Нов удар врз студентите

Бескрупулозноста на нашиот “најдобар универзитет”(божем било некој престиж во ова опкружување да ја имаш титулата најдобар) уште еднаш го зазема своето место во нашата трула академска средина. Имено, се случија два доволно крупни настани кои само ја потврдија моралната деградација на таканаречениот универзитет, кој со секој изминат ден сè повеќе го губи своето значење. И нормално, како што е редот, од овие најнови авантури најдебелиот крај ќе го извлечат студентите.
Во времиња кога гласно се говори за криза, беспарица, штедења, нашиот ректор се дрзнува да го поднови својот возен парк со Мерцедес А класа по цена од 64.000 евра. И како што се очекува секогаш така и овојпат на сцена настапува евтината елитистичка демагогија дека возилото “е потреба, а не луксуз” и дека ова ќе биде платено од некакви сопствени средства кои ректорат ги добивал од разни услуги. Какви се тие средства кои биле добивани од разни услуги? Доволно е јасно дека немате ни трошка доблест да признаете дека се работи за парите од нашите џебови. Кога овие пари би имале некаква друга намена би можеле значително да го подобрат и олеснат макотрпниот студентски живот во нашите студентски домови, на пример, или да се пренаменат за реновирање на трошните факултетски згради, или за било што друго кое ќе го подобри стандардот на студентите, наместо стандардот на Управата. Дали не сметаат за малоумни кога на медиуми тврдат дека возило за Ректорот во пакет со шофер (за да не се малтретира да вози еден човек од така висока положба ;) ) мора да биде од најдобра класа и со највисока цена?! 
Вториот битен момент се новите измени во законот за високо образование, кои вообичаено фантомски и магично се протуркуваат на мала врата, по скратена постапка, без никакво учество на стручна јавност, без дискусија, полемики, превирања. Најголемиот дел од професорите како и по обичај малодушно одбиваат дури и срамежливо да ги прокоментираат новите измени. Во новите измени според зборовите на министерот имаме “усогласување со препораките на ЕУ, но и со заложбите на Болоњскиот процес”. Повторно на сцена стапуваат апстракциите за усогласување со семоќната ЕУ, иако ретко кога некој размислил дали ова автоматско пресликување на препораки, заложби, европски закони, кореспондира со нашите услови. Наметнувањето на нови драконски казни(кои достигнуваат и до 100.000 евра!) ќе ги примораат факултетите овие средства да го собираат директно од студентите(преку покачувања на партиципации, такси и слично. Но сепак најалармантен момент е корелацијата со агенцијата за странски директни инвестиции заради потребите на пазарот на трудот. Ова значи дека универзитетите сè повеќе и повеќе стануваат бизнис и пазарни робови кои треба да станат успешни послушници и запченици во служба на разни инвеститори. Од ден на ден сè повеќе се негира исконската потреба за вистинско знаење и себе-надоградување, во име на подреденоста на пазарот на трудот. И згора на сето ова, како врв на апсолутизмот министерот ќе може да затвора факултети. 
За крај еден апел до сите студенти дека е време храбро и одлучно да реагираме на целиот овој циркуз. Сите овие работи директно нè засегаат и последиците веќе ги чувствуваме и ќе продолжиме да ги чувствуваме во иднина. И би ги охрабриле најголемиот дел од нашите професори да излезат од доменот на салонски критицизам и конечно да сфатат дека борбата е заедничка и само со здружени сили можеме успешно да ја водиме.