ТРИБИНА: „Студентското самоорганизирање на Балканот“

Во понеделник, на 03. декември во 12:00 часот на Градежен факултет ќе се одржи трибина на тема „Студентското самоорганизирање на Балканот“.
На гости ни доаѓаат студенти - активисти од Риека, Хрватска ("Autonomni studenti") и Белград, Србија ("Nezavisna studentska inicijativa FMU") да ги споделат нивните искуства со студентската борба за бесплатно образование и слободен универзитет. Во Белград оваа есен четири факултета беа под студентска окупација (блокада) како метод за остварување на барањата на студентите, додека во Риека студентите неколку пати се решија за блокада на факултетите и се мобилизираа на повеќе протести за бесплатно образование,а против комерцијализацијата и приватизацијата на високото образование.



Како се организираат нашите колеги во другите земји од Балканот, кога доаѓа време да си го бараат она што им припаѓа?
Како се справуваат со сè поагресивната комерцијализација на знаењето како продукт и сè поприсутната приватизација на јавните универзитети?
Неолибералните мерки се заедничко нешто за сите земји во Европа, па така и за Балканот, каде овие новини можеби доцнат поради застојот со транзицијата, но се посилно се чувствуваат...
Најпосле, до каде сме ние? Што се случи од последните студентски протести (мај 2010) и каде е критичката студентска маса?

Дојдете да продискутираме и да чуеме како е во другите земји.

Студентски став: Алтернатива - избери сè себе !

Дали навистина студентите имаат потреба од лидер?

Овој текст ја пренесува атмосферата од изборите за нов претседател на Студентскиот парламент на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, кои се одржаа на 10 октомври оваа година. СПУКМ информира дека кандидатот Кирил Спироски е избран за нов студентски лидер со освоени околу 4500 гласа.



Она што е чудно за овој настан е тоа што доцнеше цели 11 месеци, без никакво образложение. Уште почудни се видоа правилата на игра за оние што би сакале да се кандидираат. СПУКМ на својата веб-страница објави конкурс според кој кандидатот треба да исполни некој од следните услови:  Кандидатот да добие поддршка од минимум 5 матични парламенти, 1/3 од вкупниот број на пратеници на СПУКМ, или 3000 потписи од студентите на УКИМ. Притоа, даден му е рок од само 8 дена за собирање 3000 потписи, со предуслов времето и местото да го определи претставник од Изборната комисија, што е физички невозможно! Овие правила како намерно да го саботираат секој обид на независен студент да стигне до местото на претседател, по сè изгледа дека ова тело како единствен студентски претставник е отворено само за неговите членови.
 Друг проблем што се јавува, е немањето цензус. Односно, доколку би гласале само тројца, изборите сепак би се сметале за валидни и избраникот би ги застапувал интересите на сите 50 000 студенти активни годинава. Велат, околу 8500 студенти го искористиле своето право на глас. Тоа сочинува само околу 17% од вкупниот број, што е очигледно недоволна излезеност за овие избори да се земат како сериозни воопшто.

Што се случува зад вратите на СПУКМ?

Според  лаички пресметки, СПУКМ добива 7 500 000 денари само од ИКСА која ја уплаќаат задожително сите студенти. Пресметката е базирана на информацијата дека 150 денари од овие средства се наменети за СПУКМ. Ако ја разгледаме програмата објавена на нивниот веб сајт, како нивни цели се спомнуваат: редовно известување за работата и активностите на студентскиот парламент, зголемено учество на студентите во органите на управување, организирање трибини и дебати за постоечките проблеми во високообразовниот процес, воспоставување на културни студентски денови, воспоставување на нова манифестација – Културно студентско лето и ред други фини работи. Но студентите, барем досега, никогаш не добиле шанса да се запознаат со своите легитимни претставници кои би требало да се претстават и да ја понудат својата отвореност за соработка, ниту виделе покана за дебата, ниту се запознале со некакви информатички, културни или спортски активности. Општата политика на СПУКМ, а со тоа и на новите кандидати, е промоција на ЕКТ системот. Но, дали во самиот старт тоа е во корист на студентите? Овој систем досега се покажа како нефункционален за нашите факултети, тргнувајќи од фактот дека тој различно се имплементира насекаде, па се до тоа дека со неговото воведување, знаењето се претвори во роба, а образованието во бизнис. Потрагата по Статутот на СПУКМ каде се наоѓаат сите правила за нивното (не)функционирање се претвори во потрага по тајните списи за Атлантида.


