Грамши: МРАЗАМ ИНДИФЕРЕНТНИ

Tекст за апатијата, скептицизмот, неодговорноста што луѓето ја чувствуваат кога се работи за учество во општествените промени, и за тоа како пасивната индиферентност кај луѓето во текот на историјата (а и денес) делува како активна пречка за промени што ги иницираат одредени групи...


Напишано од Антонио Грамши (1891-1937), италијански филозоф, политички теоретичар, марксист и основач на Комунистичка партија на Италија, затворен од страна на фашистите.

----------------------------------------------------------------------------------

Мразам индиферентни. Верувам, како и Фридих Хебел, дека „да се живее значи да се биде пристрасен". Не можат да постојат само луѓе, туѓинци во еден град. Оној кој навистина живее мора да биде граѓанин, мора да биде пристрасен. Индиферентноста е безволност, паразитирање, кукавичлук, тоа не е живот. Затоа ги мразам индиферентните. Индиферентноста со својата мртва тежина ја притиска историјата. Таа е железна кугла врзана за ногата на иноваторот, таа е мртва вода во која често се дават и најсјајните елементи, таа е мочуриште кое го опшива стариот град, и го брани подобро од најтврдите ѕидини, подобро од градите на неговите бранители, затоа што во своите калливи вртлози ги голта оние кои јуришаат, ги десеткува и им ја одзема храброста, некогаш терајќи ги да се откажат од херојскиот потфат.

Индиферентноста силно делува низ историјата. Делува пасивно, но делува. Таа е фаталност, таа е она на што не може да се смета; таа е она што ги расипува проектите, што ги руши најдобро креираните планови; таа е груба материја која ù се опира на интелигенцијата и ја гуши. Она што се случува, злото кое ги погодува сите, можното добро кое херојскиот чин (универзалната вредност) може да ја роди, не е во толкава мера плод на иницијатива на малубројните кои се трудат, колку на индиферентноста, на неучеството на мноштвото. Она што се случува не се случува затоа што некои сакаат тоа да биде, колку затоа што огромна маса луѓе се откажува од имањето сопствена волја, им препушта на други да работат, пушта да се заплеткаат јазлите, кои подоцна само мечот може да ги пресече, дозволува да се донесат закони, кои подоцна ќе може да ги укине само бунтот, дозволува да дојдат до власт луѓе кои подоцна ќе може да ги тргне само востание. Фаталноста која доминира со историјата не е ништо друго туку илуозорен вид на таа индиферентност, на тоа отсуство.

Настаните созреваат во сенка, вон надзорот и контролата, тие го ткаат платното на колективниот живот, но масите тоа не го знаат, затоа што не им е гајле. Судбината на некоја епоха е манипулирана, согласно тесните погледи, непосредните цели, личните амбиции и страстите на мала активна група луѓе, а на масите тоа им е непознато затоа што тоа не ги интересира. Но настаните созреваат и избиваат; платното исткаено во тајност е довршено: и така изгледа дека неминовната судбина го сменила животот на сите, како и секој поединец; оној кој тоа го сакал, и оној кои тоа не го сакал, оној кој знаел и оној кој немал појма, како и оној кој активно се борел и оној кој бил пасивен. А токму овој последниот се лути, тој не би сакал да ги поднесува последиците на настаните, би сакал да биде јасно дека тој тоа не го сакал, и дека не е одговорен. Некои плачно ламентираат, други грубо пцујат, но никој или малкумина не си го поставува прашањето: ако и јас го сторев она што ми е должност, ако се потрудев да ја искажам својата волја, ако дадев завет, дали ова би се случило? Но никој или само малкумина ја обвинуваат својата рамнодушност, својот скептицизам, малкумина се сметаат за виновни што не подале ракаи што не помогнале активно на оние групи граѓани кои, токму за да се избегне тоа зло, се бореле и предлагале наместо тоа да се постигне некоја добра работа.

Повеќето од нив, кога ќе се случи несреќата, најмногу сакаат да зборуваат за пропаста на идеалите, за програмите кои дефинитивно пропаднале, и за други слични прекрасности. Така повторно ја почнуваат својата одсутност од секаква одговорност. И тоа не затоа што не ги гледаат јасно работите, и што некој пат не се во состојба да програмираат прекрасни решенија на итни проблеми или пак на оние кои иако бараат подолги подготовки се подеднакво итни. Нo сите тие решенија остануваат прекрасно неплодни, затоа што тој придонес кон животот на заедницата не ја осветлува никаква морална светлина; тие се производ на интелектуална љубопитност, а не на острото чувство на историска одговорност, која бара сите да бидат животно активни, и која не допушта агностицизми и индиферентност од ниту еден вид.

Мразам индиферентни затоа што ми пречи нивното цмиздрење на секогаш божем невини жртви. Барам секој од нив да положи сметка како се однесувал кон задачите кои пред него ги поставил животот, и кои секојдневно повторно ги поставува, сметка за она што тој го сторил и она што не го сторил. И чувстувам дека ќе бидам суров и дека не морам да бидам дарежлив со сопственото сожалување и не морам со нив да ги делам солзите. Јас сум пристрасен. Живеам и чувствувам како силната свест на мојата страна веќе активно бие битка за иден подобар град, кој мојата страна веќе го гради. И во него синџирот на општествените обрски не тежи само врз малубројни, сè што се случува во него не е случајно, фаталистички, туку е дело произлезено од разумот на неговите граѓани. Во тој град никој не останува за од прозорецот да набљудува како малубројните се жртвуваат и даваат крв од сопствените вени за таа жртва; затоа што оној кој останал да гледа од прозорецот, кој се притаил и кој сака да ги користи она малку добра кои се стекнати со делување на малубројните, и го иживува своето разочарување нагрдувајќи ја таа жртва, токму тој ќе искрвари, затоа што нема да успее во својата намера.

Жив сум, значи пристрасен. Затоа го мразам оној кој не учествува, мразам индиферентни.



(преземено од off.net.mk)

DIY:„Студентска пролет II“: ИЗРАЗИ СЕ!


Почитувани студенти, средношколци и хронично невработени млади луѓе,

Слободен Индекс оваа година по втор пат ќе организира културен настан под отворено небо под мотото „СТУДЕНТСКА ПРОЛЕТ II: ИЗРАЗИ СЕ!“, на кој сите млади луѓе се поканети да учествуваат и да придонесат за културата во овој град.


Нашите универзитети одамна ги затворија вратите на нашата креативност - никаков културен настан не се организирал со години. Кај младите луѓе во оваа земја се таложи неизразен талент и широка креативност: ајде ние студентите сами да си организираме културен настан и да се „ослободиме“ од таквиот товар! Во недостаток на културен центар каде можеме тоа да го направиме (бесплатно), ние ќе излеземе под ведро небо во дворот на факултетот и ќе го покажеме она во кое сме најдобри.

Ние не сме роботи што се задоволуваат со вежбање фактографска меморија! Ние сме млади и креативни луѓе, уморни од овој систем, и сакаме да создадеме место каде ќе можеме да се изразиме.

Секакви креативни активности се добредојдени: изложба на графики/слики/фотографии, свирење, пеење, читање поезија, глумење, ракотворби, жонглирање, капоера, паркур, роботика... Секој млад човек е добар во некоја од овие вештини.

Ова, се разбира, е непрофитен настан. „Слободен индекс“ не располага со спонзори и фондации, целиот настан ќе биде финансиран од џебот на активистите, како и од прилозите на добри луѓе. Треба да се разбире дека активистите на „Слободен индекс“ не се професионални организатори ниту менаџери, туку обични студенти од различни струки. Затоа, аматерството при организацијата нека не ве обесхрабрува, напротив: ве охрабруваме со своето учество на настанот, но и во организирањето на истиот, да придонесете кон подобра „Студентска пролет“!

Како ќе изгледа овој DIY настан, зависи од сите вас кои ќе решите да земете учество. Од вашето учество ќе зависи и конечната програма која ќе биде објавена најдоцна една недела пред настанот.

Настанот ќе се одржи на 24 април во дворот на УКИМ и на 25 април во дворот на Електро-техничкиот факултет.

Секој кој е заинтересиран да учествува, било како „настапувач“, било во организација, нека контактира било кого од админите на ивентот, или на мејлот sloboden.indeks@gmail.com, или телефонски на: 078/728-889 и 077/485-309.

Да ја тргнеме од себеси етикетата на „пасивна младина“!
На нашата генерација и нашата култура им ја должиме нашата креативност!

Илузијата за Европска Унија

Приватизацијата на јавното образование и на јавните добра воопшто, која се јави како тенденција во последнава деценија, е во тесна врска со долгорочните политики на Европската Унија, кои им ги наметнува на нејзините членки и кандидатки, вклучувајќи ја и Македонија.



Без никаков критички пристап, во дневно-политичките разговори и во медиумите агресивно ни се сервира нужната потреба за влез во Унијата како единствена алтернатива. Владите низ целиот Балкан ги тресе грозница од секој негативен европски извештај и ги преземаат сите можни мерки за да се приспособат на европските регулативи. Влез во Унијата – тоа е императив, а не опција. Граѓаните под влијание на масовната пропаганда, колективно го живеат сонот за живот под закрила на ветената ЕУ, која ќе ги реши сите општествени проблеми. Она што ЕУ го бара од нас е божја заповед, а не проблематика за дискусија. Во јавноста не се одвива никаква дебата за последиците од влез во ЕУ и за реалната потреба од неа. Зборот евроскептизицам е туѓ, застрашувачки и непожелен. Евроинтеграциите се задолжителен приоритет на секоја партиска програма. И додека на запад економската криза од 2008 веќе почна да го поткопува авторитетот на институциите на ЕУ, во зафрлените сиромашни балкански земји, ЕУ сеуште се сервира како единствена алтернатива и единствено решение.

