествените неолиберални реформи, кои заземаат се` поголем замав во Балканските земји. Мрежата „Балкан студент“, како и нејзините автономни групи-членки, стануваат се` посилни и ќе продолжат организирано да се борат против комерцијализацијата на образованието, а за квалитетно и бесплатно образование.

Наредната средба ќе се одржи во Скопје во октомври 2012 година во организација на независното студентско движење „Слободен Индекс“.

Еден Балкан – една борба!

Мрежа „Балкан Студент“

13.04.2012