Исти неисполнети ветувања, уцени и закани

Ако направиме споредба со програмата на минатиот претседател, Иван Живковски, би налетале на истите стари, за жал неисполнети ветувања: поголеми студентски стипендии , подобрување на студентскиот стандард и условите во студентските домови, борба за изградба на нови, итн. Како можат студентите да стекнат доверба, кога тие со години се изневерувани од оној кој ги претставува и  ги заштитува нивните права? Како да ги положат своите надежи во нов лидер, кога домовите останаа распаднати, стандардот не се подобри, туку и понатаму нивните џебови останаа празни? Она што ја прави приказната уште потрагична, е што токму студентските домови се мета на вршење разни притисоци од разни партиски активисти. И оваа година имавме прилика од многу студенти да ја слушнеме истата тажна приказна: На денот пред гласањето (кој важеше за ден на предизборен молк), тие биле до 3 пати дневно вознемирувани со скриени повици и добивале закани од типот: „Утре да се појавиш и да гласаш за број тој и тој, инаку ќе го изгубиш своето легло во домот“. Како се случи тоа студентите да заборават дека не се овци на кои им треба овчар, туку свесни суштества, доволно зрели да ги решат своите проблеми заеднички?

Самоорганизирање? 

Ова не е никаква фикс идеја. Важно е студентите да не чекаат некој друг да им ги реши  проблемите, туку самите да се вклучат во решавањето. Наспроти тоа, кога има хиерархија и кога моќта е концентрирана во еден или неколку луѓе на врвот, тие стануваат лесен плен за корупција и манипулација. Станува збор за носење одлуки од малкумина, кои можат штетно да влијаат врз мнозинството, а мнозинството нема право да се побуни. Kај хоризонталната поставеност, ова не е случај, бидејќи ќе треба барем мнозинството така да се корумпира. При директна демократија, СЕКОЈ засегнат има право да искаже свое мислење, да учествува во носење одлуки, да презема одговорност и да не прима наредби. Моќта мора да биде дистрибуирана во секого, а не концентрирана во еден или мал број на луѓе, со цел да не се злоупотреби.

Сите се водат под мотото: „Џабе е, ништо не можеме ние да смениме.“ Но, ако сите така размислуваа, светот денес ќе беше ист како и пред 100 години. Студенту, застани за себе, зашто ти ги носиш темелите на утрешницата!
 
превземено од „Излез“ бр. 8:

Документарец за студентскиот дом "Стив Наумов"

"Филм за студентскиот дом "Стив Наумов" - "Дом"

Снимен „тајно" во 2004 , без знаење на управата, овој документарец го прикажува животот на четворица студенти кои живеат во руинираниот „Стив", во услови не многу различни од денешните. Оттогаш минаа скоро 8 години, се смени власта, поскапе живеачката, дојдоа нови генерации студенти, но во скопските студентски домови малку нешта мрднаа од место... "

Линкот: ТУКА

Студентски став: Студентите и општеството

Студент - некогашна движечка сила, денешно растение. Вегетира или е потонат и летаргичен, пасивизиран преку само-наметнатите пропаганди на скептицизам кои се шират од уво на уво низ младите, како овде ништо и никогаш не би се променало, па мораме надвор да го бараме чарето.

 Како стигнавме до овде?