Јавното мислење нашироко шпекулира дека со влез во Унијата ќе порасне животниот стандард, ќе се зајакне процесот на демократизација, ќе се намали корупцијата, ќе се зголемат платите и ќе се зацврсти заштитата на човековите права. Но што навистина значи влезот во ЕУ?




  1. ЕУ и неолиберализмот

Неолиберализам е економско-политичка доктрина која заговара потчинување на сите општествени аспекти на пазарот на труд и на логиката на профитот. Резултатите од неолибералните реформи на глобално ниво во последните 30-40 години се зголемување на нееднаквоста во општеството и трупање на богатството во рацете на капиталистичките елити. Неолибералната политика на светско ниво се спроведува, меѓу другото, и преку институции како Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), Светска банка и Светската трговска организација (WTO), додека во Европа оваа доктрина се шири преку институциите на ЕУ и продлабочување на европските интеграции.

Спроведувањето на неолибералните мерки се разликува од земја до земја, зависно од нејзините карактеристики, традиција, историја и слично, како и од тоа колкав е отпорот на граѓаните на нивното воведување. Тоа што на пример во Франција или Шведска сеуште постои бесплатно јавно здравствено осигурување, што е во спротивност со неолибералната теорија според која здравството и сите јавни добра би биле приватизирани и достапни според финансиската моќ на поединецот, не значи дека политиката на ЕУ и на француската или шведската влада не е либерална. Тоа само значи дека во доменот здравство неолибералната политика сè уште не успеала, поради граѓанскиот отпор, да ги сруши постигнувањата на социјалните држави, до кои е дојдено пред неолибералната ера.

Неолибералната политика исто така се спроведува според тоа дали им одговара на интересите на елитата, а не од чиста идеолошка занесеност и теоретска доследност. Затоа не е чудно што со децении се зборуваше дека државата никако не смее да интервенира во економијата, за потоа, по избивањето на светската економска криза од 2008, и во ЕУ и надвор од неа, многу приватни банки да бидат санирани од јавните државни средства, со тоа ставајќи ги трошоците и товарот од кризата на грбот на обичните граѓани. Со оглед на тоа дека државната помош им одговараше на многу банки и корпорации на кои им се закануваше пропаст, неолибералната теорија за немешањето на држвата во економијата брзо беше заборавена. Тука јасно се гледа принципот социјализам за богатите – капитализам за сиромашните, приходите се приватизираат и одат во рацете на привилегирано малцинство, а долговите се социјализираат и ги плаќа целото општество.

Во Европа основниот канал низ кој се туркаат неолибералните реформи се институциите на Европската Унија. Неолибералната политика преку институциите на ЕУ се спроведува на различни начини, понекогаш формално и службено, некогаш неслужбено, но ги опфаќа сите сектори на економијата и на општеството во целина. Освен тоа, не е ограничена само на државите-членки на ЕУ, туку и на државите-кандидатки, во кои неолибералната политика во уште построг облик се наметнува како услов за влез.

Основни мерки на неолибералната политика се дерегулација, либерализација и приватизација:

Дерегулација означува општо смалување на работните прописи заради постигање на подобра “претприемачка клима” (што е само фин израз за “угодување на капиталистите”), укинување на прописите и ограничувањата, полесен проток на капиталот итн. Дерегулацијата на големо ја олеснува пазарната манипулација што може да доведе до економска криза како моменталнава, а исто така се користи како средство на смалување на работничките права и потпомагање на корпорациите и екомонските елити во остварување профит на сметка на остатокот од општеството. Воведувањето на вакви мерки стои во основите на ЕУ.

Либерализација означува политика на отварање на границите, укинување на царините и на други ограничувања како што се државните монополи во клучни подрачја и сл. Укинувањето на царината и на други заштитни мерки (кои ги нема во рамки на ЕУ), остава поедини земји на милост и немилост во однос на конкуренцијата во другите земји. Тоа е особено непогодно за малите земји, како што е Македонија, за кои не може да се очекува дека на слободниот пазар рамноправно ќе се натпреваруваат со големите и богати земји. Либерализацијата во ЕУ се користи за остварување на владејачките интереси на посилните западни земји, т.е. да бидеме попрецизни – на нивните корпорации, а на штета на послабите земји. Либерализацијата, пак, на некои сектори во кои претходно државата имала монопол (како што се железницата, пошта, телекомуникации, енергетските потенцијали и сл.), овозможува влез на приватниот сектор – а со тоа и приватен профит – а во пракса често значи влошување и поскапување на услугите, како што кај нас е примерот со продажбата на Електростопанство, по што цената на електричната енергија значително расте со секоја нова сезона. ЕУ ја поттикнува таквата либерализација уште од 1990 година во низа свои директиви.

Приватизација означува претворање на државното/јавно сопствеништво во приватно, како средство за богатење на поединци на сметка на целото општество. Така на пример 80% од банките во Источна Европа, како и во Македонија, се во сопственост на странски западноевропски приватни банки кои од овие земја влечат голем профит.

Неолиберализмот во ЕУ се огледува и во честите мерки кои повикуваат на смалување на платите како мерка за штедење и смалување на работничките права, како полесно отпуштање на работниците, вработување на одредено и сл. Овие мерки одат под еуфемизмот флексибилизација на работата. Неолибералната политика се гледа и во комерцијализацијата присутна во сите општествени сектори во Европа, особено во здравството и образованието, каде на пример се воведуваат такси и се поскапува партиципацијата, што ги прави факултетското образование и здравствената заштита сè помалку пристапни на обичните луѓе. Конечната цел на тоа е целосна приватизација на здравството и на образованието, и достапност до овие добра само за они кои можат да си ги дозволат.

Неолиберална е во ЕУ и монетарната политика која ја спроведува Европската централна банка, која пред сè се занимава со спречување на инфлациите, од кои најмногу се плашат оние кои имаат најмногу пари.

 




  1. ЕУ и демократијата

Ќе имаме ли повеќе демократија кога ќе влеземе во ЕУ? Таквото тврдење е далеку од вистината. ЕУ е уште понедемократска од Македонија или од било која друга “демократска” држава. Единственото тело на ЕУ кое граѓаните го бираат на избори е Европскиот Парламент, кој речиси и нема некои важни овластувања. Имено, во Европска Унија сите важни одлуки ги носи Европската Комисија, која се состои од 27 повереници кои не се бирани од граѓаните, ниту се подложни на нивната волја. Во досегашната пракса Европската Комисија носеше одлуки кои се исклучиво во интерес на крупниот капитал, и постепено форсираше сеопшта приватизација на јавниот сектор, што секако доведе до сè помала социјална заштита на граѓаните (на пример, кратење на работничките права и препуштање на работниците на немилост на големите корпорации). Освен тоа, ако влеземе во ЕУ, голем дел на притисокот што се врши одоздола (јавни кампањи, протести, штрајкови и сл.) и барањата на граѓаните ќе мораат да бидат усмерени, наместо кон македонската влада, кон Брисел, при што ќе биде уште потешко да се изврши притисок врз власта отколку што е сега.

Се разбира, според нас ни Европскиот парламент ни Европската комисија ги немаат основите на вистинска демократија, што важи и за нашата Влада и Собрание, како и за парламентарниот состав воопшто. Единствена вистинска демократија е директната, непосредната, која ја практицираме секојдневно во сопствена организација. Таквата демократија не трпи недопирливи мандати, власт на претставници и одлучување на малцинството во име на мнозинството, туку се одлучува од долу нагоре, а претставниците се сведуваат на административниот апарат кој нема никаква власт или независна волја, туку постои поради практичност, од потреба за организирање поголем број на луѓе од квартот, градот, регионот, националната организација, до, на пример, интернационалната организација.




  1. ЕУ и работничките права

Неизвесна работа е термин кој се користи за да се опише работа која е непостојана, незаштитена, слабо платена, со која не може или едвај може да се одржува домаќинството, и која е често нерегулирана од Законот за работни односи. Најчесто се врзува за поими како што се работа на одредено, привремена работа, повремена работа, студентска работа, работа на имигранти, печалба во странство итн, значи главно за оние ситуации кога работникот е вработен на кратко додека не истече договорот (ако работниот однос е воопшто регулиран со договор  и ако работникот имал среќа да е пријавен), а после тоа мора одново да бара работа.

Неизвесната работа е глобален тренд, веќе присутен во Македонија како последица на различните неолиберални економски прилагодувања кон мерките на ЕУ во текот на преговорите. Политиката на ЕУ заговара неизвесна работа, т.н. флексибилизација на работата, и истото го бара од своите потенцијални пристапнички.

Главните идеи на европската стратегија за вработување може да се најдат во Лисабонската стратегија. Клучните идеи на тој документ се флексибилност и “доживотно учење”, чија поента е приспособување на работникот на пазарот на труд, константни преквалификации, селења и сл. Во ЕУ често се говори за “целосно вработување”, но не се однесува на тоа дека секој работник има обезбедено работно место за до крајот на својот работен век, туку на тоа дека работниците го исполнуваат пазарот на труд со своите квалификации за на работодавците да им е полесно да најдат работна сила.

Флексигурност е службена европска политика на вработување. Самиот поим е кованица од зборовите сигурност и флексибилност, што треба да ја отслика наводната идеја за флексибилни работни места и сигурен премин од едно на друго работно место. Сигурноста би се однесувала на социјални бенефиции за оние кои ќе ја изгубат работата, со што оди и тоа “доживотно учење”, односно преквалифицирање. Номиналната цел на ЕУ не е да го задржи работникот на работа, туку на пазарот на труд, овозможувајќи му лесно да менува професии и да напредува во нив. Но потребно е да се направи разлика меѓу пропагандата и реалноста, бидејќи ЕУ е позната по својата неолиберална пропаганда и социјалдемократски дух. Флексигурноста одлично звучи во теорија, но во пракса се работи за угодување на потребите на работодавците на штета на работниците. Како прво, терминот често се употребува само како замена за другиот термин – флексибилизација, при што се олеснува отпуштање на работниците, но надоместокот за невработеност и помошта при преквалифицирање не се зголемува. Второ, кога се зборува за флексибилност, т.е. за прилагодување во работата, да се прилагодува секогаш мора работникот во корист на работодавецот, а не обратно. Честото менување работни места ги слабее и синдикатите и можноста за колективно преговарање (невработените не се во синдикати), како и самата положба на работникот бидејќи на новото работно место има пониска почетна плата.

