Студентски став: Бојкот на студентските избори - време е за нова алтернатива

Годинава на 10 Октомври е најавена уште една добро позната циркузијада која ќе се случува на УКИМ. Ќе се избира нов студентски лидер според добропознатиот “изборен” модел. Новата марионетка ќе ја има светата задача како и сите негови претходници: задушување на секој критички процес кој се јавува кај студентите, пасивизирање и аполитизација на големата студентска маса, и секако она последното за него лично најважно, извлекување на добар материјален бенефит.

Веројатно на секој рационален студент му е познат овој таканаречен изборен процес т.е. доволно е јасно кој зошто и како ги поставува овие “независни” бранители на студентските права. Таа тема е веќе доволно дискутирана. Овде ќе се задржиме на нешто многу побитно т.е. на оспорување на концептот на нивниот “студентски парламентаризам” и нудење на некои нови решенија за студентското (само)организирање. Притоа постојат два моменти коишто треба да бидат запазени.

1.Самиот начин на кандидирање за студентски лидер е една огромна фарса т.е. е конципиран на таков начин за само привилегираното малцинство кое е блиско до одредени влијателни кругови да може да стигне до фотелјата. Во јавниот повик на СПУКМ стои дека “може да се кандидираат студенти од Универзитетот “Св. Кирил и Методиј”- Скопје (со минимум завршен IV семестар) кои ќе добијат поддршка од минимум 5 матични парламенти, 1/3 од вкупниот број пратенци на Студентскиот Парламент на УКИМ, или 3000 потписи од студентите на УКИМ.”

Одовде јасно произлегува тесната врска која треба да постои помеѓу кандидатот и студентските раководства (која е изразена во првите два услови за стекнување на кандидатура). Значи човекот кој треба да стане кандидат за лидер е проверен играч, човек од доверба за кој е сигурно дека добро ќе се вклопи во конформизмот на неговата позиција.Третиот услов е така поставен за неговото исполнување да е практично невозможно бидејќи тешко кој обичен студент би ги собрал потребните потписи за да успее да се кандидира. И самиот чин на гласање е изборна карикатура бидејќи се гласа за само еден претставник т.е. студентски лидер на УКИМ, а членовите на парламентот на УКИМ, студентските лидери на локалните парламенти на факултетите и членовите на локалните парламенти се избираат зад затворени врати. Исто така не постои цензус за избор на лидер т.е. според некои податоци на последните студентски избори во 2009 година излегле само околу 18 проценти од студентите.

2. Вториот и побитен момент е моментот на плурализам во студентското организирање. Постојат поединци и организации кои сакаат да го следат “западњачкиот” модел на студентско организирањe, во кој парламентот ќе стане вистински парламент со претставници од повеќе студентски и младински организации. Но дали на тој начин нешто долгорочно ќе се промени со состојбата на студентите? Одговорно тврдам дека тоа нема да се случи. Причините се јасни и видливи. Во таа бирократска структура дури и оние најискрените претставници би се загубиле во лавиринтот на моќта и за брзо време би се воделе од своите тесни и лични интереси. На тој начин плуралистичкиот парламент би станал само тренинг-камп за идните пре-опортунистички настроени кариеристи кои ќе го искористат студентскиот ангажман за лична добивка. Тие за брзо би заборавиле зошто некој ги гласал и на тој начин активноста и демократијата помеѓу студентите се сведува на обично заокружување. На крајот од краиштата на тој начин студентите ќе бидат принудени наместо на една организација да ги плаќаат од свој џеб каприците на повеќе организации.


Студентски протести во Сантијаго, Чиле, 27 септември 2012.

Вистинската алтернатива - СТУДЕНТСКО САМООРГАНИЗИРАЊЕ

Единствената алтернатива на привилегираниот и елитистички парламентаризам претставува студентското самоорганизирање по пат на непосредна (директна) демократија. Тоа значи дека секој засегнат студент има еднакво право да се вклучи во дискусија, да партиципира, да гласа или на било кој начин да учествува во создавањето на одлуките кои него го засегаат. Тоа се остварува преку студентски средби (пленуми) кои се неформални тела т.е. не постојат надвор од факултетот. На тој начин се постигнува деперсонализација на процесот на носење одлуки, односно работата не паѓа во рацете на лидери или претставници и со тоа значително се намалува можноста за нивна манипулација. Покрај тоа студентите стануваат активни и свесни чинители во демократскиот процес на нивниот факултет, а не само пасивни и неми гласачи кои само се изјаснуваат за претходно подготвена идеја или агенда. Со тоа се афирмира критичкото размислување и согледување кај студентите. Секако дека овој модел може во пракса да предизвика одредени потешкотии, особено во неговиот зачеток. Но сепак тоа не се некои несовладливи пречки. Со тек на време овој директнодемократски модел доволно добро би профункционирал како најлегитимен облик на (само)организирање и потполно би го исфрлил од игра гнилиот студентски парламент.



            КАЖИ НЕ НА ПОДАНИШТВОТО КОН ЕЛИТИСТИТЕ
   САМООРГАНИЗИРАЈ СЕ ! ! !