Од секогаш функционирал механизмот на послушност - како правилна, наспроти непослушноста како неправилна и зло. Да ја разграничиме непослушноста. Од една страна, би стоела инфантилната - детска непослушност, кога некој идиот чисто од ќеф е непослушен,  сака да се расправа со или без причина. Од другата страна е сомнежот - во секоја работа, како многу продуктивен, паралелно со одбивноста да бидиме тивки пред глупите и неиздржани одлуки, кои се рефлектираат на нас. Епа, таквото диктирање на послушност како правилна, е ефективен метод кој успева да ги пасивизира луѓето, да се чувствуваат виновно и мизерно секогаш кога ќе помислат на непослушност. И зошто? Дека поголемиот дел од луѓето се плашат од такви судири на мислења - конфронтирање и мислат дека останатите треба да го практикуваат истото. Тоа е одбранбен механизам. Општествениот притисок е моќен и предизвикува таков ефект, да се чувствуваш чудно кога и да мислиш различно од колективот, па се плашиш да ги вклештиш аргументите и да испадни полемизирање во однос на некое прашање. Ваквата состојба е коктел од два клучни сегменти, кои водат до третиот елемент - продуктот. Првиот сегмент е наметнатата послушност, вториот е скептицизмот, а заедно ги носат стравот и пасивизирањето. Како се раѓа скептицизмот? Преку претходни дејства посредни или непосредни чиј резултат бил лош/слаб и не се реализирале. На пример, група студенти превземаат иницијатива за некоја активност и резултатот од таквото дејство  е лош и на крајот, поголемиот дел од нив завршува стишен и пасивизиран, полн скептицизам. Епа, чекај малку. Прво, за слаб резултат постојат причини: недоволна посветеност и труд, погрешен момент - прерано/прекасно, слаб и лош концепт, лоша распределба на одговорности (за колективни процеси), неодговорност и така натака. Пошто, речиси се си има свое зошто. Така да, не можиш да бидиш разочаран, ако не си се ангажирал доволно и правилно. Потрошено време не е исто со реализирано време. Ти џабе се трудиш, ако трудот ти е погрешно насочен = изгубено време.)


И да, свесен сум за светот денес и за условите и состојбите овде и во околината. Да, поголемиот дел од луѓето се полни предрасуди, прости и конзервативни. Таков е менталитетот. Е сега, контрадикторно е да го презираш менталитетот, кога и ти си дел од него, а паралелно ништо да не превземаш да го промениш. Самиот нема да се смени, си одговара ваков, кога и да се погледни во огледало. Преку него лесно се воспоставува контрола, добар механизам на владеење. Го знајш она, сега знам колку не знам? Информацијата е корисна, ама истовремено е и болна, знам. Некогаш и изолира, во однос на мислењето на колективот. Сакат да бидиш неинформиран. Таков си безопасен, несвесен. Ниското ниво на свест е добродојдено за партиските структури - полесно е за контрола и манипулирање. Овде нема колективна свест? Епа ајде да ја изградиме, заедно, полека-полека. И не, нема да се случи преку ноќ, туку ќе оди побавно, многу побавно. Насоката е побитна од брзината, најчесто.

Погоре, ја наведов состојбата на умот на поголемиот дел од студентите и воопшто луѓето и одбранбените механизми кои се користат, а се деструктивни. Пасивноста и молкот - не се решение, туку проблем. Премлади сме, за да бидиме такви. Лично, нејќам да се чувствувам како предвреме остарен и цело време да бидам уплашен.