Важно е да се напомене дека неизвесната работа не е значајна новина во капиталистичката економија, иако зборовите од типот “флексибилизација”, “доживотно учење” и “мобилност” се од понов датум. Историски гледано, неизвесната работа, како и општата неизвесност на егзистенцијата на работниците и работничките, всушност се составен дел од капиталистичката економија.

Би можеле да утврдиме дека периодот на горе-долу “извесна” или стабилна работа се врзува главно за периодот на т.н. “социјални држави”, а тој период во целокупниот развој на капитализмот беше краткотраен и претставуваше една епизода надвор од вообичаената логика на капитализмот. Исклучително важно е да се напомене дека “социјалната држава” не е створена поради добра волја на политичарите и похуманите капиталисти, туку е одраз на долгогодишна борба на работничкото движење за многу социјални, економски и политички права, како и одраз на организираната сила на работниците во таа борба. Социјалната држава настана поради заканата која организираното работничко движење, како и надежите на милиони луѓе кои го преживејаа хоророт на Втората светска војна, ја претставуваа за политичкиот и екомонски естаблишмент. Но со појавата на неолиберализмот дојде до слабеење на работничкото движење поради што работничките права одново почнаа да се кршат, а неизвесната работа почна да се воспоставува како норма за вработување.



Што ќе биде со земјоделците во ЕУ?

Земјоделството никаде во светот не функционира успешно без државна поддршка. За тоа мошне добро се свесни развиените западни земји кои одвојуваат големи средства од буџетот за субвенција на својот земјоделски сектор (што е спротивно на неолибералната пракса во други области). Истовремено, од малите земји како што е Македонија, се бара смалување или укинување на таквата поддршка преку притисоци од меѓународните институции како што се ЕУ или Светската трговска организација. Истите тие институции бараат и укинување или смалување на царинската заштита, што овозможува продор на земјоделските производи од богатите земји во сиромашните, мали земји, што секако го уништува домашното земјоделско производство во малите земји.

Во Македонија ситуацијата за домашните земјоделци, освен со смалување на царините, т.е. отварање за надворешниот пазар, додатно е отежната и од тоа што ветените субвенции не им се исплаќаат или доцнат, а на нивната лоша положба влијае и тоа што нивните производи ги откупуваат големи приватни компании настанати преку арамиска приватизација. Единствен интерес на тие приватници е нивниот личен профит и за да дојдат до него нема да се колебаат да ги смалуваат откупните цени на производите до ниво на неодрживост на производството, па ни до потполно уништување на македонското земјоделство; имено, земјоделските производи секогаш може и да се увезуваат, без обѕир што домашните земјоделци поради тоа ќе претрпат страшни последици и што тоа нема никаква логика во земја со такви земјоделски потенцијали, каква што е Македонија.

Лошата состојба на македонското земјоделство и фактот дека увезуваме големи количини храна од странство, иако имаме потенцијали да ја произведеме внатре, се директни последици на политиката која доследно се води во последниве 20 години, а која е усмерена само спрема профитот на домашниот и странскиот крупен капитал, а не во корист на земјоделците и целата земја. Со влезот во ЕУ, таквите негативни процеси само би продолжиле, бидејќи нашето земјоделство ќе биде изложено на милост и немилост на индустриите на големите западноевропски земји, со додатни препреки кои ќе ги создаваат европските прописи, кои на нашите земјоделци би им одредувале што смее, а што не смее да се прави и во колкава мера. Македонските земјоделци ќе бидат буквално проголтани при излезот на европскиот пазар.

Сите ние плаќаме даноци, па исто како што се бориме образованието да биде достапно за сите, без обзир на финансиската состојба, а особено затоа што веќе сме платиле за истото преку даноци, еднакво сметаме и дека храната која ни ја овозможуваат земјоделците треба да биде поддржана од јавни средства.




  1. ЕУ и корупцијата

Ќе ја уништи ли ЕУ корупцијата во Македонија? И тоа често се користи како аргумент.

Како прво, ЕУ е против корупција во Македонија и во другите земји-пристапнички, но не поради својот “цивилизациски досег”, “начелна нетолеранција на корупцијата” и слични глупости, туку поради многу прагматични и приземни причини. На земјите во ЕУ не им одговара корупцијата во Македонија бидејќи тоа значи дека на таков начин ним им се одзема дел од пазарниот колач, отежнувајќи им да влечат профит од Македонија и другите земји. Ако корпорациите во ЕУ не можат да влезат во Македонија поради политички врски на домашните капиталисти, тоа е за нив губиток на потенцијален профит. Или, ако треба да ги потплаќаат локалните власти за секој чекор, тоа се за нив додатни трошкови – на кои се спремни ако не може поинаку, но кои е подобро да ги елиминираат. Значи, прашањето за искоренување на корупцијата за ЕУ е најнапред прашање на сопствена корист.

Второ, во самиот аргумент дека за решавање на сопствените проблеми нужно ни е потребна ЕУ се отсликува извесен самопрезир кој се јавува во Македонија, при што сè што доаѓа од нашата “балканска кал”, нужно се смета за помалку вредно од она што доаѓа од “развиениот Запад”. Се работи за една авторасистичка идеја дека ние сме (веројатно генетски?) неспособни сами себе да се управуваме, па потребна ни е помош од “цивилизираниот Запад”.

Како трето, да се тврди дека во ЕУ нема корупција значи да се биде потполно несвесен за реалноста. Корупцијата е во многу сфери еднакво присутна и во ЕУ како и кај нас, само што таму се одвива на поинакви начини и со специфични локални посебности. Доволно е да се истакне финансирањето на некои мафијашки претпријатија преку фондовите на ЕУ, што беше неодамна разоткриено, или на пример однесувањето на финската фабрика за оружје “Patria” во Словенија – аферата со поткупување.

И четврто, корупцијата постои во корените на самиот неолиберален состав кој ЕУ го наметнува, а во чии основи се интересите на капиталот на штета на најголем дел од општеството. Дури и кога сè би се спроведувало по закони и кога не би имало незаконска корупција, тоа не значи дека вистинската корупција, корупцијата на самиот систем, нема да биде сеуште присутна.





  1. ЕУ и човечките права

Дали ЕУ е гаранција дека кај нас веќе нема да има дискриминација и војни?

Поради улогата на “меѓународната заедница” во неодамнешните воени конфликти на Балканот, кај нас сеуште се смета дека ЕУ е пример за високи стандарди во заштитата на малцинските права. Реалноста е малку поинаква. Моменталното ниво на малцинските права во Македонија е нешто за кое малцинствата во повеќето земји на ЕУ можат само да сонуваат. Малку земји воопшто ги признаваат националните малцинства, а ниедна земја не му придава национална посебност на најбројното малцинство – имигрантите, кои во некои земји сочинуваат и до 20% од населението. Напротив, големите земји особено отворено спроведуваат политика на асимилација или протерување. Сите релевантни документи на ЕУ (како што се т.н. Копенхашки критериум или Рамковната конвенција за правата на националните малцинства) доследно избегнуваат да ги регулираат правата на малцинствата, особено во поголемите земји. Политичката сцена во ЕУ, наместо кон заедничка иднина без национални судири, сè повеќе се стреми кон јакнење на ксенофобијата – реторика која сè повеќе политички партии ја преземаат. Освен тоа ЕУ, спротивно на службената политика за “мека сила”, на никаков начин не ги поттикнува своите членки на почитување на меѓународните права во надворешната политика, што дојде до израз при нападот на Ирак. Иако ЕУ службено се залага за “етично работење” во светот, сепак не развива никакви механизми за казнување на европските компании и фабрики кои користат робовски и детски труд. Спротивно на идејата на мултинационалната Европа на луѓе “обединети во различностите”, ЕУ има поразителни резултати во почитувањето на човековите права на не-европските малцинства, било во нивните матични земји, било кај имигрантите во самата Унија.




  1. ЕУ фондови

ЕУ не е добротворна организација и не дели пари на сиромашните поради добрина. ЕУ е организација која делува во интерес на капиталот, пред сè на оној од развиеното западно јадро на ЕУ (Германија, Франција, Велика Британија, Холандија). Освен тоа, ЕУ фондовите не се “делење пари” без никакви услови, како што тоа често се претставува во јавноста. Парите од фондовите можат да се трошат само целесообразно, во склад со правилата на и дозвола од ЕУ, и само за активности кои ЕУ проценила дека одат во прилог на заедничкиот пазар, а не на граѓаните на земјата за која фондот е наменет.

Преговарачки јаките и добро организирани држави успеваат добиените пари да ги употребат како надополнување на веќе испланирани активности. Преговарачки слабите и бирократски неорганизираните држави, како што е Македонија, од старт остануваат без голем дел од предвидените пари, бидејќи не успеваат да напишат доволен број проекти, а и делот кој го добиваат го трошат на непотребни активности (бидејќи повеќето проекти всушност служат за спроведување на Европски закони, бидејќи секој проект се суфинансира, бидејќи им одземаат драгоцено време на вработените, и бидејќи најголем дел од парите оди назад во западните земји на ЕУ преку јавни набаки и консултантски договори). Некои истражувања покажуваат дека парите од фондовите на крај ги доведуваат до минуси некои земји, како Грција или Бугарија.

