НЕ СМЕ САМИ!

Глобалната природа на борбата против владејачката економска структура на болното општество ги ослободува своите сили на сите континенти. Ретко ќе чуете на било кој официјален медиум за борбата на шпанските рудари во Астурија, за протестите на студентите во Чиле, за невидено масовните студентски маршови во Канада кои прераснаа во општонародни протести против државната репресија и капитализмот, за студентските нереди во Бангладеш. Обичните луѓе во целиот свет се соочуваат со ист ќорсокак: економска криза, сиромаштија, кратење на социјалните услуги, поскапување на јавните услуги и продлабочување на класните разлики. Челниците на било која држава не гладуваат поради кризата, како што не гладуваат ни „тешките“ капиталисти. Гладува народот, работниците, студентите, децата и сите права кои им припаѓаат се повеќе им се ускратувани, а сето тоа под аргументот на „анти-кризни мерки“.
 Сантијаго, Чиле
Во време на криза никогаш не се крати од давачките за војската, полицијата, државниот апарат и други органи за репресија, туку најпрво се крати од добрата за општ интерес, па така се приватизира здравството, се поскапува високото образование, се бркаат луѓе од работа и се кратат социјалните давачки. Оттаму разбирлив е отпорот кој веќе со месеци го расипува мирот на владејачите во секое катче од планетата!
Борбата за бесплатно и еманципаторно образование не се одвива само овде. Ние не сме сами! Студенти во целиот свет секојдневно се судираат со полициски сили во борбата против социјалната беда. Ним им е јасно дека не смеат лесно да го дадат последното прибежиште и единствената надеж за подобра иднина - Знаењето. Знаењето не смее да стане продукт кој може да се купи и продаде, образованието не смее да биде достапно само за оние со добар финансиски статус.
Само во изминатиот месец се забележани над 45 протести во над 40 градови во светот врзани со борбата за бесплатно образование. Ова е преглед на дел од тие случувања, затоа што кога вистината не ни е сервирана од поткупливите медиуми, мора да останеме љубопитни и да ја бараме на други места.


1 јуни 
Окланд (Нов Зеланд): Стотици студенти ги зазедоа улиците како протест против кратењето на буџетските издатоци за образование. 43 студенти беа уапсени.

3 јуни 
Лахор (Пакистан): студенти протестираа против предложените кратења од буџетот за образование. Во Пакистан буџетот што се одвојува за војската е 10 пати поголем од тој за образование, и дури 80 пати поголем од тој за здравство.





 
5 јуни 
Бразил: 15.000 луѓе ги заземаа улиците во главниот град како продолжение на штрајкот кој започна на 17 јуни и сеуште трае. Штрајкот го прогласија наставниот персонал на универзитетот во Бразилија заедно со студентите, и како резултат на тоа работата на приближно 50 образовни институции е парализирана веќе цел месец.

6 јуни 
Портланд (САД): протест против предлогот за покачување на школарините за наредната 2012-2013, организиран од движењето наречено "Tuition is too damn high" coalition.
 Оукланд (Нов Зеланд): стотици студенти го продолжуваат протестот во  против кратењето на буџетските издатоци за образование.
Берлин (Германија): околу 700 студенти се собраа на еден тамошен универзитет и одржаа генерално собрание за да дискутираат за новите промени во германскиот закон, кои предвидуваат дека студентите ќе добијат само 2 шанси да положат еден испит, и дека потоа ќе мора задолжително да презапишуваат многу предмети, на тој начин продолжувајќи го значително периодот на студирање, но и сумата која треба еден студент да ја плати за да дипломира.

10 јуни 
Читагонг (Бангладеш): Околу 5.000 студенти излегоа за да покажат отпор против условите на хронично нефинансираниот Национален Универзитет.
Монтреал (Канада): Протестите против високите школарини и државната репресија продолжија во текот на последниот ден од Гран При-то. Уапсени 33 луѓе. 



13 јуни

Лос Бањос (Филипини): Протест против буџетските кратења. 

15 јуни

Стотици демонстранти го пречекаа австралискиот премиер во Баларат (Австралија). Буџетот, намален за 20 милиони долари, предизвика целосно укинување на некои катедри и области кои се сметаат за „непрофитабилни“, што ќе резултира со над 1000 изгубени работни места кај наставниот персонал. Не е необично за комерцијализираното образование да ги отфрла „бескорисните“ струки (како уметнички, општествени и други гранки) поради фактот што не се корисни за пазарот на труд оти не генерираат профит.

20 јуни 
Давао Сити (Филипини): протест против високи школарини на универзитетите.
Сантјаго (Чиле): 5000 средношколци покренуваат штрајк против приватизацијата на образованието.
Јужноафриканска Република: масовни демонстрации против владината одлука да затвори 25 школи во провинциите поради недостаток на буџетски средства.
Холируд (Шкотска): заеднички марш на студентите и професорите против кратењето на средствата за образование.
Сиетл (САД): протести против огромниот студентски долг. Во САД најголем дел од студентите мораат да земаат кредити од државата за да си го платат факултетското образование, и потоа цел живот се во долгови и плаќаат огромни камати. Десетици уапсени поради „недозволено нарушување на сообраќајот“.

21 јуни 
Делхи (Индија): прв ден од 5-дневниот штрајк со глад во знак на протест поради превисоките административни трошоци кои дополнително ги оптоваруваат студентите, покрај трошокот за школарина.

22 јуни 
Монтреал (Канада): по 2 релативно мирни недели, приближно 100.000 студенти повторно излегоа на протест против високите школарини и државната репресија. 20.000 други се солидаризираа со нив во Кбевек Сити.
Њу Јорк (САД): „Зомби марш“ под мотото "The night of the living debt", повторно во знак на протест против огромните студентски долгови. На 1 јуни Конгресот одлучи да ги удвои каматните стапки на студентските кредити.

28 јуни 
Сантјаго (Чиле): над 100.000 демонстранти излегоа на дождот барајќи бесплатно образование за сите. 472 уапсени.

30 јуни 
Израел: стотици илјади демонстранти се пресметуваа со бруталната полиција во повеќе градови, меѓу кои Ерусалим, Тел Авив и Хаифа. Слоганот „Единствено решение за приватизацијата е револуција“ одекнуваше низ целата земја. Демонстрантите бараа намалување на цените на храната, образованието и станувањето. 85 уапсени.
Монтреал (Канада): огромен број на бесни родители чии деца беа повредени од полицијата во текот на неколкумесечните демонстрации одржаа „Црн марш“.

ЕДЕН СВЕТ - ЕДНА БОРБА!

ОБРАЗОВАНИЕ ЗА СИТЕ!