Студент - намерно закржлавен мозок за сите прашања потенцијални да му ја нарушат летаргичната состојба или да внесат ризик во неговиот мирен конформистички студентски живот. Чекај малце, како беше она.. а да. На младите светот останува. Епа, со таков став и не е баш така. Ти е страв? Па, треба да си глуп, ако немаш страв - било кога и било каде. Малите количини на страв се добри и корисни и обично се симптом за постоење на мозок, наспроти шуплините во черепот на "бестрашните". Студентот мирно и пасивно ги прифаќа сите одлуки ( а ќе се одразат на него вака или онака) и наместо да го демонтира лошо изградениот образовен систем, тој го помага. Студентите се витален дел на системот, најбитно ткиво и како такво, треба да се се многу поопасни од ова денес. Не мислам на злоупотреба, него зборам за иницијатор и катализатор на промените, во позитивна насока. Млади сме, треба да сме поенергични и поангажирани. Да земаме учество во процесите на носење одлуки. Прво, приоритет би биле студентските прашања, ама во никој случај не би требало да се занемарат и останатите одлуки кои посредно делуваат на студентите (граѓански активизам). А како би се активирале? Со организирање на студентски средби - пленуми и на нив би се дискутирале актуелни проблеми, би се формирало јадрото на делување и конкретна стратегија и концепт за решавање на проблемот. Со трибини на кои би се начнувале различни теми, модели на здраво размислување, продуктивност и сите оние табу-теми кои родителите се срамат да ги начнат дома. Едуцирањето е превентива, во најмала рака. На тој начин би се пополнале пропустите од домашното воспитување, лабилната состојба на младите (несигурноста), вететирачката состојба, скептицизмот и летаргичноста од аспект на делување, па така би се изградило поздраво општество. Паралелно би одела и пропаганда - памфлети, колумни итн. Организирање на протести и блокади на различни нивоа, петиции и слично. Со, а не без причина. Не изигравај бунтовник - ако немаш причина. Ако ја имаш - стани и бори се. А причини - има. Сам - ништо, заедно - скоро се. Така да, има начини, битно е да солидализираме едни со други и да се консолидираме. Студенту - ти имаш најголема моќ во општеството, а не си свесен за неа, ниту пак ја користиш. По мое, наша одговорност и обврска не е само студирањето - учењето. Во тој период најмногу се градиме како луѓе и клучен момент е во градбата на личноста и карактерот. Меѓу другото, наша одговорност и обврска е и земањето учество во многу од процесите во општеството. И не, не мислам дека само во текот на студирањето се важни овие работи. Имавме живот и пред студирањето, ќе имаме и после. Ама, во овај период сме најенергични и ја градиме зрелоста, личноста.

 

На кратко, би ги посочил механизмите на блокирање на студентските движења:



  1.  Дел од студентите се сместени во студентски домови - преку нивната економска состојба и наведена зависност од студентскиот дом (ко луксуз да е во студентски дом да живејш) се манипулира со студентите. Тие се под притисок и закани/уцени. И не ги окривувам, ги разбирам. Ама, ако се обединат - ќе има резултати, сигурно. Имате заеднички проблем? Решавајте го заедно. Поединечните жалби најверојатно ќе бидат игнорирани и без ефект. Плус, кој очекуваш да биди твојот глас, ако не ти? Никој. Дури си тивок и го храниш синдромот: "наведната глава, сабја не сечи" - никогаш и ништо нема да се промени. То е линија на помал отпор и страв од одговорност.

  2. Партиски активизам - студенти полтрони (не сите, има и исклучоци) кои немаат нивен личен/индивидуален став, туку наметнат партиски и во тој стил делуваат. И преку пропаганда, студентскиот мозок оди низ центрифуга - со некои пластични идеи, крајно себични и индивидуалистички. То е амбиција на кратки стази - хранета ситно и купен став ефтино. Добро, колку години имаш? Кога ти го убиле младиот дух, ентузијазмот? Знајш дека мандатот на твојата матична партија не е неограничен, туку напротив? Меѓу другото, алудира и на неспособност, која треба да биди заменета со "стимулаторот" од притисоци на твојата партија. Ја убиваш секоја клетка од младоста со таква зависност.

  3. Квантитетот на студенти по факултетите - колку појќе запишани студенти, толку поголема нивна злоупотреба и манипулирање со нив. Прво, наметнат е тренд дека треба секој да студира, а свесни сме дека не е секој способен за студирање - факт. Можна е продуктивност и на други полиња и нема ништо срамно во нив. Е сега, ќе те потечат со бесплатни реклами - студирај, срамота е да не студираш..дрн, дрн јариња. И, што со сите тие студенти? Нема да бидат дел од статистика на невработени, туку ќе се водат како студенти. Финти. Друго, парадоксално е, пошто од мој агол - квантитетот не е квалитет, ама би требало да создава конкурентност, а таквата конкурентност - знаење или барем, борба за знаење. Добиваме делумно знаење и од тој аспект сме несигурни и го елиминираме просторот за просперитет.
Пола моја генерација се со спакувани куфери и пред да запишат факултет. Очигледно, нешто не штима, а свесни сме - чкрипи. Тогаш, кој очекуваш да се бори за тебе?