Некои факти за ЕУ фондовите:

-          ЕУ никогаш не дава пари во целост, туку финансира 50-90% од проектот, додека остатокот мора да го набави примателот на парите од фондот (на пример, државата). Ако државата нема пари, како што е случајот со Македонија, и ако се работи за поголеми влогови, парите кои државата сама мора да ги плати често можат да се набават само преку кредити од банки, т.е. запаѓање во долгови. Банките, пак, во случајот со Македонија и цела источноевропска периферија, се главно во сопственост на странски западни банки. Така банките од јадрото на ЕУ профитираат од ЕУ фондовите дури и кога парите од фондовите одат во сиромашните земји. Парите ЕУ не ги дава однапред, туку дури по завршувањето на проектот, што значи дека задолжувањето и каматите мора да бидат уште поголеми.

-          Парите од ЕУ фондовите не се подарени пари. Секоја земја-членка, а во некои случаи и како пристапничка, мора да уплаќа брдо пари во тие фондови од кои потоа се делат средства. Бугарија на пример, како сиромашна земја, секоја година од влезот во ЕУ повеќе средства даде за фондовите отколку што доби.

-          Голем дел од парите доделени на сиромашните земји преку ЕУ фондовите всушност одат за неразвиените области на богатите земји, а и она што начелно се дава на сиромашните, многу брзо се враќа во западноевропските земји, така што на пример се условуваат со тие пари да купуваат производи и услуги од нивните државно протежирани компании. Така тие средства за “помош” на малите земји всушност служат како субвенции за сопствениците во развиените земји на ЕУ.

-          Од ЕУ фондовите теоретски можат да се повлечат многу средства, но намерно е замислено така што во пракса тоа не се случува.

-          ЕУ преку фондовите им диктира на малите земји со што можат да се бават, а со што не, во што и како да вложуваат итн., на тој начин спроведувајќи надзор врз областите кои не се регулирани со ЕУ закони и кои не можат поинаку да бидат контролирани. Таквиот надзор, се разбира, на крај не е во интерес на општеството или на граѓаните во малите земји, туку на екомонските елити од најмоќните држави во европското јадро.




  1. Има ли АЛТЕРНАТИВА на ЕУ?

Често ни се сервира дека единствената алтернатива на ЕУ е затворање во своите национални граници и изолација, а ретките противници на ЕУ се етикетираат како “назадни”, “примитивци” и “луѓе кои не се спремни на промена”. Целата дебата е поставена во дихотомија – или ЕУ или изолација. Таквата дихотомија е лажна и негира цел еден спектар на алтернативи кој може да се изгради. Затоа треба да се излезе од таа дихотомија и упорно да се нагласува дека историјата и општествениот напредок не се некоја надворешна сила или невидлива рака која нè усмерува нас, луѓето. Историјата и општествениот развиток се дело на човекот како општествен актер, иако вистина е дека не се раѓаме слободни, туку секогаш во веќе даден општествен контекст. Но без оглед на тоа, дури и тој општествен контекст е дело на самите луѓе и на човечкото делување. Во тој смисол, алтернативи има онолку до каде што досегнува човечката имагинација.



Целата светска историја е испишана од такви делувања, но посебно во последнава (2011) година може да посведочиме сè поголемо организирање на европските и светски работници, студенти и невработени, како и нивниот сè поголем отпор спрема светските, европските и домашните елити. Примери има многу, често игнорирани од медиумите, примери на студентски протести, примери на работнички штрајкови против мерките за спас од кризата, и најсвежиот, но и највлијателен пример – движењето “Окупирај”, движење кое ги крена обичните луѓе против натрупувањето богатство на елитите, кое од Волстрит се рашири насекаде низ светот, па стигна и до Балканот. Токму во овие немири, кои почнуваат после долго време повторно да ги заплашуваат како локалните влади, така и меѓународниот политичко-економски естаблишмент, лежи клучот на нашите алтернативи. Алтернатива на ЕУ и изолацијата е интернационална солидарност и борба. Интернационалноста е посебно важна денес, кога капитализмот, повеќе од било кога претходно, навистина е глобален систем.

Студентски став: БОЛОЊА - за Елитата Корист, Темнина за Студентот

Има некаква мистика во Болоњскиот процес – се појави од никаде, го потпиша цела Европа, од корен го смени стариот образовен систем, воведе претходно нечуени стандарди и остави мошне драстични последици, не само во образованието, туку и во општеството во целина, и сепак, во сиве овие години, ретко кога покрена било какви прашања.


Прашања имаше, но само од технички карактер: како да се имплементира, како да се приспособи на системите во другите европски земји, како да одговори на директивите на ЕУ, како да се справиме со целата реформа. Но безмалку цела деценија откако се потпиша таа фамозна Болоњска декларација кај нас, во јавноста не се крена никаква дебата за тоа каква е политиката што се труди да ја наметне, какви промени предвидува да постигне, какви последици ќе почувствува општеството по нејзината имплементација. Се’ до пред некој ден.

На 12-ти овој месец Министерството за образование заедно со Ректоратот на УКИМ и со некој си Центар за истражување и креирање политики одржаа јавна „дебата“ на тема преиспитување на искуствата од Болоњскиот процес. „Дебатата“ беше одржана во малата сала на Ректоратот, која брои едвај 40 седишта, половина од нив зафатени само од медиумите. На оваа конференциска парада, одржана само колку само да се тргне од дневен ред ова горливо прашање – и тоа во контролирани услови – видовме „стручњаци“ од странство, претставници од Министерство, управата на Универзитетот, ама не и макар еден студент. На конференцијата можеше да се чуе по некоја модерирана критика за тоа како не чинеле тестовите на заокружување и слично, но никој не го покрена најважното прашање: дали можеби овој Болоњски систем треба целосно да се исфрли?

Што воопшто подразбира тој Болоњски процес? За студентите, Болоњскиот процес е материјализиран во поимот ЕКТС. Поимот ЕКТС за студентите значи: секој ден да одат на предавања; катадневно да се докажуваат преку основношколската практика на кревање два прста за плусче во дневник; дека ќе полагаат на фенси компјутери; дека тестовите на заокружување од истите тие фенси компјутери можат да се купат во секоја фотокопирница (одговорени); дека студентскиот живот ќе го поминат во бркање бодчиња за оценка плус, понекогаш и со ниту еден прочитан ред од учебникот. Поимот ЕКТС за студентите уште и значи: дека додипломските студии се само подготовка за мастер, без кој утре нема да можат да најдат работа; дека тие мастер студии ќе ги чинат нивните семејства дваесетина месечни плати; дека дури и после тие мастер студии ќе излезат од факултет толку слабо обучени што едвај би се снашле АКО најдат работа; дека заедно со нив дипломирале уште барем тродупло повеќе кадри отколку што бара дадената област.

за Елитата
  Корист
     Темнина 
  за Студентот

За универзитетите, Болоњскиот процес значи: дека секоја година ќе ги зголемуваат квотите за да заработат повеќе пари од партиципација; дека проодноста од еден семестар во друг ќе се зголеми, повторно за да заработат повеќе пари од партиципација; дека ќе продаваат ЕКТС правилници по цена од 1500 денари; дека ќе отвораат беспотребни работни места, од типот на ЕКТС координатор. За државата, пак, Болоњскиот процес значи дека секоја година се’ повеќе ќе го кратат буџетот за образование во прилог на „осамостојување“ на Универзитетите; дека краткорочно ќе го решат проблемот со невработеноста преку логиката „повеќе млади со статус на студенти – помала бројка во заводот за невработени“; дека нема да се противат на општите тенденции за приватизација на јавните добра; дека нема да и’ се спротивставуваат на Европската Унија.

Од Болоња, се разбира, најмногу корист имаат политичките и економските елити. Но што значи Болоњскиот процес за општеството? Овој процес е една од програмите на ЕУ кои постојат за да имплементираат т.н. неолиберална политика. Неолиберализмот како светски тренд  зема замав уште во раните деведесетти, но во последнава деценија неговата примена е најдрастична. Не е случајно што во Македонија високото образование почна да се наплаќа токму во текот на подготовките за потпишување на Болоњската декларација во 2003 година. Во таканаречените „социјални“ западни држави, образованието во најголем дел е финансирано од државниот буџет, како и здравството, комуналните услуги и сите останати добра од јавен интерес. Неолибералната политика, меѓутоа, со години се обидува да ја потисне таквата традиција, со цел приватизација на јавните добра – капитализмот во своето најдобро светло. Светската економска криза се покажа како совршено оправдание за сечење на средствата од буџетот наменети за образование, и со тоа поскапување на студиите. Повеќе од три години низ цела Европа, но и надвор од нејзините граници, студентите протестираат поради тие кратења, и во крајна линија – против Болоња. Оти Болоња за општеството не значи ништо, освен комерцијализација на образованието; знаењето стана продукт, дипломите станаа стока на продажба.

Студентите се принудени да купуваат нешто што нивните родители одамна веќе го имаат исплатено – преку даноци. Јавното образование е на пат целосно да се приватизира, и Болоњскиот процес е патот кој ќе го одведе до таму. Квалитетот на образованието во нашава земја е ужасно опаднат, оти критериумот повеќе не е знаењето, туку кој колку има да плати. Факултетите исфрлаат кадри како машини во фабрика, а тие неспособни кадри утре не можат да си го најдат местото на пазарот на трудот. Наставната програма повеќе не се образува според потребите на општеството и на човештвото, туку исклучиво според потребите на пазарот на труд. Студентот стана безгласна буква, незнаен јунак, јунак-незнајко. Студентот сега е воспитуван со менталитетот како полесно да се помине. Студентот е исклучен од општествените случувања, бидејќи целото време му е обземено во обврски околу факултетот. „Предавање – 4 часа. Учење на лекцијата – 6 часа. Подготовка за наредниот час – 2 часа.“ Вака изгледаат повеќето ЕКТС правилници, кои во детали му го имаат испланирано денот на студентот.

А го праша ли некој студентот што има на ова да каже? Ние не ја сакаме Болоња. Ние бараме целосно да се отфрли овој систем на студирање. Ние бараме јавно високо образование целосно финансирано од државниот буџет.  Сакаме секој да има еднакви шанси и еднаков пристап до високо образование, а не само оној што има да плати. Се залагаме за квалитетно и еманципирачко образование и нема да дозволиме да ни го приватизираат. Сакаме автономен универзитет кој ќе произведува знаење во прилог на еманципација и напредок на човештвото, а не фабрика за производство на нискоквалификувани кадри. Универзитет во кој државната власт и економските елити нема да смеат да се мешаат. Бараме образование кое е слободно и достапно за сите.

Проекција на филмот „Дом“

В четврток, на 15 март, на Филозофскиот факултет во Скопје (во Амфитеатар 4) со почеток во 18h ќе се одржи проекција на македонскиот документарен филм „Дом“ во режија на Вардан Тозија и продукција на Русе Арсов.

„Дом“ ("Home"), кој е снимен „тајно“ во 2004 , без знаење на управата, го прикажува животот на четворица студенти кои живеат во руинираниот „Стив“, во услови не многу различни од денешните. Оттогаш минаа скоро 8 години, се смени власта, поскапе живеачката, дојдоа нови генерации студенти, но во скопските студентски домови малку нешта мрднаа од место...

Филмот трае 40-тина минути и по проекцијата доколку има интерес ќе следува дискусија за живејачката во студентските домови и за мизерниот студентски стандард воопшто.

ЕМА ГОЛДМАН: ФРАНЦИСКО ФЕРЕР И МОДЕРНАТА ШКОЛА

Искуството се смета за најдобра животна школа. На мажите или жените кои нема да научат некои животно важни лекции во таа школа, се гледа како на вистински глупаци. Сепак е чудно тоа што мирно прифаќаме, како само по себе да се подразбира, дека организираните институции ги повторуваат грешките, не учат од искуството.

Во Барселона  живеел и работел човек по име Francisco Ferrer. Бил учител, познат и обожуван меѓу народот. Надвор од Шпанија само неколкумина образовани знаат за неговото дело. За големиот свет тој учител не постои.

На први септември 1909 година, шпанската влада - по налог на католичката црква - го затворила Francisco Ferrer. На тринаесетти октомври, по наводното судење, го сместиле во затворска ќелија во Montjuich, до страшен ѕид на многу воздишки и го убиле. Одеднаш Ferrer, неугледниот учител, стана универзален лик, отсјај на гневот и бесот на целиот цивилизиран свет кон неодговорните убијци.

Убиството на Francisco Ferrer не е првото злодело што го извршиле шпанската влада и католичката црква. Историјата на тие институции е долга река на оган и крв. Сепак ништо не научија од искуството, ниту сфатија дека секој кревок живот кој црквата или државата го убива прераснува во моќен гигант, кој еден ден ќе го ослободи човековиот род од нивниот опасен стисок.

Francisco Ferrer бил роден во 1859г., во скромно семејство. Биле католици и се надевале дека ќе го израснат својот син во истата вера. Не знаеле дека детето ќе стане гласник на голема вистина, дека неговиот ум ќе одбие да тргне по стариот пат. На рана возраст Ferrer почнал да ја испитува верата на својот татко. Сакал да дознае како тоа бог, кој му говори за добрина и љубов, го нарушува сонот на невино дете со страшни и ужасни маки, страдања, пекол. Со оглед на тоа што бил внимателен и имал жив и испитувачки дух, не му требало многу да ги открие ужасите на тоа црно чудовиште, католичката црква. Тој сакал да престане со тоа.

Francisco Ferrer не бил само човек кој се сомневал, во потрага по вистината, бил и бунтовник.  Духот му се распламнал со праведен гнев кон железниот режим во неговата земја, кога група бунтовници, кои ги водел храбриот патриот генерал Villacampa, под стегите на републиканскиот идеал, силно го нападнала тој режим, и немало пожесток борец од младиот Francisco Ferrer. Се надевам дека републиканскиот идеал никој нема да го помеша со републиканството во Америка. Било какви приговори да имам јас, како анархист, за републиканците на латинските земји, знам дека тие високо ја надминуваат таа корумпирана и реакционарна партија која, во Амеrика, го уништува секој знак на слобода и правда. Човек мора да помисли на Mazzini, Garibaldi, на многу други, за да сфати дека нивните напори биле насочени не само против деспотизмот, туку посебно против католичката црква, која од самиот свој почеток била непријател на секој напредок и слободарство.

Во Америка е сосема спротивно. Републиканците застапуваат утврдени права, империјализам, корупција, уништување на се она што наликува на слобода. Нивниот идеал е слаткоречивиот, ползечки углед на McKinley и суровата Рузвелтова ароганција.

Побуната на шпанските републиканци била задушена. Потребно било нешто повеќе од само храброст да се разбие столетниот период,  да се отсече главата на католичката црква, на таа хидра, и шпанскиот престол. Апсења, прогонувања и казнувања следувале по херојскиот обид на малата група. Оние кои избегале од прогонувачите, морале да побегнат во потрага за сигурност во странски земји. Francisco Ferrer бил меѓу нив. Заминал во Франција.

Колку морала неговата душа да расцвета во новата земја! Франција, колевка на слободата, идејата, акцијата. Париз, секогаш младиот, жестокиот Париз, пулсирајќи живот, по мракот на неговата заостаната земја – колку само морало да го инспирира! Какви поволни прилики, каква блескава шанса за млад идеалист!

Francisco Ferrer не губел време. Како прегладнет човек се вклучил во многу различни либерални движења, запознавал различни видови луѓе, учел, впивал, растел. Додека бил таму, ја видел и Модерната школа на дело, што ќе одигра толку важна и судбоносна улога во неговиот живот.


Модерната школа во Франција е основана многу пред Фереровото доба. Нејзиниот зачетник, иако во тесен круг, бил свежиот дух на Louise Michel. Свесно или несвесно, големата Louise одамна почувствувала дека иднината припаѓа на помладата генерација, дека, ако младите не се ослободат од институциите кои ги разоруваат умот и душата, општественото зло ќе продолжи да постои. Таа мислела, како и Ibsen, дека атмосферата е проткаена со духови, дека возрасните маж и жена мораат да надминат многу празноверија. И само што ќе го прераснат смртоносниот зафат на едно сениште, гледај, веќе се наоѓаат во ропството на деведесет и девет други привиденија. Само некои го достигнуваат врвот на целосната преродба.

Детето пак, нема традиции кои би морало да ги надмине. Неговиот ум не е оптоварен со низи идеи, неговото срце не е ладно кон класните и општествените разлики. Детето за учителот е она што е глината за скулпторот. Дали светот ќе прими уметничко дело или презрена имитација, зависи во голема мера од креативната моќ на учителот.

 Louise Michel најнапред била способна да го наслушне копнежот на детската душа. Не била ли самата како дете по природа, толку слатка и нежна, едноставна и великодушна? Louise-ината душа горела над секоја општествена неправда. Секогаш била во првите редови кога и да се бунеле Парижаните против било каква неправда. И бидејќи била затворана поради својата голема преданост кон угнетените, малата школа на Монмартр речиси исчезнала. Но семето било посеано и родило со плод во многу француски градови.

Најважен потфат на Модерната школа е оној на големиот и секогаш млад Paul Robin. Со неколку пријатели ја отворил големата школа во Cempuis, прекрасно местенце покрај Париз. Paul Robin тежнеел кон повисок идеал, не само кон внесување на модерните замисли во образованието.  Сакал да покаже со вистински факти дека граѓанската концепција за наследување е само изговор за поштедување на општеството од неговите страшни злодела против младината. Тврдењето дека детето мора да пати за гревовите на својот татко, дека мора да продолжи со сиромаштијата и нечистотијата, дека мора да прерасне во пијаница или злосторник, само затоа што родителите не му оставиле ништо друго во наследство, било премногу извртено за добриот дух на Paul Robin. Тој верувал дека освен наследството, без обзир на неговата улога, има и други еднакво големи фактори, ако не и поголеми, кои би можеле и кои ќе го искоренат или намалат таканаречениот прв впечаток.  Соодветното економско и социјално опкружување, здив на слобода и природа, здрава вежба, љубов и сочувство, и над сè, длабоко разбирање на потребите на детето – сето тоа ќе ја уништи суровата, неправедна и зла стигма наметната на невината младина. Paul Robin не ги бирал своите деца, не одел кај т.н. најдобри родители: тој ги земал децата од каде и да ги најдел. Ги земал од улици, од колиби, сиропиталишта и домови за најденчиња, поправни домови, од сите оние сиви и страшни места каде благонаклоното општество ги сокрива своите жртви за да ја смири својата грешна совест.  Ги собрал сите нечисти, валкани, треперливи сирачиња кои ги нашол и ги одвел во Cempuis. Таму биле, по природа, слободни и непопречени, добро нахранети, чисти, сакани и опкружени со разбирање, човечките билки почнале да растат, да се развиваат над очекувањата на нивниот пријател и учител, Paul Robin.

Децата се развиле во мажи и жени сигурни во себе, кои ја сакаат слободата. Што е поголема опасност за институциите кои произведуваат сиромаштија за да ја овековечат? Француската влада го затворила Cempuis бидејќи одделенијата во него биле мешани што во Франција тогаш било забрането. Сепак, Cempuis доволно долго дејствувал така што успеал да им ги покаже на сите напредни педагози своите неверојатни можности и послужил како поттик за модерните методи на образованието, кои полека но неизбежно го поткопуваат моментално постоечкиот систем.
По Cempuis следел голем број други образовни обиди - меѓу нив обидот на Madelaine Vernet, надарена писателка и поетеса, авторка на делото L`Amour Libre (Слободна љубов), и Sébastien Faure, и неговата La Ruche (Улиште), кој го посетив во Париз 1907 година.

Пред неколку години другарот Faure купи земјиште на кое ја изгради својата La Ruche. Во релативно кратко време успеа да го преобрази некогашното диво, некултивирано земјиште во расцветано место, кое почна да изгледа како добро одржувано домаќинство. Голем квадратен двор, опкружено со три згради и широка патека која води до градината и овоштарникот, дочекувајќи посетители. Градината, одржувана онака како што знае само еден Французин, нуди голема разноликост на вегетацијата.

Мислењето на Sébastien Faure е дека детето во својот развој ќе страда ако биде подложено на  спротивставени влијанија. Дури кога материјалните потреби, куќната хигиена и интелектуалната средина ќе бидат усогласени, детето ќе може да израсне во здраво, слободно суштество.

За својата школа Sébastien Faure рекол:

„Земав дваесет и четири деца од двата пола, повеќето сирачиња, или оние чии родители се премногу сиромашни за да можат да им платат школување. Ги облеков, им пружив дом и ги образував на свој трошок. До својата дваесетта година ќе добијат темелно основно образование. Помеѓу дванаесетата и седумнаесетата година – додека образованието уште им трае – ќе почнат да бидат подучувани за некоја професија, во согласност со нивните поединечни наклоности и способности. Потоа се слободни да ја напуштат La Ruche и да започнат живот во надворешниот свет, но и сигурни дека секогаш можат да се вратат во La Ruche, каде ќе бидат примени со отворени раце и добредојдени, како што родителите ги дочекуваат своите сакани деца. А ако сакаат да работат кај нас, можат под следните услови: една третина од производството ќе ги покрива нивните трошоци за издржување, втората третина оди во општиот фонд наменет за прием на нови деца, а последната  третина е наменета за лични потреби.

Здравјето на децата за кои моментално се грижам е одлично. Чистиот воздух, хранливите оброци, физичката активност на отворено, долгите прошетки, одржувањето на хигиенските правила, интересните методи на подучување и, над се, нашето разбирање и нежна грижа за децата, дадоа неверојатни физички и ментални резултати.

 Би било неправедно да се тврди дека нашите ученици оствариле чудо, но, ако земеме предвид дека припаѓаат на просекот, дека претходно не им се пружила прилика, резултатите се навистина задоволувачки. Најважното што го постигнаа – што ретко се случува со децата во редовните училишта – е тоа што сакаат да учат, да знаат, да бидат информирани. Научија нов работен метод, метод кој го забрзува помнењето и ја поттикнува  имагинацијата. Посебно се обидуваме да ја разбудиме детската заинтересираност за неговата околина, да ја разбере важноста на набљудувањето, истражувањето и размислувањето, така што кога децата ќе созреат, нема да бидат глуви и слепи за работите околу нив. Нашите деца ништо не прифаќаат на слепо, а да не препрашуваат зошто и поради која причина е нешто такво какво што е, ниту се задоволни додека на своите прашања не добијат потполн одговор. Така нивниот ум е ослободен од сомнеж и страв кои произлегуваат од непотполни и невистинити одговори, токму ова последното го изопачува детскиот развој и создава во него недостаток на доверба во самиот себе и оние околу него.

Изненадувачки е колку се искрени, љубезни и срдечни нашите дечиња едни кон други. Согласноста помеѓу нив и возрасните во La Ruche силно ги охрабрува. Би биле во неприлика кога од нас децата би се плашеле или би не ценеле само поради тоа што сме нивни старешини. Правиме се за да ја добиеме нивната доверба и нивната љубов, така оствареното разбирање ќе ја замени должноста, довербата ќе го замени стравот, а љубовта строгоста.

Никој сеуште во целост не го сфатил богатството на сочувството, љубезноста и великодушноста што се крие во детската душа. Напорот на секој вистински педагог би требал да ја отклучи таа ризница – да се поттикне детскиот порив и од него да се извлечат најдобрите и најблагородни склоности. Нема поголема награда за нечија животна работа отколку да го следи растот на човечките билки, да гледа како нивниот карактер ги отвара своите  ливчиња, и да набљудува како се развиваат во вистински личности. Моите пријатели во La Ruche не бараат поголеми награди и благодарение токму на нив и нивниот напор, повеќе отколку мојот, нашата човечка градина ветува дека ќе роди убави плодови.“

Што се однесува на темите историја и преовладувачки техники на подучување, Sébastien Faure рекол:

„На нашите деца им објаснуваме дека вистинската историја допрва треба да се напише – приказната за оние кои загинаа, непознати, во напорот да му помогнат на човештвото на патот кон големите достигнувања.“

Francisco Ferrer не можел да го избегне тој голем бран на обиди да се оствари Модерната школа. Тој ги воочил нејзините можности, не само на теоретско ниво, туку и на ниво на нејзината практична примена за секојдневни потреби.  Со тоа сфатил дека на Шпанија, повеќе од било која друга земја, и е потребен таков вид на школа, ако некогаш сака да го собори двострукиот јарем, свештеничкиот и војничкиот.

Ако разгледаме дека целиот образовен систем во Шпанија бил во рацете на католичката црква, и ако понатаму, се присетиме на католичката формула, „Доколку се вреже католицизмот во главата на детето до неговата деветта година, тоа веќе нема да прима ни една друга идеја“, ќе ја разбереме големата задача која Ferrer ја имал кога донесе нова светлина за својот народ. Судбината речиси му помогнала во остварувањето на неговиот голем сон.

Госпоѓицата Meunier, ученичка на Franciscо Ferrer, и богата дама, се заинтересирала за проектот на Модерната школа. Кога починала, му оставила вреден имот и дваесет илјади франци годишен приход за школата.

Се вели дека лошите души можат да замислат само лоши идеи. Ако е така, тогаш подлите методи на католичката црква со кои ја оцрнувала Ferrer-овата важност, за да го оправда своето црно злодело, може веднаш да се објасни. Така во американскиот католички печат се проширила лагата дека Ferrer бил во интимни односи со госпоѓицата Meunier со цел да дојде до нејзините пари.

Посебно сметам, дека интимноста, од било кој вид, помеѓу мажот и жената е нивна лична работа, нивен свет. Би сакала да не потрошам ни збор на оваа тема, доколку не стануваше збор за една од многуте кукавички лаги кои се ширеле околу Ferrer.

Секако, оние кои ја познаваат чесноста на католичкото свештенство, ќе ја разберат импликацијата. Дали католичките свештеници некогаш гледале на жената поинаку освен како на сексуална роба? Историските податоци откриени во манастирите ќе ме поддржат во ова. Како тогаш тие би можеле да ја разберат соработката помеѓу мажите и жените освен ако не е на сексуална основа?

Всушност г-цата Meunier ја сметале за претпоставена на Ferrer. Бидејќи го поминала детството и моминските години со скржав татко и покорна мајка, сфатила колкава е вредноста на потребата за љубов и среќа во детскиот живот. И по се, сигурно увидела дека Francisco Ferrer не бил учител создаден во школа, како машина или едноставно некој со диплома, туку дека бил надарен со духот на тој повик.

Опремен со знаење, искуство и потребни средства, пред  се задоен со боженствена страст за својата мисија, нашиот пријател се вратил во Шпанија и таму го започнал своето животно дело. На деветти септември 1901 година е отворена првата Модерна школа. Граѓаните на Барселона ја примиле со занес и ветиле дека ќе ја поддржат.  Во кратко писмо по повод на отварањето на училиштето, Ferrer ја изнел својата програма пред пријателите. Рекол: „Не сум говорник, не сум пропагандист, не сум борец. Учител сум, повеќе од се ги сакам децата. Мислам дека ги разбирам. Сакам својот придонес во борбата за слобода да го остварам така што ќе ги подготвам младите генерации за новото доба. “
Неговите пријатели го предупредиле да биде внимателен во своето спротивставување на католичката црква. Знаеле колку далеку оди таа за да ги острани непријателите. И Ферер го знаел тоа. Но, исто како Бренд, верувал во се или ништо. Не би можел да ја подигне Модерната школа на истата стара лага. Ќе биде искрен, чесен и отворен со децата.

Франциско Ферер станал обележан човек. Од самиот прв ден по отварањето на школата, почнале да го следат. Го надгледувале градењето на школата, го надгледувале неговиот мал дом во Мангат. Го следеле секој во чекор, дури и кога одел во Франција или во Англија да се посоветува со своите колеги. Бил обележан човек, и било само прашање на време кога човекот од заседата ќе ја затегне јамката.

Речиси тоа им успеало во 1906, кога Ferrer го вовлекле во обид за атентат на Alfonsо. Ослободувачкиот доказ бил прецврст дури и за црни врани па морале да го пуштат на слобода – иако не засекогаш. Чекале. Ох, тие можат да чекаат, кога ќе одлучат да уловат жртва во стапица.
Тој момент конечно дошол, во тек на антимилитаристичките бунтови во Шпанија во јули 1909. Ако ги прегледа човек сите дупки на револуционарната историја нема да најде позначајни протести против милитаризмот.  Со векови војската го угнетувала шпанскиот народ, и не можеле повеќе да го издржат таквиот јарем. Одбиле да учествуваат во бескорисниот колеж. Не виделе причина да ја поддржат депотската влада во нејзиното задушување и угнетување на малиот народ кој се бори за својата независност, како што тоа го правеле храбрите жители на Риф. Не, тие нема да се борат против нив.

Илјада осумстотини години католичката црква го проповедала евангелието на мирот. Но кога луѓето посакале тоа евангелие да го спроведат во реалноста, таа ја натерала власта да ги присили на оружје. Така шпанската династија ги следела методите на руската династија – ги принудиле луѓето на бојното поле.

Тогаш, и само тогаш, на нивната моќ на издржливост и дошол крај. Тогаш, и само тогаш, шпанските работници се кренале против споите господари, против оние кои како пијавици ја цицале нивната сила, нивната крв. Да, ја нападнале црквата и свештениците, но дури и да имаат свештениците илјада животи, не би можеле да платат за страшните злоупотреби и злодела кои ги извршиле над шпанскиот народ.

Francisco Ferrer бил уапсен на први септември 1909. До први октомври неговите пријатели и другари не знаеле што се случува со него. Тој ден L`Humanité примил писмо од кое можело да се дознае се за фарсата на судењето. А следниот ден неговата придружничка, Soledad Villafranca, го примила следното писмо:
„Нема причина за грижа, знаеш дека по се сум невин. Денес сум посебно полн со надеж и радосен. Ова е прв пат да можам да ти пишам и прв пат од моето апсење можам да се капам во зраците на сонцето, кои великодушно пробиваат низ прозорецот на мојата ќелија. И ти мораш да се радуваш. “

Колку е трогателно дека Ferrer верувал, дури и на четврти октомври дека нема да биде осуден на смрт. Уште потрогателно е тоа што неговите пријатели и другари биле во заблуда верувајќи во тоа  дека непријателот сепак има чувство за правда. Често верувале во моќта на судството, за потоа да доживеат да им ги убиваат браќата пред очи. Не се подготвувале да го ослободат Ferrer, дури не протестирале,  ништо не направиле. „Зошто, па не е возможно да го осудат Ferrer; тој е невин. " Но, со католичката црква се е возможно. Не е ли таа штитоносец во праксата, чии судења на нејзините непријатели се најлошото исмевање  на правдата?

На четврти октомври Ferrer го пратил следното писмо до L`Humanité:

„Затворска ќелија, 4 октомври 1901.
Драги мои пријатели – и покрај апсолутната невиност, обвинителот бара смртна казна, втемелена на полициски обвиненија, кои ме претставуваат како водач на анархистите во светот, кој управува со работничките синдикати во Франција и ме обвинуваат за завери и бунтови насекаде, тврдат дека моите патувања во Лондон и Париз се за таа цел.

Со такви бесрамни лаги се обидуваат да ме убијат.

Доставувачот само што не заминал и немам повеќе време за пишување. Целиот доказен материјал кој полицијата го предала на истражниот судија не е ништо друго освен куп лаги и подметнат клевети.  Но нема ниеден доказ против мене, бидејќи ништо не сум ни сторил.

    Ferrer."
На тринаесетти октомври 1909 било стивнато Ferrer-овото срце, толку храбро, непоколебливо, толку верно срце. Кутрите будали! Последното смртно отчукување на тоа срце сеуште не отчукало кога тоа почнало стократно да удира во срцата на цивилизираниот свет, додека не се претворило во страшна грмотевица, фрлајќи ја својата клетва на двигателите на црните злосторства. Убијците во црна облека и побожните лица пред судот на правдата!

Дали Francisco Ferrer учествувал во антимилитаристичкиот бунт? Според првото обвинение кое се појавило во католичката листа во Мадрид, а ја потпишале бискупот и сите барселонски архијереи, не  ни бил обвинет за соучество. Според обвинението, Francisco Ferrer бил виновен затоа што организирал безбожни училишта и делел безбожна литература. Но во дваесетиот век човек не може туку така да се запали бидејќи не верува во Бог.  Морало да се најде нешто друго, оттука е обвинението за бунтот.

Во ниеден автентичен извор кој е до сега истражен не може да се најде доказ кој би ги поврзал Ferrer и бунтот. Но, властите не сакале докази, или не ги прифаќале. Имало седумдесет и два сведока, а нивното сведоштво е запишано. Никогаш не биле соочени со Ferrer или тој со нив.

Дали е психолошки можно Ferrer да соучествувал? Не верувам дека е, а еве ги моите причини за тоа. Francisco Ferrer не бил само голем учител, туку несомнено и чудесен организатор. За осум години, помеѓу 1901 и 1909, во Шпанија организирал сто и деведесет школи, освен тоа што ги поттикнал  либералните елементи на својата земја да организира уште три стотини и осум други школи. Со својата сопствена работа во школите, Ferrer ја опремил модерната печатница, организирал преведувачи и дистрибуција на сто и педесет илјади примероци на модерни научни и социолошки дела, а да не говориме за големата количина на рационалистички прирачници.  Таква мајсторија можел да изведе само исклучително методичен и ефикасен организатор.

Од друга страна, апсолутно е докажано дека антимилитаристичкиот бунт воопшто не бил организиран: дека и самиот народ бил изненаден, како и многу други револуционерни бранови во минатото. Граѓаните на Барселона, на пример, го држеле градот под надзор четири дена, и според изјавите на туристи, никогаш во градот не владеел поголем ред и мир. Секако, луѓето биле толку слабо подготвени, па кога дошол часот, не знаеле што да направат. Во тоа биле како Парижаните во текот на Комуната 1871. И тие биле неподготвени. И покрај тоа што гладувале, ги штителе складиштата кои до врв биле полни со залихи. Поставиле стражари да ја надгледуваат Француската банка, во која буржуите ги држеле украдените пари. Работниците на Барселона исто така го надгледувале пленот на своите господари.

Колку е трогателна глупоста на слабите, колку е страшно трагична! А сепак, не му се ли ланците толку длабоко забиени во место, да не може, дури и кога би можел, да ги раскине? Стравопочитта кон власта, законот, приватната сопственост, стократно се засекла во неговата душа – како неподготвен, неочекувано ќе ја прекине?

Може ли на момент да се претпостави дека човек како Ferrer соработувал со таков спонтан, неорганизиран обид? Не би знаел ли дека таквиот обид ќе заврши со пораз, со кобен пораз за народот? Не ли е поверојатно, ако учествувал во него, тој, искусниот претприемач, до крај би го организирал тој обид? Ако ни недостасуваат сите други докази, тој еден фактор би бил доволен да го ослободи Franciscо Ferrer. Но има и други подеднакво уверливи.

На самиот ден на бунтот, 25 јули, Ferrer одржал конференција на своите учители и членови на Лигата за рационално образование. Требале да разгледаат  што ќе работат есента, а особено објавата на големата книга на Éliséea Reclusa, L`Homme et la Terre ( Човекот и земјата) и книгата Големата француска револуција на Петар Кропоткин. Дали е воопшто веројатно, дали е воопшто уверливо дека Ferrer, ако знаел за бунтот и ако учествувал во него, ладнокрвно да ги повика своите пријатели и колеги во Барселона на денот кога би знаел дека нивните животи би биле загрозени? Навистина, само злосторнички, расипан и лицемерен ум можел да му припише така промислено убиство.

Francisco Ferrer сам го зацртал своето животно дело, можел се да изгуби и ништо да не добие, освен пропаст и несреќа, ако го потпомагал бунтот. Не се работи за тоа дека се сомневал во правилноста на човечкиот гнев, но неговото дело, неговата надеж, самата негова природа тежнееле кон друга цел.

Залудни се лудите напори на католичката црква, нејзините лаги, фалсификати, нереди. Таа била обвинета од разбудената човечка свест дека ги повторила уште еднаш валканите злосторства од минатото.

Francisco Ferrer е обвинет бидејќи подучувал деца за идеи кои ја заледуваат крвта – да го мразат Бог, на пример. Страшно! Francisco Ferrer не верувал во постоењето на Бог. Зошто би ги учел децата да мразат нешто што не постои? Не е ли поверојатно да ги извел децата надвор, да им ја покажал убавината на заоѓањето на сонцето, сјајот на ѕвезденото небо, чудото на планините и морињата кое во луѓето буди страв, да им го објасни тоа со својот едноставен, директен начин за законот на раст, развој и меѓусебната поврзаност на се во животот? Правејќи го тоа, би постигнал засекогаш да биде невозможно отровното семе на католичката црква да пушти корен во детскиот ум.

Изјавуваат дека Ferrer ги подготвувал децата фа ги уништат богатите. Приказни за духови на старите. Не е ли поверојатно дека ги подготвувал да се вклучат во помагање на сиромашните? Дека ги подучувал дека понижувањето, деградацијата, ужасот на сиромаштијата, се злосторства а не доблести, дека ги подучувал за достоинството и важноста на сите творечки напори, кои едиствено го одржуваат животот и го градат карактерот. Не е ли најдобар и најделотворен начин да се изнесе на дневна светлина апсолутната бескорисност и неправдата на паразиството?

На крај, но не и помалку важно, Ferrer е осуден дека ја поткопал војската ширејќи антимилитаристички идеи. Навистина? Се чини дека, како Толсто, верувал дека војната е легализиран колеж, дека ги овековечува омразата и ароганцијата, дека ги јаде срцата на нацијата и ги претвора во побеснети манијаци.

Како и да е, еве што самиот Ferrer кажува за своите идеи за модерното образование:

„Би сакал моите читатели да посветат внимание на оваа замисла: сите вредности на подучувањето почиваат на почит кон физичката, интелектуална и морална волја на детето. Баш како што во науката нема докази без факти, така нема вистинско образование освен она кое е лишено од секаков догматизам, кое на самото дете му препушта да го одреди правецот на своите напори, и кое се ограничува на тоа да го поддржува неговиот напор. Нема ништо полесно од менувањето на таа цел, и ништо потешко од нејзиното почитување. Подучувањето е секогаш наметнување, насилство,ограничување; вистински педагог е оној кој најдобро го штити детето од (учителските) сопствените идеи, своите сопствени мушички, оној кој најдобро знае со детската енергија.

Уверени сме дека образованието во иднината ќе биде пред се спонтано, секако, ние сеуште тоа не можеме да го оствариме, но развојот на методите кон пошироко разбирање на животните појави и фактот дека секој чекор кон совршенството значи надминување на ограничувањата – сето тоа сугерира дека имаме право кога се надеваме дека детето ќе го спаси знаењето.

Не се плашиме да кажеме колку сакаме луѓето да бидат способни да се развиваат без прекин, непрестано да бидат способни да ја уништуваат и обновуваат својата околина, и да се обновуваат себе; луѓе, чија интелектуална зависност ќе биде нивна најсилна моќ, кои нема да се врзуваат за ништо, секогаш подготвени да го прифатат она што е најдобро, среќни поради победата на новите идеи, и кои тежнеат да водат повеќекратни животи во еден живот. Општеството се плаши од такви луѓе; поради тоа не смееме да се надеваме дека тоа некогаш ќе посака образование кое ќе ни подари такви луѓе.

Ќе ја следиме работата на научниците кои го подучуваат детето со најголемо внимание и со најголема желба ќе трагаме по средства за примена на нивните искуства во подучувањето кое сакаме да го изградиме, за што повеќе да го ослободиме поединецот. Но, како можеме да ја оствариме нашата цел? Нема ли тоа да го направиме така што директно ќе се вклучиме во поддршката на основање нови училишта, со кои ќе владее колку што е можно повеќе духот на слободатам за кој претчувствуваме дека ќе преовладува во целото образование во иднината?

Експериментот е направен, и за сега, веќе покажа одлични резултати. Можеме да уништиме се што во денешните училишта одговара на организација под принуда, вештачка околина со која децата се одвојуваат од природата и животот, интелектуална и морална стега која им наметнува готови идеи, верувања кои ги расипуваат и уништуваат природните склоности. Без страв дека ќе се залажеме себе, можеме да го вратиме детето во околина која го привлекува, природна околина во која ќе биде во допир со сето она што го сака, и во кое животните поими ќе го заменат бубаторското учење од книга. Ако не направиме повеќе од тоа, веќе во голема мера ќе го подготвиме ослободувањето на детето.

Во вакви услови веќе би можеле слободно и плодотворно да ги примениме научните факти.

Многу добро знам дека така нема да можеме да ги оствариме сите свои надежи, дека често ќе бидеме присилени, поради недостаток на знаење, да примениме несакани методи, но увереноста ќе не поддржува во нашите напори – имено, дури и ако не ја оствариме целта потполно, треба да направиме што повеќе и што подобро во нашата незавршена работа отколку тоа што го успеваат денешните училишта. Ја сакам слободната спонтаност на детето кое ништо не знае, повеќе од светското знаење и интелектуалната деформираност на детето кое е изложено на нашето денешно образование.“

Ако Ferrer навистина го организирал бунтот, ако се борел на барикадите, ако фрлел стотина бомби, не би бил толку опасен за католичката црква и деспотизмот, како со својата спротивставеност на ограничувањата и принудата. Ограничување и принуда – не се ли тие во позадина на сите зла на светот? Ропството, покорувањето, сиромаштијата, целата беда, сите општествени неправди произлегуваат од ограничувањата и принудите. Навистина, Ferrer бил опасен. Поради тоа морал да умре, на 13 октомври 1909, во ров во Montjuich. Но сепак, кој се осудува да рече дека умрел залудно? Имајќи го предвид бурниот пораст на општото огорчување: Италија ги именува улиците по Franciscu Ferrer, Белгија му подигнува споменик, Франција ги повикува своите славни луѓе да продолжат да ја следат трагата на маченикот, Англија прва печати негова биографија, сите земји се соединуваат во желбата да го овековечат големото дело на Francisca Ferrer;дури и во Америка, која е секогаш бавна кога станува збор за прогресивни иде, се раѓа Друштво Francisco Ferrer, со цел да ги печати собраните дела на Ferrer и да организира Модерни школи низ целата земја – со обзир на тој меѓународен револуционерен бран, кој може да рече дека Ferrer умрел залудно?

Таа смрт на Montjuich – колку е чудесна, колку била драматична, колку ја предизвикала човековата дупа. Горд и исправен, со целото свое битие свртен кон светлината, на Francisco Ferrer не му требале лажливите свештеници да му дадат храброст, ниту го кудел чудовиштето за тоа што го оставило на цедило. Свеста дека неговите погубувачи претставуваат доба која умира, а дека тој е претставник на жива вистина, го одржала во последните херојски моменти.

Доба која умира и вистина која живее;

Живата ја погребува мртвата.

Објавено во “Emma Goldman: Anarchism and other esseys” - 1917

Студентски став: Поредокот пред колапс?

Изминатата 2011 година сите ќе ја паметиме по безбројните немири и протести кои го раздрмаа светот. Од рушење на тоталитаристички влади до масовни протести против мерките за надминување на кризата, преку јасен напад врз привилегираниот „еден процент“ на Волстрит, па сè до неодамнешниот масовен отпор спрема новите закони за виртуелен мрак, народот во одамна незамисливи толпи се крена на улиците обвиени во пламен. Економската криза од 2008 година ја разниша неприкосновеноста на империјалистичка Европа и им ја разбистри свеста на обичните луѓе. Сега не само во неразвиените завојувани земји на Истокот, туку и во „стабилната и демократска“ Европа, па дури и во „ветената земја американска“, луѓето повеќе не се задоволуваат со своите пасивни улоги на работници, татковци, мајки и чесни (читај: примерни) граѓани.
Две работи се сигурни: отпорот спрема угнетувачкиот капиталистички поредок кој сè повеќе го зголемува јазот помеѓу оние кои можат да ја поседуваат половина планета и оние кои живеат од долар на ден, наголемо се раѓа; и демократијата, како режим на владеење, не може да ги гарантира слободата и благосостојбата на луѓето, оти се сведува само на бирократски слуга на капиталот.


Во кој момент се прелеа чашата? Тогаш кога владејачките гарнитури ширум светот сложно одлучија да ги „санираат“ штетите од кризата, така што ќе ги надоместат загубите на банките и ќе ги покријат долговите на владите преку кратење од џебот на самите граѓани. Почнаа да се отпуштаат работници, да се намалуваат платите, да се крати од социјалните давачки и да се поскапува образованието, оти сега стана товар за државниот буџет. Ова последното сосем очекувано ги погоди студентите, оти мошне исправно „намирисаа“ дека кратењето од буџетите за јавно образование постепено ќе прераснува во процес за приватизација и комерцијализација на образованието. Тоа, заедно со здравството, се двете најважни јавни добра и права кои граѓаните со децении макотрпно си ги финансираат преку даноци, и не смеат да станат стока на продажба. Во последните неколку години сведочиме за масовни студентски протести низ целиот свет, кои извикуваат: „Образованието не е на продажба“, „Образование за сите“ и „Знаењето не е стока“. Токму така, ЗНАЕЊЕТО НЕ Е СТОКА и не може да биде приватна сопственост. Знаењето, науката, човековиот развој се цивилизациска придобивка која му припаѓа на целиот народ и која капитализмот (или ако сакате да го олицетвориме, тогаш: владејачките гарнитури и економските магнати) не смее да му ја одземе.



Студентите, кои неколку децении, особено по превирањата поврзани со `68-ма, беа само пасивни набљудувачи, полека си ја враќаат старата улога како столб на општеството, најсилен фактор за промени и најголема критичка сила. Масовните медиуми, за кои е познато дека повеќе им се наклонети на корпорациите кои ги поседуваат, отколку на критичките искри кои го напаѓаат поредокот, често одбираат да ги игнорираат протестите и бунтовите на студентите, кои се случуваат во секој агол на планетата. Само во последниов месец масовни протести, некаде еднократни, некаде континуирани, некаде мирни, а некаде и насилни, организираа студентите во Каиро, Онтарио, Квебек, Даблин, Варшава, Њујорк, цела Англија и уште стотици градови низ светот. Сите со варијации во своите барања, но со една заедничка мисла: слободно и бесплатно образование. И во секој од тие градови властите треперат пред ревот на гневните студенти и прават сè за да ги задушат нивните побуни. Во Свазиленд, студентот Максим Дламини и еден негов колега беа уапсени пред две недели поради лажно сомнение за поседување експлозиви во текот на еден студентски бунт против покачувањето на школарините. Во Сенегал студент е убиен од страна на полицијата на студентски протест. И во „демократските“ земји имаат начин да го задушуваат отпорот, најчесто со масовни апсења поради „учество во толпа“ и слични бесмислени обвиненија.

Протестите против покачувањето на школарините, против мерките за пополнување на буџетските дефицити, против класната нееднаквост (ние, мнозинството, кои едвај крпиме крај со крај, мошне добро знаеме дека и денес општеството се уште функционира на принципот: една класа владее со друга), против обидите за цензура на интернет како заштита на приватната сопственост, се сведуваат на една единствена борба: светот се крева против капиталистичкиот поредок, и борбата против тој поредок во крајна линија е борба против нееднаквоста, сиромаштијата, експлоатацијата, хиерархијата, материјалистичките вредности и отуѓувањето на човекот. Тоа е благородна мисла за општествени промени, за промени во фундаменталните вредности, промена на угнетувачкиот поредок. До каде ќе стигне оваа борба и дали повторно ќе биде стишена од страна на владејачите, како што низ историјата често се случувало, останува да видиме.

Кај нас, пак, како и обично, луѓето си го туркаат животецот не обѕирнувајќи се на светските превирања. Кај нас, како и обично, властите играат по заповедите на ЕУ, а луѓето се чувствуваат побезбедни затворени во своите домови. Ние колективно излегуваме на улиците само за да ги славиме големите спортски победи, кои ако ништо друго, барем нè оттргнуваат од егзистенцијалните проблеми. И само по некој како мене, ете, од време на време ќе напише по некој горлчив ред (повторно во безбедноста на својот дом) во надеж дека барем кај неколкумина читатели ќе ја предизвика истата горчина и бес, кои најпосле ќе го изведат на улиците. Оти нема друг начин да ги земеме сопствените животи во свои раце и да издејствуваме промени. Ние сме СТУДЕНТИ и наша света должност е да бидеме критички преиспитувачи на општествените текови и први побуненици против тиранијата врз нашите животи.

Трета регионална средба на „БАЛКАН СТУДЕНТ“

Третата средба на независната организација „Балкан студент“ ќе се одржи на 7-8 април 2012 во Сараево, Босна и Херцеговина. На средбата ќе учествуваат студенти и активисти за бесплатно образование од целиот Балкан: Хрватска, Словенија, Косово, Србија, Бугарија, Македонија и други. Активистите од „Слободен Индекс“ по трет пат ќе земат активно учество во оваа група на солидарност, која беше основана со цел